Истражувањa

Медиумско-политички мануфактури со народни пари

Моделот државата да плаќа за изборните реклами го поттикнува клиентелизмот на релација партии и медиуми

Портали водени од човек близок до ДУИ го собрале кајмакот од државноплатените изборни реклами во интернет-просторот на последните избори лани во октомври, открива БИРН.

Овој случај ги илустрира ефектите од моделот воведен во 2018 година, државата во име на партиите да ги плаќа изборните реклами, што според еснафот и критичарите има сериозни недостатоци што го поттикнуваат и го негуваат клиентелизмот на релација партии и медиуми.

Рами Мислими работи во Општина Тетово и паралелно „турка“ новинарска кариера преку порталот tetovasot.com. Вработен е во 2012 година, а од доаѓањето на новиот градоначалник Биљал Касами од Беса, Мислими бил на боледување, а сега побарал неплатено отсуство.

Четирите портали во предизборието објавувале банери само на ДУИ и за услугата од државата – а во име на партијата ја добиле максималната сума од 15.000 евра плус ДДВ

Освен tetovasot.com, фирмата со исто име „Тетова-сот медиа“ обединува уште три портали – bild.mk, indeks.mk и ts.mk. Компанијата формално е на име на братот на Реми, Тефик, меѓутоа во новинарската заедница тој е познат како „новинар и сопственик на порталот Тетова-сот“.

Четирите портали во предизборието објавувале банери само на ДУИ и за услугата од државата – а во име на партијата ја добиле максималната сума од 15.000 евра плус ДДВ, односно фирмата „Тетова-сот медиа“ вкупно инкасирала 70.600 евра.

Ниту едно правно лице што управува информативен веб-портал или портали не добило ни приближна сума од изборниот буџет. Четирите сајта на семејството Мислими се единствените што ја добиле максималната сума за партиско рекламирање на сајтови.

Порталите обединети под фирмата „Тетовасот-медиа“ | Монтажа: БИРН

Рами Мислими не ја крие наклонетоста кон владејачката партија од Мала Речица. Тој на својот фејсбук-профил објавува фотографии со Али Ахмети и со министри на ДУИ, но и исмева политичари, како Арбен Таравари, генсекот на опозициската Алијанса за Албанците.

„Ја затвораме 2021 со оваа фотографија, a 2022 ќе биде добра година за Албанците секаде“, напишал Мислими во постот под кој ја објавил фотографијата на која е заедно со лидерот на ДУИ.

Рами Мислими работи во Општина Тетово и паралелно „турка“ новинарска кариера преку порталот tetovasot.com

Мислими е човекот што во 2018 година, Артан Груби, како пратеник на ДУИ, го предложи за член на комисијата што ја доделува државната награда за новинарство и публицистика – Мито Хаџи Василев Јасмин.

Во 2018 година, Порталб МК објави дека членувањето на Мислими во комисијата за доделување на државната награда Мито Хаџивасилев Јасмин е резултат на интервенција на Артан Груби. Според овој извор, иницијално Мислими не бил на листата предложена од Министерството за култура, меѓутоа Груби го искористил пратеничкото право да го предложи наместо новинарот што бил сугестија на министерството.

Медиумите што ги води Рами Мислими се наклонети кон интегративците и посебно критични кон опозицијата во албанскиот политички блок, најмногу кон Алијансата за Албанците.

Рами Мислими со Али Ахмети | Фото: Фејсбук

Тие се од општ информативен карактер – објавуваат дневни вести, понекогаш имаат и идентични текстови, а само tetovasot.com има импресум од петмина новинари. Интересно е дека bild.mk е целосно на македонски јазик.

Со четирите портали не се заокружува изборно-медиумската приказна на семејството Мислими. Вториот брат на Рами Мислими, Насер ги води порталите albazone.mk и lajmi.mk преку здружението Албазоне медиа.

Ова здружение од ДУИ за изборите наплатилo речиси 5.000 евра за банерите објавувани на albazone.mk и 2.000 евра од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива за реклами објавувани на lajmi.mk.

БИРН го контактираше Рами Мислими во врска со наводите во овој текст, меѓутоа тој не одговори на нашите прашања.

Друга групација на медиуми, обединети од фирмата „Боулевард“ на стружанецот Албрим Хоџа во интернет-просторот се на второто место по приходот од изборите. На порталите in7.tv, vatra.mk, voxgostivari.mk, voxstruga.mk и strugalajm.com се рекламирала само коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива за таа услуга вкупно им платила околу 34.000 евра.

Локалните избори од октомври беа третите на кои државата, преку Државната изборна комисија, им ги покриваше трошоците на партиите за рекламирање во медиумите

Албрим Хоџа во 2013 година бил портпарол на струшкиот огранок на ДПА, кој подоцна практично прерасна во посебна партија – Алијанса за Албанците, а кога со Општина Струга раководеше Зијадин Села – сегашниот лидер на Алијанса, Хоџа бил вработен во општината.

Хоџа за БИРН вели дека од овие медиуми само In7.tv e негов портал.

„Многу од нашите колеги не се во можност да работат со сопствени фирми и немаат можност да аплицираат за политичко рекламирање во ДИК. Како знак на колегијалност и меѓусебно разбирање, повеќе колеги и електронски портали одлучивме да работиме под една фирма со која и сме аплицирале, но сите портали имаат своја уредувачка политика, независно од другите. Целата постапка е законска, вклучувајќи ги и сите наши обврски кон државните институции.“

Албрим Хоџа тврди дека поранешниот ангажман во Општина Струга не влијае врз неговата работа како новинар.

„Од почеток сме дел од Советот за етика во медиумите на Македонија и регистарот на професионални медиуми, а досега не сме имале ниту еден случај што би ја ставил под прашање нашата објективност и уредувачката политика.“

Сајтовите обединети под фирмата „Боулевард“ | Монтажа: БИРН

Од порталите обединети околу „Боулевард“, само неговиот in7.tv има импресум.

И во македонскиот дел од јавноста има случаи на партиско-медиумска симбиоза и за тоа е досега често пишувано, меѓутоа станува збор за соработки што ја чинеле државата далеку помалку пари. Како за илустрација – порталот Република МК, кој е отворен поддржувач на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, на овие избори инкасирал нешто повеќе од 11.000 евра.

Локалните избори од октомври беа третите на кои државата, преку Државната изборна комисија, им ги покриваше трошоците на партиите за рекламирање во медиумите.

Единствениот критериум е дека еден портал може да добие најмногу 15.000 евра без ДДВ од една партија, иако не е забрането едно правно лице со повеќе портали да добие онолку максимални суми колку што има сајтови

Експертската јавност и новинарскиот еснаф преку ЗНМ беа против овој модел.

Тие велат дека тој им овозможува на партиите да алоцираат пари кај медиумите што се нивни поддржувачи, кои, пак, можат да возвратат со начинот на известување во нивна полза.

Оваа партиско-медиумска симбиоза е возможна бидејќи не се изградија критериуми како да се распределуваат парите.

Единствениот критериум е дека еден портал може да добие најмногу 15.000 евра без ДДВ од една партија, иако не е забрането едно правно лице со повеќе портали да добие онолку максимални суми колку што има сајтови.

Како што впрочем се случило и со медиумите на Рами Мислими и партијата ДУИ.