Метлата на премиерот Зоран Заев не помина низ приземјето на поранешната зграда на „Нова Македонија“, во Министерството за информатичко општество. Напротив, го остави министерот Дамјан Манчевски со метла во рацете, за тој да ги исчисти елементите од администрацијата што ја кочат нејзината работа. Но, за таму ќе мора да се најдат, и веќе се бараат, пософистицирани методи што ќе може да ги отстранат и најтврдокорните дамки.
Тоа ќе биде потешко отколку што се очекува затоа што административниот систем е направен за да биде отпорен на промени. Стратегијата за реформи во јавната администрација се спроведува уште од лани и на секои шест месеци се објавуваат извештаи. Европската комисија, во последниот извештај за земјава, го пофали „значителниот напредок“ што се постигнал на ова поле. Но, допрва треба да се стигне до клучната цел – назначувања на клучните позиции, унапредувања и назадувања врз основа на заслуги. Ова е тешко со сегашниот закон.
„Ако сакате да смените некои луѓе зашто не ја исполнуваат својата работа, не можете да го сторите тоа, освен ако не ги распоредите на исто ниво, хоризонтално. Значи раководител на еден сектор може да биде прераспределен само како раководител на друг сектор. И што да правиме? Не постојат толку сектори, треба да им се измисли нов. Исто така, за да се смени раководител на еден сектор, треба да се смени и на друг, за првиот да се постави таму“, вели Манчевски.
Партијата е виновна, но не и членовите
Оваа системска блокада е позната одамна, а апологетите на владејачката партија често ја користат како аргумент во расправии на социјалните мрежи, кога некој ќе покаже разочараност поради недоволни постигнувања на владата. Тезата обично оди дека „кадри на ВМРО-ДПМНЕ ги држат секторите низ институциите и ги кочат реформите што сака да ги направи власта“.
Министерот, сепак, се воздржува од етикетирање. Вели дека некои од неговите најдобри работници се од ВМРО-ДПМНЕ. Тврди дека секој административец го гледа поединечно, без разлика дали е припадник на опозициската партија, или не е поврзан со партии, или е еден од малкутемина, како што вели што припаѓаат на СДСМ или на другите владејачки партии. Сепак, воздржаноста со која зборува за членовите и за симпатизерите на опозицијата ја снемува кога го опишува придонесот на раководството на ВМРО-ДПМНЕ во креирањето на административниот систем што сега се обидува да го смени.
„Во 2015 година се донесени новите закони за административни службеници и за работење во јавниот сектор, со кои претходната власт на раководни места донесе луѓе што се со пониски квалификации, особено во државната управа. Подоцна го носи законот со кој ги заклучува овие луѓе на своите места. Односно, се креваат значително повисоки критериуми и се создаваат услови со кои нивната промена, иако е теоретски можна, тешко е да се направи“, додава министерот.
Едни да одат во приватно, другите да работат како во приватно
Но, по две години раководење со институцијата што треба да ги реши проблемите со јавниот сектор, би се очекувало нешто повеќе од оправдување во стилот на старото „Бранко е крив“ или подоцнежното „врзани ми се рацете“. Манчевски објаснува дека законот е направен во соработка со ЕУ, и бил добро подготвен, но се злоупотребувал.
„Тој е пишуван со мошне добра намера. Но, не секогаш ги одразува реалностите кај нас. Барањето на партнерите од Европската унија, кои на крајот платиле за експертиза за законот, беше да му дадеме шанса да профункционира, да ги видиме аномалиите во реалноста, да направиме анализа, и врз основа на тоа да направиме измени“, објаснува министерот.
Измените, најавува, дека ќе бидат готови наскоро, а со нив треба да важат принципите како во приватниот сектор – ако некој не работи добро, ќе треба да го напушти местото. Додека за едни административци ќе се имитира атмосферата од приватното стопанство, за други се планира целосно да се префрлат во него. Се подготвуваат финансиски пакети со кои треба да бидат задоволни и вработените, и компаниите, и државата, која би се ослободила од вишоците без да создава нов социјален проблем.
Владата ја почна третата година од своето владеење, а во Советот на Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги и во Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија сѐ уште седат истите луѓе од порано. Во МРТ и директорот Марјан Цветковски доби трет мандат
Само над неговата канцеларија има 14 ката полни со административци. Во над 1.300 јавни установи има повеќе од 130 илјади луѓе, добар дел привлечени од можноста да ја „нишаат вратата за да земат плата“, наместо „да му работат на некој приватник“. Манчевски знае дека се соочува со културен проблем што не може да се реши со една мерка.
