Иако мечките се резиденти на Националните паркови во Македонија, владата е таа што постојано им прави мечкина услуга на парковите, односна „услуга“ од која тие имаат повеќе штета отколку полза.
Па, така, ако претходно владата на Никола Груевски сакаше да гради големи хидроцентрали, оваа во минативе години издаде концесии за изградба на мали хидроцентрали во некои од заштитените подрачја. Последната услуга од тој тип е најавата за легализација на дивоградбите. Таа само ја зголеми главоболката на управите на националните паркови.
Дотолку повеќе што доаѓа во момент кога парковите се обидуваат да го напуштат стариот модел на издржување преку сечење дрвја и да почнат да заработуваат од туризмот, со што би можеле целосно да се посветат на заштитата на природата.
Извори за БИРН велат дека дивоградбите во рамки на националниот парк „Маврово“ не почнаа да се појавуваат од вчера, но по најавата за легализацијата, се случува „инвазија“. Ако состојбата со нелегалното градење во последните 15 години била катастрофа, сега станала „максимална катастрофа“. Посетата на теренот ги потврдува стравовите на претставниците на паркот дека тешко ќе се справат со намерите на сите оние што се „жедни“ за викендичка во национален парк.
И покрај тоа што владите често се одлучуваат да вмешаат прсти во заштитените подрачја, парковите никако да дојдат на дневен ред кога се работи за тоа нивното финансирање да падне на грбот на државата
Но, и покрај тоа што владите често се одлучуваат да вмешаат прсти во заштитените подрачја, парковите никако да дојдат на дневен ред кога се работи за тоа нивното финансирање да падне на грбот на државата. Овие установи се задолжени да се грижат за заштита на природните подрачја и од своето основање по Втората светска војна, па до денеска се самофинансираат, односно парите си ги заработуваат самите.
Вкупниот годишен буџет на трите постоечки национални паркови, Маврово, Пелистер и Галичица, заедно е нешто над 3 милиони евра. За споредба, владата е дарежлива кон други институции. На пример, годинава само на јавното претпријатие „Национални шуми“ размислува да му даде еднократна помош од 2,5 милиони евра за претпријатието да ги покрие загубите од работењето.
Заштитените подрачја се вистинско богатство, и тоа не само во поглед на биолошката разновидност. Проценката е дека потенцијалот само во делот на еколошкиот и одржливиот туризам во паркот „Галичица“ е 27 милиони евра годишно. Но, за да успеат да добијат поголем удел во овој колач, парковите, покрај работата на заштитата, треба да се посветат и на претприемачки активности, како убедување, преговарање и спогодување со секој поединечен субјект на нивната територија за да успеат нешто да наплатат.
Тоа, пак, дополнително им е отежнато зашто владата досега нема донесено ценовник со кој ќе се одредуваат овие надоместоци на сите заштитени подрачја подеднакво.
Трница – сирење, бакардан и дивоградби
Селото Трница во Мавровско е познато по сирењето, киселото млеко, качамакот и чистиот свеж воздух. Меѓутоа, периодов добива нови обележја – дивоградби. Веднаш околу малата црква, а спроти ресторанот, познат по бакарданот, се градат неколку куќи. Жителите велат дека тоа се викендички.
На сателитските снимки се гледа дека лани овие објекти не постоеле, туку имало шума.
Просторот е државно земјиште во рамки на националниот парк „Маврово“, па така и дрвјата што сега ги нема, биле дел од заштитената природа, која не смее туку-така да се наруши. Државни шумарски инспектори во јуни утврдиле дека дрвјата се исечени без дозвола, а општинските инспектори утврдиле дека градбите што се подигнуваат на нивно место се нелегални.
„За некои локации се изготвија записници и соодветни решенија за отстранување објекти, а некаде е спречено воопшто отпочнување со градба“, вели во писмениот одговор за БИРН, Кирко Џукоски, раководител на Одделението за инспекциски надзор на општината.
На самото место, пак, очигледно е дека и, наспроти одлуките, градењето продолжува. Кога ја посетивме локацијата во втората половина на јуни, најмалку на еден од објектите се гледаше дека работници работат.
„Инспекторот нѐ обврза да го вратиме местото во првобитната состојба, а таму уште копаат. Ајде кажете ми како да го вратиме во првобитната состојба?, вели Цане Петревски, раководител на секторот за одржливо користење во националниот парк „Маврово“.
