На Миланка Опачиќ, левоориентирана пратеничка од српско етничко малцинство во Хрватска, заплашувањето не и е непознато. Поранешната министерка за социјална политика и за млади постојано е цел на хрватските ултранационалисти. Но, ништо не ја погоди толку многу како отровните стрели што ги прими во Загреб пред две години.
За првпат се почувствува исплашена.
„По 28 години поминати во политиката, добивав различни закани, но никогаш порано не ме нападнале на улица”, вели Опачиќ, долгогодишен член на Социјалдемократската партија и поранешен потпретседател на парламентот.
Дури откако пријавила во полицијата и еден пријател го пребарал нејзиното име на „Гугл“ открила што стои зад злоупотребата. Јавноста била инспирирана од фотомонтажата на Опачиќ, објавена на интернет-порталот наречен „Дневно“.
„Дневно” , десничарски медиум со веб-страници во Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина, има репутација за промовирање на теории на заговор и ширење омраза. Критичарите го обвинуваат за клевета на мигрантите, либералите, феминистките и членовите на геј и лезбијската заедница.
Под слоганот „Ние го пишуваме тоа што другите го кријат”, „Дневно” се специјализираше за поттикнување на ултранационалистички тензии во регионот кој и онака уште се справува со последиците од етничкиот конфликт. Понекогаш ова значи свртување на членовите од сопствената публика едни против други, особено на Хрватите против Србите и обратно, во зависност од веб-страницата.
Фотографијата на Опачиќ, објавена на 15 февруари 2017 година на хрватскиот сајт, „Dnevno.hr“, се чинеше дека е ставена само да предизвика контроверзност.
На неа беше прикажана пратеничката како носи црвена маица на која пишува „Сербфест” и четирите букви „С“ на кирилица, што е кратенка за познатиот слоган „Само слогата ги спасува Србите”, кој го користеше српскиот моќник Слободан Милошевиќ за време на балканските војни во 1990-тите.
Многу Хрвати ги сметаат четирите „С“ како провокативна референца за ултранационалистичкото четничко движење од Втората светска војна. Опачиќ беше непопустлива тврдејќи дека никогаш не ги носела тие симболи.
Полициската истрага заклучи дека фотографијата е направена со фотошоп.
„Дневно“ ја повлече, но нејзиното објавување ги разгори анти-српските чувства помеѓу екстремно десничарските насилници во Хрватска. Опачиќ двапати била физички нападната на улица. Конечно, таа била ставена под полициска заштита три месеци.
„Таквите портали не постојат за да ги информираат луѓето, туку да шират омраза и дезинформации”, изјави Опачиќ за Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН).
Опачиќ вели дека размислувала да го тужи „Дневно“, но еден месец подоцна, фирмата која го објавува порталот „Дневно“, поднела барање за стечај.
Во времето кога фирмата банкротирала, против неа веќе имало поднесено 47 тужби, се вели во извештајот (достапен на хрватски) на стечајниот управник од Стопанскиот суд во Загреб.
Повеќе од една година под стечај, „Дневно“ е сé уште во бизнисот – но со нова управа.
Марија Деканиќ, специјалист за маркетинг и претприемач, која исто така има бизнис со чорапи и очила за сонце, вели дека лично таа ги откупила правата за брендот во есента 2017, за сума што не сака да ја открие, откако намирисала комерцијална можност.
Ветувајќи дека ќе го повлече „Дневно“ кон десниот центар, вели дека нејзината цел била да го претвори во одговорно тело за новинарство, заработувајќи од продажба на реклами.
„Голем проблем е што не нѐ сфаќаат сериозно”, изјави таа во интервју за БИРН, една и пол година по нападот врз Опачиќ. „Бевме третирани како лажни вести … Навистина работиме напорно за да го смениме тоа. Тоа е нашата крајна цел: да бидеме релевантни, да ја пишуваме вистината, да бидеме сигурни дека ја пишуваме вистината”.
Иако еден од најозлогласените медиуми во Хрватска се обидува да го смени својот лош имиџ, сите не се убедени во заложбата на Деканиќ „да ја пишува вистината”.
Некои медиумски аналитичари ја гледаат пропаста на стариот „Дневно” како добредојден доказ дека лажните вести не се продаваат, други го сметаат новиот „Дневно“ како пример за редакциите раководени од идеолошки агностички експерти за маркетинг.
