Од 2007 до 2010 година, во структурата на надворешниот долг доминираа долговите на приватниот сектор, но оттогаш наваму, алармантно е што неговото зголемување се должи на јавниот долг или кредитите што ги подига Владата во име на граѓаните.
Македонија навистина влезе во групата високо задолжени земји, но не со последниот извештај на Народната банка (НБРМ) којашто објави податок дека бруто надворешниот долг е 6,1 милијарда евра или 68,68 отсто од бруто домашниот производ (БДП). Границата од 60% од БДП е премината уште во 2011 година кога нивото на надворешниот долг во висина од 4,6 милијарди достигна 64,24% од БДП.
Алармот е вклучен оттогаш, но не поради самиот процент на задолженост во однос на БДП туку поради драматичниот пораст на јавниот долг во структурата на надворешната задолженост.
Зголемувањето на јавниот долг доби драматична динамика откако Владата започна политика на високи буџетски дефицити од крајот на 2009 година, време кое се поистоветува со седнувањето на Зоран Ставрески на министерското столче за финансии.
Од почетокот на 2010 година досега или само за пет години, јавниот долг е на пат многу скоро да биде триплиран или ако тој на крајот на 2009 изнесувал 1,7 милијарди евра, сега изнесува 3,9 милијарди евра.
Надворешниот долг ги вклучува и долговите на приватниот сектор (банки, компании) и јавниот долг (долгот на централната влада, општините и гарантираните заеми на јавните претпријатија, дефиниција според измените на законот во 2014 г.), како и долгот на НБРМ.
Од 2007 до 2010 година, во структурата на надворешниот долг доминираа долговите на приватниот сектор, но оттогаш наваму, алармантно е што неговото зголемување се должи на јавниот долг или кредитите што ги подига Владата во име на граѓаните.
Имено, податоците покажуваат, дека јавниот долг во структурата на надворешната задолженост е двојно зголемен во последниве пет години. Или во бројки: на крајот на 2010 година јавниот долг изнесувал 1,9 милијарди евра, за сега да биде 3,9 милијарди евра.
Тоа е нотирано и во годишниот извештај на Народната банка за 2011 година.
„Наспроти претходните неколку години кога задолжувањето на приватниот сектор претставуваше главен фактор за растот на вкупниот долг, во 2011 година зголемувањето главно се должи на растот на задолжувањето на јавниот сектор“, се вели во извештајот на НБРМ.
Години на задолжување
Според годишните извештаи на НБРМ, колку за споредба, целиот надворешен долг на земјата е зголемен за 2 милијарда евра за период од 15 години. Во 1992 година тој изнесувал 842 милиони долари, а во 2007 година, 2,7 милијарди евра (на почетокот пресметките биле во долари, а потоа во евра и оттука се наведени различни валути).
Сумата за која Владата на Груевски нѐ задолжила за само 5 години претходно била во висина на заеми кои се земале во период од 15 години. Аргументацијата за оваа политика на повисоки буџетски дефицити беше секојпат различна.
На пример, во услови на глобална криза, аргументот на власта беше дека го применува „кејнзијанскиот модел“ што послужи како покритие за да го гради проектот „Скопје 2014”. Според овој модел, во услови на криза, Владата со поголеми инвестиции ја компензира вообичаената воздржаност на приватниот сектор. Кога немаше криза, аргументот беше дека се нашле евтини заеми, се зголемувале капитални инвестиции и слично.
Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ, иако не ја цени ситуацијата со надворешната задолженост како алармантна, потсетува на фактите изнесени во книгата на Рајнхарт и Рогоф на кои ексгувернерот Петар Гошев предупреди уште пред четири години, а тоа е дека половина од сите банкроти на земји низ историјата се случиле при ниво на надоврешен долг помал од 50 отсто.
Ова е важно да се потенцира за оние кои велат дека Македонија била далеку помалку задолжена земја од Грција, на пример. За банкрот на земјата не е пресудно нивото на долгот во однос на БДП туку кондицијата на земјата да ги отплаќа долговите.
Ако кредитите за кои една влада ги задолжува граѓаните се користат да се зајакне економијата на среден и долг рок, на пример за изградба на автопати со кои би се олеснил и би поевтинил транспортот, а со тоа ја подобрува конкурентноста на македонските форми, тогаш земјата има поголеми изгледи да има кондиција да ги враќа заемите.
