Интервјуа

Георгиески: Кај Чинарот ќе се урива, кога ќе се рушат сите дивоградби

Ако во сезона уривам кај Чинарот, ќе треба да уривам и плажи. И тие се диви, вели охридскиот градоначалник во интервју за БИРН

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

На почетокот од летната сезона, плочникот во охридската чаршија нѐ пече како на Илинден. И нема метеж.

Во неделата напладне шетаа претежно странци, на кои веќе им подзагорела чувствителната кожа. Оние повозрасните во парови беа поседнале на парапетчето под сенката на Чинарот со воден сладолед в раце. Ги набљудуваа тројцата мајстори, кои во неработен ден ја декорираа натстрешницата што нелегално ја гради советникот во Општина Охрид, Нефи Усеини.

Полека, како никој да не ги гледа, работниците редеа украсни плочки врз нискиот бетонски ѕид од кој се издига металната конструкција на идното кафуле или ресторан.

„Летна“ и третиот месец откако општинскиот инспектор му даде на Нефи Усеини рок од 10 дена самиот да ја отстрани натстрешницата

А, токму во неделата „летна“ и третиот месец откако општинскиот инспектор му даде на Нефи Усеини рок од 10 дена самиот да ја отстрани натстрешницата.

На само неколку стотини метри од ова место се наоѓаат администрацијата и градоначалникот на Општина Охрид, чија работа, меѓу другото, е да го регулираат урбанизмот во градов. Иронично, тоа е дел од обврските и на Нефи Усеини како општински советник.

Проблемот со објектот кај Чинарот е дополнително чувствителен, со оглед дека и поради градежниот хаос охридскиот регион може да добие статус на загрозено подрачје на УНЕСКО.

Градоначалникот Константин Георгиески нѐ прими наредното утро, понеделнички.

Со полна пареа се гради натстрешницата кај Чинарот | Фото: БИРН

Нема разбирачка со Нефи Усеини

За 41-годишниот градоначалник на Охрид, принципиелно е прашањето околу уривањето на дивоградбата на советникот од редовите на ДУИ. Неспорно е, вели тој, оти Усеини ја подига натстрешницата без дозвола, меѓутоа Георгиески сака да потенцира дека таа е само една од многуте охридски дивоградби.

„Ако земеме да отстрануваме диви градби, ќе ги отстрануваме сите, нема само таа.“

Принципот „или ќе се руши сѐ или ништо“ на градоначалникот наведува на заклучок дека барем летово нема да „падне“ објектот на проблематичниот инвеститор.

„А, зошто сега прво да го урнам објектот што е кај Чинарот? Има шест-седум познати плажи во Охрид што се дивоградби, плажи каде што одат сите туристи и вие од Скопје одите и јас таму навечер пијам кафе, ама знам дека се дивоградби. Значи, по кој редослед да уриваме, сега? Треба сѐ или или ништо, ама најмалку сред сезона.“

Проблем е и тоа што во моментов општината нема ангажирано фирма за уривање. На последната седница советниците го изгласале ребалансот на општинскиот буџет со кој се обезбедени околу 25.000 евра и неделава се очекува општината да распише тендер за фирма-уривач.

„Се надевам дека ќе се јави лиценцирана фирма и потоа ќе ги отстрануваме тие објекти.“ 

Градоначалникот Георгиески смета дека нема поента сега да открие кога ќе почне уривањето.

„Додека имаше простор разговаравме. Ако сме можеле да се разбереме, ќе сме се разбереле. Сега предметите се во рацете на институциите.“

Името на Нефи Усеини во Охрид се споменува и за уште една дивоградба, а тоа е базата за производство на бетон што се наоѓа во заштитениот појас од 50 метри од езерото. Тоа е објект надвор од градот што се наоѓа на стариот пат меѓу Охрид и Струга. И Георгиески ги чул муабетите оти станува збор за истиот инвеститор, меѓутоа кога општинскиот инспектор отишол на местото, нашол само мајстори.

„Има решение за отстранување на објектот и кривична пријава за непознат сторител. Полицијата треба да постапи, да се види точно чија е сопственоста на таа градба.“

Усеини неодамна нападна колега советник во општината, го удирал со тупаници зошто не гласал по негова волја. Пред околу еден месец вербално нападна и инспектор на Управата за заштита на културното наследство што се појавил кај Чинарот.

Го прашавме градоначалникот Георгиески дали се обидел со разговор, како човек со човек, да се разбере со проблематичниот колега.

„Додека имаше простор разговаравме. Ако сме можеле да се разбереме, ќе сме се разбереле. Сега предметите се во рацете на институциите.“

На нашата финална констатација оти се добива впечаток дека општината е немоќна против самоволието на Нефи Усеини, Георгиески кратко и тивко прокоментира:

„Ќе видиме.“

Уште еден лекар на чело на Охрид

„Некогаш во животот треба да преземеш одговорност и да се обидеш да смениш нешто“ | Фото: БИРН

Во левиот агол од масивното дрвено биро на охридскиот градоначалник стои фотографијата од неговиот претходник, Јован Стојаноски, кој почина лани само по една година од мандатот.