Петревски е еден од вработените, кој целиот работел век го поминал во паркот. Објаснува дека Трница е само понов пример на она што се случува на многу места околу езерото. Вели дека ако последните 15 години со дивоградбите се случува „катастрофа“, во последната година тоа е „максимална катастрофа“, каква што не ја памети во својата долга кариера.
„Предлог-законот за дивоградбите конкретно ни направи таков хаос, што се соочуваме со инвазија. Узурпацијата на имотот зема максимален замав, така што и ние и општинскиот инспекторат тешко може да се справиме“, вели Петрески
Неговата проценка е дека во рамки на паркот има повеќе десетици дивоградби, а смета дека тоа се случува поради мижењето и бавните реакции на многу институции.
Меѓутоа, никој не кажува кои се „инвеститорите“, колку објекти точно се градат и дали воопшто ќе се отстранат.
„Предлог-законот за дивоградбите конкретно ни направи таков хаос, што се соочуваме со инвазија. Узурпацијата на имотот зема максимален замав, така што и ние и општинскиот инспекторат тешко може да се справиме“
„Најверојатно влијание имаат некои моќници и инвеститори“, вели Петрески.
Слични работи се одвиваат и на Шар Планина, велат извори на БИРН вклучени во постапката на прогласување на Шара за национален парк. Според нив, вкрстувањето на двата процеса, односно приближувањето на прогласувањето на националниот парк, што може да се случи на секоја следна седница на Собранието, и предлог-законот за легализација на дивоградби, последната година предизвикале голем интерес за градење и на таа планина.
Според нив, една од покритичните локации е надвор од викенд-населбата на Попова Шапка, односно подолу по патот кон Тетово, каде што кај месноста позната како „Карпа“ е пробиен земјен пат во шумата и годинава на повеќе локации е забележано рамнење на земјиште како подготовка за градба на објекти. „Во тој случај уште помалку е веројатно дека некој ќе реагира, со оглед на тоа што паркот уште не е прогласен и нема ни управа и организација што би се зафатила со проблемот“, велат изворите на БИРН.
Од националниот парк „Галичица“ ни кажаа дека кај нив законот за дивоградбите не додаде масло на огнот зашто охридскиот регион не беше опфатен во оваа можност. Меѓутоа, тие посочуваат дека и кај нив притисокот од нелегалното градење е постојан со години и е еден од нивните најголеми проблеми.
Парковите можат да пријават ако некој нелегално гради. Преку ренџерските служби можат да легитимираат и да бараат документи за зафатите, да се обидат да ги избркаат во моментот, можат да поднесуваат кривични пријави, но немаат надлежност да уриваат објекти.
Галичица прва зафаќа од туристичкиот колач
Во Маврово стигнавме со автомобил. Пиевме кафе и појадувавме во еден од рестораните во Маврови Анови. Не се наплаќа за влегување во паркот, ниту од кафеанската сметка од околу петстотини денари во моментов ниту еден денар нема да оди во националниот парк. Како што ниту зимоска не одеше ниту еден денар од илјадниците скијачи и гости што престојуваа на скијачките патеки и во хотелите.
На подрачјата на заштитените подрачја во Македонија има хотели, села и викенд-населби, акумулации, скијачки центри, далноводи, антени на мобилни оператори, извори на вода, планински врвови, локалитети и излетнички места со голема посетеност. Ретко за што од овие работи до скоро парковите добиваа каков било надомест.
Така и „борбите“ на Маврово со дивоградбите ги тенчат ресурсите на паркот. Ако паркот треба самиот по секоја дивоградба да ја враќа состојбата на теренот како што била пред градбата, тоа ќе треба да го прави од сопствени пари. За да се надомести трошокот ќе треба да сече повеќе дрвја.
Истовремено, расте и перцепцијата дека намената на парковите е првенствено заштита на природата, наместо експлоатација, што сѐ повеќе го прави постоечкото финансирање етички дискутабилно.
Над 80 проценти од приходите на НП „Маврово“, кои на пример во 2020 изнесувале околу 2 милиони евра, со кои се вработуваат над 70 лица, се од сечење и продажба на дрва, а кај НП „Пелистер“, кој има четириесетина вработени и буџет од нешто над 750 илјади евра се од комбинација од дрво и берба на шумски плодови.
Исклучокот од ова правило е „Галичица“, кој со своите дваесетина вработени и буџет од околу 470 илјади евра е првиот парк што целосно повлече нога на другата страна. Од пред неколку години одлучија повеќе да не се занимаваат со сеча на дрвја и сега уделот од оваа дејност во приходите е сведен на нула.
