Истражувањa

Маѓепсан круг: синдромот на малтретирани жени на Косово

Меѓународната изолација на Косово направи земјата да стане легална „црна дупка” за жртвите на семејно насилство кои се фатени во замката на дискриминација и двојни стандарди

Шќипе Ѓоцај Приштина, Тирана, Подгорица

Како што самата раскажува, таа била познато лице во полициската станица на јужно Косово, каде што толку често барала спас од својот насилен сопруг.

Имала само 20-тина години кога бракот и станал кошмар заради злоупотребата. Меѓу другото измачување, ѝ се заканувал и со пиштол. Еден ден, таа го пронашла пиштолот и го однела во станицата, плашејќи се за својот живот.

„Полицаецот кој работеше на случајот излезе дека е пријател на мојот сопруг”, раскажува жената, која сега има 31 година. „Ми кажа доколку јас сум била негова сопруга, не би можела да го донесам пиштолот во станица бидејќи тој претходно ќе ме убиел”.

На крајот, таа го убила нејзиниот сопруг. Му го пресекла грлото со жилет.

Седејќи на валканата канцелариска столица во собата за интервју во единствениот затвор за жени на Косово во предградието на градот Липљан, јужно од Приштина, таа се потсетува на нејзината 12-годишна затворска казна за убиство.

Поминале осум години и четири месеци, ѝ останале уште помалку од четири години.

Судијата беше премногу строг, раскажува таа, а нејзините трепки се прекриени со дебел слој маскара останата по стручните часови за разубавување што ги посетува во затворот. А што е со годините на насилство, неодговорените повици за помош?

Севдије Морина, заменик на главниот обвинител во Приштина, ја опишува казната како „нормална пресуда” во која не биле земени предвид олеснителните околности.

„Таа навистина страдала заради нејзиниот сопруг”, вели таа.

Жртвите на семејно насилство во Косово честопати се оставени на милост на правниот систем кој не ги заштитува и не е попустлив кога поради очајот посегнуваат по самоодбрана или одмазда, велат правниците и активистите за човекови права.

Како и во другите патријархални општества во регионот, дискриминацијата и двојните стандарди за насилниот криминал од страна на мажите и жените ги обликуваат приоритетите на преоптоварените полицајци, обвинители и судии.

Но, Косово е единствено по тоа што е отсечено од клучните инструменти на европската правда, поради неговиот нерешен политички статус како земја, давајќи им на активистите малку можности за промени.

„Ја нарекуваме црна дупка во Европа”, вели Хилми Јашари, независен омбудсман на Косово, чија канцеларија ги брани интересите на јавноста.

„Косово е всушност единствената земја [во Европа] каде што граѓаните не можат да одат во Европскиот суд за човекови права во Стразбур”.

Косово е земја, претежно населена со етнички Албанци, која прогласи независност од Србија во 2008 година, и не е признаена од страна на некои земји, вклучувајќи ги Србија, Русија и Кина.

Тоа значи дека не може да стане членка на Советот на Европа, кој ги поддржува граѓанските и политичките права во 47 земји-членки. Судот во Стразбур, Франција, е арбитер на Советот.

Она што се случува во Стразбур, во теорија, влијае на тоа како Косово се справува со семејното насилство и ги штити жртвите. Косовскиот устав вели дека неговите закони треба да се толкуваат во согласност со одлуките на судот.

Но, бидејќи Стразбур нема моќ да наметнува казни за Косово, високите принципи на Уставот ретко влијаат врз одлуките донесени на теренот.

Ваквите одлуки ги вклучуваат обичните членови на еден правосуден систем, кој се распаѓа под тежината на големиот број случаи во една од најсиромашните економии во Европа.

Тие одредуваат како полицијата и обвинителите постапуваат по пријавите за домашна злоупотреба и дали судиите издаваат налози за забрана за приближување.

А во екстремните случаи кога жртвите ја земаат правдата во свои раце, судиите треба да изречат соодветни казни за убијците кои страдаат од синдромот на малтретирање, форма на психолошка траума предизвикана од продолжена злоупотреба.

„Европскиот суд за човекови права не прашува дали имате луѓе да ја завршат работата, или дали можете да си го дозволите тоа”, вели обвинителката Морина.

„Човековите права мора да бидат почитувани, а кога би се прекршувале, државата би се распаднала од санкциите што ќе ги добие [доколку Косово би било член на Советот на Европа] … Тогаш граѓаните би барале одговорност од државата”.

