Кога пред три години, на 16 јануари 2018 година, непознати сторители испукаа шест куршуми во политичарот, Оливер Ивановиќ, пред седиштето на неговата партија во Митровица, луѓето во Србија и во Косово беа згрозени, а Запад стравуваше дека убиството на уште еден политичар на Балканот, може да стави крај на кревкиот дијалог меѓу Белград и Приштина.
Кога беше извршен атентатот врз лидерот на партијата, Слобода, демократија, правда, кој беше познат како умерен српски политичар во Косово, многумина во Србија се потсетија на атентатот врз Зоран Ѓинѓиќ, првиот српски премиер, по симнувањето од власт на Слободан Милошевиќ.
Се чинеше дека атентатот е професионално извршен, а политичките лидери во Белград и Приштина ветуваа дека ќе го решат убиството што е можно поскоро, истовремено искористувајќи го овој случај за реторичко препукување.
Во јули 2018 година, тогашниот претседател на Косово, Хашим Тачи, вети „конкретни резултати, што на многумина во Косово и во Белград, ќе им предизвикаат главоболки “. Неколку дена подоцна, Александар Вучиќ изјави оти Белград има „оперативно сознание“ за случајот и именува неколку Албанци како потенцијални осомничени лица.
Сепак, три години по смртта на Ивановиќ, решението на случајот не е ниту на повидок. Белград ја држи својата истрага во тајност и не соработува со Приштина, бидејќи Србија одбива да го признае Косово како независна држава и да соработува со нејзината полиција или судство.
Од друга страна, Приштина покрена обвинение против шест осомничени Срби, но сѐ уште не е одржано рочиште на кое ќе бидат презентирани докази или рочиште за изјаснување за вината.
Во самото обвинение не е наведено името на лицето кое пукало, ниту можниот нарачател. Необично е што обвинителството го менуваше обвинението три пати, што предизвика сомнеж кај правните експерти во неговата валидност и можноста тоа да биде докажано на суд.
Главните осомничени лица, за кои во обвинението се тврди дека ја воделе организираната криминална група одговорна за убиството на Ивановиќ, се двајца српски контроверзни бизнисмени – Милан Радоичиќ и Звонко Веселиновиќ. Српските безбедносни служби, долго време се сомневаа дека и двајцата се вмешани во криминални активности.
Сепак, Радоичиќ и Веселиновиќ се наоѓаат во Белград и не им се достапни на косовските власти, ниту се меѓу шестмината обвинети, бидејќи косовскиот закон не дозволува поднесување на обвинение, доколку нема можност обвинетиот да се појави пред суд.
Некои набљудувачи веруваат дека случајот „запнал“ од политички причини.
„По три години, истрагата се изгуби во лавиринтот на политички интереси и разните договори меѓу политичарите и криминалците. И денес, наместо докази, имаме претпоставки, наместо истраги, имаме политичко маневрирање, наместо резултати, имаме нови обвинувања, наместо да ги расветлуваме злосторствата, забораваме на нив“, вели за БИРН, Миливоје Михајловиќ, новинар од Белград, кој е роден во Косово, каде работел долги години.
Суле Хоџа, обвинител од Приштина, кој своевремено работел на случајот, вели дека додека тој бил ангажиран на овој случај, немало соработка од страна на Србија и дека канцеларијата на ЕУ во Косово не вршела доволно притисок врз Белград, тој да помогне во истрагата.
„Ние инсистиравме (на соработка) преку канцеларијата на ЕУ, но немаше сериозна и соодветна соработка. Србија крие докази. Србија има снимки од телефонски разговори и одбива да ги предаде. Сè што ни дадоа, беа неколку телефонски броеви. Немаме пристап до снимките на српските мобилни оператори“, нагласува Хоџа за БИРН.
Во Србија, случајот е сè уште во предистражна фаза, ни рекоа од Обвинителството за организиран криминал.
Махмут Халими, адвокат на одбраната на осомничениот Марко Рошиќ, за БИРН изјави дека 95 проценти од доказите се во Србија, што оневозможува соодветна истрага.
„Мислам дека третото обвинение е уште послабо (од претходните верзии). Обвинетите не се товарат за убиство. Тие се обвинети за помагање во убиството на различни начини“, објаснува Халими.
„Се наоѓаме во многу сериозна ситуација што главно им штети на косовското судство и обвинителство“, додава тој.
И Јована Филиповиќ, адвокат на осомничената Силвана Арсовиќ, ја доведува во прашање компетентноста на Обвинителството на Косово.
„Во овој случај, истрагата беше слабо спроведена, а информациите беа собрани непрофесионално. Кога работите ќе тргнат наопаку уште од денот на убиството, не може да се очекува дека ќе излезат добро, но и покрај сè, не очекував толку опструкции и злоупотреби на законот“, вели Филиповиќ за БИРН.
Бегство во Србија и политички врски
Обвинителството не објави докази против бизнисмените Милан Радоичиќ и Звонко Веселиновиќ, за кои се вели дека раководеле со криминалната група одговорна за смртта на Ивановиќ.
Непосредно пред атентатот, Ивановиќ за БИРН изјави дека Радоичиќ е клучна фигура и вистински носител на моќта на северот на Косово, иако, во тоа време, Радоичиќ не беше вклучен во политиката.
Радоичиќ и Веселиновиќ беа под истрага на српската полиција и државната разузнавачка агенција БИА, за шверц на дрога, оружје и нафта, како и за перење на пари и рекетирање, откри истражувачкиот портал КРИК.
Според извештаите на БИА до кои КРИК дојде, Веселиновиќ и Радоичиќ соработувале со албански криминалци од Косово. Сепак, српските власти никогаш не поднесоа обвинение против нив.