„Ако нешто влијае врз природата, тоа е користењето на нејзините ресурси. Со сечењето дрвја прво се менува видовиот состав. Зошто по сечењето, некои видови дрвја се поагресивни од други, друго, да не зборуваме за отстранувањето стари стебла, кои денешната наука ги идентификува како жариште на биолошката разновидност, значи се менува целиот екосистем“, вели Андон Бојаџи, раководител на одделението за заштита на природата во НП „Галичица“.
Како е дојдено до ова? Бојаџи, заедно со директорот на паркот Александар Миљовски и Константин Здравески од одделот за алтернативни активности објаснуваат дека трансформацијата е почната пред речиси 15 години.
Велат дека од контактите со другите европски паркови, прво се сменило размислувањето на дел од вработените, а потоа со помош на странски грантови се направени поголеми инвестиции во туристичката инфраструктура, како пешачки и велосипедски патеки од 250 километри, излетнички места, инфо-точки и центар за посетители…
Последните години установата користи и пари од фонд што го финансира германската влада, кој покрива половина од нивните годишни трошоци. Но, она што предизвикува внимание е втората половина од приходите, кои паркот ги обезбедува преку наплата на надоместоци.
Во 2014 година, НП „Галичица“ ја наплаќа првата влезница во паркот. Оттогаш секоја година само се проширува листата на дејности и оператори од кои почнуваат да наплаќаат поединечно мал, но севкупно значаен надомест.
„Борбите“ на Маврово со дивоградбите ги тенчат ресурсите на паркот. Ако паркот треба самиот по секоја дивоградба да ја враќа состојбата на теренот како што била пред градбата, тоа ќе треба да го прави од сопствени пари
Така, ако се возите со кајче по изворот на Црн Дрим кај Свети Наум ќе ви биде наплатено 200 денари. Стотка оди за возачот на кајчето, а стотка за националниот парк. Искачувањето по врвовите на планината, исто така, се наплаќа, како и други пешачки и велосипедски тури.
Од годинава склучени се спогодби и со оператори што организираат возење мотори по дел од патиштата на паркот каде што тоа е дозволено, за што, исто така, установата ќе добива надомест. Паркот им наплаќа на мобилните оператори за поставените базни станици, а планира да склучи такви спогодби и со енергетските компании за далноводите што минуваат на нивна територија.
Хотелите што се на нивна територија, исто така им се во план, како и водата со која всушност се снабдува охридскиот водовод, но за таму велат дека спогодувањето барем засега потешко минува.
За да се има предвид за колкав потенцијал на услуги станува збор, НП „Галичица“ пред неколку години изработи студија за вредноста на екосистемските услуги, односно за „директните и индиректните придобивки од екосистемот кон човековата благосостојба“. Изразено во пари, се проценува дека „Галичица“ има потенцијал, кој изнесува над 40 милиони евра годишно.
Од нив, само на потенцијалот на туризмот во паркот отпаѓаат над 27 милиони евра, кои се значаен извор, во кој, како што најавуваат, ќе се стремат да добијат поголем удел и каде ја гледаат својата финансиска независност и одржливост.
„Воспитување“ на гостите
На прашањето зошто за влез во националниот парк „Маврово“ не се наплаќа, Цане Петревски подготвено одговара дека тоа не е можно поради тоа што патот што минува по целиот парк е магистрален и поврзува градови. Но, затоа веднаш посочува дека и кај нив од годинава ќе има новини.
Паркот направил спогодби со скијачкиот центар, па од следната сезона се очекува од секој ски-билет да добиваат мал надомест од 10 до 20 денари. Петревски вели дека се направени спогодби и со некои од хотелите, па ќе се добива мал надомест и од овие гости. Искачувањето на Кораб чини 30 денари по човек. Ќе почне да се наплаќа и за разни пешачки и велосипедски тури, како и од јавањето коњи и од пристап на посетители до други заштитените подрачја. Склучиле спогодби и со енергетските компании на кои ќе им се наплаќа за трасата и пристапот до далноводите, како и со оператор што организира возење мотори во дозволените делови.
„Симболични цени имаме само за да го развиеме за да почне да функционира. Минимално е за да заживее концептот и да се навикнат сите субјекти да го пресметуваат во своите трошоци“, вели Петревски и посочува дека немаат точна проекција колку пари ќе соберат на овој начин, но планираат да ги употребат за расчистување на ѓубрето од посетителите, што вели дека е ,исто така, голем проблем за паркот.