Народниот правобранител Јашари ја посочи Италија како пример за земја која ги подобрила своите реакции на семејното насилство како резултат на пресудите што со години ги добива од Европскиот суд за човекови права.

Во врска со една одлука, донесена во март, судот одлучил дека италијанските власти не успеале да заштитат една мајка и нејзиниот син со тоа што не реагирале брзо по жалбата за продолжено семејно насилство, што резултирало со убиство на синот и обид на мајката да го убие нејзиниот сопруг.

Демонстрантите во Приштина го изразуваат својот гнев по убиството на Дијана Кастрати, 27-годишна студентка, убиена од нејзиниот сопруг во 2011 година, откако судијата го отфрлил нејзиното барање да му се забрани приближување. Фото: Ејми ди Џакомо

Зад затворени врати

Во воспитно-поправниот центар Липљан за жени и малолетници, бетонско здание опколено од бодликава жица и опкружено со полиња, неколку жени осудени за убиство на нивните сопружници ги опишале ужасите што ги претрпеле пред да одлучат да ги убијат.

Правилата на затворот им забрануваат да бидат идентификувани.

„Тој ме тепаше, ме мачеше и ме провоцираше со анонимни повици и пораки”, вели една 45-годишна затвореничка која отслужила 11 години за убиство на нејзиниот сопруг, со кого била заради договорен брак.

Друга жена, која има 24 години, отслужува 13-годишна затворска казна за убиство. Таа вели дека го убила сопругот откако почнал да го напаѓа нивното мало девојче.

Тој ме тепаше, ме мачеше и ме провоцираше со анонимни повици и пораки

– 45-годишна затвореничка која отслужува 11 години за убиство на нејзиниот сопруг

„Не сакав да го убијам”, вели таа. „Само сакав да го заплашам”.

Само мал број од жртвите се одлучуваат на убиство. Затворот Липљан е дом на 17 жени осудени за убиство; шест од нив отслужуваат казна за убиство на нивните партнери.

„Жените на Косово се соочуваат со економски и социјални проблеми”, вели Еди Гусија, главен извршен директор на Агенцијата за родова еднаквост, дел од владата.

„Тие се невработени и економски зависни, бидејќи немаат наследни права од нивните родители. Без дом, тие остануваат во циклусот на насилство и во некои случаи тоа резултирало со смрт”.

Фатмир Халити, адвокатка во Косовскиот центар за рехабилитација на жртвите на тортура, вели дека треба да се искористи законот што ќе му даде дискрециони овластувања на претседателот за помилување за да се спречат престрогите казни за малтретираните жени кои биле принудени на насилство.

Од 2010 година, според косовскиот Закон за помилување помилувани биле 86 мажи и пет жени осудени за различни кривични дела.

 

Правниот пејзаж

Косово има солидни закони за справување со семејното насилство, но честопати не успева во последниот чекор кога станува збор за неговото спроведување, велат групите за заштита на правата.
Законот за родова рамноправност ја штити и промовира еднаквоста помеѓу мажите и жените како основен градежен блок на демократијата.
Во меѓувреме, Законот за заштита од семејно насилство го гарантира правото на живот без страв од физичко, вербално и ментално насилство, ограничување на слободното движење и други дејства на вознемирување.
Уставот вели дека законите треба да се толкуваат во согласност со клучните меѓународни договори, но Косово не е нивен потписник поради нерешениот правен статус како земја.
Тука спаѓаат Конвенцијата на ОН за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените и таканаречената Истанбулска конвенција за борба против насилството врз жените. Уставниот суд може да одлучи дали државата постапува во согласност со овие и други договори.
Голем број иницијативи имаат за цел да ги зајакнат правата на жените во Косово.
Програмата за родова еднаквост, која започна во 2006 година, има за цел интегрирање на еднаквоста во јавната политика. Националниот акционен план за борба против семејното насилство од 2016 година обезбедува алатки за да се спречи злоупотребата, да се обезбеди заштита и да им се помогне на жртвите да се реинтегрираат во општеството.
И покрај овие закони и иницијативи, експертите велат дека борбата против семејното насилство е попречена од старомодниот начин на размислување, вклучувајќи го и широко распространетиот став дека насилството меѓу брачните другари е приватна семејна работа.

