Македонските власти да ги зајакнат мерките за борба против перењето пари и финансирање тероризам, особено во областа на истрагата и обвинителството, повикува Манивол, експертско тело на Советот на Европа.
Во извештајот објавен денеска, тие заклучуваат дека, иако земјава сега има подобра правна рамка од последната евалуација во 2014 година, треба да го подобри спроведувањето на мерките во повеќе области.
Извештајот препорачува властите да го подобрат разбирањето за ризиците што ги носат правните лица, казината и неформалната економија. Во него се нотира дека, за разлика од судот и обвинителството, единицата за финансиско разузнавање, полицијата и финансиските супервизори имаат подобро разбирање за овие ризици.
Сепак, забелешката е дека полицијата и обвинителството недоволно ги користат финансиските податоци од разузнавачите, за да обезбедат докази и да почнат истраги. Од друга страна, пак, иако разузнавачките податоци се добри и помагаат во истрагите, тие се доставуваат со ограничено филтрирање и приоретизирање, меѓу другото и поради недостигот од повратни информации до финансиските разузнавачи од органите што ги користат нивните податоци.
Со зборот скромни, се опишуваат резултатите од истрагите и кривичниот прогон за перење пари, па се повикуваат полицијата и обвинителите, систематски да спроведуваат паралелни финансиски истраги и да се насочат кон посложени случаи на перење пари, што вклучува организиран криминал, особено трговија со дрога и трговија со луѓе, како и даночно затајување и корупција.
На пример, се посочува дека примената на прекугранични контроли има резултат во ограничувањето на големите количества кеш пари, ама самите дејствија ретко се проследени со истраги за потенцијално перење пари.
Манивол смета дека властите треба систематски да го применуваат принципот „следи ги парите“, за да се подобрат нивоата на конфискација кога има случаи со перење пари. Ја пофалуваат институционалната рамка, велат дека органите на прогон се свесни за потребата од спроведување паралелни финансиски истраги, ама се чини дека самите истраги не се спроведуваат систематски.
Истрагите ретко ги следат парите од неидентификувано потекло за да го откријат нивниот потенцијален криминален извор, а најчесто се спроведуваат во врска со дела што се претпоставка за извршување потешки кривични дела, се вели во извештајот.
Во делот со финансирање тероризам, се укажува дека властите генерално добро ги разбираат ризиците, но неодамнешните случувања во кои повратници од Сирија се обидоа да извршат терористички напади во земјава, го гледаат како причина за преиспитување на ризикот. Извештајот нотира дека има само еден случај со две лица, каде што финансирањето тероризам е предмет на кривично гонење и осуда, што „целосно не одговара на профилот на ризик на земјата и на опкружувањето“.
Од Македонија се бара поефикасен пристап за проценка на ризикот во однос на перењето пари, како за финансиските институции и нефинансиските бизниси, така и за професиите како адвокати, нотари, сметководители, даночни советници или агенти за недвижности. Се споменува и невладиниот сектор, за кој се потенцира дека е изложен на поголем ризик од злоупотреба за финансирање тероризам поради што е потребен поголем надзор.
Извештајот, исто така, препорачува властите да ги засилат своите напори за спроведување адекватни стандарди за крајното сопствеништво. Во тој дел се споменуваат недостигот од усогласеност на проверките извршени од финансиските супервизори, кога има нови барања за влез на пазарот, недостигот од разгледување на вистинската сопственост, кога станува збор за казината, и недостиг од контроли за да се осигури дека криминалци или нивни соработници не се крајни сопственици, немаат значителен или контролен дел или, пак, управувачка функција.
Во однос на санкционирањето, пак, и покрај бројот на корективни и присилни дејствија што им се достапни на супервизорите, изречените парични санкции се генерално ниски, а постои загриженост за пропорционалноста, одвраќањето и ефективноста на прекршочните казни предвидени со Законот.
Манивол забележува дека се преземени позитивни чекори за зголемување на транспарентноста преку централизацијата на јавните регистри и формирањето Регистар на вистински сопственици, ама има проблем со точноста и ажурирањето на информациите. Така, на пример, проблемот со квалитетот на податоците во Регистарот на вистински сопственици влијае врз меѓународната соработка во оваа област.
Оттука, ова експертско тело на Советот на Европа открива дека македонските власти соработуваат на меѓународен план, ама има проблеми во однос на навременоста и квалитетот на дел од одговорите. Ова, посочуваат, може да се подобри со воспоставување јасни цели и процедури, како и интегриран систем за управување со случаи и поставување приоритети.
Македонија треба да одговори на наодите од овој извештај до мај 2025 година.