Интервјуа

Манчевски: Наивно веруваме дека профитот е поважен од квалитетот на животот

Сакам да видам силна, одлична уметност, занает и срце без калкулација. Тоа може и во мала земја, вели во интервју за БИРН, Милчо Манчевски

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Патува на релација Скопје – Брисел, каде што го завршува филмот „Врба“, ужива во горештините, вози велосипед, чита, размислува за книгата со фотографии што ќе ја издаде зимоска со „Антолог“. Подготвува книга за архаични народни обичаи и верувања пред стотици години, шета по селата, пишува… Тоа е типичното секојдневие на нашиот бренд во филмската уметност, Милчо Манчевски.

Ова „нашиот“ го пишувам со резерва, бидејќи тој одамна ги надрасна границите на локалното. Трча на глобалниот пазар и на тежок и конкурентен терен исцртува нови траектории на успехот. На почетокот на годинава, на јубилејниот 30. Филмски фестивал во Трст ја доби наградата Источна ѕвезда за придонес кон светскиот филм. Во негова чест беше прикажан неговиот најнаградуван филм „Пред дождот“, кој, покрај „Златен лав“, освои уште 30 меѓународни награди, а „Њујорк тајмс“ го вброи меѓу 1.000 најдобри филмови на сите времиња.

Последно нешто што го „видов“ од него, беше пораката што ја испрати на Светскиот ден на книгата и авторското право – 23 април. Велам „видов“, бидејќи и самата негова порака кај слушателот или читателот поттикнува создавање слики, на идентичен начин како што тој го прави тоа на филмското платно. Книгата ја посочува како центар на неговиот внатрешен универзум уште од детските денови: „Со часови, денови, недели, месеци целосно исчезнував во книгите. Не само што уживав во нив, јас бев нив. Ми требаа книги онака како што на птица ѝ треба воздух или на тревка ѝ треба сонце. И открив дека тоа припаѓање беше клучно за мојот опстанок тогаш. И откривам дека е клучно за мојот опстанок сега“.

Три приказни за љубовта

„Сликата е убава, ама зборот за мене е слобода“

Денес има дециден одговор колку сликите што ги црпи од литературата му помагаат при скицирањето на сцените на големото платно.

„Играниот филм е раскажување, како и прозата. Во својата суштина (структура, ликови, тон…), филмот е екранизиран роман, и тоа роман на 19 век, прилично конвенционален во својата природа. Иако ме бива за слики (имам изложби на фотографии, филмовите ми ги паметат и по визуелното, имам перформанс-настапи со мои дела од областа на визуелните уметности), јас најмногу уживам во пишувањето и тука се најдовме со филмот. Првите елементи на визуелна култура ги добив од стриповите и потоа ги надградував со филм, телевизија, со класично и модерно сликарство, со филмска академија и безбројни часови во музеи и галерии. Сликата е убава, ама зборот за мене е слобода. Потребата од раскажување и слушање е исконска кај луѓето, дел од нашата ДНК“, објаснува Манчевски.

На неговата „работна маса“ е филмот „Врба“, чие снимање го врати и на дел од неговите омилени локации во Мариовско – Штавица, Дуње, Зович, но и план кога публиката ќе може да го види. 

„Со часови, денови, недели, месеци целосно исчезнував во книгите. Не само што уживав во нив, јас бев нив. Ми требаа книги онака како што на птица ѝ треба воздух или на тревка ѝ треба сонце“

„’Врба’ уште не е готов, ама се договараме со партнерите од Белгија, Унгарија и од Албанија кога да го изнесеме пред публиката. Најголемо искуство во тоа има нашиот извршен продуцент Ник Пауел. Ник е британски продуцент, кооснoвач на ‘Вирџин рекордс’, кој зад себе има 40-тина филмови, со бројни награди и оскари. ‘Врба’ ќе биде прикажуван во различно време, во разни земји. Во Македонија најверојатно наесен“, најавува режисерот.

Во филмот, низ различни периоди се испреплетуваат три приказни за љубовта и довербатa, што е храбар потег во средина, која најмногу се занимава со поделби, омраза и со предрасуди. Го прашувам – дали љубовта и толеранцијата побргу „победуваат“ на филм, отколку во стварноста?

„Ха, тешко прашање. Веројатно на филм љубовта почесто победува затоа што филмот го пишуваме така како што сакаме да биде, во филмот често има wishful thinking. Како да правиме магиски ритуал за да испадне магијата и да ни се исполнат желбите. Од друга страна, и во животот може да биде така како што сакаме да биде, доколку им приоѓаме на нештата искрено и ако сме подготвени да го примиме мигот, да му се радуваме таков каков што е, а не таков каков што нашето его би сакало тој да биде. Љубовта е радост, а не контрола“, вели тој.

На оваа тема има поширока експликација.

