Регион

Масакрот во Меја: Игнорирање на доказите за вмешаност на српски офицери

Сведоштвата на судењата во Хашкиот трибунал, откриваат дека десетици српски офицери и војници, биле вклучени во убиствата на повеќе од 400 луѓе, извршени во 1999 година, во косовските села Меја и Кореница

Луш Красниќи и неговото семејство, на 27 април 1999 година, го поминале денот во дворот на нивната куќа во селото Рамоц, во западно Косово, а пукотниците од огненото оружје од соседните села, Меја и Кореница, станувале се погласни.

Од ридот, на кој се наоѓала нивната куќа, можеле да видат објекти во пламен. На зајдисонце, баталјон на српската полиција ги опколил нивните домови.

Красниќи, со солзи во очите, раскажува за моментот кога војниците ги фатиле неговите браќа, Пашко и Марко, и неговиот вујко, Пјетер.

„Ни наредија (на останатите) да тргнеме и ни рекоа да застанеме на контролниот пункт меѓу Меја и Кореница“, вели Красниќи за БИРН, додека разговараме во неговиот дом во Рамоц.

Додека се стемнувало, Красниќи, неговото семејство и соседите, се упатиле кон контролниот пункт во селото. Покрај патот, тие виделе безживотни тела и запалени куќи.

„Патот беше осветлен од пламенот, па можевме да видиме војници и полицајци, но и луѓе кои лежеа во ливадата во близина на раскрсницата“, се сеќава тој.

На контролниот пункт им било наредено да ѝ ги предадат парите и накитот на полицијата и да се упатат кон Албанија.

Нападот на српските сили на Меја и на Кореница следел еден месец по почетокот на бомбардирањето на НАТО на Југославија, чија цел беше да се стави крај на воената кампања на претседателот, Слободан Милошевиќ, во Косово.

Со интензивирањето на воздушните напади на НАТО, се интензивирале и операциите на српските сили, како и протерувањето на косовските Албанци.

Според пресудите што Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), им ги има изречено на високи припадници на српската војска и полиција, нападите врз двете села биле дел од воената операција наречена Река, во која Војската на Југославија (ВЈ), српската полиција и паравоените единици, убиле најмалку 377 цивили. Од нив, 36 биле помлади од 18 години. Илјадници луѓе биле протерани во соседна Албанија, а 13 сѐ уште се водат како исчезнати.

„Подоцна сфативме дека бевме последните што беа депортирани и дека членовите на моето семејство беа последните што беа убиени“, нагласува Красниќи.

Српски полицаец, кој сведочеше како заштитен сведок, пред Хашкиот трибунал изјави дека семејството на Луш Красниќи, било убиено набргу откако ѝ се предало на полицијата.

Овој полицаец е еден од многуте војници и полицајци кои сведочеа пред МКТЈ, за степенот на злосторствата извршени за време на операцијата Река.

Воените документи, записите и картите, покажуваат кои единици, во тоа време, биле во Меја и во Кореница, како и кои биле командантите кои давале наредби.

Анализата на доказите на Хашкиот трибунал, што ја направи БИРН, открива дека повеќе од 30 лица биле вклучени во убиствата или биле свесни за ова злосторство, кое е едно од најголемите масакри во војната во Косово, и дека тие не сториле ништо за да го спречат неговото извршување или за да ги казнат сторителите.

И покрај доказите, ниту еден од нив досега не е гонет за масакрите во Меја и во Кореница. Денес сите тие се на слобода и живеат во Србија, Црна Гора или во Словенија.

Посмртните останки на жртвите, беа пронајдени 15 години подоцна, во масовни гробници во полицискиот центар за обука во Батајница, на периферијата на Белград.

Одмазда за убиствата на српските полицајци

Речиси една недела пред масакрот, на 21 април 1999 година, во близина на Меја, Ослободителната војска на Косово (ОВК), ги уби локалните полициски службеници, Милутин Прашчевиќ, Љубодраг Лазаревиќ, Бобан Лазовиќ и Насер Арифај.

Четири дена подоцна, единиците на ВЈ, на специјалната полиција, на локалната полиција и единиците предводени од озлогласениот парамилитарец, Жељко Ражнатовиќ Аркан, ги опколиле Меја и Кореница.

Ова беше потврдено со доказите презентирани пред Хашкиот трибунал – воени планови, карти и воени дневници, како и со сведочењата на сведоците инсајдери и на преживеаните лица, кои ги препознаа локалните команданти.

Мартин Пниши, земјоделец на Меја, сведочеше пред МКТЈ за масакрот во 2006 година. Од прозорецот на неговата куќа можел да види голем број на Албанци кои оделе кон Меја, која била на патот кон границата со Албанија, каде ти се имале упатено. „Во тој конвој имаше луѓе од 17 села“, изјави тој.