„Посетителите се многу несовесни, иако знаат каде доаѓаат и што прават, иако има места за фрлање, застануваат кај ќе стигнат и не почитуваат никакви правила. Особено е проблем со непријавените посетители по планината“.
Дека со посетителите треба полека, говори и искуството на паркот „Галичица“, кој лани го заплисна бран од гневни реакции откако група планинари, искачувајќи се на врвот, сфатија дека треба да платат надомест од по 200 денари за тоа.
„Повеќе ја гледам вината на наша страна затоа што наша должност беше како институција да информираме и да објасниме дека тие средства не се само за плата на вработените, туку дека преку тоа овде се овозможува и заштита на природата и дека ако нѐ нема нас овде, сликата ќе биде сосема поинаква тука“, самокритично коментира Константин Здравевски од Галичица.
Сличен проблем има и „Пелистер“.
Таму веќе неколку години се наплаќа 50 денари за влез на возила, но тоа е и единствениот надомест што го добива паркот од посетители. Директорот Осман Шукриу објаснува дека замислата првично била да се наплаќа и 30 денари од секој патник што влегува во паркот, но тоа не наишло на добар прием кај посетителите од Битола. Дополнително, сега за влез во паркот со автомобил не плаќаат жителите на Битола, туку тоа за нив симболично го прави општината. Општина Битола за сите возила од градот што влегуваат во паркот, годишно на паркот му плаќа вкупна сума од околу 500 илјади денари.
„Битолчани си ја сметаат планината за своја, што е одлично, но истовремено поради тоа е многу тешко да се убедат дека треба за таму да плаќаат влезница“, вели Шукриу.
„Пелистер“, исто така, од годинава почна да добива финансии од фондот ПОНТ. Ќе добие 90 илјади евра, а за возврат има обврска да ја намали сечата во иста вредност.
„Битолчани си ја сметаат планината за своја, што е одлично, но истовремено поради тоа е многу тешко да се убедат дека треба за таму да плаќаат влезница“
Овој парк уште не почнал да склучува спогодби за да наплаќа надоместоци за одделни активности што се одвиваат на негова територија, но, како што вели Шукриу, јасно е дека тоа е неминовно и ќе мора наскоро да почне.
Вели дека со сите директори на националните паркови водат иницијатива за да ја поттикнат владата да определи ценовник со кој националните паркови би ги наплаќале еднакво услугите што се вршат на нивните територии.
„Во Пелистер имаме веќе три хидроцентрали, во Брајчино и Маловишта имаме вода што ја зема хидросистемот Стрежево, па и водата за градот Битола и од сето тоа заедно со хотелите во паркот треба да добиваме некаков процент за да можеме да ја намалуваме сечата, да се финансираме и да опстанеме како парк“, вели Шукриу.
Тој се надева дека треба да се искористи моментот што го носи првото прогласување на едно подрачје, како што е Шар Планина, за национален парк, за да се дефинираат овие работи и да се олесни трансформацијата.
Законот е високо на политичката агенда. По долги подготовки, законот е во Собрание и се најавуваше дека ќе биде усвоен во јуни. Сепак, до објавувањето на текстот, тоа уште не се случи.
Анела Ставровска Панајотова, консултант на Меѓународната унија за заштита на природата, која работи на планот за управување со новиот парк, вели дека набргу откако ќе биде прогласен, ќе може да се види дали и тој ќе треба да ги минува истите процеси како постарите паркови или од почетокот ќе се заземе посовремен пристап.
„За првпат по 60 години се прогласува нов национален парк, што е голема можност и шанса работите да се постават на поинаква основа за да се избегнат проблемите што ги имаат другите паркови. Но, за тоа клучно е луѓето што ќе работат во новиот парк да бидат квалитетни и стручни и да се избегне принципот на именувања од политички причини“, сумира Панајотова.
Промената која и трите постоечки паркови се надеваат дека ќе произлезе од Шара е оти ќе се увиди дека моделот со кој тие самите треба да си ги обезбедуваат парите не е соодветен и е исклучок од примерите во светот. Сметаат дека државата треба на себе да го преземе овој товар за тие да можат да се посветат на она што им е и суштина на постоењето – заштитата на природата.
Во спротивно, како прв приоритет секогаш ќе биде како да се обезбедат плати, а природата ќе биде на второ место.