Истражувањa

Македонските шуми растат само на хартија

Планините се соголени, а дрвната маса сметководствено постојано расте

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Нарко-пазарот и трговијата со луѓе во Македонија се пред сериозен предизвик да останат без „работна рака“. Не толку поради полицијата, или строгите казни , туку од конкуренцијата на друг бизнис , полесен, а повеќе исплатлив – дивото сечење.

Бизнисот со огревно дрво е „златна кокошка“ на домашната сива економија, особено ако се земат предвид податоците што покажуваат дека потрошувачката на огревно дрво е речиси двојно поголема од она што го покажува официјалната статистика.

Проценката е дека продажбата на огревно дрво вреди близу 140 милиони евра годишно, од кои половината отпаѓаат на нелегална сеча. За споредба, бизнисот на шверц со луѓе, и тоа во целиот регион на Западен Балкан, се проценува на околу 50 милиони евра годишно.

Проценката е дека продажбата на огревно дрво вреди близу 140 милиони евра годишно, од кои половината отпаѓаат на нелегална сеча.

За споредба, бизнисот на шверц со луѓе, и тоа во целиот регион на Западен Балкан, се проценува на околу 50 милиони евра годишно

Па, колку дрва годишно сечеме и гориме?

Според истражувањата, станува збор за два милиона сто шеесет и пет илјади кубни метри огревно дрво. Со тоа количество можеме да наполниме 315 фудбалски терени, со големина како оној на Градскиот стадион во Скопје, со висина од еден метар. Ако тие терени се наредат по должина, ќе го покријат речиси целиот автопат од Скопје до Тетово, и притоа покривката од цепеници ќе биде широка 60 метри и висока еден метар.

Повеќе од половина од таквиот автопат ќе отпадне на дрво што не е исечено на легален начин.

Државното јавно претпријатие „Национални шуми“ (поранешно „Македонски шуми“) , институција која има за задача да го чува и збогатува шумскиот фонд, со начинот на кој работи, всушност, го овозможува цутењето на нелегалниот бизнис.

„Национални шуми“, со години постепено го намалува производството на огревно дрво, со што го проширува просторот, кој го пополнуваат криминални групи. Претпријатието со години е еден од најголемите вдомувачи на партиски кадри, со што е неефикасно и работи со големи загуби.

Колку е тоа понеефикасно, толку се попрофитабилни криминалните групи.

По повеќенеделните инсистирања за одговор и интервју со раководителите на „Национални шуми“, непосредно пред објавувањето на истражувањето, БИРН доби  само писмени одговори, во кои, некои клучни аспекти, се или неодговорени или нејасни.

Повеќе од половина од огревното дрво е од дива сеча

Два милиони и сто шеесет и пет илјади метри кубни (2.165.000 м3) дрва се изгореле само во 2015 година, вели студија изработена од група професори од Шумарскиот факултет, која е финансирана од ФАО – (Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации).

Студијата е објавена во 2017 година, но од нејзината презентација пред надлежните институции, таа не може да се најде во јавноста, ниту, пак, некоја институција реферира на нејзините наоди.

Според истражувањето, до кое дојде БИРН , ова количество им е потребно на домаќинствата за да преживеат и тоа мора да се обезбеди. Доминантен дел се користи за најосновните работи, односно да се загреат во просек околу 50 квадратни метри во домовите, да се зготви храна и да се загрее вода.

Иван Мичев, вонреден професор на Шумарскиот факултет и член на тимот што го спроведувал истражувањето, вели дека тоа е редовната годишна потреба од огревно дрво, и тоа не би било толку голем проблем кога тоа количество би се снабдувало преку одржливо управување со шумите.

Па, колку дрва годишно сечеме и гориме?

Според истражувањата, станува збор за два милиона сто шеесет и пет илјади кубни метри огревно дрво.

Со тоа количество можеме да наполниме 315 фудбалски терени, со големина како оној на Градскиот стадион во Скопје, со висина од еден метар

„Проблем е криминалот и нестручното сечење со кое се уништуваат шумите, односно се оневозможува тие природно да се обноват“, вели Минчев.