„Кога ќе ги разгледате профилите на жените, ќе ја видите домашната злоупотреба што ја претрпеле, ужасните околности во кои биле принудени да живеат и мотивите зад нивните кривични дела”, вели Халити.

„Повеќето од овие жени се мајки чии деца треба да останат во засолништата за напуштени деца. Сите овие фактори треба да бидат земени предвид при спроведување на Законот за помилување”.

Хесет Локу, директор на затворот Липљан, вели дека сметал оти неколку затворенички заслужувале да бидат помилувани поради нивното потекло од ранливи семејства и доброто однесување во затвор.

Министерството за правда не одговори на барањата да дадат коментар.

Групите за човекови права велат дека статистичките податоци за криминалот само укажуваат на степенот на злоупотреба зад затворени врати во земјата што брои 1,8 милиони луѓе. До 90 проценти од случаите на семејно насилство не се пријавуваат, проценува Агенцијата за родова еднаквост.

Според Дирекцијата за полиција во заедницата и превенција, во 2016 година, полицијата добила 870 пријави за семејно насилство, главно против жени, што довело до 243 апсења, Полицијата ги упатила останатите случаи до обвинителите или центрите за социјална работа.

Истражувањето спроведено во 2015 година од страна на Косовската женска мрежа, чадор на група на организации за женски права, покажа дека 68 проценти од жените претрпеле семејно насилство за време на нивниот живот.

Повеќе од 20 проценти од машките и женските испитаници мислеле дека понекогаш е прифатливо мажот да ја тепа својата жена.

„Косово нема капацитет да се справи со семејното насилство – ниту да ги заштитува луѓето од него ниту да го истражува тоа”, вели Тахир Хаџоли, шеф на единицата на косовската полиција која се занимава со семејно насилство и злоупотреба на деца.

„Тоа е прашање на владата. Мора да има солиден буџет за да ѝ помогне на косовската полиција добро да ја заврши работата”.

Проблемот одамна е на агендата на граѓанските организации, кои помагаат во обновата на Косово по конфликтот со Србија кон крајот на 1990-тите.

Но, ништо не предизвика толку гласна јавна дебата како два случаи, кои го нагласија неуспехот на државата да ги заштити жените од пролонгирана злоупотреба.

Во 2011 година, 27-годишната студентка од Приштина, Дијана Кастрати, побарала забрана за приближување откако нејзиниот сопруг постојано се заканувал и ја прогонувал. Судијата го одбил нејзиното барање.

Три недели подоцна, нејзиниот сопруг ја застрелал додека одела на час.

Тој избегал од земјата и се смета дека живее во Шпанија, велат адвокатите на семејството на Кастрати. Бидејќи Косово не е членка на Меѓународната полициска организација, Интерпол и нема билатерален договор за екстрадиција со Шпанија, нема начин да го врати.

„Смртта на Дијана Кастрати е одговорност на државата”, вели адвокатот Артан Ќеркини, кој ги претставувал нејзините родители пред Уставниот суд.

„Не дејствуваше во согласност со законските и уставните одредби за заштита на животот на поединецот и покрај сериозните информации дека таа е во опасност”.

Во 2013 година, судот пресудил дека државата ги прекршила правата на Кастрати гарантирани со уставот и Европската конвенција за човекови права. Семејството бара компензација преку Уставниот суд.

Додека случајот претставува важен преседан, народниот правобранител Јашари вели дека без да им се даде можност за примена на строгите санкции од Стразбур, „сè останува во рамките на дискрецијата на јавните власти во земјата”.

Во меѓувреме, Зејнепе Битиќи Бериша, 39-годишна жена од село во близина на јужниот град Сува Река, била 16 години малтретирана од нејзиниот сопруг, Неби Битиќи.

Човекот имал долга листа со обвиненија. Таа повеќепати го пријавуваше во полиција повеќе од 13 години, но тие не направија ништо.

Една ноќ во октомври 2015 година, тој ја прободел 20 пати додека не починала. Тој, исто така, ја повредил ќерката тинејџерка додека се обидувала да го спречи.

Неби Битиќи беше обвинет за убиство со умисла, за кое максималната казна е доживотен затвор. Тој добил 12 години.

Клучен дел од неговата одбрана било дека дејствувал од љубомора, „врз основа на сомневање дека неговата сопруга го измамила со полицаец од Сува Река”, како што изјави адвокатот на Битиќи надвор од судницата.