Опасноста, велат тие, е дека она што ви носи повеќе кликови секогаш ќе победи на крајот, и на Балканот, и насекаде, а она што ве тера да кликнете често е гнев, нетолеранција и сензационализам.
Исти приказни, различни тиради
„Дневно“ бил основан во 2010 година од страна на Мајкл Љубас, контроверзен хрватски претприемач со разновидни инвестиции, главно во областа на градежништвото и недвижниот имот, и репутација дека им се заканува на новинарите.
Во 2008 година, тој го грабнал фото апаратот на еден фотограф и му се заканил дека ќе го удри со него по глава пред општинскиот суд во Загреб, каде што одговарал по обвинението за злоупотреба на овластувањето во неговиот бизнис во градежништвото. Подоцна се извинил во судот за инцидентот.
Саша Папарела, новинар, кој ги покривал деловните зделки на Љубас за финансискиот магазин „Business.hr“, вели дека претприемачот го повикал во 2009 година и му се заканил дека ќе му го претвори животот во пекол ако продолжи со објавување на „лажни” информации за него,објавија медиумите (на хрватски).
Љубас, кој повторно стигна на насловните страни во 2015 година, откако беше мистериозно застрелан во ногата пред бензинска пумпа во Загреб, не одговараше на постојаните телефонски повици и текстуални пораки преку кои баравме интервју.
Неколку новинари кои работеле за Љубас, изјавија за БИРН дека тој започнал со „Дневно“ како средство за бесплатно рекламирање за другите негови бизниси. Љубас е директор или член-основач на повеќе од 20 хрватски фирми, пишува на „Poslovna.hr“ која нуди информации за компаниите.
Без оглед на причините за разгранување во медиумите, трите веб-портали на „Дневно“ – Dnevno.hr во Хрватска (лансиран во 2010 година), Dnevno.ba во Босна (2012) и Dnevno.rs во Србија (2013) – ја разгневија јавноста.
Критичарите го мразеа чистиот цинизам на неговиот деловен модел, кој играше на картата на заемното непријателство на читателите од соседните земји кои зборуваат на ист јазик, но се поделени по неодамнешните и историските конфликти.
Понекогаш „Дневно” истовремено сервираше различни перспективи од истата приказна на нејзините различни веб-страници, придружени со идентични фотографии, но со тирада од зборови и историски ревизионизам прилагодени на соодветната публика.
Вестите на „Dnevno.hr“ честопати доаѓаа со жолчни критики против Србите и глорификација на Независната држава Хрватска, нацистичка марионетска држава од времето на Втората светска војна, која ја водела старото фашистичко движење на усташите. Читателите на „Dnevno.rs“ добиваат антихрватска реторика и пофалби за военото четничко движење во Србија.
Покривањето на годишната прослава на операцијата „Бура“ во Хрватска, воената акција од 1995 година, во која хрватските сили ја зазеле територијата што била под српската бунтовничка контрола, понудило многу простор за таква новинарска гимнастика.
„Бура ги отфрли соништата за Голема Србија од Книн и Краина”, најавувашенасловот (на хрватски) на „Dnevno.hr” во 2015 година, алудирајќи на самопрогласената српска државичка во Хрватска од времето на конфликтот во периодот 1991-1995 година и градот во неа.
„Дваесет години по Бурата над Краина: колона [од бегалци] долга две децении”, објави „ Dnevno.rs“ истиот ден, побудувајќи спомени од долгите колони српски цивили кои ја напуштија Хрватска за време и по операцијата.
Читателите на „Dnevno.ba“, политички најкоректниот од трите онлајн сајтови на „Дневно“, добива поизбалансирана известување што ги отсликува антагонизмите меѓу босанските муслимани, православните и католичките заедници.Босанскиот портал честопати ги потсетува читателите на српската воена агресија додека се стреми да биде покритичен кон националистичките гласови што го претставуваат хрватското малцинство во Босна, иако не ја обвини Хрватска за анексирање на делови од Босна за време на конфликтот во 1990- тите.