Државната статистика, пак, покажува дека вкупното количество на легално произведено дрво од страна на државното претпријатие „Национални шуми“, приватните шуми и националните паркови, во последната декада постојано се намалува. Од 1.390.000 м3 во 2013 година постепено опаѓа, за во 2019 година, кога се последните достапни статистички податоци, да се спушти на најмалото ниво во последните 20 години на вкупно 900.000 м3.

Тоа значи дека за да се задоволи потребата за огревно дрво недостасуваат уште повеќе од половина од количеството или над еден милион кубни метри. Логично е да се претпостави дека ова количество доаѓа од црниот пазар.    

Слична проценка дава и поранешниот претседател на Националното здружение на приватни шуми и некогашен член на Управниот одбор на тогашното ЈП „Македонски шуми“, Бранко Скендерски.

Тој, годишната потрошувачка на огревно дрво ја проценува на 2,2 милиони кубни метри, од кои смета дека нелегалниот дел достигнува до вредност од 74 милиони евра годишно.

Македонски шуми – очи широко затворени

Во Македонија последен попис на шумите е спроведен во 1980 година | Фото: БИРН

Додека сателитите и алгоритмите го бележат намалувањето на шумската покривка, а насекаде се множат сведоштва на граѓани за пустошења по планините, во книговодството на јавното претпријатие „Национални шуми“, под чија надлежност се шумите во државата, состојбата е директно спротивна.

Таму шумите само растат. Но, на хартија.

Ова е една од главните забелешки и во годишните ревизии за финансиското работење на претпријатието.  

Сите државни шуми, а тоа се 90 проценти од шумите во земјава, се дел од таканаречениот биолошки капитал на претпријатието, односно се неговото основно средство за работа.

Ревизорите што ја чешлаат работата на претпријатието, секоја година повторуваат серија сериозни забелешки за големи недостатоци во неговата работа.

Со години се повторува дека претпријатието воопшто не го бележи намалувањето на шумите, односно на своите средства за работа како резултат на сеча и пожари, а од друга страна постојано бележи нивно зголемување преку подигнување нови насади.

Со тоа, и покрај масовната сеча во државата, на хартија шумите само се зголемуваат.

Од јавното претпријатие, во својот одговор не ги коментираат ревизорските наоди, но велат дека нивните средства не им се намалуваат поради стручното сечење.

Велат дека со применувањето различни видови „плански одгледни сечи“ со кои сечат стари, болни, оштетени, престарени или криви дрвја и одреден број стебла од различен вид, тие не ја намалуваат површината под шума.

„Пошироката јавност честопати има погрешна перцепција за активностите на претпријатието, мислејќи дека со редовните активности во фазата сеча се уништува шумата, што не е точно“, се вели во одговорот на претпријатието.

Оние шуми што горат во пожари или се уништени од штетници или од поголема дива сеча, од „Национални шуми“ велат дека ги бележат како намалување на нивните биолошки средства, но на тој начин што ги ревидираат посебните планови за стопанисување со шумите.

Притоа  во одговорот  не посочуваат како тоа се прикажува во сметководствените биланси.

Меѓутоа, тоа што не се бележи намалување на шумите, потоа се одразува и во цената на производите на претпријатието, односно во неа не е вклучена вредноста на шумите, па огревното и техничкото дрво се продава по нереални цени.

Се забележува дека ценовниците по кои се утврдува цената не се ревидирани повеќе години за да се приближат кон пазарните цени. Од претпријатието во писмениот одговор на нашите прашања велат дека дрвото го продаваат по ценовник од 2014 година и не коментираат дали ќе има нов.

Во ревизорските извештаи се наведува и дека претпријатието нема ниту веродостојна методологија преку која ќе се утврди објективната вредност на шумите што ги поседува, ниту на новите насади, кои тврди дека ги подигнува, па оттаму не може јасно да се утврди и која е нивната вредност, односно дали зголемувањето на средствата што го пријавува претпријатието е реално.

Владата во 2017 година ги задолжила Министерството за земјоделство и претпријатието да изработат таква методологија.