Обвинителката Морина вели дека адвокатите што ги бранат насилните мажи често се повикуваат на намалена одговорност за нивните злосторства поради привремено лудило.

„Кога сакаат, невропсихијатрите можат да направат здрав човек луд”, вели таа.

Обвинителите поднесоа жалба против казната за Неби Битиќи во август. На денот на одлуката, десетици поддржувачи се приклучија на семејството кое протестираше пред Палатата на правдата во предградието на Приштина. Тие држеа џиновски плакати: „Правда за Зејнепе”.

Апелациониот суд додаде уште пет години на казната на Битиќи, со што станаа вкупно 17 години.

Активисти палат свеќи во Тирана по убиството на Филдезе Хафизи, албанска судијка, која била убиена од нејзиниот поранешен сопруг, наводно, по неколкугодишни закани. Фото: БИРН / Лорета Чука

Регионален проблем

На Балканот, домашното насилство ги погодува патријархалните општества каде што – барем за некои мажи – мачизмот и агресијата одат рака под рака.

Во Црна Гора, западниот сосед на Косово, повеќе од 67 проценти од мажените жени претрпеле насилство од страна на брачниот другар, се вели во студијата од 2012 година на СОС телефонската линија за жени и деца-жртви на насилство.

Податоците од Судскиот совет, кои ги надгледуваат судиите во земјата која има 620.000 жители, покажуваат дека обвинителите имаат тенденција да го минимизираат домашното насилство преку насочување на случаите кон прекршочните наместо кривичните судови или поттикнување на помирување.

Минатата година речиси 90 отсто од случаите на семејно насилство – повеќе од 2.000 од нив – стасаа до прекршочните судови во Црна Гора. Многу од нив вклучувале нанесување тешки телесни повреди. Помалку од 30 отсто резултирале со парични или затворски казни.

„Разговарав со некои обвинители и тие рекоа: „Случаите на насилство не се наш приоритет. Тие лесно се решаваат, а имаме големи случаи на корупција и организиран криминал”, вели Маја Раичевиќ, раководителка на Центарот за женски права, невладина организација во Подгорица.

Во текот на изминатите три години, пет црногорски жени беа убиени од партнерите.

„Четири од нив постојано пријавувале насилство во полицијата и во различни институции и не добиле соодветна заштита”, вели Раичевиќ.

Но, таа вели дека групите за заштита на правата почнале да се потпираат на меѓународните конвенции, особено Конвенцијата на ОН за елиминација на сите форми на дискриминација против жените, позната како светски закон за правата на жените.

„Ако комитетот на Конвенцијата одлучи дека има повреда на правата на жените од страна на институциите, тогаш е правно обврзувачка за државата да ја промени таквата практика”.

Косово е единствената земја во Европа која не ја потпишала Конвенцијата.

Албанија ја ратификувала конвенцијата во 1994 година. Но, како и Косово, има долг пат пред неа кога станува збор за семејното насилство, велат експертите по право.

„Ние сме прилично иста нација”, вели Зоје Јака, директор на затворот „Али Деми“, единствениот албански затвор за жени. „Го имаме истиот менталитет и истиот пристап кон законот, и Албанија и Косово”.

Ќе те исечам, ќе те горам со сол и ќе те прободам со жешка жица

– зборовите кои наводно ги кажал еден албански демнач, според жената која го убила

Неодамнешното убиство на една судијка стана симбол за неуспехот на Албанија да ги заштити жените изложени на ризик. Филдезе Хафизи беше убиена од нејзиниот поранешен сопруг кон крајот на август, по неколкугодишни закани.

Неколку дена по убиството, демонстрантите во Тирана фрлиле црвена боја на Министерството за правда и марширале пред парламентот. „Убивањето не те прави маж, туку те прави убиец”, пишувало на еден плакат.

Но, не биле сите вознемирени. На социјалните медиуми, многумина го бранеле убиецот на Хафизи, кој бил обвинет за убиство и го признал злосторството.

„По ѓаволите со таа курва, која изгради кариера со парите на нејзиниот сопруг и го исфрли човекот кој ја направил она што е”, напишал еден корисник на Фејсбук.

Според Генералниот директорат на затворите, до јули во Албанија казна затвор за убиство служеле 816 мажи, во споредба со 14 жени.