„Се чини парадоксално дека и покрај нивното пишување, изгледа дека идеолошката лојалност на нивните [новинари] не е исклучиво поврзана со конзервативните, десничарските вредности што ги промовираат”, вели Хајрудин Хромаџиќ, вонреден професор по културни студии на Универзитетот во Риека.
„Самиот факт што постојат три веб-сајта … кои со години објавуваат три вида на ‘вистини’ за истите теми, секоја ‘вистина’ во соодветната земја, и дека тоа го прават преку говорот на војната и омразата, кој има за цел да создаде непријателство кон другите две нации, јасно го прикажува ова”.
Во меѓувреме, оние кои пишуваат за „Дневно“, вклучувајќи ја и популарната Зринка K. ги привлекуваат читателите со наслови како „Шокантно: Италијански научник тврди дека ја откриле причината за хомосексуалноста. Ако вашето дете е геј, тоа е поради вакцината” или „30 милиони луѓе се вакцинирани со жив вирус на рак”.
Зринка К, која сѐ уште се работи во „Dnevno.hr“, исто така, ги поддржува теориите на заговор, наведувајќи дека трагата од пареа што се гледа на небото зад авионите се биолошки агенси кои ги шират злобните сили. Во една статија во 2015 година, таа се сомневаше дали земјата е тркалезна. Две години подоцна, таа напишала: „Земјата е шуплива и окупирана од нацистите и викинзите”.
‘Земјата е шуплива и окупирана од Нацисти и Викинзи’ – Напис на новинарката на „Дневно“, Зринка К, од 2017 година
Влијанието на „Dnevno.hr“ постојано се зголемува. Според службата за следење на веб-сообраќајот „Alexa.com“, во 2015 година, сајтот бил рангиран на 22-то место од сите хрватски веб-страници во однос на сообраќајот (до крајот на 2018 година, паднал на 38 место).
Новинарите, кои работеле во „Дневно” во Загреб за време на првите години, биле привлечени од ветувањето за стабилна плата во екот на финансиската криза низ цела Европа, сѐ уште се сеќаваат на релаксираната работна атмосфера во редакцијата.
„Штом стана јасно дека нема да се почитуваат никакви професионални стандарди, морав да заминам”, вели Мирослав Едвин Хабек, кој му се придружи на „Дневно“ во 2010 година, пред да си оди по само шест месеци во „Новости”, хрватски неделен весник кој го објавува Српскиот национален совет, кој го претставува српското малцинство во земјата.
Во 2014 година, Воислав Мацоко се вработил во сестринското издание „7Дневно“, екстремно десничарски неделник, исто така, дел од медиумската империја на Љубас.
„Тоа беше точка во мојата кариера кога размислував да го напуштам новинарството”, вели тој. „Работните места беа ретки, кризата го достигна врвот. Мислев на тоа како на професионално самоубиство, но повеќе не се грижев”.
И покрај тоа, Мацоко издржал помалку од една недела, откажувајќи се и подоцна вработувајќи се во регионалниот партнер на Си-ен-ен, „Н1“, пред да се пресели во „Index.hr“, водечки хрватски независен онлајн портал.
„Заминав уште пред да почнам да работам, бидејќи ми беше јасно дека нема да има уредувачка слобода, нема пари и нема новинарство”.
Клевета и смртни закани
Поборниците за човекови права велат дека „Дневно“ за времето на Љубас имале неславен рекорд за негативно пишување насочено кон бегалците и мигрантите.
Анализата на написите во медиумите(на хрватски јазик) направена помеѓу октомври 2015 и септември 2016 година од страна на групата за заштита на човековите права од Загреб, ГОНГ, ги истакна примерите од написите во „Дневно“ кои според НВО биле дехуманизирачки кон барателите на азил или биле користени расистички коментари.
Во еден напис од „Дневно“ пишувало дека мотивите на бегалците за доаѓање во Европската унија, „вклучувале, но не биле ограничени на силување на бели луѓе, уништување на социјалните системи и воведување на шеријатот”.
Како што „Дневно“ станувал сѐ попопуларен, судските процеси започнале да се множат.
Во 2014 година „Дневно.hr” објавил „експозе” во кое ги обвинувал високите функционери на „РИЗ предаватели”, производител на опрема за радиодифузија, за соработка со раководителот на синдикатот за да украдат милиони евра и да ги излажат работниците во врска со планот за сопственост на акциите.
