Регион

На одбележувањето на годишнината од геноцидот во Сребреница закопани уште 35 жртви

Адмир Муслимовиќ, Сараево

Присутни во Меморијалниот центар во Поточари, крај Сребреница, жалат по жртвите. Фото: ЕПА/Jасмин Брутус.

Голем број граѓани на Босна и Херцеговина се собраа денеска во Меморијалниот центар во Поточари, во близина на Сребреница, за да присуствува на погребот на уште 35 жртви на геноцидот во Сребреница, во рамките на одбележувањето на 23-годишнината од масакрот.

Според полициските информации, во Сребреница пристигнале 177 автобуси и повеќе од 2.000 возила со луѓе кои присуствуваат на комеморацијата.

Меѓу жртвите кои беа закопани беше и една бремена жена, убиена во масакрот, Ремзија Дудиќ, и нејзиниот сопруг Нијазија. Нивните останки биле пронајдени во масовна гробница во регионот на Власеница во 2016 година.

Во меморијалниот центар беа закопани и останките на две момчиња, кои имале 16 и 17 години кога биле убиени.

Една од мајките на жртвите, Хајра Алиќ, вели дека закопала само една коска од нејзиниот син Мухамед – тоа е сѐ што досега од него е пронајдено.

„Нека се обележи неговиот гроб и нишанот, да знам барем каде е таа една коска”, рече Алиќ.

Нермин Аливуковиќ, од општина Сребреница и еден од организаторите на комеморацијата, истакна дека и другите извршители на масакрот треба да се најдат пред лицето на правдата.

„23 години по геноцидот, порачуваме, дека никогаш нема да престанеме да трагаме по невино убиените и никогаш нема да престанеме да трагаме по злосторниците“, рече Аливуковиќ.

Бошњачкиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, ги повика оние што имаат информации за гробниците на жртвите од Сребреница, да истапат и да ги кажат.

„Ги повикувам од ова место, олеснете си и себеси и нам, кажете каде се наоѓаат посмртните останки“, рече Изетбеговиќ.

Присутни на комеморацијата беа и учесниците на Маршот на мирот, кој се одржува секоја година, од Незук, крај Тузла, до Сребреница, рута по која во јули 1995 година, од енклавата, откако ја зазеле силите на босанските Срби, бегале мажите и момчињата од Сребреница.

Меѓу учесниците на Маршот на мирот оваа година беше и амбасадорката на САД во БиХ, Морин Кормак.

На комеморацијата присуствуваа голем број политичари од Босна и Херцеговина и од регионот, како и претставници на меѓународната заедница.

Претседателот на Механизмот за меѓународни кривични трибунали, Теодор Мерон, изјави дека е важно да се зачува споменот на жртвите од Сребреница.

„Сите сме чувари на виталниот, но кревок пламен: одговорни денес, но и во сите идни денови, за да се обезбеди дека сеќавањето на браќата и татковците, сопрузите и синовите, и сите други жртви на овие ужасни настани ќе остане живо, дека лекциите од Сребреница никогаш нема да се заборават и дека секој од нас ќе ја шири светлината на вистината и ќе се бори против темнината на рамнодушноста и негирањето“, рече Мерон.

Во вторникот вечерта, српската невладина организација „Жени во црно“, организираше комеморативен настан под називот „Сребреница 8.372“, на плоштадот „Република“ во Белград.

Активистите на организацијата држеа големо црно платно и ги прочитаа имињата на жртвите, а носеа и транспаренти на кои пишуваше, „Сребреница“, „Одговорност“ и „Солидарност“.

Сташа Зајовиќ, претседателка на „Жени во црно“, објасни дека српските судови не ги признаваат масакрите извршени во јули 1995 година како геноцид и дека, покрај пресудите на меѓународните судови, државата и српското општество сé уште негираат дека е извршен геноцид.

„Сметаме дека е неопходно да се направат чекори кон раскинување на товарот од минатото, пред сѐ, да се почитуваат судски утврдените факти на меѓународните судови, да се признае достоинството и страдањето на жртвите, и на организациите на граѓанското општество да им се додели трајна локација за изградба на споменик на жртвите на геноцидот во Сребреница“, рече Зајовиќ.

Досега, 6.575 жртви на геноцид се погребани во Меморијалниот центар Поточари.

Според одлуката на Хашкиот трибунал и на Судот на БиХ, силите на босанските Срби убиле повеќе од 7.000 мажи и момчиња од Сребреница во јули 1995 година.

Бебе и жена во деведесеттите години се најмладата и најстарата жртва од Сребреница, кои досега се погребани.

По масовните убиства, следела операција на прикривање на злосторствата, со презакопување на жртвите во секундарни и терцијарни масовни гробници.

Хашкиот суд, Судот на БиХ и судовите во Србија и во Хрватска, досега осудија 45 лица на вкупно 699 години затвор и три казни доживотен затвор, за геноцид, злосторства против човештвото и други злосторства извршени во Сребреница во јули 1995 година.

Во тек се уште неколку судски постапки во врска со геноцидот во Сребреница, но има и непроцесирани случаи.

Најмалку девет лица осомничени за геноцид и други злосторства извршени во Сребреница, со цел да го избегнат гонењето, избегале од БиХ во Србија, каде што живеат слободно и покрај нивната наводна вмешаност во масакрот.