По повеќе од една деценија тивок политички живот и речиси целосно исчезнување од јавната сцена, Горан Минчев исплива во прв план како де-факто втор човек на владејачката партија ЗНАМ и министер задолжен за „ресетирање“ на неефикасната јавна администрација.
Во улогите на реформатор на државниот апарат и генерален секретар на ЗНАМ, Минчев влезе со тридецениско искуство во СДСМ, партија со која и натаму има силна емотивна врска и која го врзува со Бранко Црвенковски, поранешниот претседател и негов пријател, кој неодамна се појави на фотографии покрај Минчев и други луѓе од ЗНАМ.
Минатата недела, во неговиот кабинет во зградата на некогашна „Нова Македонија“, министерот ја нафрли идејата за помалубројни и покомпактни управни одбори, како дел од пакетот закони што треба сериозно да ги подигнат перформансите и угледот на државната бирократија.
Зборувавме за хроничното одложување, што е случај и во неговиот мандат, на регулативата што конечно треба да ги стави професионалците, а не партиските кадри, на директорските позиции во државните институции.
Дебатиравме и за „одличните резултати“ што ЗНАМ ги постигна на локалните избори и за состојбите на Бихаќка.
Горан Минчев смета дека двата последователни историски најслаби резултати на неговата поранешна партија се директна последица од, како што е убеден, заложништвото во кое Зоран Заев и натаму ја држи СДСМ, воден од илузијата дека така ќе се засолни од можен прогон од новата власт.
„А, Венко Филипче ниту бил, ниту ќе биде социјалдемократ“, коментира тој, на начин што недвосмислено покажува колку малку почит има за актуелниот лидер.
Помал партиски плен – помали трошоци

Има управни одбори со повеќе членови од вработени во институцијата | Фото: БИРН
Негова идеја е преку реформските закони што уште се пишуваат да се интервенира во управните одбори, односно да се скрати нивниот состав.
„Тоа е моја замисла, не знам дали ќе помине“, вели тој, објаснувајќи дека ваквиот потег би испратил силен сигнал дека кратењето во администрацијата почнува токму од местата што традиционално се третирале како атрактивен партиски плен по изборните победи.
Со тоа, покрај рационализацијата на трошоците, би се адресирале и апсурдните случаи во кои управните одбори бројат повеќе луѓе отколку што има вработени во самата институција што ја раководат.
Во таа насока е и неговиот пилот-потег што веќе го повлече: го укина Инспекцискиот совет, кој, според Минчев, бил вештачка творба што непотребно трошела 300.000 евра годишно за седумте свои членови.
„Земале по 2.500 евра месечно, а се појавувале еднаш или двапати во советот“, додава тој.
Во контекст на кратењата, се наметна прашањето и за надворешните советници на премиерот. Административните закони, кои се сменија во мандатот на Минчев, ги регулираат овие функции, но бројот на овие советници и понатаму не е строго ограничен.
Јавноста ги перцепира како позиции за вдомување партиски кадри, кои, при распределбата на изборниот „колач“, отпаднале од трката за министерски или за директорски места. Дополнително, нивниот експертски придонес во некои области се преклопува со надлежностите на одредени министри.
„За тоа не можам да се согласам“, коментира Минчев.
Премиерот, вели тој, како најодговорен за спроведувањето на реформите, не може да биде експерт во сите области, па логично е да користи помош од стручни лица. Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски има 17 такви советници, а според владините податоци, секој од нив месечно ја чини државата меѓу 60.000 и 90.000 денари.
„Будење“ на неработниците

