Адвокатите, Бранко Лукиќ, и Драган Иветиќ, го приложија стручното мислење на д-р Горица Докиќ од Србија, која го прегледала Младиќ и утврдила дека, во текот на судењето во Хаг, и во времето на изрекувањето на казната, тој „не можел да се смета за способен да го следи текот на постапката”.
Резултатите од испитувањата, според лекарката, покажуваат дека Младиќ има „благ пад на когнитивните функции и блага деменција”.
„Од овие причини, одбраната бара укинување на пресудата и стопирање на постапката, сѐ додека здравствената состојба на Младиќ не стане стабилна и не се утврди дека тој има капацитет да учествува во постапката”, се вели во поднесокот на одбраната на Младиќ.
„Првостепениот судски совет донесе пресуда во моментот во кој когнитивната состојба на Младиќ беше загрозена, што оневозможи негово учество во постапката. Почитувањето на човековите права на обвинетиот, бара пресудата да не може да се изрече, ако обвинетиот не е во состојба да го следи судењето“, се вели во поднесокот на одбраната.
Хашкиот трибунал во ноември минатата година го осуди Младиќ на казна доживотен затвор, за геноцид во Сребреница извршен во 1995 година, за прогон на Бошњаците и на Хрватите низ Босна и Херцеговина, за тероризирање на граѓаните на Сараево и за земање на припадници на УНПРОФОР како заложници.
Со истата пресуда, беше ослободен од обвинението за геноцид извршен во 1992 година.
Во одделна постапка, адвокатите на Младиќ побараа ММКТ да иницира постапка за непочитување на судот, против лекарот во притворската единица на Хашкиот трибунал, Паулус Фалке, но и против други службеници, кои, според одбраната, се виновни за несоодветен третман на здравствената состојба на Младиќ.
„Делувањето на овие службеници во притворската единица, го спречи добивањето на јасна слика за здравствената состојба на обвинетиот и придонесе за можни грешки во третманот”, велат адвокатите.
Тие и пред да му биде изречена пресудата на Младиќ, се пожалија на медицинската нега што нивниот клиент ја добива во притворот, поради што побараа посета на српски и руски лекари, кои ќе утврдат дали тој добива соодветна нега во Хаг.
Во декември, Младиќ, во притворот во Хаг, го посети министерката за правда на Србија, Нела Кубуровиќ, која изјави дека Белград, најверојатно, ќе побара негово предвремено ослободување, заради лекување.