Анализи

Метаподатоци: Се бара решение за законот што овозможува масовно следење

Големи дупки во заштитата на приватноста

Дали државата треба да има пристап до сите податоци за тоа кој со кого разговарал телефонски, на кој датум и колку време, за да ги заштити граѓаните од криминал и од тероризам? Прашањето за тоа каде завршува приватноста на комуникациите, а каде почнува борбата за поголема безбедност е една од вечните дилеми во врска со следењето на електронските комуникации.

Во последните шест месеци, со таква дилема се соочени Уставниот суд, Собранието и Владата преку Министерството за дигитална трансформација, а се однесува на задржувањето на т.н. метаподатоци од комуникациите на граѓаните и пристапот на безбедносните служби до нив.

На крајот од септември минатата година, Уставниот суд одлучи да поведе постапка за три члена од Законот за електронски комуникации, бидејќи оцени дека навлегуваат во правата на почитување на приватниот живот, неповредливоста на комуникациите и тајноста на личните податоци. Според наодите на судот, недоволната прецизност на законските одредби ја отворале вратата за неселективно задржување на податоците за комуникацијата на кој било граѓанин, неограничено време.

Судот, сепак, не ги укина трите законски членови бидејќи, како што беше образложено, тоа ќе создадело правен вакуум и ќе им оневозможело на безбедносните служби пристап до какви било податоци, дури и до оние потребни за борбата против криминалот и тероризмот. Наместо тоа, Уставниот суд даде рок од шест месеци за Собранието да усвои законски измени со кои ќе се прецизира пристапот и користењето на метаподатоците.

Тој рок истече во средината на април. Собранието не ги усвои овие законски измени, иако двапати го менуваше Законот за електронски комуникации, главно за да ги замени зборовите „Министерство за информатичко општество и администрација“ со „Министерство за дигитална трансформација“, како што гласи новото име на надлежната институција што управува со овој ресор. Во меѓувреме, ова Министерство подготви целосно нов нацрт-закон и го постави на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР). Во него, трите члена што Уставниот суд ги оспори се препишани до точка од стариот закон.

Што значи задржувањето на метаподатоците

Уставните судии ја образложија постапката | Фото: Уставен суд

За разлика од т.н. посебни истражни мерки (ПИМ-мерки), кои подразбираат прислушување телефонски уреди, читање пораки и други методи, метаподатоците не ја откриваат содржината на комуникацијата, односно со нивната обработка не може да се види за што зборувале одредени лица.

Но, и со нив може да се дознаат многу детали, на пример кои два телефонски броја комуницирале, на кој датум, во колку часот, од кои локации итн. Со нив се открива и од која локација некој се поврзал на интернет, кои страници ги посетувал, кои социјални мрежи ги користел и друго.

Како што наведува судот во своето соопштение од септември минатата година, преку анализа на овие податоци може да се дојде до „мошне прецизни заклучоци за приватниот живот на лицата, вклучително местото на живеење, дневните активности и навики, податоци за нивното движење, кругот на лица со кои остваруваат контакти и слично.“

Има уште неколку важни разлики меѓу ПИМ-мерките и проверката на метаподатоците. Првите ги собираат полициските, безбедносните и други истражни служби, а за тоа им е потребен судски налог и мора да докажат дека има потреба да се следи некој граѓанин. Вторите ги чуваат самите телекомуникациски оператори и до нив се пристапува многу послободно и неселективно.

Затоа судот изразил сомнеж дека законското решение овозможува „обемно и масовно вмешување од страна на државата во приватниот живот на граѓаните.“

Телекомуникациските оператори ги чуваат метаподатоците за секој претплатник 12 месеци, што според објаснувањето на судот е законски утврден рок за задржување податоци, со исклучок на оние податоци до кои било пристапено и биле зачувани. Тој исклучок, како што се објаснува во одлуката од Уставен, овозможува неограничено чување податоци, без тие да бидат уништени.

