Регион

Момчило Краишник: Водачот на босанските Срби, кој до крај ги негираше воените злосторства

Еден од основачите на република Српска, суден за воени злосторства, никогаш не престана да тврди дека е невин

Момчило Краишник, еден од најистакнатите политички водачи на босанските Срби во војната во Босна и Херцеговина, почина на 75-годишна возраст во РС, ентитетот во чие создавање, во раните 90-ти, кога Југославија започна да се распаѓа, и самиот учествуваше.

Краишник беше близок политички соработник на воениот претседател на РС, Радован Караџиќ, кого минатата година, Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ), го осуди на казна доживотен затвор за геноцид и други злосторства.

Двајцата се коосновачи на Српската демократска партија (СДП), која беше најсилната политичка сила меѓу босанските Срби во 90-тите години. За време на војната, Краишник секогаш се сметаше за човек број два на политичката сцена на босанските Срби, после Караџиќ.

Од 1991 до 1996 година беше претседател на Собранието на Република Српска, а кратко и член на нејзиното петседателството. Тој го водеше преговарачкиот тим на босанските Срби на мировните разговори во Дејтон, со кои, во 1995 година, беше ставен крај на војната.

Момчило Краишник и Милорад Додик. Фотографија на Н1 телевизија

„Тој прифатил дека страдањето е неопходно“.

На првите повоени избори во 1996 година, Краишник беше избран за српски член на Претседателството на БиХ.

Откако Караџиќ избега под притисок на обвиненијата за воени злосторства, Краишник ја презеде улогата на водач и на СДП, и на РС.

Наскоро следеше политички конфликт со претседателката на РС, Билјана Плавшиќ, која ја презеде власта со помош на тогашниот опозициски политичар, Милорад Додик, и лојалноста на полицијата на северот на ентитетот.

Краишник пристигна во Бања Лука, административен центар на РС, во 1997 година, во обид да ја врати власта, но се соочи со масовни протести и побегна од градот со помош на полицијата. Ова го означи крајот на неговата политичка доминација во РС, и тој загуби на следните избори.

Во април 2000 година, во операција на француските командоси на СФОР (Стабилизациските сили на НАТО), Краишник беше уапсен и префрлен во Хаг.

Во септември 2006 година, Краишник, со првостепена пресуда, беше осуден на 27 години затвор за злосторства против човештвото, кои опфќаа прогон, истребување, убиства, депортација и присилно преместување, но беше  ослободен од обвинението за убиства како воено злосторство, за геноцид и за соучесништво во геноцид.

Со пресудата беше утврдено дека тој, заедно со Караџиќ и другите водачи на босанските Срби, биле дел од заеднички злосторнички потфат, со цел насилно отстранување на Бошњаците и на босанските Хрвати од територијата на која сакаа да доминираат.

„Краишник знаел за масовното притворање и протерување на цивилите и имал намера за тоа, имал овластување да интервенира, а неговите неодредени одговори на клупата за сведоци, му потврдиј на советот дека за тешката положба на притворените и протераните лица не бил заинтересиран, ниту пак се грижел поради тоа“, се вели во пресудата.

„Тој сакал голем број муслимани и Хрвати да се иселат од територијата под контрола на босанските Срби, и ако постигнувањето на српска доминација и одржлива државност нужно значеле страдање, смрт и уништување, тој го прифатил тоа“, се додава во пресудата.

Во жалбена постапка, во март 2009 година, неговата казна беше намалена на 20 години затвор. Обвиненијата за убиство и истребување беа отфрлени, но тој беше прогласен за виновен за прогон и депортација на Бошњаците и Хрватите во десет босански општини, во периодот од април до декември 1992 година.

Момчило Краишник, како српски член на Председателството на БиХ за време на војната во 1996. Извор Wikimedia

„Совеста ми е чиста“

Откако издржа 13 години затвор, Краишник беше пуштен и тој се врати во Пале, каде го пречекаа како херој.

