Репортажи

Не давај ме мајко кај него, не давај ме!

Драматична вистинита приказна за семејно насилство, за борбата на мајката Сарија за да си ги спаси двете синчиња која која трае со години. Се случува во нашето секојдневие, а борбата на мајката со институциите нè води низ темните ходници и стерилни канцеларии каде што се решаваат судбините на многу македонски семејства.

Децата живеат со својата мајка, но се плашат дека тоа секој момент може да се смени / Илустрација: Борче Поповски

Децата живеат со својата мајка, но се плашат дека тоа секој момент може да се смени / Илустрација: Борче Поповски

Синовите на Сарија, десетгодишниот Б. и седумгодишниот Е., не сакаат многу да зборуваат. Во нивните очи наместо детска искра на безгрижност провејува старечка истоштеност. Такви им се и размислувањата, небаре старци стојат пред нас. Емоции речиси и да не покажуваат, како да се плашат од нив. Тие живеат со својата мајка, но се плашат дека тоа секој момент може да се смени.

Не сакаат да го слушнат зборот „бабо“ што на нивниот санџаклиски говор значи тато. Во очите им се гледа само желба за мирно нормално детство, наспроти деновите минати во стерилни бело офарбани простории со непознати мажи и жени, лекари, психијатри, психолози.

„Лутината и бесот кон својот татко не ги крие, напротив, има потреба да зборува за тоа и за причините поради кои така се чувствува. Останува категоричен да не се гледа со таткото ниту пак, да има каков било контакт. Се однесува заштитнички кон мајката“, се вели во една од белешките која со клинички јазик ја отсликува целата драма на едно несреќно детство.

Историја на семејното насилство

Сарија и Фаик се венчале 2006 година и во бракот им се родиле два сина. Но, набргу почнуваат кавги и тепачки. Сето тоа се случува во дневната соба од семејната куќа и тоа пред очите на децата. По пет години семејната заедница се растура низ релативно долга бракоразводна постапка.

Сарија со децата заминува кај мајка ѝ и веднаш бара каква било работа за да може да ги издржува децата. Но, повторно се соочува со проблем. Сопругот не се согласува со фактот едно од децата да го напушти училиштето од скопското село Батинци и да продложи да учи во друго. Оттогаш почнува судската голгота на Сарија и нејзините деца.

Заканите и тепањето стануваат секојдневие.

За ова продолжено и сурово
семејно насилство во
2012 се вклучува и
меѓуопштинскиот Центар
за социјална работа.
Но, наместо помош,
Центарот станува препрека
за несреќната Сарија

За ова продолжено и сурово семејно насилство во 2012 се вклучува и меѓуопштинскиот Центар за социјална работа. Но, наместо помош, Центарот станува препрека за несреќната Сарија, иако како институција треба да го штити интересот на децата, а вработените не смеат по никоја цена да заземаат страна.

Сарија тврди дека еден од вработените во Центарот кој е роднина на поранешниот сопруг му помага за да го прикрие насилството.

И други семејства кои побарале помош во Центарот наишле на истиот проблем. Врски, нестручни кадри, недоволна посветеност, се релативно чести поплаки. Народниот правобранител кој истражувајќи ги приказните на семејствата дошол до шокантни податоци. „Недостаток на стручен кадар и недоволно посветување внимание на граѓаните, намален квалитет, зголемено недазоволство“, се заклучоците на канцеларијата на Народниот правобранител. Овој извештај е пред две години, новиот се подготвува, но најавите се дека сè останува исто. Жалбите се множат, а меѓу нив се и оние на Сарија.

Затоа во 2012 година, загрижената мајка, како што се потпишала Сарија на писмото, бара од министерот за труд и социјала, Спиро Ристовски, да го изземе роднината на сопругот од тимот кој треба да ја штити неа и двете дечиња од насилникот.

И ние пишавме до Министерството за труд и социјала. Чекавме одговор речиси еден месец, но оттаму не добивме ништо. Прашавме дали министерот ги чита писмата од Сарија и од другите жртви како неа, дали воопшто одговорил некому од нив, дали Центрите за социјална работа треба да претрпат сериозни коренити промени, како кадровски, така и со технички услови, како што, впрочем, препорачува и Народниот правобранител. Но, оттаму доаѓа само молк. Сарија пишува безмалу секоја седмица со години. Пишува самата на рака, пишува преку адвокат, му пишува на судот, но тие писма се само сведоци на пеколот на едно семејство.

Глуви институции

„Со автомобил ги однесов децата до местото за средба. Б. побегна од колата, а Е., иако четиригодишен, почна силно да плаче и ми рече - Ти си ме довела да ме даш бабији, мајко, не дај ме код њега, не дај ме“, се вели во писмото на Сарија пратено минатата година до меѓуопштинскиот Центар за социјална работа / Илустрација: Борче Поповски

„Со автомобил ги однесов децата до местото за средба. Б. побегна од колата, а Е., иако четиригодишен, почна силно да плаче и ми рече – Ти си ме довела да ме даш бабији, мајко, не дај ме код њега, не дај ме“, се вели во писмото на Сарија пратено минатата година до меѓуопштинскиот Центар за социјална работа / Илустрација: Борче Поповски

Она што несреќната и загрижена мајка Сарија го пишувала го сподели и со нас. Едно од најтешките писма за читање, е она напишано до Центарот, од јули 2012 година, во кое е раскажано секојдневното насилство врз децата, поради што тие веќе почнале да се плашат од сопствениот татко. Писмото е полно со драматични сцени во семејството. Раскажува за траумите на децата кога ги носи во полициска станица во Драчево каде што треба да ги остави за да ги земе таткото заради видување. „Поголемиот син, дава голем отпор и не сака да оди кај таткото. Малиот 4-годишен Е. е мал, но од раководителката ни е кажано, или двајцата синови или ниеден. Таткото пак, постојано лажно ме пријавува по полициски станици.”

