Регион

Мапа на жртвите од југословенската војна презентирана во Загреб

Ања Владисављевиќ, Загреб

Презентација на мапата во Загреб. Фото: Бранка Виерда

Иницијатива за РЕКОМ и Документа – Центар за справување со минатото, денеска во Загреб ја претставија „Мапата на жртви на војните 1991 – 2001 на подрачјето на поранешна СФРЈ”.

Мапата ги спојува напорите на неколку документациски центри, кои ги утврдиле фактите за човечките загуби за време на војните во 90-тите.

Тоа се Документа, Фондот за хуманитарно право (ФХП) од Белград, Фондот за хуманитарно право (ФХП) од Приштина и здружението Транзициска правда, одговорност и сеќавање од Босна и Херцеговина.

Весна Тершелиќ, директор на Документа, изјави дека мапата содржи имиња и презимиња на жртвите.

„Сметаме дека е важно луѓето да се сеќаваат на луѓето – сакаме овој напор и резултатите на овие истражувачи, да придонесат за намалување или запирање на манипулацијата со бројот на жртвите”, истакна Тершелиќ.

Наташа Кандиќ, координатор на Коалицијата за РЕКОМ, изјави дека политичката поддршка на иницијативата за именување на сите жртви, што е воедно и цел на регионалната Иницијатива за РЕКОМ, се менува во зависност од политичката ситуација.

РЕКОМ е комисија за утврдување на фактите од војната, што треба да ја формираат земјите од поранешна Југославија, со цел да се подготви список со имиња на сите оние што се убиени, исчезнати, што биле заробени и мачени во југословенските војни.

Кандиќ додаде дека МКТЈ идентификувал најмалку 18.000 жртви на воени злосторства во своите судски процеси.

Сепак, истакна таа, Трибуналот не се занимавал со војниците, полицајците и припадниците на вооружените сили како жртви, освен ако тие не биле ранети или заробени, па убиени во рамките на тој статус на заштитени лица.

Таа додаде дека во креирањето на мапата биле користени податоци за жртвите од различни министерства, организации и судови, кои не биле употребени во Хаг.

Според неа, вкупниот број на документирани жртви на војните во поранешна Југославија изнесува околу 130.000.

Центрите за документација собираат и анализираат податоци и големи количини на документи, кои се однесуваат на човечките загуби, како и други форми на масовно кршење на човековите права.

Со ова се сака да се поправи и темелната неправда предизвикана од недостигот на поименични списоци на настраданите и исчезнатите, врз основа на фактите, што земјите наследнички, ниту 17 години по крајот на вооружениот конфликт, немаа волја да го направат.

„Со претставување на мапата на злосторствата, фактите конечно стануваат трајно достапни и служат како признание за страдањата на жртвите, како поддршка на процесот на справување со минатото, особено како поддршка на Иницијативата за РЕКОМ”, беше кажано на настанот.