Неколку илјади босански Срби се собраа во Пале во септември 2013 година за да го поздрават, пеејќи српски националистички песни и веејќи знамиња, додека тој држеше говор на главниот плоштад во Пале.

„Ова е како сон“, ја цитираа медиумите неговата изјава, во која тој го повика населението да ја чува РС.

„Чувај те ја и бранете ја. Не постои подобра земја во светот“, рече тој.

Сепак, тој продолжи да тврди дека е невин, при што во интервју за БИРН во 2015 година, наведе дека неговото судење било „театар во судница“.

„Бев прогласен за виновен затоа што Хашкиот трибунал заклучи дека Република Српска е создадена со етничко чистење“, рече Краишник.

„Според нив, најтесното раководството на босанските Срби е виновно за тоа, Радован Караџиќ, Ратко Младиќ, јас и некои други. Во суштина, ако еден од нас беше виновен за нешто, тогаш сите ние бевме виновни, така што бев осуден за злосторства за кои што ништо не знаев“, додаде тој.

И покрај тоа што беше осуден, Краишник тврдеше дека неговата совест е чиста.

„Секој може да ја провери мојата пресуда. Во текот на судењето, ниту еден муслиман или Хрват, не сведочеше против мене. Никој не рече дека Краишник направил нешто (незаконски), ниту пак постои документ дека сум дал погрешна изјава“, рече Краишник.

„Мојата совест е мирна. Сто пати се преиспитав дали сум можел да сторам нешто поинаку и не најдов ништо“, додаде тој.

Тој рече дека ниту еднаш не добил информации за злосторства на силите на босанските Срби, туку дека само слушал шпекулации за тоа. Тој негираше дека масакрите во Сребреница претставуваат геноцид и посочи дека неговиот пријател Караџиќ е невин.

Во врска со воените злосторства, тој истакна дека судењата треба да бидат завршени, бидејќи тие претставуваат пречка за помирувањето.

„Ова инсистирање на воените злосторства не дозволува помирување. Постојано се подгреваат (меѓуетничките) односи, луѓето се прашуваат колку луѓе се осудени на секоја страна. Србите велат дека тие се единствените на кои што им се суди и сакаат тоа да се изедначи, но, зошто? Ние треба да се занимаваме со иднината, а не со минатото, да им дадеме надеж на младите“, рече Краишник.

Конфронтација со борците

Пред да биде ослободен во 2013 година, Краишник им рече на затворските власти во Велика Британија, каде што ја издржуваше казната, дека кога ќе биде ослободен, планира да се врати на работа на бензинската пумпа што неговите деца ја водат во Пале.

Но, наместо тоа, тој презеде поистакната улога во јавниот живот и воспостави добри односи со неговиот поранешен политички ривал, Милорад Додик, кој во меѓувреме стана водечки политичар во РС.

Краишник стана првиот претседател на здружението „Креатори на Република Српска“, финансирано од владата на РС.

На веб-страницата на ова здружение стои дека е неполитичка организација чија главна цел е „залагање за остварување на начелата и принципите, врз кои се темели Република Српска”.

Тоа ги претставува оние кои активно учествуваа во формирањето на РС во 1992 година – како Краишник , кој заедно со Радован Караџиќ, беше клучна фигура во формирањето на овој српски ентитет, кое се случи само неколку месеци пред да избувне војната во БиХ.

Во 2017 година, здружението доби 14.500 евра од буџетот на овој ентитет; во 2018 година 14.000, а во 2019 му беа доделени 15.000 евра.

Меѓутоа, во јули оваа година, Краишник ја подели јавноста во РС, кога потпиша договор со водачите на најголемите политички партии на РС, за доделување на отштета на воените функционери на босанските Срби – членови на неговото здружение – од околу 50.000 евра.

Борците на РС беа бесни поради овој предлог и се заканија дека ќе протестираат, по што планот за отштета беше отфрлен.