Интервјуа

Славески: Да се намали закрвеноста помеѓу партиите

Најголемите добитници од владеењето на Груевски никаде ги немаше додека бевме во опозиција, се потсетува Трајко Славески, член на извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ

Поранешниот министер за финансии и актуелен член на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, во интервју за БИРН вели дека партијата треба порадикално да се дистанцира од одредени поранешни функционери, порачува да се намали поларизацијата во политиката, а за неговиот однос со Груевски, кусо вели дека не комуницираат зашто немал за што да разговараат.

Со Славески се сретнавме во петокот наутро, во професорската канцеларија на приземјето од Економскиот факултет, меѓу два испити на неговите студенти.

Него го помниме како нетипичен функционер на ВМРО-ДПМНЕ од првите години на владеењето на Никола Груевски. Славески не ги нарекувал неистомислениците „соросоиди“ или „предавници“, а како министер беше достапен на мобилниот телефон, и за разлика од колегите во Владата, беше отворен и често прифаќаше интервјуа.

„Никогаш не сум го искористил зборот ‘комуњар’.“

Внимавал што зборува и пишува заради студентите.

„На што ќе личи ако пцујам или се карам и наредното утро излезам пред 300 студенти. Тројца од нив да ме слушнале, ќе треба да црвенеам.“

Затоа не отворил Фејсбук и Твитер, иако сопартијците го убедувале дека сега треба да биде присутен на социјалните мрежи.

Трајко Славески се врати активно во политиката минатата година, директно во новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, првпат по 2009 година, кога по предлог на Никола Груевски, пратениците го разрешија од министерската функција. Потоа ретко се појавуваше во јавноста, го искористил времето да им се посвети на професурата и на семејството, кое во меѓувреме се зголемило за две внучиња.

Без многу колебање и овојпат ја прифати поканата за интервју. Сакавме конечно да чуеме што Славески мисли за подоцнежното владеење на Груевски, а зборувавме за минатото и за неговиот камбек во политиката.

Вештачката карпа меѓу него и Груевски

„Не требаше некој да ми каже дека министрите се следат на секој чекор“ | Фото: БИРН

Точно пред една деценија, летото 2009, тројца министри од владата на Груевски поднесоа оставки, а само Славески беше разрешен во Собранието. Одбил сам да се повлече, како што му предложил тогашниот премиер.

Никогаш не ја дознал точната причина зошто е сменет, иако претпоставува дека можеби не задоволил нечии приватни интереси. Груевски му забележувал и зашто се противел на некои проекти.

„Кога земјата крвавеше од финансиската криза, децата од Агенцијата за млади и спорт, зад кои стоеше големиот патрон Мијалков и кои беа многу арогантни, побараа 500.000 евра за вештачка карпа.“

Им укажал дека тоа е непотребен трошок и оти барем во околината на Скопје има каде да се „пемперат“, меѓутоа, карпата, сепак, се изгради во Карпош.

По разделбата со Груевски се слушнале уште само неколкупати, а оваа Нова година почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ му пратил честитка преку СМС од унгарски број. Најверојатно тоа била порака што ја пратил на сите контакти во неговиот телефон.

„Но, тоа е гест, кој вели ова е мојот контакт во Будимпешта. Јас вратив и на тоа остана, потоа не сме имале контакт зашто немаме за што да разговараме.“

Славески тврди дека не ги знае деталите околу бегството на експремиерот, во тоа време бил надвор од државата и никој што го познава од партијата не бил во непосреден контакт со Груевски. „Може само да нагаѓам“ е неговиот коментар за претпоставките дека власта дала амин Груевски да замине.

„Меѓутоа, владата си постави рок дека ќе поднесе извештај за случајот, а сѐ уште нема ништо. Тоа е индикативно.“

Во едно неодамнешно интервју, Славески откри дека уште во 2006 година го советувал Никола Груевски да се откаже од идејата директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) да биде неговиот прв братучед Сашо Мијалков.

„Прво поради тоа што станува збор за непотизам и второ поради контроверзиите што го следеа овој човек уште од Агенцијата за воено разузнавање.“

Пред да дојдеме на муабетот за Мијалков, зборувајќи за периодот од 2006 до 2009, Славески ни рече дека веројатно уште тогаш се прислушувале високите функционери. Скандалот „Големото уво“, во времето на министерката Доста Димовска, кога за кратко и тој беше во владата на Љубчо Георгиевски, го подготвило да биде внимателен како министер за финансии.

„Не требаше некој да ми каже дека министрите се следат на секој чекор, дека се слуша секој нивни разговор.“
Тој не може да каже кој точно прислушувал врз база на доказите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), меѓутоа нему, како и на многу негови сопартијци, мошне веројатно му е дека „тоа било од надвор“.

Четири лекции за секоја партија

По разрешувањето од министерската позиција, Трајко Славески ретко се појавуваше во јавноста и кога го имало на телевизија, секогаш говорел за економијата и затоа луѓето повеќе го доживуваа како експерт, отколку како партиски човек.

Се чини дека Славески никогаш не ја става во втор план професорската улога, додека разговаравме ни ја покажа стручната литература на која како постдипломец на „Харвард“ е посебно горд.