Пниши раскажа дека српските сили им наредиле на луѓето во конвојот, да ги фрлат своите лични карти, и дека полицијата ги раздвојувала жените и децата од мажите, кои морале да ги остават тракторите или автомобилите и да легнат со лицето кон земја.

Според Пниши, командантот што ги одделувал мажите од другите бил локалнот полицаец, Драгутин Стојановиќ, познат како Гута. Улогата на Стојановиќ, командант на полициската станица во Поношевац, село што се наоѓа во близина, е опишана и во два одвоени извештаи, на Фондот за хуманитарно право (ФХП) и на Хјуман рајтс воч (ХРВ).

Некои од клучните сведоци кои на Хашките обвинители им открија детали за операцијата, беа инсајдери од полицијата и од војската. Еден од нив, Нике Перај, во Меја пристигнал попладнето на 27 април. Тој тогаш бил член на 52-та артилериска ракетна бригада на ВЈ, со која командувал Милош Ѓошан.

Перај за БИРН изјави дека кога пристигнал во Меја, заедно со тројца други офицери, видел повеќе од 20 тела расфрлани по една ливада.

„Превртев еден од нив. Тој беше застрелан одблизу, едното око му беше излесено и висеше“, раскажа тој.

Тој додаде дека забележал изгореници од барут на главите на дел од жртвите, што значи дека „тие биле застрелани одблизу“.

Поранешниот офицер на ВЈ, Нике Перај, во својата куќа, во селото Далашај. Фото: БИРН

Во исказот што им го даде на хашките обвинители, Перај нагласува дека на контролниот пункт во Меја, го сретнал Димитрије Рашовиќ, полициски инспектор од Ѓаковица. Таму го видел и Милан Шчепановиќ, кој, исто така, бил полициски инспектор во Ѓаковица. Перај истакна дека Шчепановиќ имал „наредено 12 мажи кон еден ѕид“.

Тој додаде дека Здравко Винтар, началник на одделението за информирање и морал на 52-та артилериска ракетна бригада, бил всушност човекот кој го напишал извештајот до ВЈ, во кој се наведува дека вечерта на 27 април, „во Кореница биле убиени 74 терористи, а во Меја 68“.

Переј, како најодговорни, наведе три лица.

„Никола Миќуновиќ (наречен Драган), Милан Котур и (Милован) Ковачевиќ, се главните одговорни за масакрите во Меја и Кореница. Тие ја испланираа и ја водеа целата операција“, им рече Перај на хашките обвинители.

Никола Миќуновиќ бил командант на 113-от воено-територијален одред на ВЈ, Милован Ковачевиќ бил началник на полицијата во Ѓаковица, а Милан Котур, началник на пешадијата во командата на приштинскиот корпус.

Перај посочи дека разговарал со Миќуновиќ неколку дена пред масакрот, кој му рекол дека „долината Царагој (каде се наоѓаат Меја и Кореница) ќе плати многу висока цена“, за убиството на српските полицајци, од кои едниот му бил кум на Миќуновиќ.

Според Перај, по убиствата на полициските службеници, се одржала неформална средба во приватна куќа во Ѓаковица, во близина на касарната на ВJ. На состанокот присуствувале, Никола Миќуновиќ, Милован Ковачевиќ, Сергеј Перовиќ и Срето Ќамовиќ, како и други луѓе од различни единици кои тој не ги именуваше.

Срето Ќамовиќ бил шеф на ресорот за државна безбедност во Ѓаковица.

Присутен бил и Момир Стојановиќ, началник на отсекот за безбедност на приштинскиот корпус. На средбата, Перај го слушнал Стојановиќ, кој бил роднина на еден од полицајците убиени од ОВК, како дава наредба за операција во која треба да се елиминираат најмалку „100 глави“ и „сè да се запали“.

„Акцијата беше одобрена од Небојша Павковиќ, тогашен командант на 3-тата армија“, додаде Перај.

Небојша Павковиќ, лево, и Владимир Лазаревиќ, десно, во 2011 година присуствуваа на воена вежба во Пирот, Србија. Фото: Бета

Тој изјави дека операцијата била внимателно испланирана во Белград и со јасна цел. „Главната цел беше етнички да се исчисти овој дел (од Косово), со протерување во Албанија“, рече тој.

Во 2014 година, Хашкиот трибунал осуди пет високи офицери, за злосторства во Косово, вклучувајќи ги и убиствата во Меја и во Кореница – Небојша Павковиќ, командант на 3-тата армија на ВJ, Владимир Лазаревиќ, командант на приштинскиот корпус, Драгољlуб Ојданиќ, началник на Генералштабот на ВЈ, Сретен Лукиќ. началник на штабот на Министерството за внатрешни работи (МВР) за Косово и Властимир Ѓорѓевиќ, помошник министер за внатрешни работи.

