Регион

Муралот на Ратко Младиќ предизвикува несигурност во Фоча

“Духовите“ на минатото се будат, оживуваат, добиваат на интензитет

Во близина на училиштето и на седиштето на општина Фоча, град на реката Дрина, во источна Босна и Херцеговина, се појави огромен нов мурал на поранешниот командант на Војската на Република Српска (ВРС), Ратко Младиќ, насликан како да им салутира на минувачите.

Муралот на Младиќ, кој ја обжали првостепената пресуда со кој беше осуден за геноцид и други воени злосторства, е долг околу 20 метри и на него пишува: „Благодарност до твојата мајка“.

Неговиот мурал е еден од низата неодамнешни загрижувачки инциденти во Фоча, лоциранa во Република Српска, која во војната 1992-1995, беше место на етничко чистење, кое го изврши ВРС.

Непознато лице неодамна пукаше во минарето на џамијата Алаџа, културен, историски и верски споменик, по кој Фоча била позната пред војната. Џамијата беше дигната во воздух од силите на босанските Срби за време на војната во 1992, но беше обновена и повторно отворена во 2019 година.

Исто така, куршуми од автоматско оружје беа пронајдени пред влезната врата на Шериф Халиловиќ, Бошњак, кој за време на војната избегал од родната Фоча, во која се вратил со семејството пред седум години.

Халиловиќ е незадоволен што локалната полиција сè уште не уапсила никого.

„На оние рафали испукувани во пијана состојба, каде куршуми ни ѕвонат над нашите глави, некако и навикнавме. Но, да се пука во џамијата Алаџа, во минарето, тоа ни ги вклучи сите можни сијалички. Затоа сме и тажни. Самата реакција на полицијата и на локалните институции уште повеќе заплашува“, вели тој.

„Потоа добиваме и мурал на осуден воен злосторник, а сите ние сме жртви на оваа војна, на истиот тој злосторник. Имаме сите членови од семејството, кои се убиени“, додава Шериф.

Муралот на Дража Михајловиќ, во Фоча. Фото: БИРН.

„Мајка ми беше убиена и запалена“

Минатата година, во центарот на Фоча, беше насликан мурал на српскиот четнички водач од Втората светска војна, Драгољуб Дража Михајловиќ, кој беше погубен од југословенските власти во 1946 година, за велепредавство и колаборационизам, но беше рехабилитиран од српски суд во 2015 година.

„Муралот на осудениот воен злосторник, Младиќ, и овој мурал на четничкиот командант, Дража Михајловиќ, се наоѓаат на само 20 метри од озлогласената сала „Партизан“ во Фоча, каде што беа силувани нашите сестри, мајки, нашите најблиски, за време на последната војна“, вели, Џемаил Имамовиќ , претседател на Здружението на повратници и раселени лица во општина Фоча. „Замислете како се чувствува таа жена која доживеала такви непријатности од своите соседи, кога ќе дојде овде“, додава тој.

Силите на босанските Срби ја користеле спортската сала „Партизан“, како објект за притвор на жени, деца и стари луѓе, кои биле уапсени во Фоча и околните села, во 1992 година.

Сите затвореници биле држени во нехигиенски услови, биле изгладнувани, физички и психички малтретирани и сексуално злоставувани, стои во пресудата на поранешниот припадник на ВРС, Јаско Газдиќ, кој беше осуден на 17 години затвор за силување, вклучувајќи и 12-годишно девојче.

Драгољуб Кунарац, командант на специјална единица ВРС, исто така беше осуден пред Хашкиот трибунал за повеќе силувања и поробување на две жени во Фоча. Ова е прв случај во кој еден меѓународен суд за воени злосторства, го третираше сексуалното насилство, како злосторство против човештвото.

Имамовиќ вели дека околу 300 повратници се вратиле на подрачјето на оваа општина, но оти тие денес не се чувствуваат безбедно, поради нападот врз џамијата и поради други инциденти, кои им ги враќаат сеќавањата на страдањата во минатото.

Халиловиќ истакнува дека неговото семејство претрпело трагедија и во Втората светска војна, од страна на четниците на Михајловиќ.