Уставот предвидува можност слободата и приватноста на комуникациите да се наруши ако тоа е неопходно заради откривање или спречување кривични дела, но од судот оцениле дека ова законско решение, кое постои уште од 2014 година, овозможува чување на податоците за неограничен број лица во неограничено време.

Затоа тие велат дека треба да се допрецизира природата и тежината на кривичните дела за кои може да се пристапи до метаподатоците.

„Непредвидувањето на овие ограничувачки услови за пристап до задржаните податоци значи дека е оставен широк простор за слободно толкување и арбитрерна примена на законот, што создава опасност од злоупотреба на задржаните податоци за други потреби, а не за остварување на легитимните цели утврдени со Уставот“, се вели во објаснувањето.

Сѐ уште има ризик од правен вакуум

Во новиот нацрт-Закон за електронски комуникации се препишани спорните членови од стариот | Фото: архива на БИРН

Шестмесечниот рок за да се исправат недостатоците помина и се очекува Уставниот суд на некоја од следните седници да се врати на ова прашање и да донесе одлука во врска со спорните членови од Законот за електронски комуникации.

Од судот, за БИРН, рекоа дека ако нема никаков одговор од Собранието, ќе постапат според сопствените акти.

Бидејќи Уставниот суд може само да поништува или да укинува закони и нивни членови, а не да ја менува нивната содржина, укинувањето на овие три члена би значело дека ниту телефонските оператори ќе имаат право и обврска да ги задржуваат метаподатоците за ограничен период, ниту безбедносните служби ќе можат да пристапат до такви податоци дури и ако им се потребни за спречување криминални дејства или терористички напади.

БИРН се обрати и до Министерството за дигитална трансформација со прашања зошто, кога веќе подготвуваат целосно нов закон, не ги зеле предвид забелешките од Уставниот суд.

Оттаму одговорија дека нацрт-законот го подготвиле според анализите за усогласеност на македонскиот закон со Европскиот законик за електронски комуникации, но дека во меѓувреме биле информирани за решението од судот и ќе го земат предвид кога ќе ја изработуваат конечната верзија.

„Министерството активно и внимателно работи на регулирање на овие одредби од законот во кои ќе биде адресирано решението на Уставниот суд, имајќи ја во вид сериозноста и чувствителноста на целата постапка. Очекуваме дека со финалниот предлог на Законот за електронските комуникации, овие прашања ќе бидат адресирани“, рекоа од Министерството.

Засега останува прашањето кој ќе биде побрз – дали Уставниот суд прв ќе ја донесе својата одлука да ги укине спорните членови и со тоа да ги ограничи безбедносните служби во својата работа или Министерството ќе подготви конечна верзија на законот што ќе биде усвоена во Собранието и со која ќе се спречи неселективното чување податоци.

Дилеми и во Европа

Судот на правдата на ЕУ го забранил неселективното чување метаподатоци | Фото: Суд на правдата на ЕУ

Искуствата од Европската Унија и нејзините земји-членки покажуваат дека и таму не е секогаш јасна линијата меѓу потребата да се чуваат метаподатоците заради истраги и борба против криминалот, и заштитата на приватноста на граѓаните.

Со директива од 2006 година е воведено правило да се чуваат податоците од телефонските оператори најмалку шест, а најмногу 24 месеци, и потоа да се избришат. Сите земји-членки имаат правила за чување во оваа временска рамка. Но, во врска со тоа за што сѐ може да се пристапи до овие податоци, од кои институции и на кој начин, има дилеми што завршуваат на суд.

Во 2020 година, Европскиот суд на правдата донесе одлука според која се забранува државите-членки на ЕУ да бараат од телефонските оператори целосно и неселективно да ги чуваат податоците за сите корисници. Во соопштението што судот го издал по оваа одлука се вели дека, за да се одговори на загриженоста од некои земји дека со ова им се оневозможува чувањето на националната безбедност, се дозволува со националните закони да се утврди кога и како може да се пристапи до овие податоци. Сепак, мора да се води сметка и тоа да се прави само ако е неопходно.