Регион

Неуспехот на обвинителствата ја засени годишнината од операцијата „Бура” во Хрватска

За дваесет и три години, колку поминаа од хрватската воена операција “Бура”, хрватското судство процесираше само неколку случаи на воени злосторства, додека Србија воопшто не започна сопствени истраги

Свен Милекиќ, Филип Рудиќ | БИРН | Загреб, Белград

Непосредно пред одбележувањето на годишнината од операцијата „Бура”, спроведена во 1995 година, прашањето за неказнување на воените злосторства, продолжува да ги влошува односите меѓу Хрватска и Србија и да предизвикува контроверзии во рамките на хрватското општество.

И додека на 5 август во Книн, целата хрватска политичка елита и голем број хрватски граѓани ќе присуствуваат на одбележување на годишнината од „Бура”, здруженијата на жртви и активистите за човекови права, повторно го покренаа прашањето за континуираното неказнување на воените злосторства, извршени пред 23 години, за време и по операцијата, кога хрватските сили ги поразија бунтовничките српски сили во Хрватска и ја вратија во свои раце, речиси целата територијата, што ја држеа Србите.

Иако повеќе од 2.000 лица беа обвинети за злосторства извршени за време на операцијата „Бура” – главно поради кражба, уништување на имот и палежи, само еден член на хрватските вооружени сили досега е осуден за воени злосторства во неговата земја. Србија, пак, досега нема осудено никого.

Во отсуство на веродостојни и сеопфатни државни податоци за бројот на српски цивили, убиени за време на операцијата „Бура”, се издвојува делумно оспоруваниот извештај на хрватскиот Хелсиншки комитет за човекови права.

Хрватска ја враќа контролата над територијата

За време на операцијата „Бура“, хрватските сили повторно ја вратија контролата над територијата што од крајот на 1991 година, беше во рацете на бунтовничките хрватски Срби, на кои им помагаа Југословенската народна армија (ЈНА) и српските паравоени единици.
Освен големите злосторства извршени над Хрватите, српските бунтовнички властите на самопрогласената Република Српска Краина (РСК), од оваа територија протерале меѓу 200.000 и 250.000 лица кои не биле Срби.
Откако мировните преговори не успеале, помеѓу 4 и 7 август 1995 година, хрватските специјални полициски и армиски единици, ги разбиле српските бунтовнички сили и повторно ја презеле сета своја територија, со исклучок на онаа во источна Хрватска.
Операцијата довела до хуманитарна криза, бидејќи за време и по операцијата, Хрватска ја напуштиле околу 200.000 српски цивили. Комитетот за бегалци на ООН, процени дека во 1995 година, Хрватска ја напуштиле околу 250.000 Срби.

Во извештајот, кој за првпат беше објавен во 1999, а кој беше трансформиран во книга во 2001 година, се именувани 677 жртви на воените злосторства, претежно постари Срби, но овие податоци политичарите и медиумите во Хрватска често ги отфрлаат.

Хрватска, операцијата „Бура”, ја смета за најважна воена операција за време на војната во деведесеттите години. Иако Владата признава дека биле извршени поединечни злосторства, таа ги отфрла сугестиите дека тие биле планирани од страна на раководството на земјата.

Но, Бранка Виерда, програмски координатор на невладината организација Младинска иницијатива за човекови права од Загреб, вели дека Хрватска никогаш не се соочила со грешките направени во деведесеттите години, „ниту политички, ниту во однос на кривичната правда”.

“Иако имаше некои напори од страна на државниците, да се соочат со злогласните делови од тоа минато, денес имаме комбинација на обиди, колективно да ги заборавиме грешките кои биле извршени, со инертност или неподготвеност на надлежните органи да покренат постапки за воените злосторства, со цел сторителите да се осудат”, вели Виерда за БИРН.

Долгогодишно неказнување на воените злосторства

Оштетена куќа во Петриња, на 7 август 1995 година, откако хрватската војска ја поврати територијата од бунтовничките Срби, во операцијата „Бура“. Фото: ЕПА/Атила Кисбенедек

Обвинителството на Република Хрватска (ДОРХ), досега започнало пет истраги против 11 наводни сторители на воени злосторства за време и по операцијата „Бура” и поднело четири обвиненија против 7 лица.

Единстваната пресуда за воените злосторства извршени од хрватските сили за време на „Бура”, ја донесе Врховниот суд во Загреб, во мај 2014 година.