„Во РС Македонија не постојат овластени проценители на шумите, кои ќе можат да изработат методологија за начинот и постапката за утврдување на вредноста на биолошките средства – шумите“, велат од „Национални шуми“.

Но, и покрај тоа, тие тврдат дека си изработуваат таква методологија според податоците што ги собираат од терен кога ги прават нивните десетгодишни планови за стопанисување со шумите.

Од министерството, за БИРН, велат дека во 2019 година е донесен нов правилник, во кој е пропишан и начин на пресметка со кој се прави проценка на вредноста на шумата, но посочуваат дека сѐ уште постои недостаток кај јавното претпријатие, за што тие не се надлежни.

„Постои недостаток во сметководствените политики на ЈП ‘Национални шуми’ – методи, начини/формули за пресметка на намалувањето/зголемувањето на вредноста на биолошките средства – шумите. Надлежен за донесување и менување на сметководствените политики е  раководниoт орган на ЈП ‘Национални шуми’“, одговараат од Министерството.

Ревизорите ѝ забележуваат на „Национални шуми“ и дека поради тоа што во државата не е изработен катастар на шуми и шумско земјиште, претпријатието нема направено попис на шумите.

Со други зборови, претпријатието знае дека има шуми, но колку, какви и каде, не се знае точно.

„Мислам дека е беспредметно да се врши ревизија во претпријатие, во кое повеќе години по ред се повторуваат исти наоди на ревизорот, а не се прави ништо тие делумно или целосно да се отклонат“ објаснува за БИРН, ревизорката Соња Чулева.

Од Министерството, за БИРН, велат дека заедно со Агенцијата за катастар работат на евиденцијата на шумскиот фонд околу разграничување на државната и приватната сопственост на шумите, но не посочуваат конкретно дали се изработува катастар на шумите.

Од јавното претпријатие, пак, велат дека токму со овој процес на разграничување кои шуми се приватни и државни ќе се утврди точната површина на шумите, шумскиот фонд и прирастот на шумите, а со тоа и вредноста на биолошките средства-шумите на претпријатието.

Ревизиите на работењето укажуваат и на тоа дека претпријатието, и покрај законската обврска секоја година да двои по 3 проценти од вредноста на исеченото дрво и сумата да ја уплаќа во Буџетот во фонд за проширена репродукција на шумите, тоа никогаш не го направило.

Претпријатието еднаш дури било и казнето со 20.000 евра од државата, но си продолжило по свое.

Според Законот, во овој фонд, ист процент треба да уплаќаат и приватните сопственици на шумите, но и препродавачите на дрва, а во фондот придонесува и Владата.

Од друга страна, пак, и покрај тоа што не придонесува, „Национални шуми“ е најголемиот корисник на овие пари.

Лани, според нивниот годишен извештај за 2020 година, тој фонд изнесувал нешто над 200 илјади евра, од кои претпријатието за своите програми за пошумување потрошило 193 илјади евра.

Од таму не коментираат зошто не уплаќаат пари во овој фонд, но велат дека водат сметка за колку пари станува збор.

„Пресметаните средства за проширена репродукција на шуми, претпријатието ги евидентира на посебно конто“, се вели во писмениот одговор од „Национални шуми“ доставен до БИРН.   

На нивната интернет-страницата се прикачени пет ревизорски извештаи за финансиско работење. Четири се однесуваат за периодот од 2015 до 2018 и се изработени од една ревизорска куќа, а петтиот за 2019 година е од друга фирма.

Во првите четири, оценката на ревизорот е еднаква на она што во училиште би значело „недоволен еден“. Имено, ревизорот секоја година наведува серија забелешки и недостатоци во работењето на претпријатието поради кои „се воздржува од давање мислење“.

Тоа во ревизорскиот речник е најниската квалификација што може да се даде, а во суштина значи дека финансиското работење едноставно не поминува. 

По 5-годишен ангажман на ревизија на работењето на јавното претпријатие, оваа приватна ревизорска куќа повеќе не конкурира за работата. 