Во едно од многуте писма до меѓуопштинскиот Центар за социјална работа што Сарија ги копира и ги чува, таа раскажува како нејзините деца ги доживуваат средбите со таткото: „Со автомобил ги однесов децата до местото за средба. Б. побегна од колата, а Е., иако четиригодишен, почна силно да плаче и ми рече – Ти си ме довела да ме даш бабији, мајко, не дај ме код њега, не дај ме“, се вели во писмото напишано минатата година.

БИРН се обрати до Центарот за да ги провери наводите на мајката која обвинува за пристрасност, но оттаму не добивме одговор, како што и Фаик, преку адвокат, нè одби при обидот да ја сослушаме и неговата страна.

Пресврт во судница

Пред повеќе од три години, Сарија не можејќи да ги издржи тортурите и да ги гледа стравовите и маките на нејзините деца, во преку судот итно бара времена мерка за заштита од семејно насилство. Иронијата да биде поголема и сопругот поднесува барање за времена мерка. Се жали дека и тој е жртва на однесувањето на мајката на неговите деца.

Во барањето, Фаик напишал: „Сарија врши психичко насилство врз мене и децата и ги користи малолетните деца да ги сврти против таткото, ме омаловажува пред роднини, зборува лошо за за мене и сето тоа го слушаат децата”.

Судот еден месец подоцна носи одлука токму на Фаик да му забрани да ги малтретира, вознемирува, телефонира или на кој било друг начин да комуницира со поранешното семејство, освен она што го дозволува Центарот. Воедно судот му наложува да плаќа редовно алиментација за децата.

По пријавата на сопругот, пак, судот подигнува обвинение. Сарија е обвинета за кривично дело одземање малолетник. Сепак, откако судот ги видел и сослушал поранешните сопружници и му била доставена обемна документација дека Сарија воопшто не се противи на видувањето на таткото и децата туку дека децата не сакаат да се приближат до Фаик, ја ослободува несреќната мајка. Во овој предмет, велат од Обвинителството, се случува она што ретко кога некој обвинител го прави, односно се откажува од обвинение.

Во октомври 2013, повторно паралелно, судот носи нова одлука. Фаик е виновен оти ја удрил жената и ја повредил. Осуден е оти Сарија ја натепал со боксови. Влетал во кујната и почнал да ја удира. Тепањето го прекинал малиот син, кого Фаик го грабнал в раце и се заканил дека за 500 евра ќе плати да ја убијат и неа и нејзиното семејство. Сепак Фаик никогаш не бил во затвор, туку имал три условни казни. На нашите обиди да ја сослушаме неговата страна, Фаик преку адвокат одби да одговори на нашите прашања.

Средбите со таткото итно да прекинат!

Кулминација на односите во семејството на мајката Сарија и на нејзините дечиња се случува 2015 година. Заводот за ментално здравје за деца и младинци, „Младост“, до Обвинителството испраќа писмо во кое тимот психијатри и психолози се сериозно загрижени за здравјето да двете деца.

„Има битна ескалација во комуникацијата со таткото, Е. е изложен на постојан притисок од таткото за видувањата со него, кои се одвиваат, бидеќи за детето тоа е неприфатлива атмосфера. Е. покажува силен отпор да остане со татко му и е преплашен од неговите постапки. Тешко заспива, влошена му е емотивната сотојба, вознемирен е, се повлекува и е со намален апетит“, пишува во писмото каде што на крајот стои напомена дека ова мало момченце од 6 години веќе треба да оди на психијатар! Исто така и психолог од Центарот за социјална работа дал мислење дека средбите со таткото за децата се трауматични и штетни за нив.

Сведоци на ова тешко продолжено семејна насилство се и соседите, роднините и пријателите на семејството. „Секоја вечер слушав викање и плачење на детето дека не сака да оди кај татко му, се мочка в гаќи и кака. За постарото дете сум сведок дека лани беше тепано од татко му, целото беше со модринки, беше избезумено. Кога дојдоа да го носат кај татко му така бегаше што мислев дека бега од некое куче, а тоа викаше не одам кај татко ми неееее и целото беше помочано“, сведочи сосетка на семејството, во судница.

Истото го напишал и лекар субспецијалист, дека Е. има отпор од видување со таткото и ноќни стравови, но и поголемиот син за кого лекар од ургентна амбуланта дал извештај дека детето има модринки по главата, рацете и нозете, а повредите насталае по расправија дома, со таткото.

Секојдневието на Сарија е на патот од Центарот до Судот каде што се бори за себе и за децата. Но, најсилната порака ја праќа малиот Б.: „Татко ми да не ме мачи, не можам, не можам повеќе. Се плашам и за мене и за мајка ми, но најмногу за помалиот брат“.