Анализи

Набавките на јаглен транспарентни, договорите скриени

Кој е гарант на мистериозните микрокомпании што доставуваат јаглен вреден милиони евра?

Две новоформирани микрокомпании од Скопје, веќе трет месец учествуваат во спасувањето на Македонија од последиците на светската енергетска криза преку милионски договори склучени со државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) за увоз на јаглен за РЕК Битола. Тие се вклучени во планот на државата да го зголеми домашното производство на струја за 20 отсто.

Кога станува збор за набавките на јаглен и на други енергенси, претставници на ЕСМ не пропуштаат енергично да нагласат дека „компанијата спроведува транспарентни постапки, иако не е законски обврзана на тоа“, имено Законот за јавни набавки го иззема ЕСМ од обврската јавно да ги објавува огласите и одбраните компании. Меѓутоа, ЕСМ истовремено е имател на информации од јавен карактер и како таков подлежи на Законот за пристап до информации од јавен карактер. Сепак, транспарентноста со која се гордее компанијата најголем огласувач ја снемува кога договорите за увозот треба да се објават или да се овозможи увид во нив, како податоци од јавен карактер.

БИРН, на 11 август, повикувајќи се на Законот за пристап до информации, достави барања до државната компанија, за увид во договорите склучени со компаниите Енергија Икс и Куантум Солушнс, кои, заедно со албанската фирма Хај Тауерс, беа избрани на јавниот повик на ЕСМ за набавка на јаглен за комбинатот во Битола, распишан на 31 март, а затворен на 13 јуни.

Од 550-те илјади тони, колку што треба да се достават со оваа набавка, 100 илјади треба да испорача Куантум Солушнс за речиси 6,3 милиони евра, 50 илјади Енергија Икс за околу 3,2 милиони евра, а остатокот е обврска на албанската фирма.

Законскиот рок за да се одговори барањето истече на 31 август, но одговор сѐ уште нема. ЕСМ, ниту го одби, ниту даде какво било образложение зошто договорите не се достапни.

По милионските тендери – промени во сопствеништвото

Зградата во Скопје каде што е регистрирана фирмата Куантум Солушнс | Фото: Гугл мапс

Станува збор за две микрокомпании, кои, како што објавивме, се формирани откако беше распишан тендерот. Немаат никакви податоци за контакт, ниту имаат канцеларии на двете скопски адреси што ги навеле како седишта. Во двете се јавува ист косопственик – тетовецот Аљибер Ибраими. Ниту тој, ниту другите што се или беа вклучени во сопственичката структура не се познати во енергетската дејност.

Додека договорите се кријат, во мистериозните компании се менува сопствеништвото. Според податоците од Централниот регистар, кога се формираше компанијата Куантум Солушнс на 31 март годинава, нејзин единствен сопственик и управител беше Аљибер Ибраими, човек што е вклучен во повеќе компании што се занимаваат со живинарски бизнис во полошкиот регион, без видливо искуство во енергетиката. Од 11 август, косопственик станал извесен Лазар Кимов, за кого нема други податоци, освен поврзаноста со оваа фирма. Управител останува Ибраими.

Втората фирма, Енергија Икс, Ибраими ја основа на 5 мај, заедно со скопјанката Ана Христовска. На 22 август, пак, местото на Христовска како сопственик и како управител го презема Ристо Чокрев, познат поранешен ракометар и спортски работник.

Чокрев не одговори на нашите повици и пораки. Ибраими се обидовме да го контактираме преку социјалните мрежи, но нема одговор. За Христовска и за Кимов нема податоци за контакт.

Ковачевски: си ги исполнуваат обврските

Васко Ковачевски, генерален директор на ЕСМ | Фото: Телма

Во меѓувреме, ЕСМ продолжува со тврдењата дека „е транспарентна и кога не мора да биде“ во врска со набавките. Последен што го повтори овој став е генералниот директор на компанијата, Васко Ковачевски, на две телевизиски гостувања, во емисијата „Топ тема“ на телевизијата Телма во вторникот на 13 септември и во „360 Степени“ на Алсат М на 16 септември.

„Јагленот може да го набавиме и без објава на тендер. Но, заради транспарентност, конкурентност и заради исполнителност на договорите, ние вршиме објави и за јаглен, и за мазут, и за електрична енергија“, рече Ковачевски во телевизиското интервју.

Откако неколкупати истакна дека нема ништо незаконско во договорите, тој додаде дека ќе било незаконски да ги одбијат двете компании, без разлика дали биле формирани, како што вели, „пред три, пет или петнаесет дена“.

„Девет понуди имаше на отворањето. Нивните беа меѓу најповолните. Ако ги одбиевме тие компании и ги прифатевме другите што беа со повисоки цени, тогаш ќе носевме одговорност јас, управниот одбор и директорите во РЕК Битола“, истакна Ковачевски.

Ковачевски рече и дека откако излегле информациите за сопственичката поврзаност на Енергија Икс и Куантум Солушнс, компанијата утврдила дека причината за тоа е што Ибраими со еден партнер основал фирма за да носи јаглен од Албанија, а со друг за да увезува од Грција.

„Во овој период, двете компании одговорно си ги исполнуваат договорите, си испорачуваат јаглен и од Албанија и од Грција. Доколку има прекршување на договорот, има банкарска гаранција која ЕСМ, односно државата, ќе ја наплати“, рече тој.

Директорот, најмалку двапати, ја спомена банкарската гаранција како доказ дека ангажирањето на двете фирми не претставува никаков ризик за работата на РЕК Битола, за ЕСМ и за производството на струја. Но, бидејќи документите за набавката се недостапни, не може да се види ниту како компаниите основани со влог од 5 илјади евра и без какво и да е претходно работење ја обезбедиле гаранцијата, која по правило се брои во милиони.

Немањето увид во договорот и тендерската документација, вклучително и во банкарските гаранции како дел од неа, оневозможува да се потврдат или демантираат сомнежите дека всушност зад овие фирми стои друга, многу поголема компанија од земјава што се занимава со увоз на енергенси, која толку добро заработува, што веќе се шири во градежништвото и во други бизниси.