Во дворот на семејната куќа на Ахмети во селото Зајас, западна Македонија, во близина на градот Гостивар, продолжува ексхумацијата на останките, кои властите ги открија оваа недела во напуштен бунар во дворот.
Координаторот на тимот за ексхумација, Мусли Муслиу, за медиумите изјави дека „се претпоставува дека овие човечки останки датираат уште од 1913 година“, од времето на Втората балканска војна, и дека „првичните наоди укажуваат оти „телата прво биле запалени, а потоа фрлени во бунарот“.
Муслиу изјави дека според првичните проценки, масовната гробница најверојантно содржи останки на 10 до 60 луѓе. Се верува дека станува збор за жртви од албанска националност, локални жители.
Јавното обвинителство од Гостивар во понеделникот го посети местото, по што соопшти дека ископувањата на локалитетот и вештачењето на останките продолжува.
Муслиу за медиумите изјави дека доколку истрагата покаже дека посмртните останки им припаѓаат на локални жители, Албанци, кои исчезнале во оваа балканска војна, тие најверојатно ќе бидат погребани во неодамна отворениот Меморијален центар, „Мајката Албанка“, кој се наоѓа во близина на селото.
Во 2013 година, лидерите на ДУИ, вклучително и Ахмети, присуствуваа на отворањето на овој центар во близина на Зајас, изграден во чест на околу 500 Албанци од овој регион, кои исчезнале за време на Втората балканска војна и за кои некои претпоставуваат дека биле убиени од страна на српските сили.
Селото Зајас е родно место на Ахмети.
На отворањето на меморијалниот центар во Зајас, братот на Ахмети, Ведат, изјави дека според селска легенда, бунарот во нивниот двор крие останки на околу 40 лица.
„Можете да замислите каква погибел било тоа кога Зајас шест недели по убиствата ечел од оплакувањето на жените и на мајките по своите блиски“, изјави тогаш Ведат Ахмети за весникот „Дневник“.
За разлика од Првата балканска војна кога во 1912 година неколку балкански држави се бореа рамо до рамо за соборување на ослабената Отоманската империја на Балканскиот полуостров, Втората балканска војна започна една година подоцна, кога Бугарија ги нападна Србија и Грција, незадоволна од добиениот дел од Македонија во првата војна.
Голем дел од конфликтот, со чести масакри на сите страни, се водел на територијата на тогашниот географски регион Македонија, од кој само еден дел е денешна Република Македонија.
Албанските и српските научници денес имаат спротивставени ставови околу тоа дали тогашната српска армија и парамилитарните припадници, извршиле серија масакри врз албанското население на Косово, Македонија и Албанија.