Константин Георгиески во тие 12 месеци беше општински советник, откако ја предводеше листата на СДСМ на локалните избори во 2017. По смртта на Стојаноски, советниците прво го избраа Георгиески за в.д. градоначалник, а целосниот мандат го доби на изборите што се одржаа заедно со претседателските. 

Во Охрид го победи противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ за речиси 4.000 гласа, додека неговата партија на претседателските избори во овој град доби 1.000 гласа помалку од опозицијата.

Георгиески не е човек што излегол од партискиот шинел. Тој е лекар, специјалист по интерна медицина и има приватна ординација. За себе вели дека не е некој што одел по штабови или лепел плакати.

„И секој е стручњак за сѐ, ама кога ќе дојде време да се преземе нешто, сите велат: E, jас тоа не можам, јас вака – јас така.“

„Мене, исто како и мојот претходник, партијата не ми треба, јас ѝ требам нејзе.“

Невообичаено за македонски услови, Георгиески со респект говори за претходниот градски татко од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Бакрачески, кој исто така е лекар.

„И тој е човек со сопствен интегритет надвор од партијата.“

Влегол во политиката преку чаршијата. Георгиески раскажува дека дружејќи се со пријателите и со луѓето од градот, дали на слави, имендени, на визита или во кафуле, секогаш бил опкружен со луѓе со кои „бистрел политика“.

„И секој е стручњак за сѐ, ама кога ќе дојде време да се преземе нешто, сите велат: E, jас тоа не можам, јас вака – јас така.“

Решил да не биде таков. 

„Некогаш во животот треба да преземеш одговорност и да се обидеш да смениш нешто. Ако можеш, ако не, здравје!“

Врзани раце

Кусото време колку што е градоначалник не му дало шанса да смени многу работи, зашто, како што самиот вели, сега буквално менаџира кризи.

Една таква криза е опасноста Охрид да го изгуби УНЕСКО-статусот и да биде ставен на листата на загрозени подрачја. Уште во јули 2017, УНЕСКО, меѓу другото, препорача мораториум за градба и за легализација на дивите градби. 

Од тогаш до сега, според зборовите на Георгиески, општината донела околу 900 решенија за легализација, меѓу кои имало и позитивни одлуки. Тоа значи дека општината легализирала дивоградби и по предупредувањата на УНЕСКО.

Градоначалникот го посочува проблемот во законот.

„Точно е дека дел од објектите се во национален парк и во заштитен појас, меѓутоа законот не вели дека не треба да се легализираат објектите што се во заштитен појас!“

На иницијатива на владата, дури овој месец во Собранието е влезен закон кој предвидува шестмесечен мораториум за градба и за легализација на бесправни објекти.

„Точно е дека дел од објектите се во национален парк и во заштитен појас, меѓутоа законот не вели дека не треба да се легализираат објектите што се во заштитен појас!“

Георгиески преку примерот со спорниот хотел во Лагадин објаснува како нему и на општината им се врзани рацете во дел од спорните случаи. Хотелот во Лагадин се гради уште пред мандатот на Георгиески. 

„Кога јас во тоа време би бил градоначалник, кога би дошол предметот со целокупната документација, јас, сакал или не, морам да му издадам одобрение за градба. Јас ако не му издадам, а нема забелешки, судот ќе му издаде.“ 

„Прашањето за конкретниот проблем е како инвеститорот добил согласност од Министерството за животна средина да гради објект што е во појасот од 50 метри од езерото? Во заштитен појас!?“ 

По препорака на УНЕСКО, општината прави регистар на дивоградби. 

Во едно неодамнешно интервју, Георгиески откри дека луѓето ќе се фрапираат кога ќе видат кои сѐ хотели, кафулиња и семејни куќи ќе се најдат во тој регистар. На нашето прашање дали меѓу сопствениците на овие објекти има функционери, сегашни или поранешни, бизнисмени и други јавни личности, градоначалникот вели:  

„И да има, сега нема да откривам.”

Алипашината џамија во заштитеното градско јадро во Охрид | Фото: БИРН

Уште една градба во близина на Чинарот ја бранува јавноста. Реставрацијата на Алипашината џамија и изградбата на нејзиното 32-метарско минаре вознемири дел од граѓаните на Охрид.

Реставрацијата е поддржана од Вакуфската заедница во градот со пари од турската влада.

Георгиески, извориштето на овој проблем го препознава во поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Тој објаснува дека реставрацијата е резултат на меѓудржавен договор на македонската и на турската влада, направен во времето кога премиер бил Никола Груевски. Тогаш, вели тој, била договорена реставрација на околу сто верски објекти.

„Целиот тој случај требало сосема поинаку да се изменаџира од страна на државата, пред сѐ, зашто и овој објект е во старото градско јадро што е заштитено. Ако веќе се склучил договор, тогаш требало да се истера работата легалистички до крај.“

Градоначалникот на Охрид потврдува дека инвеститорот нема дозвола за градење на минарето, меѓутоа вели дека таа требало да ја издаде Министерството за транспорт и врски, а не општината, зашто објектот се наоѓа во заштитеното подрачје. За минарето постои само конзерваторското мислење.

Масло на огнот е тоа што охриѓани и овој објект го поврзуваат со проблематичниот Нефи Усеини, бидејќи на градилиштето пред џамијата стои табла со името на неговата фирма на која пишува дека таа е подизведувач.