Хелсиншкиот комитет за човекови права вторпат ќе бара влез во центарот за странци во Гази Баба по дојавите дека мигранти штрајкуваат со глад. Идниот месец Македонија ќе треба да даде одговори пред Комитетот против тортура на Обединетите нации за субстандардните услови во кои живеат мигрантите
Двајца мигранти од Сирија кои во моментов се сместени во Прифатниот центар за странци во Гази Баба повеќе од 10 дена штрајкуваат со глад, дознава БИРН.
Станува збор за лица кои бегајќи од воените конфликти во Сирија биле фатени на границата меѓу Македонија и Србија. Нивните блиски, според изворите на БИРН, со денови се обидуваат да стапат во контакт со надлежните организации во земјава за да дознаат што се случува.
Од Хелсиншкиот комитет за човекови права велат дека и тие имаат дојава за штрајк со глад и дека утре ќе поднесат барање за посета на Прифатниот центар за странци – место кое досега беше изложено на најжестоки критики од бројни меѓународни организации поради субстандардните услови за живот.
Но, она што навистина се случува во Прифатниот центар за центар малкумина го знаат – само надлежните од МВР и бегалците кои се принудени да останат таму, додека властите не одлучат поинаку. Влезот во Прифатниот центар беше одбиен за Хелсиншкиот комитет, Амнести Интернешнл, како и за германската невладина организација „Про Азил“, која центарот во Гази Баба го оцени како „затворска установа“.
Токму од овие причини, тешко е да се дознаат детали за тоа какви се условите внатре. Единствените информации можат да стигнат од нивните семејства со кои бегалците контактираат, па понатаму веста се шири преку медиумите и невладините организации, на кои влезот во Гази Баба им е затворен. И така, отпаѓа секоја можност да се помогне или да се влијае за подобрување на условите.
„Штрајкови со глад имало често. Во случајов, немаме таква информација дека некој штрајкува со глад. На крајот на краиштата, никој не може да издржи толку долго без храна“, вели Иво Котевски, портпарол на МВР.
И додека сето ова се случува зад затворените врати на Прифатниот центар, се стравува дека во наредниов период Македонија ќе се соочи со прилив на уште поголем број мигранти од Сирија, Авганистан и од афричките земји.
„Во пролет рапидно се зголемува нивниот број. Тогаш временските услови се попогодни за мигрантите да можат да го изодат патот до европските држави“, вели Воислав Стојановски, правен советник од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Македонија на отчет пред Комитетот против тортура
На 4 мај годинава Македонија ќе треба да даде извештај пред Комитетот против тортура на Обединетите нации, за тоа што е постигнато во последниве четири години и дали била имплементирана Конвенцијата против тортура и друго сурово, нечовечно и деградирачко постапување или казнување од страна на државите членки. Од македонска страна ќе присуствува делегација од вработени во министерствата за надворешни и внатрешни работи, како и претставници од невладини организации.
„Тогаш ќе се отвори и прашањето за третманот на мигрантите во Гази Баба“, вели Стојановски.
Во правилникот за куќниот ред на Прифатниот центар за странци на МВР стои дека на мигрантите им се дава чиста облека, чиста постелнина, па дури и козметички комплет со средства за лична хигиена. Мигрантите, според правилникот, имаат право да излезат во кругот на центарот два пати дневно, и тоа во присуство на полициски службеник. Но, она што на терен го утврдил Народниот правобранител во ноември минатата година, покажува дека овој правилник најверојатно функционира само на хартија.
„При посетата беа добиени поплаки за нехумано постапување кон илегалните мигранти, односно употреба на сила во случаи кога нема основаност. Како проблем беше истакнато и недоволното количество на храна, како и необезбедувањето адекватна гардероба која одговара на временските прилики, имајќи во предвид дека греењето не функционираше за време на посетата“, се вели во извештајот.
На посетата која била направена претходно, исто така било утврдено дека на мигрантите не им се дозволува да прошетаат два пати во текот на денот, бидејќи објектот не е безбедносно заграден и нема доволно простор.
До Хелсиншкиот комитет досега имаат пристигнато 17 поплаки за условите, тортурата и ограничената слобода на бегалците.
„Во еден од случаите дојде лице чии осум пријатели беа во Прифатниот центар. Само тој беше пуштен во центарот за азиланти во Визбегово. Ни се пожали дека неговите пријатели живеат во нехумани услови и веднаш побаравме влез во центарот. Ни одобрија, но веднаш потоа осумте лица беа пуштени од Гази Баба и пратени во Визбегово, па така немавме шанса да ги видиме условите каде што се сместени“, вели Стојановски.
Наспроти ова, од МВР тврдат дека ниту Македонија нема корист од тоа мигрантите да престојуваат во центарот долго, бидејќи државата троши пари за време на нивниот престој, кој може да трае најдолго една година.
Сепак, голем дел од мигрантите се јавуваат како сведоци во кривични постапки. Има лица кои за ситни пари се обврзуваат да им помогнат да ја преминат границата и да заминат кон европските држави. Доколку бидат фатени, на криумчарите им се закануваат затворски казни од минимум четири години.
Додека трае судската постапка, мигрантите, како сведоци, остануваат во Прифатниот центар, нешто што Стојановски го смета за небулозно.
„Неприфатливо е да им се ограничи слободата само затоа што тие лица се јавуваат како сведоци во кривични постапки за криумчарење“.