„Под покровителство на Дража Михајловиќ, во 1943 година, беа убиени 136 членови на моето семејство. Под покровителство на воениот злосторник Младиќ, ги изгубив повеќето мои соседи и роднини, и доживеав лична голгота. Мајка ми беше убиена во семејната куќа и запалена, ова го буди сеќавањето на сето тоа“, нагласува Халиловиќ.

Слични предупредувачки зборови, за време на неговата посета на Фоча минатата недела, испрати и поглаварот на Исламската заедница во БиХ, Хусеин ефендија Кавазовиќ.

„Она што се случуваше во БиХ во последните денови, но и во изминатите неколку месеци, е ситуација која нѐ предупредува, во најмала рака сите нас, дека во некои делови на нашата татковина БиХ, ‘духовите’ на минатото се будат, оживуваат, добиваат на интензитет“, нагласи тој.

Обновената џамија Алаџа, во Фоча: Фото: БИРН

„Зарем човек кој собира зрна од автоматско оружје не е загрозен?

Насликан и мурал посветен на Милорад Пелемиш

Фото: Здружение на жртви на војната Фоча 92-95

За време на викендот, во Фоча се појави нов мурал, посветен на Милорад Пелемиш, воен командант на 10-тиот диверзантски одред на ВРС.

Милорад Пелемиш, кој беше осомничен за учество во геноцидот врз Бошњаците од Сребреница во 1995 година, но никогаш не беше осуден, живееше во Белград, каде почина во петокот, по долго и тешко боледување.

Боречката организација на Вториот одред на Специјалната полиција Шеховиќи, која ја објави веста за смртта на Пелемиш, него го опиша како „вистински патриот“. Но, од Здружението на жртви на војната Фоча 92-95, истакнуваат дека муралот е „провокација“.

Сите инциденти во последните неколку месеци, се пријавени во полицијата во Фоча, но сторителите не се идентификувани. „Тоа нè загрижува“, вели Имамовиќ.

Имамовиќ и Халиловиќ истакнуваат дека имаат коректни односи со соседите.

„Живееме тука едни покрај други, нема некакво посебно мешање, но ова е прашање на политика“, објаснува Имамовиќ.

„Голем број на мои соседи, Срби, ги осудуваат истите работи, како и ние. Зборуваме … за некаква иднина и сите ги воспитуваме децата покрај колено и го сакаме најдоброто за нив“, вели Халиловиќ.

БИРН упати прашање до градоначалникот на Фоча, но до објавувањето на овој текст, не добивме одговор.

Изет Спахиќ, единствениот претставник на Бошњаците во Собранието на Фоча, потсетува дека на претпоследната седница на општинското собрание, едногласно е усвоена таканаречената „Платформа за мир“, спроведена од УСАИД, со цел промовирање на прифаќањето на процесот на градење мир и помирување, меѓу различните национални и религиозни заедници во БиХ. Но, тоа не ги ублажи проблемите со кои се соочија бошњачките повратници во Фоча, ниту ги спречи опасните инциденти.

„Во моментов ја имаме таа декларација на хартија, а всушност имаме сосема поинаква ситуација во практика. Зарем човек кој собира зрна од автоматско оружје не е загрозен, дали пукањето во џамијата Алаџа, не претставува закана за безбедноста“, прашува Спахиќ, кој се вратил во Фоча пред 11 години.

„Луѓето ми пишуваат за проблемите со кои се соочуваат на теренот и дека тоа го пријавиле во полиција, но оти всушност тоа не се решава, тоа е начинот на кој сме загрозени“, додава тој.

Кавазовиќ наведува дека не треба да се молчи за тоа што се случува во Фоча, бидејќи молкот значи дека се охрабруваат оние кои сакаат да ја „вратат крвавата и тешка историја“ и апелираше до функционерите да се залагаат за мир.

„Одговорните луѓе во оваа земја мора да ја разберат својата улога“, нагласи тој.

„Нивната улога е сепак најважна, а тоа е да го заштитат секој поединец, секој граѓанин, да го штитат мирот, пред сѐ, и со својот пример да покажат како е можно да живееме во мир, едни со други, во нашата татковина БиХ“, заклучи Кавазовиќ.