Коалициските партнери Зоран Заев и Али Ахмети вчера си подадоа рака за заеднички кандидат за шеф на државата, меѓутоа пратеникот и потпретседател на СДСМ, Мухамед Зекири, ни најмалку не е среќен поради дилот.
Тоа повеќе од јасно го кажа во интервју за БИРН, само неколку часа пред лидерите да си дадат изборна беса.
„Што повеќе и подолго ‘шуруваме’ со нив, толку поголема штета ќе трпиме како партија.“
Повод за разговорот беше неговиот жесток дуел во Парламентот со спикерот Талат Џафери по неуспешниот обид за одземање на пратеничкиот имунитет на неговиот претходник Трајко Велјаноски, кој е осомничен за собранискиот напад на 27 април.
Популарниот Мухи, кој во политиката влезе во ситуација во која јавноста го помни како уредник на Алсат М и автор на емисијата „Патот кон“, по две години релативно тивка пратеничка кариера се чини повторно е ѕвезда.
Додека седевме во неговото омилено кафуле во Турската чаршија, случајни гости ни се вмешаа во муабетот.
„Само да ти честитаме за ова што го правиш“, му се обратија на македонски.
„Интегративците ни забија нож во грб“
И навистина, чувството беше дека спроти нас седи стариот жолчен критичар на ДУИ, од времето кога оваа партија „шуруваше“ со Никола Груевски.
Неколку дена по собраниската кавга, Зекири сè уште е убеден дека ДУИ го заштити Трајко Велјаноски.
„Нема зошто да закопувам секири со Талат Џафери, немам намера да ретерирам.“
За него сè што се случуваше викендов е организирано сценарио. Откако во детали ни го раскажа заговорот меѓу поранешните коалициски партнери, поентираше:
„Пратениците на ДУИ го спасија Трајко, за ВМРО да ги спаси нив кога ќе дојде време.“
Потсети дека брзо може да дојде на дневен ред одземање на имунитетот на координаторот на пратеничката група на ДУИ, Ејуп Аљими, кој, како што вели Зекири, секоја недела е на суд, поради обвинение на СЈО за изборни малверзации.
„Никој не може ме убеди во спротивното!“
Не ја отфрли можноста и Зијадин Села да е во право кога претпоставува оти Велјаноски знае многу работи за функционерите на ДУИ, па сакаат да го заштитат за да не проговори.
„Што повеќе и подолго ‘шуруваме’ со нив, толку поголема штета ќе трпиме како партија.“
Тој не верува дека однесувањето на ДУИ е поврзано со шпекулациите дека партијата на Ахмети на ваков начин притиска Оливер Спасовски да биде консензуалниот кандидат, за да може таа да постави министер за полиција.
„Ова што ДУИ ѝ го направи на СДСМ е забивање на нож во грб!“
„Ако се вратиме наназад на 27 април, јавноста памти дека ниту еден пратеник на ДУИ не беше чепнат. И сега излегуваат во заштита на тие што сакаа да нѐ убијат.“
Неколку пати во разговорот Зекири повтори дека неговите ставови за ДУИ се истите како кога беше новинар, ништо немало да го премисли и оти тоа го знаат сите во неговата партија.
„ДУИ е канцерот на македонското општество! Апсолутно се полоши од ВМРО-ДПМНЕ од времето на Груевски и на Мијалков. ДУИ, ниту го сакаат, ниту работат на концептот на СДСМ за Македонија како едно општество.“
Не му е сеедно за улогата на Мијалков при уставните измени
Без разлика што сега веќе е извесно дека ДУИ и СДСМ заедно настапуваат на изборите, профилирањето на Мухамед Зекири како фронтмен во „брачната“ собраниска битка, може да значи дека, сепак, е почната „војната“ меѓу Заев и Ахмети за албанските гласови.
„СДСМ ја има добиено таа битка со ДУИ од 2016, па навака“, ни контрираше Зекири.
Тој потсети дека интегративците во 2014 освоиле 153.000 гласа, а две години подоцна само 86.0000, по што од 20 пратеници спаднаа на само 10.
„Не се подготвени да излезат со свој претседателски кандидат зашто знаат како ќе поминат. Тотално ќе бидат делегитимирани и затоа ни се приближуваат со идејата за консензуален кандидат.“
Според него, ДУИ е во слободен пад и дека максимумот што може да го постигне е 50.000 гласа.
„И тој резултат би бил супер за нив.“
Во една телевизиска изјава деновиве Зекири ја подотвори вратата за сè погласните шпекулации околу евентуално ново парламeнтарно мнозинство без партијата на Али Ахмети.
„Новинарот инсистираше со прашањето дали е можна влада без ДУИ. Можно е влада без секого! Мнозинството го прават бројките, но прашањето е дали сега е време за нови комбинаторики.“
Премиерот Заев вчера беше јасен дека ДУИ му е потребна во мнозинството, но од разговорот со Зекири сфативме дека оваа опција не исклучена за некој друг момент.
Една таква авантура подразбира дека во новото мнозинство би влегле опозициските пратеници Албанци и деветтемина од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ што го поддржаа Преспанскиот договор.
