Вести

Министерството за транспорт експресно ги донесе спорните измени на урбанистичкиот правилник

Хотели стануваат објекти од државно значење

Наспроти предупредувањата и критиките од стручната јавност и невладините организации, Министерството за транспорт, минатата недела експресно ги усвои измените на Правилникот за урбанистичко планирање со кој хотелите и хотелските комплекси со површина над 1.000 квадратни метри ќе се сметаат за објекти од државно значење.

Според урбанистичките регулативи, терминот градби од државно значење се однесува на објекти што се од суштинско значење за државата, како автопатишта, аеродроми, енергетски капацитети и здравствени објекти.

Со оваа промена, хотелите се изедначуваат по важност со ваков вид градби.

Тоа практично значи дека клучните одлуки околу нивното градење, наместо општините, ќе ги носи државата.

Активистите стравуваат дека ваквата категоризација ќе им овозможи поповолни услови на инвеститорите што сакаат да градат хотели и на овој начин се отвора ризик од експропријација на приватни имоти под превезот дека објектот е од државно значење.

Министерството ги усвои измените на 12 февруари, само два дена по стручната расправа на која урбанисти и граѓански здруженија реагираа против ваквиот предлог, а беа објавени во Службен весник на 13 февруари.

На стручната расправа, претставници од Комората на овластени архитекти и овластени инженери посочија дека хотели и хотелски комплекси со површина над 1.000 квадратни метри може да бидат и згради со дваесетина соби.

Објаснувањето од Министерството за ваквата промена на расправата беше дека се прави со цел да се развие туризмот.

На расправата минатата недела не беа викнати медиуми и присуствуваа само неколкумина новинари, меѓу кои и БИРН, кои за настанот беа информирани од соопштение на граѓанската иницијатива О2.

„Менување закони и правилници за остварување приватни бизнис-интереси, под наметка на државен интерес, заобиколувајќи ги веќе уредените постапки за изградба на хотели и хотелски комплекси, исклучувајќи ја јавноста (нема јавна анкета), е уривање на и онака кревките правила во урбанизмот, каде и што може да се гради, отворајќи врата за силување на просторот, наметнувајќи градби онаму каде што не им е место, со неможност на локалното население да влијае врз одлуката“, стои во соопштението од О2.

Билјана Насковиќ, која е член на Одделението на урбанисти и планери при Комората, објаснува за БИРН дека оваа промена „значи дека ингеренциите за овие објекти од локалната управа ќе ги преземе Државата.“

Изземени од оваа промена се градските хотели.

На самата расправа, претставниците од Министерството за транспорт кажаа дека промените на правилникот ќе се однесуваат за површини вон населени места, иако тоа објаснување не стои во измените на Правилникот објавени во Службен весник.

Тоа посебно ги загрижува активистите и стручната јавност околу импликациите за Охрид и слични заштитени подрачја.

„Ваквата промена во однос на Охрид и други заштитени подрачја можеби значи и олеснета и забрзана процедура на целокупниот процес, од изработка и одобрување планска документација, бидејќи, за добро и за лошо, се прескокнува локалната самоуправа во однос на останатите плански документации“, објаснува Насковиќ.

Таа смета дека во ваквите постапки секогаш треба да биде вклучена локалната самоуправа, особено за туристички места како Охрид.

Од Министерството за транспорт сè уште не одговорија на прашањата на БИРН зошто се донесе промената на Правилникот само два дена по стручната расправа.

И пред носењето на оваа промена, министерот за транспорт, Александар Николоски има јавно говорено за потребата за развој на туризмот, како и за тешкотиите за градење во заштитени подрачја.

„Во моментов е навистина комплицирано да се гради. Урбанистичките планови се носат предолго, особено во заштитените подрачја, како Охрид, Битола, Кратово и Старата скопска чаршија. Таму е практично невозможно да се гради“, рече министерот Николоски на панел-дискусијата лани во ноември, во рамките на конференцијата „Е 75 –Основа за развој на креативен туризам и негова одржливост.“