Тие тужеа и добија 30000 евра како отштета во 2017 година. Судијата пресудил дека „Дневно“ објавил низа невистинити наводи и „не се ни обидел да го докаже спротивното на суд“, се вели во судските записи до кој дојде БИРН.
Марина Глокевиќ, раководител на синдикатот на метални работници во РИЗ и едно од лицата кои беа лажно обвинети во написот, изјави за БИРН дека клеветата имала „огромно“ влијание врз нејзиниот углед и приватен живот.
Во 2014 година, феминистичката група со седиште во Загреб, БаБе (Биди активен, биди еманципиран), покрена граѓанска парница за отштета откако во еден напис на Dnevno.hr пишуваше дека нивната координаторка Здравка Саџаков и правен советник Љубица Матијевиќ Врсаљко биле под истрага на даночните власти заради финансиска измама.
Од даночната управа потврдиле за судот дека немало таква истрага и БаБе ја добиле парницата, пишува во судските документи до кои дојде БИРН. Незадоволни со оштетата од 1350 евра, БаБе поднесоа жалба, но порталот „Дневно“ банкротираше пред случајот да добие завршница.
Снежана Вучковиќ, една од новинарките уште од првите денови, која успеа да ја преживее транзицијата под новиот сопственик Деканиќ, го бранеше агресивниот пристап на старата редакција, и покрај судските пресуди по тужбите за невистинити приказни.
„Немаше судски процеси за лажни вести“, вели таа. „За такви работи обично не се покренуваат тужби. Интересно е што луѓето тужат за стории во кои ја објавуваме вистината за нив. Затоа секогаш губиме на суд“.
Вуковиќ продолжи: „Зарем целта на новинарството не е освен фактичко известување да се поставуваат прашања, да се споделат наодите и да се провоцира? Како пишувавме немаше многу врска со уредувачката политика, туку тоа беше рефлексија на новинарската желба да се постават прашања дури и по цена на тужба“.
Признавајќи дека самата таа „изгубила неколку тужби, но добила многу повеќе“, Вучковиќ вели дека Љубас платил за сите оштети. „Тоа беше најмалку што можеше да направи за такви новинари“.
Во март 2017 година, „Дневно“ објавил подбуцнувачки напис во кој се изразувал бес по повод одржувањето на српски филмски фестивал во хрватската престолнина. Следувале смртни закани кон организаторите на фестивалот, па настанот бил одржан под полициска заштита.
‘Зарем не е целта на новинарството да се поставуваат прашања и да се провоцира?’ – Новинарката на „Дневно“ Снежана Вучковиќ
Кога порталот „Дневно“ поднесе барање за стечај истиот месец, против него имало покренато 47 тужби, според извештајот на стечајниот управник. Исто така, бил тужител во друг случај, против еден национален парк.
Меѓу нив имало граѓански парници за отштети од истакнати новинари, познати личности, политичари, компании во јавна сопственост, медиуми во приватна сопственост, невладини организации, поранешен шеф на полицијата и босански локален адвокат. Меѓу политичарите што го тужат „Дневно“, значителен број се од централнодесничарската ХДЗ.
Во Хрватска, судските постапки против компании кои ќе отидат во стечај се прекинуваат, давајќи им на тужителите малку опции за надомест на штетата.
Порталот „Дневно“ немал основни средства, а банкарски сметки биле празни кога банкротирал, но податоците на „Poslovna.hr“ даваат слика за финансиските средства на компанијата од 2013 година.
Тие покажуваат постојан пораст во годишната продажба на реклами, достигнувајќи околу 717.000 евра во 2016 година. Нето добивката изнесувала речиси 80.000 евра истата година, по тригодишните загуби.
„Стариот ‘Дневно’ не би пропаднал да не беа тужбите”, вели Деканиќ.
Седејќи во конференциска сала во зграда со метална боја во загрепската област Ќустосија, индустриска зона на северозападниот крај на трамвајската линија број 11, Деканиќ се сеќава како постигнала договор за „Дневно“ со Љубас во есента 2017 година, откако во порталот видела можност за нејзината маркетинг компанија, „Логобокс“.
„Размислувавме кога веќе имаме 10 отсто од нивниот рекламен простор – зошто да не поседуваме 100 отсто?”, вели таа.