„ДУИ не се подготвени да излезат со свој претседателски кандидат зашто знаат како ќе поминат. Тотално ќе бидат делегитимирани и затоа ни се приближуваат со идејата за консензуален кандидат.“
Со оглед дека дури и премиерот кажа оти Сашо Мијалков охрабрувал дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните промени, живо нè интересираше како Мухамед Зекири, жестокиот критичар на деспотизмот на Груевски и на Мијалков, живее со фактот дека „озлогласениот братучед“ ѝ бил неформален партнер на СДСМ во „преспанската операција“ и дека таа непринципиелна коалиција би се формализирала во некакво ново парламентарно мнозинство.
„Апсолутно не е пријатно чувството. Меѓутоа, јас не правам разлика меѓу тоа ВМРО и ДУИ, за мене се исти. Колку што ми е тешко што сме со ДУИ, толку би ми било тешко да сум и со тие пратеници.“
„Не ми е мене сеедно, но целта е постигната и Македонија формално до крајот на годината ќе биде дел од НАТО.“
Веднаш беше јасно зошто некои пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ гласаа за уставните промени, тие добија амнестија за 27 април, други, пак, најверојатно се испазариле за вработување на нивните блиски.
Но, затоа, пак, го прашавме Зекири дали ѝ верува на Елизабета Канческа-Милевска дека го прочитала Договорот од Преспа, долго размислувала и само поради тоа одлучила да гласа „за“. Притоа го потсетивме дека Канческа е осомничена од СЈО.
„Јас не сум преговарал со пратениците што гласаа, не сум разговарал со нив, ниту сум бил дел од тие разговори. Јас и како целата јавност треба да судам врз основа на тоа што таа изјави од собраниската говорница. Не можам од оваа позиција да шпекулирам дали и што е договорено во однос на тоа.“
„Истрагата за бегството на Груевски трае предолго“
СДСМ немаше никаква партиска реакција за начелното мислење на Врховниот суд, со кое добар дел од случаите на СЈО паѓаат во вода. Партијата не одржа прес и не прати соопштение. Затоа се доби впечаток дека одлуката на судот е дел од нов и премолчен договор за амнестија, кој би ги опфатил и првенците на ДУИ.
„Можно е да се добило таков впечаток, меѓутоа реалноста не е таква. Да сме го сакале тоа, немаше да предложиме нов Закон за СЈО.“
Тој вели дека ДУИ се консултирани при изработката на новиот закон, меѓутоа уште тактизираат.
Ја искористивме приликата да прашаме дали колегата-новинар Мухи би ѝ верувал на актуелната власт дека Груевски избега во Унгарија без нејзин амин.
„Јас не ги поддржав ниту субвенциите за печатените медиуми. И сметам дека владата не треба да го прави ниту второво, да направи Фонд за поддршка на телевизиите.“
„Како новинар би ги споделил истите сомневања што и ги има јавноста. И додека некој не ми покаже цврст доказ што се случило, сомневањата би останале. Истрагата трае предолго и јавноста со право сè уште очекува информации и очекува да се посочи со прст виновникот.“
Зекири како новинар силно се бунтуваше поради тоа што владата на ВМРО-ДПМНЕ со „кофи истураше“ пари во медиумите, особено во телевизиите. Оттука неизбежно беше да го тестираме колку е принципиелен, кога неговите сопартијци во Владата размислуваат финансиски да ги помогнат телевизиите на сличен начин како што тоа го сторија со весниците.
„Јас не ги поддржав ниту субвенциите за печатените медиуми. И сметам дека владата не треба да го прави ниту второво, да направи Фонд за поддршка на телевизиите. Пазарот е слободен, печатените и електронските медиуми нека се изборат сами. Македонија е мала држава и не може да издржи толкав број медиуми.“
„Не сум ердоганист“
Мухамед Зекири е свесен дека често е мета на фејсбук-коментари, во кои го опишуваат како ердоганист или како хомофоб, а не ретко го обвинуваат и за двете работи одеднаш. Карактеристики што вообичаено не би се очекувале кај политичар кој е потпретседател на партија што се декларира како левичарска.
Тој забелешките ги прифати со насмевка, објаснувајќи дека нема никаква поврзаност со Ердоган и со Турција.
„Секој има право да мисли што сака, меѓутоа нема зошто да бидам ердоганист. Таа етикета ми ја налепија по обидот за пуч во Турција, кога реагирав дека така не се доаѓа на власт. Имаше многу жртви и мојата реакција беше принципиелна.“
„Секој има право да мисли што сака, меѓутоа нема зошто да бидам ердоганист. Таа етикета ми ја налепија по обидот за пуч во Турција, кога реагирав дека така не се доаѓа на власт. Имаше многу жртви и мојата реакција беше принципиелна.“
Во собраниските лавиринти се заглавени промените на законот за Заштита од дискриминација, а меѓу нив главната новина е што се додава и сексуалната ориентација како основ за дискриминација. Со оглед на фејсбук-репутацијата на Зекири, го прашавме како ќе гласа за овие промени.
„Јас не сум било кому да се ускратуваат права, но сум против хомосексуални бракови и се противам овие парови да посвојуваат деца. Меѓутоа, такво нешто овој закон не предвидува.“