Божо Бачелиќ, поранешен командант на извидничката чета на 113 шибенска бригада на хрватската војска, ХВ, беше осуден на седум години затвор за убиство на брачниот пар Никола (76) и Милица (74) Дамјаниќ, извршено на 11 август 1995 година, пред нивната куќа крај Прокљанско езеро.

Врховниот суд го осуди и за убиство на заробениот српски војник, Вук Мандиќ, во селцето Мандиќи, кое се наоѓа околу 40 километри од Прокљан, извршено на 9 или на 10 август.

Хрватскиот претседател, Фрањо Туѓман, ја прославува победата на 4 август 1995. Фото: ЕПА/Атила Кисбенедек.

Пред хрватските судови се водат уште два случаи за злосторства извршени во операцијата „Бура”, едниот од нив по обвинение поднесено во ноември 2014 година, кое е воедно и последното обвинение за злосторствата извршени за време на оваа воена операција.

Меѓутоа, ДОРХ често нагласува дека кривични постапки се поведени против 3.728 лица, за убиства, насилство, сексуални злосторства, за кражби и за уништување на имот.

Од нив, 2.380 лица биле осудени. Вкупно 14 лица, меѓу кои 10 војници, биле осудени за убиства, но не и за воени злосторства.

„Според тоа, може да се заклучи дека ова се ‘обични’ дела, а не воени злосторства. Ваквата категоризација на злосторствата го поттикнува доминантниот наратив дека во овој период се случувале само изолирани инциденти, а не и претходно планирани воени злосторства”, вели Виерда.

Готовина и Маркач – клучна ослободителна пресуда

Хрватски бранители и граѓани на дочекот на хрватските генерали, Готовина и Маркач, на централниот плоштад во Загреб, во ноември 2012. Фото: ЕПА/Антонио Бат

Многумина во хрватското општество кои се залагаат за правда и за соочување со злосторствата од минатото, можност да дојде до остварување на правдата видоа во 2011 година, кога судскиот совет на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), ги осуди хрватските генерали, Анте Готовина и Младен Маркач, за злосторства поврзани со операцијата „Бура”.

Судскиот совет утврди дека Готовина и Маркач учествувале во заеднички злосторнички потфат со цел отстранување на Србите од областа Краина, со сила или со закана за употреба на сила, кој бил предводен од поранешниот хрватски претседател, Фрањо Туѓман. Според судскиот совет, една од целите на операцијата „Бура” била да го намали или отстрани српското население во Краина.

Но, во 2012 година, Жалбениот совет на МКТЈ ги ослободи генералите. Тие се вратија дома, каде што беа пречекани како херои, во присуство на високи хрватски функционери и илјадници граѓани кои прославуваа по улиците низ целата земја.

Невладините организации го критикуваат неказнувањето на злосторствата извршени во „Бура”

Со оглед дека хрватските власти не успеаја системски да ги гонат злосторствата извршени за време на операцијата „Бура”, невладината организација од Загреб, Документа – Центар за справување со минатото, во август минатата година поднесе кривична пријава до ДОРХ, за воени злосторства извршени на 6 август 1995 година.
Документа поднесе тужба против непознати извршители, кои во селото Уздоље и околните населени места, кои се наоѓаат во близина на хрватскиот град Книн, убиле десет, претежно постари, српски цивили.
Од ДОРХ за БИРН изјавија дека пријавата била проследена до обвинителството во Шибеник, кое има надлежност да спроведува истраги во регионот на Книн.
Истиот ден, минатата година, кога Документа ја поднесе пријавата, обвинителство во Шибеник соопшти дека уште во 2011 година, започнало истрага за злосторствата извршени во Уздоље, по ексхумацијата на посмртните останки од масовната гробница на гробиштата во Задар.
Како што наведоа од обвинителството во Шибеник, тие, уште во 2004 година, разговарале со сведоци на злосторствата и собрале документи од МКТЈ, со цел да ги идентификуваат непознатите сторители.

Семејствата на жртвите ја окарактеризираа пресудата како неправда. „Одеднаш, командната одговорност е заборавена”, изјави, Драган Пјевач, претседател на Управниот одбор на Координацијата на српски здруженија на семејствата на исчезнатите лица, тврдејќи дека доктрината за „командна одговорност” се применувала во пресудите во судските процеси што се воделе против Србите.

Немања Степановиќ, истражувач на Фондот за хуманитарно право од Белград, вели дека првостепената пресуда што им беше изречена на Готовина и на Маркач, а со која тие беа прогласени за виновни, е „една од најкозинстентните и добро докажани пресуди што Трибуналот некогаш ги донел”.