Една година подоцна, за злосторствата во Меја и во Кореница, Интерпол издаде „црвена потерница“ за апсење на уште 17 лица. На списокот беа осомничени лица, веќе спомнати во сведочењата пред Хашкиот трибунал – Димитрије Рашовиќ, Предраг Стојановиќ, Момир Стојановиќ, Никола Миќуновиќ, Сретен Ќамовиќ и Живко Вуксановиќ.

Но, Интерпол откри уште 11 имињата на осомничени луѓе – Мухарем Ибрај, Мираш Геговиќ, Момчило Стијовиќ, Драган и Александар Пековиќ, Мишо Поповиќ, Лазар Драшковиќ, Зоран Мирковиќ и Момчило, Милутин и Миладин Новаковиќ.

Мухарем Ибрај тврдеше дека бил цивилен службеник за безбедност во неговото село, додека Лазар Драшковиќ и Предраг Стојановиќ биле на списокот на припадници на специјалната полициска единица, во полициската станица во Ѓаковица, во првите две недели од мај 1999 година. Овој список беше користен како доказ на судењето пред МКТЈ. Не се познати други детали за останатите лица кои се наоѓаа на потерницата на Интерпол.

„Како да паднала атомска бомба“

И други сведоци, припадници на ВЈ, потврдија дека настаните во Меја и во Кореница, биле дел од поширока кампања на етничко чистење, со протерување на Албанците од Косово.

Заштитениот сведок К-73, член на 52-от баталјон на воената полиција, на хашките обвинители им изјави дека во април 1999 година „командантот (на 52-от баталјон) Копања (Стево) ги собра офицерите и им даде инструкции да ја исчистат областа (Ѓаковица) од Албанците. Командантот Копања јасно стави до знаење дека сите албански цивили мора да бидат испратени кон Кореница, затоа што таму ги чекаат од МВР, со список на имиња на терористите (припадниците на ОВК)“.

„Тогаш ми стана јасно дека тоа е само параван и дека единствената цел на операцијата е да се исчистат селата. Не можев да замислам дека некој припадник на ОВК по своја волја ќе замине во Кореница, освен ако не бега пред нашите сили кои напредуваа“, додаде овој сведок.

Според него, во операциите била вклучена и 63-тата падобранска бригада на ВЈ, дел од 52-от баталјон на воената полиција и специјалната полициска единица.

Сведочеше уште еден заштитен сведок, К-90, поранешен воен полицаец, припадник на вториот баталјон на 549 моторизирана бригада.

„Кога ни наредија да го напуштиме селото за еден час, тоа изгледаше како во него да паднала атомска бомба. Некои војници поминуваа низ селото, и ограбуваа сѐ што не беше ограбено. Тие земаа работи што никогаш не ни замислувале дека ќе можат да ги однесат дома во Србија. Не го правеа тоа сите војници, само поединци“, рече К-90 пред МКТЈ.

Гробови на албанските жртви во Ѓаковица. Фото: Фред Абрахамс/ХРВ

Тој потврди дека убиствата на српските полицајци биле причина за нападите врз Маја и Кореница.

„Овој инцидент беше катализатор за масовно ангажирање на полицијата на тоа подрачје. Само неколку дена по инцидентот, околу 400 дополнителни полицајци пристигнаа во областа на Ѓаковица, во околу 10 автобуси и неколку цивилни возила. Во автомобилите имаше специјални полицајци и двајца Френкиевци (припадници на единицата за специјални операции) “, рече К-90.

Френкиевци го добија името по Франко Симатовиќ, наречен Френки, кој пред војната бил заменик началник на Службата за државна безбедност и командант на единицата за специјални операции.

К-90 бил и во Меја и во Кореница, каде го испратил неговиот командант, Влатко Вуковиќ, на кого тој му ги пријавил убиствата и протерувањето на цивилите.

Перај нагласи дека во целата операција биле вклучени околу 4.000 луѓе од Србија, вклучувајќи ги и припадниците на паравоената единица на Аркан.

„Антитерористичка“ операција без „терористи“

Од над 30 лица, за кои е наведено дека учествувале во убиствата и протерувањето во текот на воената операција Река, осум биле сведоци на одбраната на судењата на Слободан Милошевиќ и на неговите генерали.

Тие негираа дека во Меја и Кореница биле извршени воени злосторства и дека војската и полицијата ја спровеле операција Река, против, како што рекоа „шиптарските терористички сили“. Тие, исто така, негираа дека албанските цивили биле протерани од нивните домови и села.

Повеќето тврдеа дека ниту тие, ниту нивните единици, не биле во тоа време во именуваното подрачје. Повеќето изјавија дека ниту виделе, ниту убиле „терорист“, иако некои рекоа дека слушале како припадници на ОВК пукаат во српските сили.