„Ако ни се допаѓа Мона Лиза, таа ни се допаѓа, не поради тоа кој е портретиран, туку поради начинот како тоа Леонардо го направил“

„Кај уметноста не е толку важно што се случува или каков е крајот, дали е хепиенд или не. Не е важно што, туку е важно како. Како луѓе реагираме на тонот на уметничкото дело. И не само на уметничкото дело, туку и на животот – ситуации, разговори, луѓе… Повеќе го восприемаме и реагираме на тонот, а не на суштината; памтиме како некој направил да се чувствуваме, а не што вистински сторил за нас. Кога сме читатели или гледачи, мислиме дека ни е важна приказната, ама де факто реагираме на склопот на сите други елементи. Хармонијата на другите елементи – бојата, звукот, сликата, ритамот, музиката, глумата, поттекстот, изборот на зборови, сето тоа е причината поради која едно дело ни се допаѓа. Не е причина содржината. Ако ни се допаѓа Мона Лиза, таа ни се допаѓа, не поради тоа кој е портретиран, туку поради начинот како тоа Леонардо го направил. ‘Врба’ е љубовен филм за мајчинството и за довербата. Лесно е да се зборува за љубовта. И важно е, оти таа радува“, уверен е Манчевски.

Филигранска работа

Потребно да „ферментира“ идејата за еден филм

Ниту еден негов филм не е тематски еднодимензионален. Сите се повеќеслојни, го откриваат бремето и поттемите што зрачат од сите ликови што флуктуираат низ приказната. Изгледа ѓаволски тешко да создаде производ во кој сите тие сегментарни приказни како притоки спонтано се слеваат во коритото на главниот наратив. Го прашувам – како успева во тоа? Има ли школа што му ја дала таа вештина или е тоа автентичната „Манчевски школа“?

„Здодевно е да правиш еднодимензионален филм. Тоа е трошење време. Кога би морал да правам лимонади, би ја променил професијата. Со време секој уметник го рафинира начинот на кој создава, го усовршува тоа што му лежи, го отфрла тоа што го обременува – или го менува правецот и истражува, открива нов духовен свет, нов концепт, нови емоции и начин тие да се поуметничат. Јас работам филигрански, му се посветувам на секој аспект, од изборот на екипата, до костимот на статистите, до изгледот на шпицата“, објаснува нашиот визуелен уметник.

„Државата ја водеа повторувачи со презир кон стручноста. Сето тоа нема многу врска со Европа или со тоа како светот ја доживува Македонија, туку со тоа како се живее тука и зошто се испразни државата“

Вели дека ништо не е автоматски, ниту индустриски во неговите филмови.

„Ама на почетокот, секогаш има момент на безобразлук и слобода при оформувањето на идејата. Кога пишувам, се чувствувам како пилот, слободен да проба неочекувани работи, интуитивни нешта, спонтани моменти што не се објаснуваат, безобразни пресврти или нешта што навидум не се логични…  Се разбира, сето тоа е во рационална рамка за конкретните потреби на делото – потребите на нарацијата, психологијата на ликовите, ограничувањата на медиумот, идеологијата… Интуитивните и рационалните одлуки се менуваат секавично, како наизменична струја. Интуитивното го надополнува рационалното, и обратно. Мораат да си најдат баланс. На крајот, доколку нештата се одвиваат како што треба – сето тоа се вклопува во една логична и хармонична целина. Обично таа целина е комплексна, иако е навидум многу едноставна“, ја објаснува својата „формула“.

Отворено говори и за времето потребно да „ферментира“ идејата за еден филм. Она што го гледаме на филмското платно трае час до два, но не знаеме колку време Манчевски ја носи таа идеја во утробата?

„За филм, во просек, потребни се 2-7 години. Идеите зреат по 2-3 години. Прво ја пишувам наративната идеја (заплетот) на 4-5 странички, па ја оставам да зрее. Постојано нешто досмислувам, ама не пишувам. Кога е созреана, обично по 2-3 години, седнувам и во еден здив го пишувам сценариото, многу бргу, околу две недели. ‘Пред дождот’ го напишав на Јамајка за три недели. Пријатели и познаници прашуваат ‘Заврши ли со снимањето?’ А снимањето е најкраткиот дел од работата. За правењето филм потребни се 2-7 години, во зависност од тоа колку долго го пишуваш и колку долго се финансира“, открива режисерот.

„Не мислам дека сите власти се исти, такво релативизирање е опасно и тоа на светот му подари една неверојатна и штетна фигура како Трамп“

Накусо календарот изгледа вака: самото правење на филмот – претпродукција (подготовки, кастинг, сторибординг, избирање локации, актерски проби, костимски проби, усвојување локации, планирање), продукција (снимање) и постпродукција (монтажа, музика, тонска обработка, колор корекција) трае една година. Претходно, финансирањето може да трае од една година нагоре. За ‘Прашина’ му требале 7 години: 6 да го финансира и една да го направи.

„Многу луѓе вложуваат многу труд и љубов, се трошат многу пари, потребно е многу знаење. И сето тоа во име на парче душа што прелетува за два часа“, споредува тој.

Негова голема љубов е и фотографијата. Со иста страст, како и за филмот, објаснува што му значи таа: „Фотографијата е како поезија или како сликарство. Не ти треба многу техника, многу пари или други луѓе, идејата не мораш да ја објаснуваш милион пати. Само го наоѓаш мигот или се отвораш, чекаш тој да те најде и кликнуваш. Поголема слобода, поапстрактно. Работам со најевтини камери, без додатни објективи или светла, затоа што ми е важна спонтаноста и флексибилноста“.