„Мислам дека е беспредметно да се врши ревизија во претпријатие, во кое повеќе години по ред се повторуваат исти наоди на ревизорот, а не се прави ништо тие делумно или целосно да се отклонат“ објаснува за БИРН, ревизорката Соња Чулева.

Последниот достапен ревизорски извештај на страницата на ЈП „Национални шуми“ е за 2019 година и го изработила друга ревизорска куќа. И покрај тоа што наодите се повторуваат, овојпат ревизорите дале поблага оценка за финансиското работење, односно изразиле „мислење со резерва“.

За да се отслика колку е густа маглата околу шумите во земјава говори и податокот што го добивме од канцеларијата на ФАО во Македонија дека последен попис (инвентар) на шумите е спроведен годината кога почина Маршалот Тито – 1980. Оттогаш се поминати 40 години.

Партизацијата и популизмот ги создаваат криминалците   

Бранко Скендерски, некогашен заменик-претседател во УО на „Македонски шуми“ | Фото: БИРН

Бранко Скендерски сега е пензионер по работна кариера мината во бизнисот со шумите и претпријатија за преработка на дрва. Тој и самиот поседува шума и е еден од основачите и некогашен претседател на здружението на сопственици на приватни шуми, а повеќе години бил член и заменик-претседател на Управниот одбор на ЈП „Македонски шуми“.

Причините за лошото управување со шумите ги гледа во партизацијата на претпријатието, неговата политичка злоупотреба и популизмот на владите.

Вели дека целиот систем е влезен во вртлог, од кој за да излезе потребна е силна политичка волја, која ја нема. 

„Знаете што е котробан?“, нѐ прашува при средбата во Берово.

„Тоа е кога во овој крај ќе видите мажи седнати во кафеана со жива музика како слават сред работен ден. А никому не му е роденден, ниту, пак, е некој празник. Тоа се честат за ‘котробанот’, што значи дека дивата сеча е направена, дрвата се транспортирани и продадени, а парите поделени. Работата е завршена“, објаснува Скендерски.

Ваквите „котробани“, според него, се случуваат сѐ повеќе, од неколку причини.

Државното претпријатие долго време работи со загуба. Превработено е со партиски кадри и со поставување нестручни луѓе на клучни позиции. Бројката на вработени во 2015 година изнесувала 2.383, а во 2020 година е намалена на 2.171, но тоа повторно го прави најголемо јавно претпријатие во земјата.

Кога во овој крај ќе видите мажи седнати во кафеана со жива музика како слават сред работен ден. А никому не му е роденден, ниту, пак, е некој празник.

Тоа се честат за ‘котробанот’, што значи дека дивата сеча е направена, дрвата се транспортирани и продадени, а парите поделени. Работата е завршена

Поради превработеноста, претпријатието има големи трошоци за производство, а како што објаснува Скендерски, владите од популистички причини не дозволуваат цената на огревното дрво да се покачи за да се покрие загубата.

Така, во 2020 година, за да произведе еден кубен метар огревно дрво, претпријатието го чинело 3.856 денари, а дрвото го продавало за 2.085 денари. Тоа е загуба од 1.771 денар од секој продаден кубен метар.

Скендерски вели дека со тоа, со години се трупаат загуби, а кога тој бил во Управниот одбор, во времето на владата на ВМРО-ДПМНЕ, се размислувало за неколку начини како да се реструктурира претпријатието. Меѓутоа, ниту еден не бил прифатен, туку тогашната влада одлучила загубите да се намалуваат, со тоа што ќе се намалува производството, наместо да се отпуштаат вработени.

И така е и денеска.

Јавното претпријатие секоја година го намалува производството, со што просторот го отстапува на дивите сечачи.

„На пример, ние, приватниците, со овие цени работиме со добивка. Според мене, во јавното претпријатие, во Скопје треба да работат 20 до 30 души, а не илјада или колку и да ги има“, вели Скендерски.        

Тој вели дека од неговото искуство, недостигот од клучни документи во шумарството и во работата на јавното претпријатие, како катастар и попис на шуми, Општ план за стопанисување со шумите, кој се најавува со години, како и нова методологија за проценка на вредноста на шумите не е случајна.

