Регион

Мурал на Ратко Младиќ поставен во неговиот роден град

Ерна Мачкиќ, Сараево

Ратко Младиќ, за време на војната. Фото: Анадолија.

Неодамнешното поставување на 3,5 метри високиот мурал на Младиќ, на кој тој е прикажан како облечен во воена униформа салутира, во Калиновик, предизвика остри критики на организациите на воени жртви и на активистите за човекови права.

Муралот го постави српскиот ракометар, Влада Мандиќ. Тој за медиумите изјави оти Младиќ, кој со првостепена пресуда на Хашкиот трибунал е осуден за геноцид, на која одлука Младиќ вложи жалба, го смета за „српски херој“.

Александра Летиќ, од Хелсиншкиот комитет за човекови права, на босанскиот ентитет, Република Српска (РС), рече дека неодамна изградениот мурал посветен на Младиќ, е „слика на општеството во кое живееме“ и покажува дека „соочувањето со минатото, воопшто не започнало“.

„Муралот на Младиќ не е нешто неочекувано, бидејќи живееме во општество, во кое се величаат воените злосторници на сите страни и се подигнуваат споменици во различни места, а жртвите повторно се виктимизираат“, вели Летиќ.

Градоначалничката на општина Калиновик, Милена Комленовиќ, за БИРН изјави дека за поставување на муралот, од нив не била побарана дозвола.

„Никој не побара дозвола. Никој не контактирал со нас“, вели Комленовиќ.

Кемал Перван, претседател на здружението на жртви на војната „Калиновик ’92“, вели оти муралот е показател дека иако поминале толку многу години од војната, нема можност Бошњаците да се вратат во Калиновик.

„Нема враќање за Бошњаците. Досега се вратија пет семејства, а и ова е начин за опструирање на враќањето“, нагласи Перван.

„Муралот не ме изненадува, а ние не можеме да подигнеме споменик на убиените цивили, бидејќи општината не ни дава дозвола“, додаде тој.

Синот на командантот на ВРС, Дарко Младиќ, кој живее во Белград, за медиумите во Србија изјави дека неговиот татко ужива голема поддршка кај народот.

Говорејќи за муралот, Дарко Младиќ истакна оти ова покажува дека „не треба да се срамиме од нашите херои, туку треба да им се оддолжиме за она што во тешките времиња го правеле за народот“.

Хашкиот трибунал, во ноември 2017 година, донесе првостепена пресуда со која Младиќ беше осуден за геноцид во Сребреница, за тероризирање на граѓаните на Сараево и за земање на припадници на УНПРОФОР како заложници.

Тој, исто така, беше прогласен за виновен за прогон на Бошњаците и на Хрватите во голем број општини, вклучувајќи го и Калиновик.

И обвинителите, и одбраната на Младиќ, поднесоа жалба на оваа пресуда. Конечната пресуда се очекува да биде донесена следната година.