Таа не дозволи БИРН да ја фотографира неа или да се фотографира редакцијата.
Деканиќ беше член на центристичката Хрватска народна партија. Пред да ги преземе Dnevno.hr, Dnevno.rs и Dnevno.ba – заедно со други наслови во портфолиото на Љубас, вклучително и Zagreb.info, Povijest.hr и Geopolitika.news – таа поднела оставка од партијата.
„Мислам дека сопствениците на медиумите истовремено не можат да бидат членови на партија”, вели таа.
„7Дневно“ не беше дел од нејзиното ново портфолио наслови. Љубас ги пренел правата за печатениот неделник на една од неговите други компании „Еуроциник“, пред банкротот на порталот „Дневно“ и затоа тој не бил достапен.
И покрај нејзиниот почетен оптимизам, Деканиќ наскоро се разочарала од токсичноста на брендот „Дневно“.
„Да знаев што ме чека, поинаку би размислувала и не сум сигурна дека ќе го сторев тоа”, вели таа, опишувајќи го преземањето како деловна одлука без политички мотив. „Беше, и сè уште е, исклучително тешко”.
Таа ги наведе пречките со кои се соочила како вршител на должноста уредник по преземањето на „Дневно“.
„Бевме блокирани како медиумска [организација] од маркетинг агенциите и институциите”, вели таа. „Не бевме присутни на ниту една единствена ПР-листа за испраќање покани. Луѓето се плашеа да работат со нас”.
По преземањето, многу провокативни приказни од дневната архива исчезнаа од сајтот. Пребарувањата на страниците по клучните зборови на хрватски, како што се „усташи” или „четници”, денес даваат само неколку резултати, наместо долгите списоци на наслови што се гледаа претходно.
Деканиќ вели дека иако трите национални сајтови на „Дневно“ во Хрватска, Србија и Босна се уредувачки независни, „тие мора да се држат до одредени правила”.
И таа инсистира на тоа дека Љубас сега нема никаква врска со онлајн публикациите на „Дневно“ – иако „Дневно“ продолжува да ги објавува содржините од „7-дневно“, кои Љубас и понатаму ги контролира преку „Еуроциник“.
„Дневно.hr“ и „Логобокс“ работат на истиот имот во Загреб како и „7Дневно“. Деканиќ вели дека тоа е „само случајност” што две од нејзините компании закупиле простор во истата зграда како и печатениот неделник на Љубас.
Според Деканиќ, новата уредувачка насока полека се исплаќа. „Ние правиме пари, но немаме профит”, вели таа, додавајќи дека интернет сообраќајот се зголемил за 106 отсто од времето на преземањето.
Податоците од службата за следење на веб-сајтовите „Гемиус“ покажаа дека „Dnevno.hr“ во просек секој месец имал околу 620.000 вистински посетители, меѓу јануари и октомври 2018 година.
Во едно неодамнешно истражување за тоа како луѓето ги консумираат дигиталните вести од Ројтерс институтот за новинарство при Универзитетот во Оксфорд, истражувачите откриле дека „Дневно“ го следеле 21 отсто од анкетираните во Хрватска, и покрај тоа што имал најмала доверба од сите вклучени брендови.
За споредба, еден од главните конкуренти на „Дневно“, десничарскиот портал „Директно“ има опфат од 14 отсто.
„Овие веб-страници го илустрираат растот во последниве години на радикалните социјални и политички конзервативни гласови организирани од страна на невладините организации, и се поврзани со поконзервативните делови на владејачката партија ХДЗ и Католичката црква”, се вели во извештајот.
„Не постојат слични медиуми на левата страна на спектарот со кои може да се споредат, а левонасочените онлајн медиуми генерално имаат многу помал број следбеници според оваа студија”.
Според анкетата, генерално довербата во вестите изнесувала 39 отсто во Хрватска.
‘Навикнете се на култура на силување’
На почетокот од 2017 година, Европската комисија формираше експертска група да даде совет за тоа како најдобро да се препознаат онлајн лажните вести. Во извештајот, групата советуваше да се отстрани било каква форма на цензура и препорача владите да промовираат медиумска писменост и да развијат алатки за да им помогнат на корисниците да се справат со дезинформациите.
