Постои опасност, во следните четири до пет години да станат неупотребливи голем дел од видеолентите што се чуваат во архивата на Македонската телевизија (МТВ) и треба што побргу да се дигитализираат.
Ова за БИРН го тврди, како што го нарекуваат документаторот во националната телевизија, Кирил Панчевски, човекот што веќе четириесет години се грижи за архивата на јавниот сервис.
Панчевски вели дека 15.000 часа материјал од архивата веќе се дигитализирани, додека, според неговата груба процена, поголем дел – уште 33.000 часa, или две третини од вкупниот фонд, се во трка со времето и чекаат да бидат префрлени во дигитален формат.
За проблемот е свесно и раководството на телевизијата. Извршниот директор на МТВ, Захарије Вулгаракис вели дека за тој процес се потребни пари што телевизијата во овој момент ги нема.
Две третини од вкупниот фонд, се во трка со времето и чекаат да бидат префрлени во дигитален формат
„Додигитализацијата би требало да чини околу два милиони евра, меѓутоа тие пари ги немаме. Буџетот ни е сведен на минимум, имаме само за плати“, вели Вулгаракис.
Извршниот директор се обидувал и преку Европската радиодифузна унија (EBU), во која членува Македонската радио-телевизија (МРТ), да обезбеди фондови за дигитализација на другите материјали.
„Архивата е нашето национално богатство и за тоа треба да има свест и државата“, порачува Вулгаракис.
Спасувањето на овие снимки е уште поважно ако се знае дека архивите на весниците и на неделниците не се во најдобра кондиција, во библиотеките ги нема речиси сите броеви и сите примероци не се добро и целосно зачувани.
Архивите на порталите, пак, ги снемува со секој следен редизајн.
Бункерите на четврти кат
БИРН ги посети просториите во кои се чува видеоархивата на МТВ заедно со човекот што се грижи за нив, Кирил Панчевски. Тој е исклучително важен за телевизијата, бидејќи најдобро „плива“ меѓу илјадници снимки.
На четвртиот кат во зградата на телевизијата, во осум посебни простории зад дебели и тешки дрвени врати се чуваат снимките во своите касети, а вработените ги викаат „бункери“. Клучот го има архиварот.
Касетите се наредени на долги рафтови од неколку ката и може да се забележи дека најголемиот дел се од марките „сони“ и „фуџи“. Има различни формати на ленти од најстарата технологија со филмска 16-милиметарска лента до поновите таканаречени бета-ленти.
„МТВ почна со програма од 1963 година, меѓутоа тогаш имаше некој вид интермецо експериментална програма и затоа првите вистински снимки во продукција на тогашно ТВ Скопје датираат од 1964 година“, вели Панчевски.
„И покрај заштитата, снимките имаат рок на траење, и со текот на времето, емулзијата се троши и лентите го губат сигналот“
„Бункерите“ се направени за да ја задржуваат температурата на околу 18 Целзиусови степени и таа е оптимална за што подолг живот на магнетоскопските ленти. Немаат прозорци заради заштита од сонцето.
„И покрај заштитата, снимките имаат рок на траење, и со текот на времето, емулзијата се троши и лентите го губат сигналот“, објаснува Панчевски, покажувајќи на една лента од постар формат, која заедно со касетата тежи околу 15 килограми.
За него е доволно да го види архивскиот број на лентата и приближно знае каква програма е снимена на неа и од кој временски период.
За него велат дека никој друг не ја познава архивата на тој начин.
„Тоа што го држите в раце е лентата со снимките од денот кога загина Тоше Проески“, објасни тој откако ја дофативме касетата со жолта етикета на која имаше само каталошки број.
Се случувало досега и некои ленти да бидат извадени и да не се вратат во архивата, а понекогаш при обработката знаеле и да се скинат лентите.
МТВ сè уште ги има машините што ги репродуцираат сите различни формати, од најстарите до најновите, меѓутоа за ефективна дигитализација, потребни им се уште машини и повеќе луѓе.
Овие машини, колку што се постари и поретко се користат, толку стануваат поскапи.
Ги посетивме и просториите каде што се сместени. Тие се наоѓаат во одделението наречено „Магнетоскоп“ и движењето низ тие канцеларии е вистинска прошетка низ минатото. Еден вид телевизиски музеј.
Машините и просториите изгледаат како сцени од ретро-футуристички филм од 1970-тите, а тоа чувство го засилуваат фотографиите поставени на ѕидовите, кои во меѓувреме добиле природен сепија-тон.
Во тој оддел е сместена и картотеката што ги содржи информациите за содржината на лентите. Содржината е запишана со пенкало на избледени зелени картони, на кои на горниот лев раб стои старото и препознатливо лого на Радио-телевизија Скопје (РТС).
Сите снимки се важни
За разлика од каталогизирањето на рака и складирањето во „бункери“, денес архивирањето се одвива поинаку. Уредниците ги оставаат важните прилози во компјутерска мрежа, во посебен фолдер, од каде што архиварите ги повлекуваат.
Во МТВ со децении се архивираат цели емисии продуцирани од куќата, фестивали и настани што ги пренесувала телевизијата, како големите спортски настани и поважните прилози од ТВ-дневниците.
Во МТВ со децении се архивираат цели емисии продуцирани од куќата, фестивали и настани што ги пренесувала телевизијата, како големите спортски настани и поважните прилози од ТВ-дневниците
Раководството на МТВ вели дека при делумната дигитализација опфатени биле снимки за кои сметале дека се важни за општеството, како погребот на Тито, осветувањето на Соборниот храм или претставувањето на политичките партии од почетокот на деведесеттите години на минатиот век.
Покрај политички важните моменти, на пример, дигитализирана е и снимка од видеоинтервју со учесник во Илинденското востание.
„Меѓутоа никогаш не можеш да знаеш која снимка ќе стане важна“, вели Панчевски, алудирајќи дека треба да се зачуваат сите ленти во архивата.
Секој може да ја користи архивата и за тоа има ценовник, сè што треба да се направи е да се поднесе официјално барање до МТВ. Она што досега е дигитализирано може да се најде на официјалниот сајт на Македонската радио-телевизија.
Македонското радио, пак, има посебна, своја архива со аудиозаписи.