Со тоа што овие информации недостасуваат, само се олеснуваат „котроманите“. Ако ги има овие информации, односно да се знае каде и каков вид шума има, ќе може да се пресмета според густината на дрвата и колку е исечено или колку недостасува.

„Вака не се знае ништо“, вели тој.

Смета дека тоа е резултат на непишан консензус меѓу партиите дека шумите се алатка за наградување на политичките сојузници или поткуп на гласачи пред избори. На некој „заслужен“ да се даде дозвола или тендер, да се замижи кога некој сече нелегално, или да се даде поевтино или бесплатно дрво пред избори.

„Во јавното претпријатие, сѐ прават тие што во моментот се на власт. Тие што се од опозиција се тргнати на страна и не работат ништо. Само чекаат своите да дојдат на власт. И тоа си е така секогаш“, вели Скендерски

„Во јавното претпријатие, сѐ прават тие што во моментот се на власт. Тие што се од опозиција се тргнати на страна и не работат ништо. Само чекаат своите да дојдат на власт. И тоа си е така секогаш“, вели Скендерски и подвлекува дека по повеќе години минати во управниот одбор на претпријатието, никој не може да го убеди во спротивното.      

Тој ја спори воопшто позицијата на јавното претпријатие поради, како што вели, концентрацијата на сите елементи од бизнисот во една институција.

Тоа планира каде и колку ќе се сече и во приватните и во државните шуми. Ги обележува дрвјата, дава одобренија за сеча, ги сече или најмува фирми на тендери што ќе го прават тоа, ги обележува, транспортира, ја диктира цената и ги продава.

Притоа, претпријатието е формирано од Владата и ѝ одговара само нејзе, а таа ги назначува луѓето на раководните позиции.

Како проблематични ги посочува и тендерите за сеча на дрво од страна на приватни фирми што ги најмува јавното претпријатие.

Според годишниот извештај на ЈП „Национални шуми“ за 2020 година, како последен објавен на нивната страница, на овие надворешни извршители отпаднале 49 проценти од вкупната сеча на претпријатието во таа година.

Скендерски, но и истражувачите на организацијата „Евротинк“ посочуваат дека кај тендерите има огромна празнина. Таа се состои во тоа што ретко некој контролира дали фирмата што го добила тендерот го исекла точното количество или си додала нешто, како и дали сечела само на определената локација или зафатила и по околината.

Од „Национални шуми“ велат дека контролата над „тендерашите“ се врши преку контрола дали количествата што се примени одговараат на договорите. Од таму не објаснуваат дали претпријатието има капацитет и дали воопшто контролира колку приватните фирми се придржуваат целосно само на локациите определени за сеча.

„Согласно склучените договори за работа по фази (сеча, дотур, превоз на дрвни сортименти), претпријатието редовно ја следи динамиката на извршените договори на месечно ниво, преку прием за сеча и дотур и испратници за превоз“, велат од „Национални шуми“ и додаваат дека сите количества биле согласно нивните планови и никогаш не се зголемени.

Играчи во бизнисот

Организацијата Центар за европски стратегии „Евротинк“, минатата година го истражуваше само нелегалниот дел од бизнисот. Нивната пресметка вели дека тој се движи околу 60 милиони евра годишно. Преку теренски истражувања и затворени фокус групи со претставници на сите вклучени во шумарството, вклучително и полицијата, додаваат дел во мозаикот.

Според нивните сознанија, во нелегалната сеча има неколку профили на актери.

Бизнисот нема централна структура, туку повеќе одделни групи што работат во одделни региони. Организираните криминални групи имаат водачи, групи на сечачи, дистрибутери, па дури и посредници, кои се задолжени да лоцираат „слаби“ службеници кои би можеле да бидат подмитени или вклучени.

Притоа имало случаи кога во вакви групи во југозападна Македонија се претвориле и групи што претходно се занимавале со трговија со дрога.

„Логично е, парите се таму, а имаат легален производ – дрво, кој е добиен на нелегален начин. Во секој случај, казните за тоа се ретки, а и кога ги има, се далеку помали и поблаги од оние за трговија со дрога“, велат од „Евротинк“.