Двата дома

„Колективно не го сработивме она што беше потребно за подобро да живееме“

Во еден глобализиран и динамичен свет, денес драстично се редифинира класичното поимање на она што значи „дома“. Имајќи предвид дека работните обврски постојано го носат од едно до друго место, покрај двете постојани адреси – Скопје и Њујорк, Манчевски објаснува што за него е „дома“.

„И двете се дома. Во Њујорк живеам над 30 години, во Америка и студирав, ама во Скопје израснав. Печалбарите на времето морале да откорнат дел од себе, да бидат посиромашни ако никогаш не се вратат, или да им недостасува новото искуство ако се вратат засекогаш. Денес, ако е подготвен да се отвори, човек веќе може да си дозволи да има два дома – наместо да биде посиромашен во срцето, да стане побогат. Да има двапати повеќе пријатели, двапати повеќе омилени места и спомени, да има два јазика и два града за свои“, раскажува тој.

Со оглед дека доаѓа во Скопје, па заминува, подобро може да забележи дали нешто се менува во општеството, особено во културата. Интересно е како тоа го регистрира неговото филмско око.

„Има повеќе уметници или ‘уметници’ отколку порано, ама убави дела малку“

„Има повеќе уметници или ‘уметници’ отколку порано, ама убави дела малку. Луѓето во Македонија, како и секаде во светот, имаат поголем пристап кон она што се работи по светот отколку порано, ама сѐ уште не гледам дека тоа влијание се процесирало и резултирало во некое дело на светско рамниште. Има повеќе уметнички академии, ама јас немам видено врвни дела. Сакам да видам силна, одлична уметност, занает и срце без калкулација. Тоа може да се прави и во мала земја. Бјорк, Боб Марли, Ирска… Од друга страна, она што не се променило многу во последниве долги години во културата е дека тие што треба да бидат инфраструктурна поддршка на уметниците, не ѝ се дораснати на задачата. Се однесувале и се однесуваат како кабадахии, како отомански феудалци наместо да создаваат клима во која може добро да се твори“, забележува Манчевски.

Го прашувам – кога Северна Македонија би требало да ја претстави како личност – низ каков филмски лик би ја претставил – маж/жена, вработена/невработена, спокојна/нервозна, среќна/несреќна, реализирана/нереализирана, сонувач/талкач, или како нешто друго – дрво, цвет, корен, птица…?

„Како поделена личност, split personality. Од една страна е добра бабичка, мека како лепче, а од друга страна пакосен комшија, мрзлив административец или себична мајка. Контрастов нуди убав драмски конфликт. Или можеби како  човек на 28 години што се однесува како петгодишно дете, најубав на мајка“, скицира Манчевски.

Во разговорот се навраќаме на 1994 година, кога „Пред дождот“ му го донесе „Златниот лав“, но организаторите на фестивалот во Венеција од него побараа да им каже како изгледа македонското државно знаме. Четврт век подоцна, интересно е да се слушне како еден уметник гледа на прашањето дали земјава конечно ќе добие датум за почеток на преговори со ЕУ, но и на недостигот од есенцијален „лепак“ меѓу старата Европа и новите аспиранти за влез во европското семејство?   

„Денес, ако е подготвен да се отвори, човек веќе може да си дозволи да има два дома – наместо да биде посиромашен во срцето, да стане побогат. Да има двапати повеќе пријатели, двапати повеќе омилени места и спомени, да има два јазика и два града за свои“

 „Покажавме дека душманите биле често во право кога е во прашање нашава државичка – како самите да го уништуваме квалитетот на живот со пакост, агресивност, огромна корупција, еколошко и урбанистичко уништување и пљачкосување на јавниот, а богами и на приватниот простор, беззаконие, и над сѐ – себичност. Откако бевме оставени сами на себе, испадна дека колективно не го сработивме она што беше потребно за подобро да живееме. Наивно веруваме дека профитот е поважен од квалитетот на живот и од луѓето, дека бизнисот е секогаш во право и дека луѓето се тука поради државата, а не обратно. Има политичари и бизнисмени што го кршат законот по петпати на час, секој ден во годината. Државата ја водеа повторувачи со презир кон стручноста. Сето тоа нема многу врска со Европа или со тоа како светот ја доживува Македонија, туку со тоа како се живее тука и зошто се испразни државата. Не мислам дека сите власти се исти, такво релативизирање е опасно и тоа на светот му подари една неверојатна и штетна фигура како Трамп“, вели Манчевски.

Смета дека излеговме од најлош период каде што криминално и опресивно однесување беа стандард, но прашање е дали тој лош стандард ќе се промени или само ќе се прилагоди.

„Преговорите и членството играат улога, ама не се единствената, ниту најважната работа што може и треба да се случи за поубаво и почовечки да се живее тука. Небаре секогаш треба некој возрасен да нѐ искара, да нѐ подучи и да нѐ контролира, како секогаш да бараме цицка наместо да засукаме ракави“, дециден е Манчевски.