За преспанските пеликани е познато дека се гнездат на грчката страна од езерото, а доаѓаат да се хранат на македонската. За преспанските еколози што ги проучуваат пеликаните, кормораните, рибите, змиите и другите животни, пак, е познато дека понекогаш треба да пропатуваат и по повеќе од 120 километри за да може да следат како различните примероци од овој богат, но загрозен жив свет во и околу езерото се снаоѓаат на различните страни од границата.
Нема повеќе од 20 километри меѓу селото Герман (Агиос Германос) на грчката страна од Преспа и македонското одморалиште Претор. Но, за членовите на грчкото Друштво за заштита на Преспа, со седиште во Герман, да дојдат на состанок со нивните колеги од Македонското еколошко друштво, треба да поминат две планини и половина Пелагониска котлина, патувајќи преку Лерин, Меџитлија, Битола и Ресен.
На сите страни од езерото има активни организации за заштита на природата и на биодиверзитетот – МЕД во Македонија, СПП во Грција и ППНЕА во Албанија. Соработката меѓу нив е исклучително важна во период кога езерото губи вода, што создава големи предизвици за биодиверзитетот. И потребата истражувачите на природата и еколошките активисти да се движат на различни страни од регионот е голема, бидејќи за живиот свет што го истражуваат езерото и околината не се поделени меѓу три држави, туку се една целина.
За луѓето, таа целина ја разбиваат места како Маркова Нога.
Од езерски пејзажи до спуштена рампа
Најјужната точка на Македонија, Маркова Нога е местото каде што ничија нога не смее да стапне без посебна дозвола за движење во граничен простор. Така ќе остане сѐ додека не се отвори граничниот премин кон Грција, на кој се чека повеќе од половина век, со што значително би се олеснила комуникацијата меѓу македонскиот и грчкиот дел на преспанскиот регион.
Во целиот тој период, македонската страна чека подготвено – има изграден пат, рампа и објект, додека од грчката има само кривулест земјен пат до Герман.
Преспанските пејзажи се отвораат на секој метар од патот од Ресен до Долно Дупени, по источниот брег на езерото. Коловозот е на еден до два километри оддалечен од брегот, во подножјето на Баба Планина, во националниот парк Пелистер. Од таа далечина и височина, Преспа изгледа голема, широка и богата. Деградацијата не се забележува. Само широките појаси со суви трски покажуваат дека водата ја снемало на некои места каде што порано се протегало езерото.
По половина час воодушевување од сините води, зелените падини и белите врвови на планината Галичица од спротивната страна и шарените полиња на локалните земјоделци, стигнува и последната глетка на овој пат, рампа и табла со натпис „граничен појас, движење со дозвола“. Оттука има само една опција – враќање назад. Зборот „појас“ сѐ уште не е заменет со „премин“, па нема каде да се продолжи.
Наместо 20, 250 километри
Различни луѓе поради различни причини се во исчекување да се крене рампата на Маркова Нога. Локалните жители го чекаат тоа за да им се олесни комуникацијата, да можат да ги развиваат економијата, трговијата и туризмот. За дел од политичарите, тоа ќе биде уште еден знак за позитивен развој во односите меѓу Македонија и Грција по потпишувањето на Преспанскиот договор. Затоа и поранешниот премиер Зоран Заев неодамна повика што поскоро да се отвори преминот.
За луѓето како Кристофер Маунси, пак, лондонец, кој многу години ја истражува природата во Преспа како дел од грчкото здружение СПП, тоа е потребно за подобра заштита на природата преку поголема соработка и координација меѓу различните заштитарски друштва во државите што го делат регионот.
„Неверојатно е, во еден ден треба да пропатувам 250 километри во двата правци, а селото Герман, каде што работиме, речиси се гледа од границата“, рече Маунси на еден состанок за заштита на биодиверзитетот во Претор.
Дел од експертите што се занимаваат со заштита на живиот свет сметаат дека каде што значајните природни подрачја се поделени со граници, неопходни се координирани активности од сите страни. Инаку, залудно би било само една страна да вложува напори, животинскиот вид би останал загрозен.
Никола Здравевски, кој со години работи на проекти за зачувување на природните богатства на Преспа преку Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), за БИРН објаснува дека состојбата со езерото е драматична во сите негови делови поделени со државните граници, и затоа до поквалитетна заштита може да се дојде само со редовна комуникација меѓу луѓето и организациите од различните страни.
„Затоа, отворањето на преминот Маркова Нога, не само што би било од голема корист за жителите, туку би било корисно и за разменување информации, искуства и добри практики меѓу луѓето што работат на заштитата. Секако дека би се зголемила соработката и би можеле да се спроведуваат заеднички мерки. Има волја за тоа и од грчка и од албанска страна, а има и капацитети на локално ниво“, додава Здравевски.
До каде е работата
Отворањето на граничниот премин Маркова Нога се смета за обврска што произлегува од Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција, иако тоа не е прецизно наведено во документот. Таму, во членот 14 пишува дека двете страни ќе ги модернизираат постојните гранични премини и ќе изградат нови, како и дека заедно ќе работат на заштита на прекуграничните водни површини и на нивната околина.
Македонската страна продолжи да работи на овој проект. Владата, во 2020 година реконструираше делови од патот што беа оштетени со свлечиште. Агенцијата за планирање на просторот во 2021 година направи урбанистички план за преминот Маркова Нога. Во Грција, сепак, сѐ уште стои правливиот пат.
Преспанци ја гледаат надежта во програмата ЕУ за Преспа. Уште во акцискиот план за 2021 година од оваа програма беше предвидено дека Европската Унија ќе вложи околу 18 милиони евра во различни проекти за заштита на езерото и околината, како и за подобрување на животниот стандард на луѓето. Од нив, 930 илјади евра беа резервирани за Маркова Нога, а македонската страна треба да вложи уште 170 илјади за да се комплетира буџетот.
Во документот се вели дека треба да се направат сообраќајни врски, водоснабдување, канализација, електрични инсталации, телекомуникациски врски и системи за контрола, за да се добие функционален граничен премин.
Иако за проектот Маркова Нога се зборува над 50 години, во последниве две се направија конкретни придвижувања кон неговата реализација. Плановите се готови, парите се обезбедени, а присутна е и политичката волја. Она што недостасува е конкретна најава кога ќе почнат и кога ќе завршат градежните работи.
Без тоа, локалните жители, организации и власти сѐ уште не се комотни да кажат дека преминот овојпат сигурно ќе се направи. Како што велат дел од нив, досега виделе многу неисполнети ветувања.