Тој објаснува дека пресудата била заснована врз докази за планирање на операции од страна на врвното хрватско раководство, за неселективно бомбардирање на градовите претежно населени со Срби, за убиство на Срби кои останале во регионот, за систематски грабежи и уништување на имотот на Србите, како и за спречување на враќањето на бегалците од страна на хрватската држава.

„Таа беше напишана на 1.300 страници … Ги имавме сите овие докази, а потоа дојде ‘памфлетната’ пресуда по вложената жалба, на 50 страници, со која сѐ беше отфрлено”, додава Степановиќ.

Процесирањето на злосторствата во Србија без резултати

Српски бегалци во бегалскиот центар во Ниш, пред да бидат префрлени во Косово. Фото: ЕПА/Срѓан Сулејмановиќ

По ослободувањето на хрватските генерали, поранешниот обвинител за воени злосторства на Србија, Владимир Вукчевиќ, најави истрага за шест злосторства извршени над Срби во Хрватска, од кои некои поврзани со операцијата „Бура”.

Како што тогаш беше објавено, истрагата се однесувала на убиствата на Србите во селата Двор на Уна и Кијани, кои беа ексхумирани од гробиштата во Петриња, како и на нападот на конвојот бегалци во Вргинмост. Другите два случаи беа поврзани со настани од 1991 и 1993 година.

Вукчевиќ во 2015 за медиумите изјави дека српските и хрватските обвинители водат заедничка истрага за злострството во Двор на Уна и оти тие разговарале со сведоци од Данска, чии војници биле во баталјонот на мировните сили на ООН, кој, кога делото е извршено, бил стациониран во близина.

Тој, исто така, истакна дека двете обвинителства соработуваат на неколку други случаи, бидејќи наводните сторители не му се достапни на српското обвинителство.

Од Обвинителството за воени злосторства во Србија, не добивме одговор за моменталниот статус на овие истраги, ниту за тоа дали е покрената истрага за други случаи и дали сѐ уште трае соработка со хрватските власти и со МКТЈ.

Степановиќ истакнува дека оваа изјава на Вукчевиќ требало само да ја смири српската јавност и оти српските обвинители не можеле ова сами да го спроведат.

„Под знак прашалник е кои докази и документи српското обвинителство можело да ги добие без сериозни соработка со Хрватска, до кои сведоци можеле да дојдат, освен до жртвите кои живеат во Србија и што е најважно, како можеле да дојдат до осомничените?”, објаснува тој.

Сегашниот главен обвинител за воени злосторства на Србија, Снежана Станојковиќ, се залага за судење во отсуство на Хрватите осомничени за воени злосторства над Србите, бидејќи меѓу Белград и Загреб нема договор за екстрадиција.

Сепак, од мај 2017 година, кога Станојковиќ ја презеде функцијата, не беа покренати обвиненија или започната истрага за злосторствата извршени за време на операцијата „Бура”.

Сѐ уште се чека идентификација на исчезнатите Срби

Ексхумација на посмртните останки на жртвите на воената операција во Горње Селиштево 2015 година. Фото: Министерство на хрватските бранители

Според Управата за притворени и исчезнати лица на Министерството на хрватските бранители, како исчезнати, од 1995 година, и денес се водат 796 хрватски државјани, од кои околу 95 проценти се Срби, кои исчезнале по хрватските воени операции „Блесок” и „Бура”.

По борбите, хрватските власти, повеќето од нив, ги закопале во заеднички гробници, често на градските гробишта.

Во јуни, во Хрватска успешно беа идентификувани останки на 20 Срби. Некои од нив биле погребани по операцијата „Бура”.

Но, здруженијата на семејствата на загинатите и исчезнати Срби во Србија и во Хрватска – како и некои невладини организации кои се занимаваат со овие прашања – често се жалат на недостиг на итност во ексхумацијата и идентификацијата на жртвите.

Пејач особено упатува критики поради Србите кои биле закопани на означени локации, а чии посмртни останки и денес чекаат на ексхумација и идентификација.

„Според нашата евиденција, местата на кои е погребано 71 лице се на познати локации и може да бидат ексхумирани уште утре, но од непознати причини тоа не е направено”, нагласува тој.

Правниот аналитичар на Фондот за хуманитарно право, Вишња Шијачиќ, за БИРН вели дека процесот на пронаоѓање и идентификување на исчезнатите лица е во голема мера исполитизиран и дека Србија и Хрватска се обвинуваат меѓусебно за задржување на информациите.

„Се надеваме дека некако ќе дојде до тоа овој процес да се смета за хуманитарен, а не за политички”, нагласи Сијачиќ.