Во затворот „Али Деми“, комплекс згради со црвени покриви кои ги надгледуваат стражари од затворските кули кој се наоѓа во една населба во Тирана, многу од жените  што лежат  за убиство ги убиле своите сопрузи или демначи.

Албанската телевизиска новинарка Ени Васили во својата неодамна издадена книга ги документирала околностите што довеле до некои од нивните злосторства.

Фатбарда Ѓонај од северното село Мат била осудена на 12 години за убиство на демнач кој и се заканил со силување под закана на оружје.

„Ако не дојдеш со мене, твојот брат ќе биде мртов за една недела”, се сеќава на неговите зборови таа што ѝ ги кажал на денот кога го убила со автоматскиот пиштол на својот татко, кога имала 26 години. „Ќе те одведам и ќе те заклучам во напуштена куќа. Ќе те исечам, а потоа ќе те горам со сол и ќе те прободам со жешка жица”.

Во јануари, Ѓонај била помилувана.

Затворот „Али Деми“ во Тирана е единствениот албански затвор за жени. Фото: Шкипе Ѓоцај

„Вистински мажи“

Ако сакате да го прекинете насилството врз жените, велат правните експерти, започнете со кршење на циклусот онаму каде што започнува – со младите момчиња.

„Ретко зборуваме за насилство врз децата и за насилство врз тинејџерите”, вели Морина, косовскиот заменик главен обвинител.

„Нашите семејства се доста авторитарни и голем дел од овие млади луѓе биле претепани и насилно злоупотребени од нивните татковци, чичковци и дедовци, кои барале од нив да бидат „вистински мажи”.

Жените често го носат товарот на оваа брутализација, особено во традиционалните заедници во Косово и Албанија, каде обичајните закони долго време ги девалвираат жените.

Уште од средниот век, традиционалните албански закони, познати како Канун, или Канон, на Лек Дукаѓини служеле како средство за регулирање на општествениот живот.

Додека влијанието на Канонот врз современото албанско и косовско општество е дискутабилно, традиционално му се дава примат на животот на мажите, при што, на пример, се оправдуваат убиствата заради одмазда на роднините на оние кои пролеале машка крв.

Другата страна е што животот на жените се смета за многу помалку вреден.

„Крвта на жената не е еднаква на крвта на мажот”, се вели во Канонот, во врска со бракот. На друго место, жената се споредува со „вреќа, направена да издржи додека живее во куќата на нејзиниот сопруг”.

Некои експерти сметаат дека таквото размислување се рефлектира во начинот на кој многу луѓе ги третираат жените денес.

Крвта на жената не е еднаква на крвта на мажот

– Канун или Канон на Лек Дукаѓини, збир на традиционални закони во Албанија

„Значењето на родовите улоги и норми за тоа што значи да се биде маж, жена, момче или девојче, имаат свои корени во Канонот”, вели Нита Луци, антрополог на Универзитетот во Приштина. „Тие се негуваат во секојдневниот живот и наоѓаат поддршка во секоја општествена институција”.

Експертите по кривично право, исто така, укажуваат на двојните стандарди во ставовите кон осудените мажи и жени, без оглед на злосторствата.

Кога мажите одговараат пред законот, семејствата често прават сé што можат за да ги добијат најдобрите адвокати, продаваат земјиште, автомобили или трактори или земаат заеми.

Спротивно на тоа, семејството и пријателите се држат понастрана од жените кои го кршат законот, дури и кога самите тие се жртви на насилство.

„За време на моето искуство во поправниот систем во Албанија, забележав двојни родови стандарди во однос на насилните кривични дела”, вели Клејда Нѓела, проект менаџер во албанскиот Хелсиншки комитет, група за заштита на човековите права во Тирана.

„Има мала толеранција за жените кои убиле. Од друга страна, постои евидентна тенденција да се оправдаат мажите кои ги убиле своите сопруги, особено кога љубомората и домашните работи се сметале за мотив”.

Назад во затворот Липљан на Косово, жените затворенички влегуваа и излегуваа од своите ќелии пред да започне часот за вежбање.

„Кога маж убива некого, тоа е машкост”, вели една затвореничка. „Кога жената го прави истото, се вика трагедија”.

Шкипе Гјоцај е фриленс новинар од Косово, чија специјалност се прашањата од областа на човековите права. Оваа статија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од Фондацијата ЕРСТЕ и Фондацијата Отворено општество, во соработка со Балканската мрежа за истражувачко новинарство.