Регион

Напната атмосфера пред изборите, во градот на некогашните команданти на ОВК

Србица/Скендерај, е роден град на неколку команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), вклучително и на Хашим Тачи

Две децении, гласачите во Србица/Скендерај, град во долината на Дреница, ја поддржуваа Демократската партија на Косово (ДПК) и нејзиниот поранешен лидер, Хашим Тачи, воен политички лидер на ОВК, кој по конфликтот продолжи да доминира на политичката сцена во Косово.

Србица/Скендерај е роден град на Тачи, но и на Адем Јашари, еден од основачите на ОВК, кого југословенски суд, во 1997, во отсуство го осуди за тероризам, и кого српските сили го убија во неговата родна куќа, заедно со 57 членови на неговото семејство, откако претходно три дена го држеа во обрач.

Овој настан се смета за пресвртна точка во борбата за независност на Косово. На главниот плоштад во Скендерај, има огромна статуа на Јашари, додека на општинската зграда се наоѓа огромен плакат, со неговиот лик, и со ликовите на неговиот татко, Шабан, и неговиот постар брат, Хамез.

Во повоениот период, ДПК 21 година беше водечка партија, за која гласаше огромното мнозинство од населението, иако несогласувањата во ДПК создадоа услови, внукот на Адем Јашари, Беким Јашари, син на неговиот брат Хамез, на изборите за градоначалник во 2017 година, да се кандидира како независен кандидат, кој лесно победи на изборите.

Но, во последните неколку недели, како што се ближат предвремените општи избори закажани за 14 февруари, но и поради оставката на Тачи на функцијата претседател, кој тој ја даде минатата година, поради обвинението за воени злосторства во Хаг, политичката напнатост во градот расне.

Според резултатите од неколкуте анкети спроведени во Косово, на овие избори, лидерот на опозициската партија Ветевендосје (Самоопределување), Албин Курти, има најголеми шанси да стане иден премиер. Анкетите покажуваат дека ДПК е на второто или третото место, но далеку зад Ветевендосје.

Кога Курти на 1 февруари ја посети Србица/Скендерај во рамките на предизборната кампања, на средбата со приврзаниците на Ветевендосје, група од околу 30 демонстранти, фрлаа јајца кон нив и го исмејуваа Курти.

По инцидентот, локалниот огранок на ДПК, соопшти дека посетата на Курти била „провокација“ и „неприфатлива“, бидејќи водачот на Ветевендосје имал голема полициска придружба.

„Ни недостасува Тачи“

Плакат на ОВК и албанско знаме на главниот плоштад во Србица/Скендерај. Фото: БИРН

„Ни недостасува Тачи“

Курти е остар критичар на поранешниот лидер на ДПК, Тачи, и на неговиот наследник, Кадри Весели, кој, исто така, се наоѓа во притвор во Хаг. Тие, и уште двајца поранешни високи команданти на ОВК, чекаат судење пред Специјализираните совети на Косово (ССК), кои беа основани за да им судат на припадниците на ОВК, за воени и повоени злосторства. Сите четворица се изјаснија за невини.

Во Србица/Скендерај, сеќавањата на војната сè уште се широко присутни, а Тачи сè уште е локален херој. Осман Коца (78) вели дека е вознемирен што Тачи морал да ја заврши својата политичка кариера и да замине во Хаг.

„Луѓето можат да кажат што сакаат, но тој ни недостасува“, истакнува Коца.

ДПК од Србица/Скендерај тврди дека наводите на Курти за корупција, насочени против Тачи и Весели, се лажни.

„Неговите неосновани обвинувања ги иритираа жителите на Дреница“, истакнува, Рагип Дурмиши, потпретседател на локалниот огранок на ДПК.

На чело на овој огранок е Сами Луштаку, воен командант на ОВК во таканаречената зона Дреница, локален моќник, кој во 2015 година беше осуден на 12 години затвор за воени злосторства. Две години подоцна, Врховниот суд го ослободи од обвинението.

Неколку дена пред инцидентот со Курти, косовските медиуми објавија аудио запис во кој се слуша како Луштаку го повикува локалното население „да не му ја отвора вратата“ на лидерот на Ветевендосје, за време на изборната кампања.

Но, Хисни Механи, шеф на огранокот Ветевендосје во Србица/Скендерај и кандидат за пратеник, вели дека населението го игнорирало повикот на Луштаку.

„Кога граѓаните го игнорираа овој повик, тогаш ДПК ги охрабри своите структури да направат инцидент“, вели Механи.

Сепак, лекарот, Рагип Дурмиши, заменик претседател на локалниот огранок на ДПК, ги негира обвинувањата и објаснува дека инцидентот бил испровоциран поради „прекумерното присуство на полицијата“.

„Протестот не беше организиран. Тие беа испровоцирани од придружбата на Албин Курти. Фактот што полициските сили го блокираа плоштадот, ги иритираше граѓаните“, нагласува тој.

„Неколку дена претходно, Глаук Коњуфца (потпретседател на Ветевендосје) беше во Скендерај, без никаква полициска придружба. Луѓето го гледаа како шета по градските улици и го поздравуваа“, додаде тој.

Курти го негираше големото присуство на полицијата, за време на неговата посета на Србица/Скендерај.

„Не ме следеа полициски специјалци. Отидов таму со (само) едно полициско возило, како и секогаш“, изјави Курти во четвртокот, во предизборната дебатна емисија на БИРН Косово. „Debat Pernime“.

„Не можете да ги заплашите луѓето“

Осман Коци (78), жител на Србица/Скендерај. Фото: БИРН.

Како што се приближува денот на изборите, Дурмиши е оптимист дека неговата партија ќе го задржи приматот во Србица/Скендерај.

„Предизборната атмосфера зборува во прилог на ДПК“, истакна тој.

Но, Механи верува дека по две децении политичка доминација на ДПК, работите во градот се смениле.

„(Луѓето во овој регион) долго време веруваа во ДПК, но нив не можете да ги заплашите или да ги уценувате“, вели Механи, сугерирајќи дека минатонеделниот протест бил организиран со цел да ги заплаши приврзаниците на Ветевендосје.

Предвремените избори беа иницирани во декември 2020 година, кога Уставниот суд на Косово донесе одлука дека коалициската влада, предводена од Демократскиот сојуз на Косово на Авдулах Хоти, е нелегитимна, затоа што глас на пратеник, кој претходно бил осуден на затворска казна, бил клучен за изборот на Владата.

Хоти стана премиер по соборувањето на владата предводена од Курти, која дојде на власт по претходните предвремени избори на Косово во октомври 2019 година. Бројот на гласови што ДПК ги доби во 2019 година, падна на 21,2 одсто, што е најнизок процент на гласови што оваа партија ги добила по војната, што беше причина таа да замине во опозиција.

Овонеделните избори ќе бидат петтите по ред одржани во Косово од 2010 година, иако во Србица/Скендерај, некои луѓе не веруваат дека тие ќе сменат нешто на подобро.

„Многу влади се менуваа со текот на годините, но животот не се подобри“, вели дваесетгодишниот Блерим за БИРН.

„Работам со семеен земјоделски бизнис и од ниту една влада не добивме поддршка“, додава тој.

Како и многу други млади луѓе, и Блерим својата иднина ја гледа надвор од Косово.

„(Сакам) да добијам работна виза и да заминам каде било на Запад за да работам. Тука не гледам перспектива“, објаснува тој.

„Пред изборите, сите доаѓаат во нашите домови и бараат гласови. Кога ќе завршат изборите, никој не се грижи за вас“, нагласува Блерим.