Извештајот ја дефинираше дезинформацијата како „сите форми на лажни, неточни или погрешни информации креирани, презентирани и промовирани за намерно предизвикување јавна штета или профит”. Оваа дефиниција ги исклучува нелегалните содржини како што се говор на омраза и поттикнување на насилство веќе опфатени со постојните закони.
Во исто време, централната канцеларија за развој на дигиталното општество на хрватската влада објави дека државните институции работат на новата легислатива за регулирање на говорот на омраза, поттикнување на насилство и лажни вести преку интернет.
Поборниците за слобода на говорот се загрижени дека таквите закони би можеле да бидат чекор кон цензура со оглед на постоењето на закони против говор на омраза. Оттогаш ништо не е објавено во јавноста во врска со владиниот план.
Тамара Опачиќ (која не е поврзана со пратеничката Миланка Опачиќ), уредник на дигиталното издание на „Новости”, неделникот што го објавува Српскиот национален совет, изјави дека „Дневно“ ги отфрлил своите екстремистички перспективи по преземањето од Деканиќ.
„Општо земено, тие ги ублажија своите текстови кои претходно изобилуваа со отворен говор на омраза”, вели таа.
Но, таа додаде дека „Dnevno.hr“ сé уште има антисрпски предрасуди и ги поддржува нетолерантните општествени движења, како што е кампањата на конзервативната група за ограничување на гласачките права на пратениците од етничките малцинства во хрватскиот парламент.
„Иако повеќе не објавуваат шовинистички содржини или самите не поттикнуваат омраза, тие ги поддржуваат постојните [радикални] десничарски иницијативи”, вели таа.
Хелена Поповиќ, асистент професор по новинарство и комуникации на Универзитетот во Загреб, вели дека преуредувањето на „Дневно“ во голема мера е прашање на стил.
„Не е толку вулгарен”, вели таа. „Меѓутоа, во однос на идеологијата, нема значајна промена. Религијата и татковината сè уште се на централно место на агендата. Сé уште има остри агитации против Србите, мигрантите, феминистките. Накусо, ‘Дневно.hr’ сé уште има препознатлива и конзистентна идеолошка позиција”.
Новата редакција „Дневно“ беше ставена на тест во август 2017 година кога еден државен службеник од Град Загреб, едно утро не беше сексуално нападнат во Нов Загреб, област јужно од реката Сава, наводно од 27-годишен авганистански барател на азил.
„Навикнете се на културата на силување, тоа е дел од мирната интеграција”, громогласно објави „Дневно“ во еден напис за наводниот напад. Германија и Шведска беа прикажани како земји погодени од сексуално насилство предизвикано од поплави на мигранти и бегалци.
„Сите оние кои сметаа дека насилната интеграција на некомпатибилни култури може да создаде супер мултикултурна земја на мир и просперитет, како и сите оние кои се вклучени во манипулациите на пропагандистичкото новинарство за толеранција и интеграција, се во голема заблуда”, се вели во написот.
Запрашана подоцна за написот, Деканиќ изјави за БИРН: „Немам коментар за статијата. Јас не ја поддржувам сексуалната злоупотреба или каква било друга форма на злоупотреба или агресија “.
‘Јас го гледам само како бизнис. Редакцијата го гледа на истиот начин’ – Марија Деканиќ, сопственичка на „Дневно“
Од Центарот за мировни студии, загрепска непрофитна организација која промовира ненасилни општествени промени и работи на емигрантски прашања, велат дека „Дневно“ редовно го прикажува Центарот како ентитет „непријател” кој соработува со странските интереси, меѓу кои и американскиот филантроп Џорџ Сорос, дури и по промената на сопственоста.
Во писмо од ноември 2017 година испратено до „Дневно”, кое го виде БИРН, Центарот побарал извинување и повлекување на она што го нарекуваат „низа лаги”, кои „поттикнуваат насилство и омраза кон нашата организација”.
„Немаше никакво извинување”, вели портпаролката на Центарот, Ловорка Сошиќ. „Сепак, забележавме дека нешто се променило. Тие [„Дневно“] не спомнаа само 19 пати оваа година [2018], главно во написи преземени од хрватската новинска агенција ХИНА.
Нивниот новинар еднаш дури ни телефонираше за коментар”.
