Активистите на Центарот за ненасилна акција (ЦНА),како дел од тековната кампања за притисок врз властите, да подигнат трајни споменици за жртвите од војната, поставија привремени знаци на осум локации во Босна и Херцеговина, на кои, за време на војната во оваа земја (1992-1995)луѓе биле убивани, малтретирани или затворени.
„Важноста на обележувањето на овие локации, лежи во фактот дека сакаме да привлечеме внимание на тоа дека на сите нас лежи одговорноста, да ги спасиме овие места, како и сите жртви, од заборав“, истакнува активистот, Радомир Радевиќ.
Во Билеќа, активистите ги обележаа поранешната касарна на Југословенската народна армија „Моша Пијаде“ и поранешниот училишен дом, каде што во 1992 година биле затворени Бошњаци и Хрвати.
Поранешното кафуле „Стрела“ и поранешното полициско одморалиште во Невесиње, кои во 1992 година биле користени за притворање на Бошњаци од областа на Невесиње, исто така, беа обележани.
Привремени ознаки беа поставени и покрај јамата Дубравица-Бреза, во која биле фрлени тела на 26 погубени мажи, и јамата Долина-Кушиќи, од која биле ексхумирани посмртни останки на 12 Бошњаци од Невесиње.
Досега активистите обележаа вкупно 119 локации како дел од кампањата „Обележување на необележаните места на страдање“.
За време на војната во БиХ, културните центри, училиштата, судовите, полициските станици, музеите и другите установи, беа претворени во места за затворање, мачење и убиства. По војната, овие локации не беа обележани како места на страдање.
Активистите нагласуваат дека обележувањето на Балканот сè уште зависи од политичката волја, при што луѓето им оддаваат почит само на своите „сопствени“ жртви, но не и на жртвите на другите етнички групи, чие страдања се игнорира, заборава, па дури и се негира.