На 11 јуни 2001 година, српскиот весник „Вечерње новости“, објави текст под наслов „Акции во лер“, за проблемите со приватизацијата во сливот на реката Морава.
Автор на текстот беше Милан Пантиќ, дописник на „Вечерњи новости“ од Јагодина, град лоциран околу 130 километри јужно од Белград, од каде Пантиќ редовно пишуваше за приватизацијата и корупцијата.
Но, додека повеќето читатели го прочитаа овој текст, Пантиќ веќе беше мртов. Тој беше убиен тоа утро пред зградата во која живееше, додека се враќаше од локална продавница. Тој имаше 47 години.
Дваесет години подоцна, неговото убиство е сè уште неразјаснето.
„Стоиме во место во надеж дека ќе најдеме решение да излеземе од овој лавиринт“, истакна новинарот, Веран Матиќ, претседател на Комисијата за истражување на убиствата на новинарите, основана во 2012 година, со цел да ги истражи неразјаснетите убиства извршени за време и веднаш после, како во случајот со Пантиќ, владеењето на Слободан Милошевиќ.
„Кога би можел, со задоволство би ви ги соопштил имињата на сите актери, но сѐ уште имам надеж дека ќе се најде решение и ќе се реши овој предмет“, нагласи Матиќ, во пресрет на 20-годишнината од убиството на Пантиќ.
Случајот е сѐ уште отворен
Пантиќ беше убиен точно осум месеци по симнувањето на Милошевиќ од власта, кога мешана коалиција на реформатори, националисти и опортунисти, се бореа со наследството на децениската војна, санкциите и организираниот криминал.
Матиќ, кој е коосновач на култната белградска радио станица Б92, која беше глас на отпорот кон политиката на Милошевиќ, и кој стана жесток борец за слободата на медиумите, убиството на Пантиќ го поврзува со неговото известување за приватизацијата на фабриката за цемент „Нови Поповац“ во Параќин.
Во својата изјава, Матиќ посочува дека „она што го напиша и што би го напишал“ за приватизацијата на цементарницата, Пантиќ го плати со својот живот.
Во тоа време, неделникот „Време“, објави изјава на сопругата на Пантиќ, Живка, која изјави дека семејството добивало закани по телефон и дека некои заканувачки пораки се „снимени на телефонската секретарка“.
Нино Брајовиќ, генерален секретар на Здружението на новинари на Србија, кој се запознал со Пантиќ околу пет години пред неговото убиство, вели дека новинарите со кои полицијата разговарала, изјавиле дека властите постапиле „професионално“, детално ги анализирале текстовите на Пантиќ и дека „практично биле на трага на оној кој тоа го сторил“.
„Но, очигледно е дека немаше подготвеност (да се оди понатаму)“, вели Брајовиќ за БИРН. Фактот дека никој не одговарал за убиството, покажува „дека државата не беше подготвена да го реши ова тешко ѕлосторство, веднаш по демократските промени во Србија“.
Тој го опишува Пантиќ како „светол пример на новинар, чија мисија била да се бори против криминалот и корупцијата на локално ниво“.
Но, Матиќ ја опиша истрагата на местото на злосторството како „аматерска“.
Досега се спроведени неколку истраги за случајот Пантиќ. Најновата беше иницирана од Вишото јавно обвинителство во Јагодина. Случајот е сè уште отворен.
„Вишото јавно обвинителство во Јагодина, во соработка со работната група на Министерството за внатрешни работи, ги презема сите активности предвидени со закон, за расветлување на ова дело, но досега сторителот или сторителите не се идентификувани“, одговорија од обвинителството за БИРН, на прашањето што им го упативме за овој текст.
Истрага против соработници на убиениот премиер
Фабриката за цемент, една година по смртта на Пантиќ, беше продадена на швајцарската компанија Холцим.
Организирана криминална банда, чии членови беа и поранешни елитни полицајци, го уби српскиот реформски премиер, Зоран Ѓинѓиќ во 2003 година, а во 2004 година јавните обвинители покренаа истрага против четири лица, во врска со продажбата на фабриката за цемент, вклучувајќи го и нејзиниот тогашен директор, Дарко Крижан , претседателот на управниот одбор и поранешен соработник на Ѓинѓиќ, Немања Колесар, и советникот на Ѓинѓиќ, Зоран Јањушевиќ.
Обвинителството тврдеше дека Колесар и Крижан постигнале договор со Холцим во 2001 година, во време кога беше распишан јавен тендер за приватизација на фабриката, со цел да се осигура дека ќе биде избрана компанијата на Холцим, Брејтенбургер.
Случајот беше отфрлен во 2010 година, без подигнување на обвинение.
Сè што направи и собра комисијата на Матиќ „покажува дека немало подготвеност, напротив, покажува дека тогашните власти диктирале што треба да се стори кога станува збор за приватизацијата на цементарницата Поповац, дека тоа била директна причина за убиството на Милан Пантиќ, неговото пишување за таа приватизација“, нагласува Брајовиќ.
И Матиќ и Брајовиќ сметаат дека случајот треба да го преземат обвинителите за организиран криминал во Белград, можност која Обвинителството за организиран криминал ја отфрли.
„Нашето обвинителство изврши увид во списите на предметот на Вишото јавно обвинителство во Јагодина во врска со убиството на Милан Пантиќ, а по увидот беше утврдено дека нема основи за сомнение дека делото го сторила организирана криминална група“, наведе Обвинителството за организиран криминал, во писмениот одговор до БИРН.