Поради овие причини, штрајк со глад во Прифатниот центар имаше во 2012 година. Незадоволни од тоа што судот бавно ги решавал случаите и што тие долго време биле држени во центарот, тие одбиле да го примат оброкот.
Во 2013 година десетина мигранти одбиле да конзумираат храна и им сугерирале и на останатите да го направат истото. Тука настанала тепачка, се фрлале столици, а со интервенција на полициските службеници, двете групи биле раздвоени.
Тринаесет мигранти загинаа на железничките пруги
БИРН пред неколку месеци разговараше со Мустафа Сафи, 28-годишниот Сириец што го затекнавме пред Прифатниот центар за азиланти во Визбегово. Тој на лош англиски јазик ни раскажа за лошите услови во Центарот за странци каде што престојувал месец и половина.
„Таму – лошо. Многу лошо. Немаше облека, ништо… Мои пријатели и по 7 месеци се во Гази Баба. Јас бев таму месец и пол и потоа бев префрлен тука“, ни рече Мустафа, кој имаше идентификациска карта како доказ дека е барател на азил во Македонија.
Оваа карта, според познавачите, мигрантите ја користат само за да можат да излезат од Гази Баба, а потоа да го продолжат патот кон ветените земји, како Германија, Италија или Шведска. Патуваат со воз или одат пеш, преку нелегални премини. Некогаш стигнуваат до посакувана дестинација, а некогаш со месеци остануваат затворени во прифатните центри додека не им се најде решение – или азил или пак депортирање од земјата каде што дошле.
Искуството покажува дека откако ќе стапат со нивните блиски, мигрантите повторно се обидуваат да го продолжат патот. Во Македонија речиси никој не останува.
Но, не сите ја имаат таа среќа да стигнат до посакуваната дестинација или пак макар и до прифатните центри. Тринаесет мигранти од Сирија и Авганистан во последнава половина година беа прегазени на железничките пруги во Македонија. Најмладата жртва имаше само 45 дена – бебето загина заедно со неговиот татко.
Излегуваат од едно зло, влегуваат во друго
Со наслов „Ургентна акција“, меѓународната организација „Амнести Интернешнл“ во февруари годинава упати сериозен апел до македонските надлежни институции за решавање на проблемот со условите во кои се сместени мигрантите во Гази Баба.
„ Примивме директни и индиректни претставки за деградирачките услови во Гази Баба. Сведоштвата од поранешни затвореници и фотографските докази потврдуваат дека условите во преполнетиот центар се крајно несооветни. Луѓето во некои случаи спијат на под, а пристапот до хигиена и здравствена заштита е крајно ограничен. Долгиот период што го поминуваат таму се сведува на нечовечко и понижувачко постапување. Ваквиот притвор за бегалците, баратели на азил и мигрантите е незаконско“, се вели во соопштението на „Амнести Интернешнл“.
Прифатниот центар во Гази Баба има простор за сместување на 120 до 150 лица. Според МВР, таму се сместени околу 200 лица, а податоците од Хелсиншкиот комитет покажуваат дека станува збор за многу поголема бројка, од околу 300 лица. Меѓу нив има и малолетни деца, без придружба. При последната посета на тимот од Одделението за превенција на тортура при Народниот правобранител имало 264 лица, од кои 17 биле малолетни, без родители.
„Замислете, тие деца не знаат да зборуваат англиски јазик, немаат никаква документација со нив, а седат во прифатниот центар со месеци. Таквите трауми никогаш нема да се излечат“, велат од Хелсиншкиот комитет.
Дополнително, Парламентарното собрание на Совет на Европа со резолуцијата од ноември минатата година, препорача да се „спречи задржувањето и лишувањето од слобода на деца илегални мигранти и да се изнајдат алтернативни модели за престој кои ќе бидат во насока на најдобриот интерес на децата“.
Извештајот на германската невладина организација „Про Азил“ дополнително ја крена на нозе меѓународната јавност за она што се случува во Прифатниот центар за странци во Гази Баба.
Нивниот истражувачки тим кој престојуваше во земјава минатиот месец утврди дека бегалците се сместувани во нехумани услови, без лекарска помош, а не се почитуваат ниту нивните основни човекови права.
„Комплексот се состои од 6 до 7 осмоаголни објекти. Прозорците се со решетки. Целиот објект е заграден со жица, на шипките на аглите висат камери за набљудување. Двајца полицајци го набљудуваат комплексот од стражарска куќичка. „Гази Баба“ е затворска установа. Никој не смее да влезе, ниту да излезе. Во малечките соби, кои поранешните станари ги проценуваат на 10-ина квадратни метри, мораат да спијат по 10 луѓе“, наведува истражувачкиот тим.
Оваа организација побара од македонската Влада веднаш да овозможи непречен пристап на невладините организации во комплексот, да обезбеди нивна комуникација со лицата внатре, да ги подобри условите и дасе погрижи за фер и индивидуално разгледување на барањата за азил.
„Про Азил“ ја искритикува и германската влада која пред извесно време ја прогласи Македонија за „безбедна земја“ со цел да го спречи напливот на азиланти од таму.
Од Хелсиншкиот комитет се надеваат на позитивен одговор на утрешното барање за посета на Прифатниот центар со цел да се согледа реалната слика на она што што се случува внатре, со цел да се бараат и да се преземат мерки.
Во меѓувреме, се чека и на 4-ти мај, кога Комитетот против тортура ќе биде запознаен со сите забелешки за нехуманиот однос кон оние што се обидуваат да избегаат од едно зло, а наидуваат на друго.