Омер и Тиџа Хасиќ, беа меѓу мноштвото цивили, чии тела беа пронајдени во две масовни гробници на депонијата Уборак и на гробиштата Сутина во Мостар, во јуни и август 1992 година.
На почетокот на летото 1992 година, многу Бошњаци и Хрвати, кои живееле во населбите надвор од Мостар, биле одведени од своите домови од страна на српски борци. Затворениците биле чувани во соблекувалните на фудбалскиот клуб „Локомотива“ во Врапчиќи, од каде што биле однесени на сослушување во објектите на градските гробишта Сутина, каде што, исто така, биле приведени.
Телата на 114 Бошњаци и Хрвати се пронајдени во две масовни гробници, но иако оттогаш поминаа речиси три децении, за нивните убиства, сѐ уште никој не е изведен пред лицето на правдата.
„Постојано пукаа“
Соседот на Хасиќ, Реџеп Каришик, го преживеал стрелањето во Уборак, во јуни 1992 година.
Каришик вели дека на 9 јуни 1992 година, бил донесен во соблекувалната на фудбалскиот клуб „Локомотива“, каде што веќе се наоѓале 32 Бошњаци, и оти слушнал дека претходниот ден, 40 хрватски цивили биле префрлени во Билеќа, заради размена на затвореници.
Тој додава дека во соблекувалната бил до ноќта меѓу 13 и 14 јуни, кога, заедно со неколку десетици затвореници, со комбе бил однесен во Уборак.
Кога комбето застанало и кога се отворила задната врата, почнало пукањето, се сеќава Каришик. „Постојано пукаа, прашувајќи:„ Има ли уште? ‘Има’, им реков. ‘Излези’. Не можам. Не можам, паднав“, раскажува тој.
Од страв, Каришик бил како скаменет: „Гледам како убиваат таму, паднав на колена. Станав двапати, трипати. Убиј ме овде, не можам да излезам“, ја опишува Каришик ноќта на Уборак.
Тој вели дека потоа го однеле во зградата на гробиштата Сутина, каде што со лисици го врзале за радијатор. Раскажува оти ноќта успеал да ги пресече лисиците, па избегал низ прозорецот кон селото Добриќ и на тој начин се спасил.
Ибро Јапалак од Бијело Поље ја немал таа среќа. Неговата вдовица, Фата, вели дека еден ден кај неа дошле војници. Барале оружје и ги пребарале сите соби. Кога го нашле ременот на нејзиниот сопруг Ибро, тие му го ставиле околу вратот.
„Му го ставија ременот околу вратот. Двајца стојат, а третиот го држи ременот“, раскажува таа.
„Го затегаа колку што им беше волја, а тој целиот помодре. По некое време го избркаа. Влезе да се обуе, се фати за чевелот и еден од нив го клоцна, не му дозволија ниту да се обуе“, наведува Фата.
Тогаш таа за последен пат го видела својот сопруг. Подоцна дознала дека го однеле во Уборак, а кога му го пронашле телото, немала сила да оди и да го идентификува.
„Ги закопувале со багери“
Инспекторите, Хусо Мехремиќ и Дражен Пажин, во средината на јуни 1992 година, работеле на ексхумацијата на масовната гробница на гробиштата Сутина.
Пажин вели дека за убиствата и гробницата дознале од момче, на возраст од 14 или 15 години, кое го преживеало стрелањето, криејќи се неколку дена во грмушки покрај реката Неретва.
„Кога српските единици почнаа да се повлекуваат, тој излезе и така луѓето дознаа за злосторството. Веднаш отидовме на местото на злосторството“, се сеќава тој.
„Беше ископан поширок простор, за да видиме дали ќе најдеме уште некого, но очигледно тие ги закопувале со багери, најверојатно ги донеле со камиони и ги ставиле телата на едно место“, истакнува Пажин.
Кон крајот на август 1992 година, во Уборак биле ексхумирани тела на уште 88 жртви. Пажин вели дека ископувањата на овој терен биле тешки, затоа што цело време биле гранатирани од позициите на Југословенската народна армија (ЈНА).
Во тој период, како што вели, тој поднел кривична пријава. Од Обвинителството на Херцеговско-Неретванскиот Кантон (ХНК), за БИРН нагласуваат дека случајот го презело државното обвинителство. Од Обвинителството на БиХ не сакаа да зборуваат за напредокот на истрагата, ниту да одговорат на прашањето дали ќе бидат поднесени обвиненија против одговорните.
Преживеаните и семејствата на жртвите велат дека ги знаат сторителите и налогодавците на ова злосторство. Судскиот совет на Хашкиот трибунал, во пресудата што му беше изречена на лидерот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, констатираше дека во април и јуни 1992 година, припадниците на локалната територијална одбрана, паравоени формации и „шешељевци“, мачеле и сурово постапувале со затворениците на депонијата Уборак, на градските гробишта Сутина и на фудбалскиот стадион во Врапчиќи.
Според Хасиќ, многу сведоци, веднаш по војната, дале изјави, но сѐ уште чекаат да видат дали овие злосторства ќе бидат гонети.
„Поминаа речиси 30 години од злосторствата во Уборак и Сутина, а сторителите и нивните налогодавци, сѐ уште не се изведени пред лицето на правдата“, нагласува тој.
„Доколку се покрене обвинение и вистинските сторители и налогодавци на ова злосторство бидат изведени пред лицето на правдата и доколку се процесираат и осудат, тоа би било само мала сатисфакција за семејствата на жртвите, за да го продолжат својот живот без своите најмили. Барем би знаеле дека оние што ги одзедоа животите на нашите сакани, се соодветно казнети“, заклучува Хасиќ.