Според нивното истражување, постојат и „институционализирани“ актери, кои опфаќаат вработени во разни институции со надлежност на шумите. Има „препродавачи“, кои бргу го дополнуваат празниот простор што го остава недостигот од дрво од легални извори.

Има „урбани сечачи“ под кои влегуваат општински јавни претпријатија, кои некогаш сечат урбано зеленило на своја рака и има „инсајдери“ што се поврзани со тендерите за сеча и кои често излегуваат надвор од договорите и парцелите.

Последна и најбенигна група се поединци што сечат за опстанок, односно за сопствено греење или продаваат мали количества за да обезбедат минимален приход.

Од зелени шуми кон црвена мапа

Во најгустиот шумски предел, веднаш покрај патот што води до Берово, од десната страна може да се забележи мала чистинка, на која тревата е послана со иверки и остатоци од исечени дрва. Се гледа дека таму се товареле дрва. Неколку метри до проширувањето, целата стрмна падина е соголена и оставени се само пенушки.

Дрвјата се исечени на начин што шумарските инженери го нарекуваат „на пупак“. Тоа значи дека дрвото е исечено на висина на стомакот на човекот што го сечел. Често тоа може да е сигнал дека работата се вршела набрзина или нелегално.

„Тоа може да е знак за диво сечење, но и нестручно сечење поради тоа што дрвјата исечени на ваков начин не може да се обноват. Стручното сечење се врши со тоа што дрвото се сече на висина од околу 10 сантиметри над земјата и со тоа му се остава повторно да никне ново стебло од истиот корен, односно да се обнови. Вака исечено, тешко дека ќе се обнови“, објаснува професорот Минчев, гледајќи ги нашите фотографии.

Според податоците од сателитските мапи на системот Глобал форест воч, само лани во Македонија, поради пожари, лизгање на земјиште, сушење, штетници, градење, земјоделство и нелегална сеча – шумската покривка е намалена за 1.860 хектари, или за површина поголема од 2.500 фудбалски терени како оној на скопскиот Градски стадион

Оваа релативно мала локација, во следните години на сателитските мапи на Глобал форест воч ќе добие црвена точка.

Тоа значи дека алгоритамот изработен од мрежа на меѓународни невладини организации за следење на состојбата со шумите во светот, преку сателитските снимки ќе го препознае намалувањето на шумската покривка и автоматски ќе стави црвена точка на локацијата. 

На мапата на Македонија, на Глобал форест воч, ваквите црвени точки што означуваат намалување на шумската покривка, сè повеќе се згуснуваат. Засилен тренд почнува некаде околу 2003 година и постојано се шири насекаде во државата. Со црвено се обележуваат локации на кои исчезнала шумската покривка и како резултат на пожари.

Но, за разлика од сечата, пожарите се забележуваат по тоа што на тие локации одеднаш во една година има огромно намалување, односно големи површини стануваат црвени. Сечата, пак, повеќе се забележува како спорадични точки, кои како сипаници низ годините постепено се шират.

Овој систем бележи дека од сите можни причини, како сеча, пожари, лизгање на земјиште, сушење, штетници… во последните 20 години во Македонија, шумската покривка е намалена за 42 илјади хектари, или за околу 58 илјади фудбалски терени како оној на скопскиот Градски стадион.

Низ годините, особено црвени станаа пределите околу Кичево, Гостивар, Прилеп, Скопје, Поречието, а најмногу во Липковско, и тоа во пределот на пограничната зона со Косово. Ако црвените точки се проверат преку сателитските снимки на Гугл еарт, може да се види дека цели предели од планината, од македонска, но и од косовска страна се целосно соголени.

Истражувањето е изработено во рамки на проектот „Заштитени подрачја за природата и луѓето II“, имплементиран од WWF Adria со поддршка на Сида – Шведската агенција за меѓународен развој и соработка.
Содржината и ставовите изразени во ова истражување се на БИРН и истите не ги одразуваат ставовите на Сида.