Но, ако тие се земаат за да се изврши изборна корупција или да се градат објекти за јавни институции и споменици кои само ќе генерираат трошоци во иднина, тогаш заканата од банкрот на земјата е сосема реална.
Заеми за изборна корупција
Лани во предизборните три месеци се потрошија две третини од буџетскиот дефицит или речиси 200 милиони евра.
Како поткрепа на тврдењето дека парите од заеми се трошат на изборна корупција говорат фактите за трошењето на заемите предвидени со буџетските дефицити пред избори, со што се отвора прашањето дали парите од задолжување се користеле за предизборни цели.
Изборни задолжувања
Лани во предизборните три месеци (првиот квартал) се потрошија две третини од буџетскиот дефицит или речиси 200 милиони евра. Сличен тренд имаше и во 2011 година пред предвремените парламентарни избори кога се потрошија 125 милиони евра во првите шест месеци од годината, а до декември буџетскиот дефицит изнесувал 188 милиони евра.
Токму квалитетот на трошењето на парите од задолжувањата е спорен за експертите и тоа го вклучува алармот дека кредитите не се потрошени за зајакнување на македонската економија на среден и долг рок.
Марјан Петрески, професор на Американ колеџ вели дека иако јавниот надворешен долг (кој е содржан во надворешниот бруто) кој е околу половина од вкупниот надворешен долг, односно околу третина од БДП, навидум не е висок, треба да се има предвид за која намена е генериран тој долг.
„Како граѓани, нам често не ни беше јасно за што ќе се потрошат позајмените пари, односно се оставаше впечаток во јавноста дека тие се трошат за секојдневни/тековни потреби. Дури во последните години има благо поместување на таа политика, во насока на таканаречено попродуктивно позајмување, особено кредитите кои се позајмија за изградба на патиштата и некои за инвестиции во здравството“, вели Петрески.
Според Бранимир Јовановиќ, пак, тешко е да се направи издржана анализа за тоа како се потрошиле парите од задолжувањата, затоа што нема доволна транспарентност во врска со јавните трошења.
„Владините трошења од последните години се на непродуктивни работи. Заклучокот е ист, дури и ако се апстрахираме од трошењата за реклами и за ред други проблематични работи и се фокусираме само на капиталните трошења. Најголем дел од капиталните трошења се на споменици, фасади, огради, фонтани и сл., кои не генерираат нова економска активност“, вели Јовановиќ и додава дека, сепак, во последно време можат да се забележат одредени подобрувања на ова поле.
„Владата почна да гради и автопати, но и тука се јавуваат одредени сомнежи, поврзани со ефикасноста на трошењето на овие пари.“
Многу фактурирани, неплатени обврски се изоставени од јавниот долг
За јавноста останува непознат износот на преземени, но недоспеани или неисплатени обврски на државата.
Уште еден елемент кој е битен за да се добие појасна слика колку е сериозна ситуацијата со задолжувањето е нецелосната слика со јавниот долг. Владата води буџет на готовинска основа, што значи дека околу 20 декември секоја година буџетот се затвора со исплатите за таа година, а не се земаат предвид обврските по основа на склучени договори или издадени фактури што не се платени.
Дополнително, во ек на реализација на проектот „Скопје 2014”, власта со законски измени го легализираше сопственото доцнење во исплата токму на градежните работи, со рокови кои значат одложено плаќање дури за седум години.
Компаниите што го градеа „Скопје 2014” мораа да подигнуваат кредити за да ги завршат објектите, но молчеа за проблемот, затоа што зделките беа големи и имаа „за враќање“ од државата која се смета за сигурен плаќач. Оттука, таквото реализирање на буџетот на готовинска основа оневозможува да се добие целосна слика за јавниот долг и вистинските обврски кои би ја измениле сликата со прикажаните буџетски дефицити.
Професорот Петрески проблемот го гледа уште пошироко и вели дека за јавноста останува непознат износот на преземени, но недоспеани или неисплатени обврски на државата.