Меѓутоа, не се откажал од членството во ВМРО-ДПМНЕ, а бил и делегат на кумановскиот конгрес во 2015, кога Груевски со акламација беше реизбран за претседател. Една недела по тој конгрес, се случи вооружениот инцидент во Диво насеље.

Сега откако се врати во новото раководство, сметавме дека е важно Славески да го каже својот став за она што се случуваше во бурната деценија додека беше политички пасивен. Да го каже ставот за Скопје 2014, за жестокиот притисок врз медиумите, корупцијата или, пак, она што се случуваше на 27 април 2017 во Собранието.

Како што можеби и се очекува од професор, неговиот одговор го добивме во форма на четири лекции, две лекции за времето кога една партија е на власт и уште две кога таа е во опозиција.

Првата лекција за партија на власт е дека таа не смее да толерира никаква корупција кај своите функционери.

Работата на СЈО е компромитирана

Трајко Славески вели дека контрадикторните изјави на Катица Јанева во врска со новите „бомби“ што се објавуваат на интернет доволно говорат за нејзините компетентност и капацитет.

„Работата на СЈО е компромитирана. Покрај овие испади на Јанева, за тоа придонесува и курсот да се гони само една партија, а не и коалицискиот партнер во власта. Дополнително, една од обвинителките, Фатиме Фетаи, го користеше СЈО за естрадно да настапува. На што личи тоа?“

„СЈО требаше да си направи приоритети поради рокот што го имаше во законот и да се придружува на него. Секој од нас знае што може да направи во одреден временски период.“

„Кога-тогаш власта ќе ја изгубите и тие луѓе ќе бидат првите што ќе колаборираат со новата власт за да се спасат.“

Втората лекција е партијата да не се доведе во ситуација да не смее да ја изгуби власта.

„Не смеете да се доведете до оние избори во Општина Центар за градоначалник во 2013 година, да се доведете во ситуација да не смеете да ги изгубите. Слушнавме што се случувало од ‘бомбите’.“

На помладите сопартијци сега им ги кажува и двете лекции наменети за партија во опозиција. Прво, вели Славески, не смеат да се даваат ветувања што не можат да се исполнат и второ – да се внимава од кои бизнисмени се добива поддршка.

„Треба да бидете внимателни со кого садите тикви!“

Затоа, според него, добро е што на иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ се смени Законот за финансирање на партиите и сега тие значително се финансираат од државата.

„Така ќе се намали потребата и искушението опозицијата да се врзува за нечии интереси.“
Со Скопје 2014 вели дека се отишло предалеку во делот на фасадите и на густината на спомениците, иако, и кога стартувал проектот, и денес смета дека добро било да се разубави ликот на Скопје.

Од денешен аспект е убеден дека ВМРО-ДПМНЕ не требало да се исцрпува со опструкциите при изборот на претседателот на Собранието.

„Требаше да се прифати одлуката на ДУИ, која го прекрши сопственото правило за коалицирање меѓу победниците и да се каже во ред е, има денови за мегдан.“

За него, 27 април е нерасчистен настан, и покрај тоа што има два судски процеси за упадот во Собранието.
Тој смета дека ако навистина упадот бил организиран од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш станува збор за голем аматеризам, зашто, како што вели, кога се влегува во Собрание, таму и се останува на неопределено време, со доволно храна и вода.

„Или, пак, целиот случај има некоја друга заднина“, загадочно коментира.

Порадикално дистанцирање од некои ексфункционери

Славески потенцира дека неговата улога во партијата секогаш се зголемувала по поразите | Фото: БИРН

Во раководството на партијата се вратил на покана од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, со кого подобро се запознале во Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, каде што членувале во периодот од 2015 до 2016.

Славески потенцира дека неговата улога во партијата секогаш се зголемувала по поразите. За првпат официјално станал член по големиот пораз во 2002, а се врати откако ВМРО-ДПМНЕ ги изгуби речиси сите општини на последните локални избори.

„Најголемите добитници од практикувањето на власта во оние десет години од владеењето на Груевски беа луѓето што никаде ги немаше додека бевме во опозиција.“

По Преспанскиот договор, новото раководство ги исклучи осумтемина пратеници што гласаа за промена на Уставот, Сашо Мијалков и уште неколку поранешни функционери. Славески вели дека Груевски сам се дистанцирал со бегството, а реформаторите се маргинализирале на по некој настап на телевизија, без реална моќ во партијата.

Но, лично Славески смета дека на ВМРО-ДПМНЕ ѝ требаат порадикални чекори.

„Во повеќе наврати, и Мицкоски има кажано дека сме свесни за грешките направени во минатото, но мислам дека можеби треба порадикално да се дистанцираме од уште некои поранешни функционери или групации.“
Разговорот го завршивме со неговата порака за намалување на поларизацијата во политиката и закрвеноста на партиите.

„Мислам на сите оние некоректни однесувања и обвинувањата. На пример, ВМРО-ДПМНЕ и членовите сѐ уште мислат оти СДСМ не се откажала од идејата дека нашата партија треба да се уништи.“