Регион

На одбележувањето на годишнината од геноцидот во Сребреница, осудено неговото негирање

Photo: Hamdi Firat Buyuk/BIRN

Во Меморијалниот центар во Сребреница вчера беше одржана комеморација по повод 26-годишнината од геноцидот извршен во јули 1995 година, при што беа погребани уште 19 жртви на масовните убиства на повеќе од 7.000 мажи и момчиња Бошњаци.

Најмладата жртва која беше погребана оваа година беше Азмир Османовиќ, кој имал 16 години кога бил убиен од силите на босанските Срби. Неговиот череп беше пронајден во масовната гробница во Пољанци, во близина на Сребреница, а беше идентификуван во мај оваа година.

„Она што можеби ми е најтешко е што татко ми, кој се бореше да ги најде коските на мојот брат, не успеа да го закопа“, вели братот на Азмир, Азир Османовиќ, објаснувајќи дека неговиот татко починал три месеци пред да бидат пронајдени посмртните останки на неговиот брат.

За разлика од минатогодишната комеморација, која се одржа во услови на строги мерки воведени поради пандемијата на корона вирусот, оваа година во Сребреница беа присутни голем број на членови на семејствата на жртвите и други граѓани, а бројни меѓународни претставници испратија свои видеопораки.

Во дел од нив, беше упатена порака за ставање крај на негирањето на геноцидот. Така, комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархели, истакна дека убиствата и депортациите на Бошњаците од Сребреница се квалификувани како геноцид од страна на два меѓународни суда.

„Обидите да се ревидира историјата се недопустливи“, истакна Вархели.

Претседателот на Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ), Кармел Агиус, во својата видеопорака истакна: „Негирањето на злосторствата ме шокира во целост“.

„Тоа е отфрлање на преживеаните искуства на жртвите, како и на фактите што во повеќе наврати се утврдени од меѓународните трибунали“, нагласи Агиус.

Американскиот амбасадор во Сараево, Ерик Нелсон, порача дека „величањето на воените злосторства и воените злосторници е неприфатливо“.

Алекса Бечиќ, претседател на Собранието на Црна Гора, кое пред помалку од еден месец усвои резолуција со која масакрите во Сребреница се прифаќаат како геноцид, испрати видеопорака во која нагласи оти сочувствува со  семејствата на жртвите.

„Дваесет и шест години по овој мачен настан, сакам да ви испратам изрази на сочувство во болката и страдањето“, истакна Бечиќ.

Шефик Џаферовиќ, бошњачки член на Претседателство на Босна и Херцеговина, го повика високиот претставник на меѓународната заедница во оваа земја, да наметне закон за забрана на негирањето на геноцидот.

„Судот на совеста и судот на историјата ќе имаат најмалку милост за оние луѓе кои можеа да го запрат злото, но не го сторија тоа. Не постои изговор што ќе може тоа да го оправда“, изјави Џаферовиќ.

Досега, во Меморијалниот центар Поточари Сребреница, се погребани 6.652 жртви на геноцидот, додека 237 се погребани на други локации, според желбите на нивните семејства. Околу 1.000 жртви и денес се водат за исчезнати.

За злосторствата во Сребреница, пред Хашкиот трибунал и судовите на некои балкански земји, вкупно 48 лица се осудени на повеќе од 700 години затвор, а изречени се и пет доживотни затворски казни. Последниот што беше осуден е поранешниот командант на Војската на Република Српска (ВРС), Ратко Младиќ, на кого минатиот месец му беше изречена казна доживотен затвор за геноцид и други воени злосторства.

Српските функционери одбија да присуствуваат на комеморацијата

активистите запалија свеќи пред зградата на Претседателство на Србија, а беше изведена и театарската претстава „Сребреница. Кога ние убиените ќе станеме“ Фото:БИРН

Ниту еден српски функционер не присуствуваше на вчерашната комеморација. Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, изјави дека официјалните лица на оваа земја нема да одат на овој настан во Меморијалниот центар во Сребреница, сѐ додека оние што во 2015 година го нападнаа претседателот, Александар Вучиќ, не бидат процесирани.

„Искрено, ние во Владата не размислувавме (за тоа кој треба да оди), не добивме покана и ако некој сега ми каже, ‘па, нема потреба од покана за да одиме таму’, јас не би одела, иако навистина изразувам големо жалење и тоа е страшно злосторство, она што се случи во Сребреница, немам проблем да покажам жалење или пиетет кон сите жртви“, истакна Брнабиќ за Прва ТВ во неделата наутро.

„Додека сите што го нападнаа претседателот на Република Србија, кој тогаш беше премиер, кога отиде да им се поклони на жртвите, на сите семејства и на бошњачкиот народ, не бидат изведени пред лицето на правдата, јас навистина не гледам дека на нам функционерите местото ни е таму“, додаде таа.

Неколку невладини организации, во Белград организираа низа настани, со кои им оддадат почит на жртвите на геноцидот во Сребреница. Организацијата, „Жени во црно“, организираше настан во центарот на Белград, при што беше поставен транспарент на кој пишуваше дека масакрите се геноцид и плакати со бројот 8.372 – бројот на жртви на масакрите извршени во 1995 година.

Членовите на оваа организација истакнаа и транспаренти на кои стоеше дека геноцидот е извршен со поддршка на Србија и дека автобусите што ги превезувале жените и децата кои беа  протерани од Сребреница, биле на српски транспортни компании.

Претседателката на „Жени во црно“, Сташа Зајовиќ, изјави дека ќе продолжат да „се борат злосторството да биде наречено со неговото вистинско име, а тоа е геноцид, бидејќи илјадници жртви, најмалку 8.000, ја платија највисоката цена“.

Граѓанските активистите ги штитеше полициски кордон, додека десетици луѓе се собраа и им се спротивставија, бранејќи го Ратко Младиќ.

Тие скандираа, „Сребреница не е геноцид“ и ги навредуваа членовите на невладините организации. Српските власти и натаму се на ставот дека масакрите не претставуваат геноцид и покрај пресудите на меѓународните судови.

Во недела навечер, активистите запалија свеќи пред зградата на Претседателство на Србија, а беше изведена и театарската претстава „Сребреница. Кога ние убиените ќе станеме“.

Azra HusaricNermina Kuloglija and Milica Stojanovic