До пред неколку месеци, името на Амар Мециновиќ ретко се спомнуваше надвор од левичарските кругови и информираната политичка јавност. За пошироката публика, неговата четиригодишна кариера на јавни позиции, прво како советник во Град Скопје, а потоа и како пратеник, минуваше речиси незабележано. Тој беше фигура во сенка – дел од тимот, но не и неговото лице.
Затоа што синоним за Левица беше Димитар Апасиев, со своите антагонизирачки настапи, кои често се обременети со идеологија и тешка реторика. На сличен начин, со напади, навреди и инциденти во парламентот настапуваше и неговиот сопартиец Борислав Крмов, зацврстувајќи ја таквата перцепција за партијата.
Мециновиќ сега ја предизвикува таа слика за Левица.
Со автентичен настап и нетипична комуникација во кампањата, не само од онаа досега позната за Левица, туку и за другите партии, успеа да се пробие на политичката сцена и да допре до пошироката јавност. Да стане препознатлив колку и неговиот лидер Апасиев.
Идејата тој да биде кандидат, како што вели и самиот, била на лидерот. Успеа да стигне до вториот круг и попатно зад себе ги остави кандидатите на политички поискусната СДСМ и на владиниот коалициски партнер ВЛЕН.
В недела ќе се соочи со Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој во првиот круг доби околу 61 илјада гласови повеќе.
Марксист со почит кон Сандерс

Мециновиќ Левица ја гледа како демократско-социјалистичка партија | Фото: БИРН
Мециновиќ припаѓа на поновата генерација во Левица, онаа што не била сведок ниту на нејзиното основање во 2015 година, а не била на високи позиции ниту во периодот на внатрешните пресметки четири години подоцна, кога дел од основачите заминаа и следуваа судски спорови и идеолошки расправии со Апасиев.
Некои од нив, со кои разговараше БИРН, велат дека тогашниот студент од Чаир не бил дел од тие случувања.
Денес, 29-годишниот Мециновиќ, многумина го доживуваат како новото лице на партијата, која себеси по расколот статутарно се дефинираше како „социјалистичка, левопатриотска и антиимперијалистичка.“
На директното прашање на БИРН, пак, како тој ја гледа партијата што го кандидираше вели – како демократско-социјалистичка.“
„Демократска затоа што игра според правилата на демократијата, а социјалистичка затоа што сака да ги промени економските односи во општеството.“
Неговата политичка приказна почнува во мултиетничка средина, каде што, како што раскажува, уште во детството видел колку талент може да остане неостварен кога семејството нема пари да го поттикне. Тие искуства, вели, ја зацврстиле неговата верба во идејата за еднакви шанси.
Сега Мециновиќ се опишува како марксист, или, како што вели, „колективист наспроти индивидуалист.“
Но, неговата идеолошка рамка не е затворена во класичните поими на левицата од минатиот век. Со интерес ги следи современите движења и не ги крие симпатиите кон американскиот сенатор Берни Сандерс, кого го смета за пример на политичар што го врати социјализмот во јавниот речник.
„Тој човек го нормализираше зборот социјализам. Пред 2016 година, тоа беше пежоратив. Никој не го гледаше на позитивен начин.“
Инспирација во Мамдани