„На пример, се ветуваат зголемувања на тековни расходи (пензии, плати и сл.) за одреден период од денес. Или, се овозможуваат вработувања без да се плаќаат придонеси, но свесноста не е доволно висока дека тоа неповолно ќе се одрази врз пензискиот буџет кога тие луѓе ќе стигнат да се пензионираат. Значи, останува недоволно јасно како овие преземени обврски ние ќе ги финансираме во иднината, но уште поважно е во моментот што не отвораме ниту дебати на тие теми, кои се значајни за динамиката на јавниот долг во иднина“, вели Петрески.
Споредба на податоците помеѓу надворешниот долг на државата и јавниот надворешен долг, за да се види колку во надворешниот долг учествуваат кредитите што Владата ги подига во име на граѓаните, е можна дури од 2002 година од кога Министерството за финансии ја објавува состојбата на јавниот долг.
Податоците покажуваат дека во 2002 година, на пример, надворешниот долг изнесувал 1,6 милијарди долари, а јавниот надворешен долг 1,3 милијарди долари. Тоа значи дека приватниот долг кон странски кредитори, односно долгот на компании, банки и слично, бил минимален, околу 150 милиони долари.
Во 2007 г. пак, приватниот долг е зголемен и зафаќа речиси две третини од вкупниот надворешен долг. Или во бројки, вкупната надворешна задолженост била 2,7 милијарди евра, а јавниот надворешен долг изнесувал една милијарда евра. Сегашната слика на долгот кон странство е 6,1 милијарда вкупен надворешен долг и 2,6 милијарди јавен надворешен долг.
Задолженоста од осамостојувањето
Првиот кредит самостојна Македонија го добила од фондацијата Сорос веднаш по осамостојувањето. Македонија немала девизни резерви, ниту можност да гарантира за заеми пред меѓународните финансиски институции или комерцијалните банки. Сорос дал пет милиони долари под поволни услови, без гаранции. Парите, според учесниците во монетарното осамостојување, послужиле да се купи нафта за да може државата да функционира.
Архивата на податоци за надворешниот долг покажува дека во 1992 година Македонија имала долг од 842 милиони долари. Во наредните години се дефинирало колку од долгот по распаѓањето на Југославија ќе наследи и оттука, во 1995 година надворешниот долг се зголемува за сума по основа на задолжување кај Лондонскиот клуб на кредитори и од 737 милиони долари долг во 1994 година, тој се зголемува на 1.2 милијарди долари наредната година.
Нареден позначаен скок на надворешниот долг е во 2005 година кога Македонија ја издава првата еврообврзница во висина од 150 милиони евра и тој период владејачката ВМРО – ДПМНЕ постојано го споменува како „пик” во висината на задолжувањето. Но, во извештајот на НБРМ за таа година прецизно е наведено дека парите практично се потрошиле за враќање стари кредити.
„Споредено со крајот на претходната година, вкупниот надворешен долг забележа пораст од 399,8 милиони евра кој е генериран главно од повисокиот износ на користени средства во однос на платената главница, како и од задолжувањето на јавниот сектор врз основа на издадените еврообврзници на крајот на 2005 година“, стои во извештајот.
Годишниот извештај за 2006 г. појаснува каде завршиле овие пари.
„Промените во надворешната задолженост на македонската економија во 2006 г. во голема мера беа под влијание на стратегијата за редуцирање на надворешниот јавен долг и подобрување на неговата структура. Така, на 31 декември 2006 г., вкупниот надворешен долг изнесуваше 1.830 милиони евра што претставува годишно намалување за 97,8 милиони евра и се должи на поголемиот износ на платени обврски од користените средства, така што на почетокот на 2006 г. беше извршена целосна отплата на долгот кон Лондонскиот клуб на кредитори“, стои во годишниот извештај на НБРМ за 2006 г.
Со оглед на тоа што ВМРО – ДПМНЕ ја презеде власта во летото истата година, партијата наследила ситуација на помал долг кон странство или поедноставно, Владата која на крајот на 2005 година издала еврообврзница ги искористила парите да го отплати долгот кон Лондонскиот клуб на кредитори пред да замине од власт.
Потоа, драматично зголемување на надворешниот долг има во 2007 г. со скок од 1.830 милиони на 2.711 милиони евра што се должи на задолженост на приватниот сектор, по што следат години на задолжување на Владата.
Кон крајот на годинава доспева за враќање првата издадена еврообврзница, за што, според најавите, треба да послужат дел од парите од ланското задолжување во висина од половина милијарда евра.