Како и убиениот Ивановиќ, и Веселиновиќ е поранешен „чувар на мостот“. Имено, тој го надгледуваше мостот на реката Ибар, кој ја дели Митровица на два дела, српски и албански. Се сметаше дека „ чуварите на мостот“ биле вклучени во етничкото насилство на Косово во 2011 година.
Веселиновиќ е спомнат и во интерен документ на српската полиција во 2001 година, насловен како „Бела книга за организираниот криминал“. Во него се наведува дека тој бил организатор на група што учествувала во тешки кражби, кражби на моторни возила, изнуда и во фалсификување на документи во Митровица. Нему му се судеше за трговија со хероин, но тој сепак беше ослободен.
Радоичиќ, во 2009 година, беше обвинет за киднапирање на македонски бизнисмен. Киднапираниот бизнисмен, последниот ден од судењето, неочекувано го смени исказот, а Радоичиќ беше ослободен, објави КРИК.
И двајцата имаат силни политички врски во Србија и на Косово. Во Србија, тие имаат бројни градежни компании вклучени во проекти поддржани од државата.
Во 2019 година, БИРН објави фотографии на Радоичиќ и Веселиновиќ со кумот на српскиот претседател Александар Вучиќ, Никола Петровиќ, и на Веселиновиќ со братот на Вучиќ, Андреј, во простории на владејачката Српска напредна партија, СНП.
Во 2017 година, косовскиот портал, Газета Експрес, објави фотографија на тогашниот косовски премиер, Рамуш Харадинај, како седи со Радоичиќ во ресторан во Приштина.
Две години подоцна, Харадинај откри дека соработувал со Радоичиќ и оти отишол со него кај тогашниот претседател на Косово, Хашим Тачи, кој разговарал со Радоичиќ два часа.
КРИК објави и фотографии на Радоичиќ кој на јахта во Црна Гора седи со Беџет Пацоли, косовски бизнисмен и поранешен министер за надворешни работи на Косово.
Во јули 2018 година, по убиството на Ивановиќ, Радоичиќ стана потпретседател на Српска листа, главна политичка партија на Србите во Косово, која има поддршка од Белград.
Во ноември 2018 година, специјалната единица на косовската полиција се обиде да го уапси Радоичиќ, но не го најде во неговата куќа во Митровица. Наместо него, како што беше соопштено, полицијата во куќата пронашла 75 грама кокаин.
Радоичиќ негираше дека работи против законот, а функционерите на владејачката СНП, не се воздржуваа да го бранат.
„Милан Радоичиќ не е цвеќе за мирисање, но тој на никаков начин не учествувал во ликвидацијата на Оливер Ивановиќ, лидер на граѓанската иницијатива, Слобода, демократија, правда“, рече српскиот претседател, Александар Вучиќ, на прес-конференција во јули 2019 година.
Тој изјави дека Радоичиќ дури поминал и полиграфски тест.
Генц Нимони, правен експерт и раководител на програмата за борба против корупцијата во невладината организација Коху од Приштина, за БИРН изјави дека судството мора да утврди дали Радоичиќ и Веселиновиќ биле вклучени во убиството или не.
Дотогаш целиот случај е во ќорсокак, бидејќи „двете главни фигури наведени во обвинението, се сѐ уште недостапни за косовското судство, од политички и судски причини“.
„Напредокот на ваквите постапки зависи и од меѓународната судска соработка, во овој случај меѓу Косово и Србија, и имајќи предвид дека Косово – во овој случај неговото Министерство за правда – не соработува со своите српски колеги, овој случај ќе продолжи да се соочува со пречки“, додава Нимони.
Мотивите за убиството остануваат непознати
Многумина тврдеа дека убиството на Ивановиќ е очигледно политички мотивирано, но истрагата сè уште не открила некој кохерентен мотив.
Пред да биде убиен, на Ивановиќ, во обновена постапка, му се судеше по обвинение дека дал наредба за убиство на Албанци, за време на војната на Косово во 1999 година, но тој ова го негираше. Во повоениот период, тој стана умерен политичар, кој се залагаше за соживот на српското малцинство и албанското мнозинство во Косово, но, исто така, беше и многу гласен критичар на Владата во Белград.
Ивановиќ неколку години беше во спор со СНП и со Српска листа.
Инаку, и пред убиството, се случија неколку инциденти – автомобилот на Ивановиќ и седиштето на неговата партија беа запалени, а неговиот стан беше провален. Неговиот кум, Димитрије Јаниќиевиќ, кој беше пратеник во Северна Митровица, беше убиен во 2014 година на истиот датум кога и Ивановиќ.
На локалните избори во Косово во 2017 година, неколку месеци пред атентатот, Ивановиќ беше мета на медиумската кампања на Српска листа, но и на српските државни претставници, како што е Марко Ѓуриќ, тогашен директор на Канцеларијата за Косово и Метохија на Владата на Србија, кој рече дека гласот за Ивановиќ „е глас за разбивање на српското единство“ во Косово.
По убиството, Белград и Приштина разменуваа обвинувања за несоработка на другата страна во истрагата, но минатата година и двете страни „креваа помалку прав“ во врска со случајот.
Небојша Влајиќ, адвокат и пријател на Ивановиќ, смета дека и Белград и Приштина знаат повеќе за тоа што се случило, но дека кријат информации.
„Не сум сигурен кој има директен интерес од тоа, но јасно е дека тие не ни кажуваат сè“, изјави Влајиќ за БИРН.
„Белград не објави ништо јавно, додека Приштина поднесе обвинение во кое, се сомневам, дека верува дури и тој што го напишал“, заклучува тој.