Новата Академија за јавна администрација ќе биде клучна | Фото: БИРН
Реформата на администрацијата е невозможна без клучната промена што ги преферира професионалците пред партиските кадри при изборот на директори во администрацијата и генерални секретари во министерствата.
Имено, никако да стигне на дневен ред предлог-законот за висока раководна служба, кој ги опфаќа директорите.
Првата верзија е напишана уште во 2019, а последната ревидирана три години подоцна со подготвени и подзаконски акти. Минчев лани, во изјава за БИРН, го вети овој реформски закон најдоцна до крајот на 2025, а сега во интервјуто го најави за „на почетокот од следната година“, без конкретно објаснување зошто не се гласа закон што е готов со години.
Текстот на предлог-законот, како што уште еднаш се обврза министерот, би требало да се појави во следните неколку недели.
Меѓу 150 и 200 највисоки раководни позиции во државните управи, јавните претпријатија и агенциите, редовно се дел од атрактивниот коалициски „колач“, кој се дели исклучиво по партиски клуч. А законот, кој постојано се одложува, предвидува транспарентен избор сличен на моделот за селекција на членовите на Антикорупциската комисија.
Од разговорот со Минчев се навестуваат и главните насоки на реформите на администрацијата што ги замислил: „будење“ на неработниците, крај на партиското или вработувањето по етничка основа и рационализација на институциите преку фузија на оние чии ингеренции се преклопуваат.
Колку брои администрацијата?
Првпат по долг период, годинава не беше објавен годишниот извештај од Регистарот на вработени во јавниот сектор, иако законскиот рок е март. Минчев уверува дека ќе биде објавен во следниве недели, бидејќи во меѓувреме се доработувал системот за собирање податоци. Последниот достапен извештај, за 2023 покажа дека во јавниот сектор активни се 1.371 институции во кои работат 128.879 лица
Голем проблем, според него, е што околу третина од вработените во администрацијата гледаат ништо да не сработат или, пак, се обидуваат да не дојдат на работа.
„А, притоа, некои од нив водат и приватен бизнис. Тоа ние ќе го спречиме и веќе го правиме“, вели тој.
Иако е нелогично, сепак ќе нема отпуштања. Планот е неработниците да се вклучат во работниот процес преку менторство и доедукација, како што предвидуваат новите закони.
Тука, клучна улога се очекува од новата Академија за јавна администрација и од повозрасните кадри, кои доминираат во институциите.
„Академијата ќе врши обука и едукација, внимавајќи да не се отпуштаат постоечките вработени, а истовремено ќе ги подготвува и помладите генерации што се јавуваат на конкурсите во јавниот сектор“.
Отпуштањата не се на маса и зашто првичните анализи покажале дека работната сила и тоа како е дефицитна.
И покрај постојаните критики за бројот на вработени, јавната администрација не е пренатрупана, смета Минчев. Според официјалните податоци, државата, вклучувајќи ги и јавните претпријатија, има околу 130.000 вработени, додека сличната по големина и население, Словенија, членка на ЕУ, брои дури 170.000.
Сепак, според министерот, во одредени институции недостасува стручниот кадар, особено информатичарите, кои можат да заработуваат повеќе во приватниот сектор.
Тој најавува анализа што ќе покаже колку од 1.400 институции се непродуктивни или имаат преклопувања со други државни органи. Рационализацијата ќе се врши со спојување, повторно без отпуштања, преку новиот Закон за организација и работа на органите на државната управа.
„Законот е тежок и нема да се носи наскоро. Следната година ќе се отвори сериозна дебата.“
„Одлични изборни резултати“

ЗНАМ е партијата што сè уште се гради | Фото: БИРН
„Резултатите на ЗНАМ, на локалните избори не се добри, не се ниту многу добри, туку се одлични“, потенцира Минчев, сега во својство на генерален секретар на партијата.
Лидерот на граѓанското движење од Куманово, кое прерасна во партија, Максим Димитриевски, на ланските претседателски избори доби 84.000 гласови, а на парламентарните, кои се одржаа во исто време, неговата партија доби 56.000 и шест пратеника. Меѓутоа, годинава на општинските избори освои 38.000 гласа на советничките листи.
Според Минчев, послабиот резултат во апсолутни бројки е одличен, ако се има предвид дека партијата намерно, согласно своите можности како нов политички субјект, настапила само во 53 од 80 општини, свесно прескокнувајќи една третина од општините. Во неговата равенка за успех влегува и многу пониската излезност – дури 170.000 гласачи помалку во споредба со ланското гласање.
„Не се победува преку ноќ“, вака го коментира поразот во Центар, единствената општина, покрај Куманово, каде што ЗНАМ имаше чисто свој кандидат.
Објаснува дека партијата сè уште се гради и затоа не настапила со полн капацитет.
„Партијата е, можам да кажам, формирана до половина.“
Изборниот период го раздвижија и неколкуте појавувања на поранешниот претседател и екслидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, меѓу кои беше и онаа пријателска фотографија со Минчев во кафеана.
Министерот е свесен дека токму таа блискост го храни наративот дека ЗНАМ е политичко „чедо“ на Црвенковски или барем проект под негово тивко покровителство.
„Тоа не е точно, знам дека не е!“
Го кажа ова, реафирмирајќи го високото мислење за Црвенковски и убедувањето дека прерано се повлекол од политиката.
„Ако треба во еден збор да го опишам Црвенковски, тоа е неговиот слоган од претседателската кампања во 2004 – државник!“
Бихаќка под заложништво
Денес Минчев отворено зборува за партијата што ги обединила и него и Црвенковски, иако во изминатата деценија, од крајот на неговиот пратенички мандат во 2014, речиси целосно се повлече од јавната сцена.
Смета дека критикувал „каде што треба“, внатре во партијата, за да не ѝ наштети јавно, и свесно не барал партиска или државна функција додека прв човек е Зоран Заев.
За него, т.н. француски предлог од 2022 година, со условот Бугарите да се внесат во Уставот, ја прелил чашата.
Тогаш им порачал на партиските лидери дека не го прифаќа овој чекор, кој, според него, е истовремено предавнички и кочница за европскиот пат на Македонија.
„Не добив одговор.“
Покрај многуте причини молкот бил поводот да се повлече од членството.
„Не сакав да бидам запишан во историјата, дури ниту како обичен член, дека ништо не сум сторил.“
Минчев е убеден дека Заев и денес ја контролира партијата од сенка, држејќи го СДСМ во заложништво преку поддршката на раководството што го претпрпе историскиот пораз, сè со надеж дека власта нема да го казни за неговите криминали.
Меѓутоа, не верува дека овој план, речиси две години по падот на СДСМ, навистина му успева.
„Мислам дека не му успева, а следниот период ќе го покаже тоа.“