Кампањата ја осмислил ПР тимот на Левица | Фото: Фејсбук на Левица
Според официјалната биографија, Мециновиќ првпат добива јавна функција во 2021 година, како советник во Град Скопје. Три години подоцна е избран за член на президиумот, извршното тело на партијата, а потоа истата година и за пратеник.
Недипломинираниот политиколог пред осум години, како студент на трета година ја добива првата награда на ораторските вечери на матичниот Правен факултет.
Доколку се разгледа архивата на партиските социјални мрежи, може да се најдат многу собраниски говори на Мециновиќ и обраќања во Советот на град Скопје. Од нив се забележува дека тој е жесток говорник и оратор, но и дека и порано имал поинаков пристап од Апасиев.
„Сметам дека досега не сум навредил никого. Јас навистина имам замисла дека конечно политиката треба да дејствува како да не е севишна, како да не е семоќна.“
Претходно, пак, беше шеф на пиар-тимот на Левица и портпарол.
Токму тоа искуство станува клучно во последната кампања, во која Левица се претстави поинаку од кога било досега. Без мрачни сцени, закани, без гнев и апокалиптични пораки.
Кампањата, како што вели, била заедничко дело на партискиот пиар-тим, кој далеку пред тој да стане кандидат, кроел нова стратегија за пристап. Поради тоа им било и лесно, идејата и концептот ги имале, а единствено ангажирале видеопродукција за реализација.
Промената во пристапот не остана незабележана. Некои, неговиот пристап го споредуваат со оној на американскиот политичар Зохран Мамдани, млад социјалист, кој периодов ја води својата кампања за градоначалник на Њујорк.
„Најверојатно и ќе победи“, со возбуда вели Мециновиќ, кој нагласува дека не само маркетиншки, туку и идеолошки му е близок американскиот политичар.
„Мамдани покажа дека левицата може да изгледа победнички, дека не мора постојано да биде патетична“, објаснува Мециновиќ.
Во текот на разговорот со БИРН минатата недела, тој неколку пати нагласи дека Левица поминувала и досега низ различни фази на развој и дека се подготвени да го сменат пристапот.
„Она што гласачите го видоа сега е нешто што мислевме дека треба да го направиме. Ако има позитивни резултати, ќе продолжиме во таа насока. Ништо не е врежано во камен.“
И лидерот на партијата, Апасиев има свое објаснување за овој „мек пресврт.“ Деновиве, во интервју, рече дека настапиле по принципот „добар и лош цајкан.“
„Јас бев лошиот, Амар беше добриот. Јас ги кажував тешките работи, тој ги носеше убавите пораки за надеж.“
Апасиев, пак, во препознатлив стил, се појави со спот пред изборниот молк во првиот круг, кој многумина го толкуваа како потсетник за тоа која е, всушност, Левица и кој е тука главен.
Пристапот кон градот

„Нашата судбина е врзана со онаа на Европската Унија” | Фото: БИРН
Програмата на Мециновиќ за Скопје предвидува неколку покрупни инфраструктурни зафати – подигната железница, како решение за јавниот превоз, нови водоснабдителни капацитети, улици и булевари. За поголемите и поскапи проекти планира да бара пари од европските фондови.
Оваа заложба звучи невообичаено за партија што често била перцепирана како антиевропска, особено поради симпатиите кон Русија.
И сега, сигналите се измешани. Веднаш по неговото влегување во вториот круг, честитка пристигна од српската револуционерна народна партија „Фронт“, која им посака успех на „другарите што се борат против посилниот ЕУ/НАТО непријател.“ Пораката бргу беше пренесена на неколку локални левичарски портали.
Мециновиќ, сепак, настојува да постави поинаков тон и објаснува зошто сака Македонија да влезе во Европската Унија.
„Нашата судбина е врзана со онаа на Унијата. Тоа се нашите најголеми трговски партнери, таму имаме најмногу дипломатски усогласувања. Би сакал македонскиот народ да може да избере свои претставници во европскиот парламент, кои ќе го креваат гласот на македонскиот граѓанин.“
За разлика од неговиот противкандидат Ѓорѓиевски, кој ветува брзи решенија за чистење на градот или, пак, пуштање сообраќајници во конкретни рокови, Мециновиќ повеќе зборува за идеи и за концепти.
На пример, на прашањето што ќе направи тој за 72 часа, ако Ѓорѓиевски ветува дека за толку ќе го исчисти градот, вели дека прво ќе се сретне со работниците и со синдикатите.
„Не смееме да западнеме во замката дека ќе се појави некој супермен, кој нам одеднаш ќе ни го исчисти градот. Нашиот град го одржуваат работници што секојдневно излегуваат и треба да ги чистат улиците и контејнерите и не можеме како граѓани да очекуваме брилијантни резултати од претпријатија што се пред крах“.
И додека речиси никој не очекува голем пресврт во вториот круг на изборите и за сигурен победник се смета Ѓорѓиевски, доколку Мециновиќ освои значителен број гласови, тоа неминовно ќе отвори прашања дали Левица има потенцијал да израсне во посериозна опозициска сила.
„Конечно е пукната браната на големите партии. Во вториот круг имаат противкандидат за кој не можат да кажат еве вие ова направивте, вие она направивте…Нема криминали, нема корупција…“, вели Мециновиќ.
Во тој контекст, тој ја толкува кампањата на социјалните мрежи во последниве денови, по резултатот од првиот круг, во која против него се пласираат различни сериозни обвинувања.
„Нашиот правен тим ќе постапи со сите механизми за овие наводи. Но, тоа воопшто не ме обесхрабрува затоа што кога го немаат својот типичен политички противник СДСМ во рингот, тогаш мора да се служат со фабрикации“, вели Мециновиќ.