Командантот на 52-та артилериска ракетна бригада на ВЈ, Милош Ѓошан, изјави дека, во време на инцидентот, сите негови борбени единици биле надвор од Ѓаковица и дека таму била само логистичката единица, со која командувал неговиот подреден, Златко Одак.

„Моите војници и офицери не видоа ниту еден терорист“, рече Ѓошан.

Златко Одак даде изјава пред Комисијата на ВЈ за соработка со Хашкиот трибунал, при што нагласи дека неговата единица „не учествувала во никакви борби со шиптарските терористички сили, ниту пак наишла на цивили“.

Влатко Вуковиќ, командант на 2-от моторизиран баталјон на 549-тата бригада, истакна оти еден ден пред масакрот, Вероjуб Живковиќ, началник на штабот на приштинскиот корпус, му наредил да ја блокира областа на Кореница „за да се спречи повлекување на шиптарските терористички сили кон Ѓаковица, преку реката Ереник кон Албанија“.

Вуковиќ пред судот тврдеше дека утрото, на 27 април, „терористички“ групи неколку пати пукале во српските сили и дека цивилите го напуштале тоа подрачје, но доброволно, дека ниту еден војник не ги присилил на тоа, ниту, пак, ги одвојувал мажите од останатите.

Саша Антиќ, командант на чета на 52-от баталјон на воената полиција, наведе дека неговата единица била распоредена во средината на април 1999 година, за да го „спречи движењето на терористите кон границата“, но оти таа не учествувала во никакви операции на 27 или 28 април.

Милан Котур, началник на пешадијата во командата на приштинскиот корпус, сведочеше дека операцијата Река ја водела полицијата на Ѓаковица, со помош на ВJ, со цел „елиминирање на терористичките сили“.

Но, тој додаде: „Јас не учествував во тоа“. Тој истакна дека тврдењето на Перај, оти тој, Никола Миќуновиќ и Милован Ковачевиќ биле „одговорни за Меја и Кореница и дека ја испланирале целата операција“, не е точно.

Транскрипт од сведочењето на Милан Котура пред МКТЈ, од 24 јануари 2006. Фото: Скриншот

Момир Стојановиќ, за кого Перај рече дека наредил елиминација на „100 глави“ за да се одмазди за убиствата на српските полицајци, истакна дека ова е „целосно неточно тврдење“.

Тој, исто така, пред Хашкиот трибунал истакна дека никогаш не присуствувал на наводната средба, на која бил испланиран нападот врз Меја и Кореница.

Сергеј Перовиќ, началник за безбедност во 52-та артилериска ракетна бригада на ВЈ, за кого Перај рече дека бил со него во Меја на 27 април кога ги видел телата, наведе оти тој всушност и не влегол во селото.

Тој негираше дека воопшто се одржал состанок на кој Стојановиќ рекол дека „100 глави“ треба да бидат елиминирани.

Горан Јевтовиќ, референт на истурено командно место на приштинскиот корпус, пред Хашкиот трибунал изјави: „Јас не бев во долината (каде беше спроведена операцијата), ниту директно бев вклучен во поглед на командата, ниту пак во некаква друга смисла“.

Неколку осомничени под истрага, ниту еден процесиран

Илустрација: БИРН

Ниту едно од лицата, кои се спомнуваат во изјавите на сведоците во Хашкиот трибунал, досега не било обвинето за учество во масакрите во Меја и во Кореница.

Српското обвинителство за воени злосторства (ОВЗ) започна истрага за инцидентите во Меја, Кореница и во пет други села во регионот на Ѓаковица. Од четворицата, за кои се водеше истрага, едно лице почина, додека за останатите истрагите беа суспендирани во 2019 година, „затоа што немало доволно докази за поднесување на обвинение“.

Од ОВЗ не ни одговорија на прашањето, за кого биле водени истраги, но српските медиуми објавија дека станува збор за Момир Стојановиќ, Сретен Ќамовиќ и Никола Миќуновиќ.

Што се однесува до отстранувањето на телата на жртвите и нивното повторно закопување во Белград, во ОВЗ е отворен случај против непознати сторители.

Во 2015 година, Специјалното обвинителство на Косово го обвини Сахит Халитај, Ром од Косово, за помагање во операцијата Река, за грабежи на куќи и тела на жртви убиени на контролниот пункт во Меја. Сепак, една година подоцна, обвинението беше повлечено.

Обвинителството не ни одговори на прашањето дали се води истрага за масакрот.

Амер Алија, од ФХП Косово, кој ги следи судењата за воени злосторства, вели дека од достапните докази, а врз основа на воената хиерархија на одговорност, би било лесно да се истражат наводните сторители.

„Идентификувани се најмалку 20 лица од десет единици, за чија улога во оваа операција треба да се поведе истрага“, вели Алија.