„Ќе ги вклучиме сите во деталното планирање на мерките – стопанските комори, синдикатите, граѓанскиот сектор и ние како институции. Во оваа операција мора да влеземе без стравување, со отворен ум. Да се обидеме да успее“, порачува тој.
Со врски се вработува привремено или во акционерски друштва
Од друга страна, неколкумина членови на партијата на Манчевски покажаа дека, сепак, повеќе го почитуваат јавниот сектор од приватниот, кога треба да се вработат членови на нивните семејства. Пратениците Александар Кирацовски и Мира Стојчевска беа меѓу оние што се соочија со обвинувања за непотизам.
„Се работеше за неколку случаи, за кои јавноста веднаш дозна. Не беа пет откриени, а петстотини останати. Ние ги признавме тие проблеми и веднаш реагиравме по одлуките на Државната комисија за спречување на корупцијата“, вели министерот.
Притисоци за вработување од партиското членство има, продолжува тој, но се држи до тврдењето дека не станувало збор за класични партиски вработувања, туку за членови на СДСМ што се сметаат за квалификувани, ама не добивале шанса 11 години.
„Ниеден од овие луѓе не беше инсталиран во системот трајно. Се работеше за вработување на определено време, или, пак, во институции што не се дел од административниот систем, како акционерски друштва, каде што не се применуваат одредбите на Законот за административни службеници. За трајно вработување, апсолутно гарантирам, и да сака некој да влијае – не може, затоа што постапката е автоматизирана“, тврди Манчевски.
Опозицијата сака политички договор наместо транспарентен избор за медиумите
Колку што се чека за реформи во јавниот сектор, толку се чека и за промени во медиумскиот сектор за кој е надлежна државата. Владата ја почна третата година од своето владеење, а во Советот на Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги и во Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија сѐ уште седат истите луѓе од порано. Во МРТ и директорот Марјан Цветковски доби трет мандат.
Минатата година се донесоа законски измени за поголема јавност и транспарентност во изборот на членовите на овие две тела, како дел од итните реформски приоритети. Тие треба да се изберат на сличен начин како Антикорупциската комисија, со процедура во која ќе учествуваат и граѓаните, особено стручната фела.
Се бараат модели според кои финансирањето ќе биде транспарентно и ќе има јасни цели за поддршка на капацитетите на медиумите, и во никој случај нема да биде класично рекламирање на власта
Годинава се спроведоа конкурси и се пријавија кандидати, треба уште да се изврши изборот. А тоа ќе се случи кога ќе одлучи Илија Димовски, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, кој е претседател на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.
„Целта е, претпоставувам, да нѐ наведат на политички договарања. Е тоа нема да го прифатиме никогаш. Зашто токму од тоа бегаме со законот, токму тоа беше целта, веќе да не се случува“, категоричен е Манчевски.
Во текот на пржинските преговори, политичките партии договараа „балансирани“ кадровски решенија во медиумските институции, што овозможи во нив да влезат луѓе што беа силни партиски поддржувачи. Манчевски верува дека тоа е повторно целта на опозицијата и дека би било контрапродуктивно во работата на институциите.
„Идејата е ние политичарите да се доведеме во ќош и да не можеме да правиме нелогични политички пазарења. Мислам дека тоа е единствениот начин да ги тргнеме рацете од медиумите и да оставиме вистинските медиумски професионалци да ги преземат овие клучни места“, смета министерот.
Медиумите бараат пари, но нема да се рекламираме
Веќе никој не им порачува на граѓаните да имаат трето дете, да се осмелат да почнат свој бизнис или да се хранат здраво. Никој не им вика – „Ти си Македонија“! И ниеден медиум не зема пари за тоа.
По промената на власта, владата донесе цврста одлука дека нема да се рекламира во медиумите , како една од мерките за да ги ослободи од политичкото влијание. Постепено таа одлука омекнуваше, па се донесе програма за субвенционирање на печатените медиуми, и се отворија дебати како да се финансираат и другите. Власта е отворена за да ги слушне сите предлози, дури и да примени некој, а според Манчевски тоа не било напуштање на политиката за нерекламирање.
„Ние апсолутно не го менуваме нашиот став. Но, ова се барања што доаѓаат веќе од многу здруженија, медиумски организации и од медиумски професионалци што исто така беа строго против. Сега гледаме дека нивните ставови се менуваат. Едноставно реагираме на реалната состојба и на она што е мислење на медиумските работници“, вели тој.
Како што додава, се бараат модели според кои финансирањето ќе биде транспарентно и ќе има јасни цели за поддршка на капацитетите на медиумите и во никој случај нема да биде класично рекламирање на власта.