Деканиќ вели дека не знаела за никакво писмо од Центарот за мировни студии.
„Какви приговори?”, праша таа. „Се разбира, дека ќе одговоривме на било какви приговори доколку имало, но такви приговори не сме добиле”.
Во меѓувреме, „Дневно“ под раководството на Деканиќ како да ја изгуби склоноста да сее непријателство меѓу членовите на својата публика.
Повторно беше ставен на тест во јули кога ултранационалистичкиот пејач Марко Перковиќ Томпсон му се придружи на хрватскиот фудбалски тим при прославата на драматичното патување на земјата до финалето на Светското првенство.
Томпсон, чии концерти биле забранети во Австрија и Словенија, а чии песни побудуваат носталгија за хрватскиот усташки режим од времето на војната, како концентрациони логори и друго, ги придружуваше фудбалерите за време на парадата за враќање во Загреб и пееше на концерт на главниот плоштад во градот.
„Фашистичкото ѓубре ми го расипа денот”, пишуваше во насловот на српскиот портал „Dnevno.rs”, цитирајќи го центристичкиот хрватски пратеник Крезо Бељак.
На „Dnevno.hr“, Марсел Хољевац, еден од најпознатите колумнисти на „Дневно“ од ерата на Љубас, кратко време по прославите напиша: „Кога пејачите стануваат опасни за режимот, проблемот е во режимот, а не во пејачот”.
Повеќе од една година по преземањето од страна на Деканиќ, аналитичарите велат дека „Дневно” повеќе не важи за најозлогласен информативен портал во Хрватска, предавајќи ја титулата на конкурентите како Direktno.hr и Maxportal.hr.
„Ние сé уште ќе бидеме десничарски портал, но централно десно”, вели Деканиќ. „Јас го гледам само како бизнис. Редакцијата исто така го гледа на истиот начин”.
Поповиќ од Универзитетот во Загреб вели дека е неискрено да се каже дека уредувачката политика на „Дневно“ била управувана исклучиво заради потребите на бизнисот.
„Кога некој тврди дека медиумите се ‘професионализирани’ и на тој начин се одвоени од идеологијата, всушност, јасно е дека тоа е начин да се маскира идеолошката позиција што ја градат медиумите”, вели таа. „Тоа е затоа што секој медиум има идеолошка позиција, дури и ако нивото на експлицитност може да варира, во зависност од уредувачката политика”.
Други аналитичари велат дека заработувачката од пазарот кој е веќе преполн со медиуми не е толку лесна како што се мисли.
„Иако се чини дека е едноставно да се отвори нов медиум, за да се достигне саканиот потенцијал и тој да стане платформа која ќе креира мислење, на која луѓето ќе се потпираат за точни и навремени информации, се чини многу потешко”, вели Милан Френстачки Живковиќ, поранешен советник за медиуми во хрватското министерство за култура.
Дали „Дневно” може да издвои нова ниша за себе без да банкротира е прашање кое ги преокупира вработените во Загреб. Некои тивко зборуваат дека бараат нови работни места.
Во меѓувреме „Dnevno.hr“ продолжува да игра со антиемигрантските чувства, иако уредниците потиснаа многу од пошокантните наслови од религиозната секција на порталот.
„ЖЕНА ЕМИГРАНТКА ПРЕДУПРЕДУВА: Станав исламски радикал дури откако живеев во Шведска. ‘Тие ме научија да мразам’, беше насловот на еден од написите во религиозната секција на крајот од октомври.
Во една друга приказна беше опишана „визијата” за исламската инвазија на Европа, за која авторот вели дека дошла од поранешниот папа Јован Павле Втори.
„Сум видел како ордите доаѓаат на запад од исток, од Мароко, од Либија и од Египет”, статијата лажно го цитираше папата. „Тие ќе удрат на Европа, Европа ќе стане подрум, стара реликвија, полу сенка, пајажина”.
Приказната беше придружена од уметничка слика со облак од нуклеарна печурка, како уништува еден град.
Андреа Милат е новинарка од Хрватска и главен и одговорен уредник на регионалниот портал Bilten.org. Уредник Тимоти Ларџ. Оваа статија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од Фондацијата ЕРСТЕ и Фондациите Отворено општество, во соработка со Балканската мрежа за истражувачко новинарство.