Зраците на утринското сонце паѓаат на нејзините бледи раце, ставени врз купот документи на масата, од кои таа не го трга погледот.
Ф.К. седи во просторијата на Медика Косово, невладина организација во Ѓаковица, додека чека да дојде на ред за поднесување на барањето за добивање на статус – воена жртва на сексуално насилство, што е дел од владината програма за добивање на бенефиции, која започна минатата година.
Лице од персоналот внимателно ја пополнува нејзината пријава. Меѓу документите е и необично парче хартија – изводот од матичната книга на родени на нејзината ќерка, издаден во Босна и Херцеговина.
За време на војната во БиХ, во јули 1994 година, Ф.К., која имала само 16 години, заедно со нејзина братучедка, била силувана во една куќа во предградието на Сараево.
Три месеци подоцна, Ф.К., заедно со нејзината мајка и сестра, ја напуштиле Босна и побарале засолниште кај роднини во Пеќ, Косово. Неколку месеци подоцна, таа се преселила во засолниште и се запознала со еден Албанец.
Наскоро стапиле во брак, а членовите на нејзиното семејство, со кои таа пристигнал од БиХ, се вратиле. Таа останала во Косово. Во март 1999 година, кога НАТО започна со бомбардирањето на Југославија, нејзиниот најстар син наполнил две години.
Еден месец подоцна, таа и другите жени од нејзиното соседство биле однесени во куќа во која биле принудени да останат речиси две недели, при што систематски биле силувани.
Нејзиниот сопруг, кој станал член на Ослободителната војска на Косово (ОВК), во тоа време не бил дома. На крајот на мај 1999 година, заминала прво во Црна Гора, а потоа во БиХ. Кога поминале повеќе од пет месеци од силувањето, Ф.К. сфатила дека е повторно бремена.
Бременоста ја држела во тајност во куќата на нејзините родители. Се породила во БиХ и по неколку месеци се вратила во Косово со својата новородена ќерка.
Ќерката на Ф.К. денес има 19 години. Една е од децата родени како резултат на силувањето извршено во војната во Косово, кои не ги знаат околностите на своето раѓање. Некои мајки, кои се нашле во слична ситуација, ги напуштале своите бебиња, ги давале на посвојување или во дом.
Имало и случаи на убиени или скриени деца, чии мајки успешно ги избришале сите траги за вистината на нивното раѓање.
Илјадници жени биле жртви на сексуално насилство вршено од страна на српските сили за време на војната 1998-1999 година, која заврши сo бомбардирањето на НАТО, со кое Србија беше принудена да се повлече од Косово. Бројот на деца, родени како резултат на силување, е непознат.
Незахате Салиху, национален директор на СОС Детски села, невладина организација која обезбедува засолниште, грижа и едукација на напуштените деца и децата со потреби, вели дека нејзината организација имала неколку случаи на напуштени деца, чии мајки биле жртви на силување.
„Сите се посвоени и денес живеат со своите семејства во и надвор од Косово. Но, не можам да ви го кажам нивниот точен број“, изјави Салиху за БИРН.
Таа објаснува дека во Косово сѐ уште е тешко јавно да се зборува за напуштените деца, кои се родени како резултат на силување, поради стигмата која и денес ги тера мајките да се срамат да ја кажат вистината.
„Многу е чувствително да се зборува за напуштените деца, кои се родени како резултат на несакана бременост, бидејќи за време на војната нивните мајки биле силувани”, нагласува Салиху.
„Тие се дојдени на овој свет како невини суштества, како нежни суштества, гладни за љубов, од друга страна имаме млади мајки кои се откажале од своето потомство, бидејќи се чувствуваат навредени, несигурни, отфрлени од сите – од семејството и од општеството. Секако, овие мајки кои биле силувани за време на војната, доживотно ќе носат емоционални лузни“, додава таа.
Ф.К. не сака да разговара во детали за нејзината ќерка или за последните 19 години од својот живот, затоа што таа се плаши дека нејзината ќерка ќе дознае за своето минато. Меѓутоа, таа слободно зборува за тоа дека два пати била силувана и дека нејзиното здравје речиси е уништено.
Според податоците на хуманитарните организации што работат во Косово, од декември 1999 до февруари 2000 година, најмалку 100 бебиња се родени како резултат на силување.
БИРН може да потврди четири такви случаи. Во два, бебињата биле напуштени по нивното раѓање, во еден мајката го држи ова во тајност, а во четвртиот случај, мајката го убила своето дете неколку часа по раѓањето.
Дадени на посвојување
Eдна дождлива ноќ, на крајот на ноември 1999 година, Вепроре Шеху, шефица на Медика Косово, во болница довела жртва на силување, која имала породилни болки.
„На крајот на август (1999) сфативме дека една од жртвите, 17-годишно девојче, е бремено, како резултат на силување. Беше предоцна за абортус. Ја држевме изолирана од нејзиното семејство, велејќи им дека таа има сериозен проблем, сѐ додека не роди дете. Потоа го остави“, вели Шеху.
„Не знаев дека сум бремена. Кога мојот лекар ми кажа дека сум бремена, сакав да извршам самоубиство“, ни рече оваа жена во 2017 година.
Пет месеци по раѓањето, нејзиното дете било посвоено во Косово.
„Неколку години подоцна, таа се омажи во странство и роди деца, но никогаш не сакаше да го спомне своето прво дете”, додава Шеху.
Таа ни објаснува дека не е лесно да се најдат информации за бројот и за местото на живеење на овие деца.
„Постојат многу случаи на систематско силување од страна на српските сили. Сега е тешко да се најдат другите (деца), кои веројатно се родени, но не се пријавени поради стигмата што го опкружува сексуалното насилство“, објаснува таа.
Доминик Серано-Фитамант, психолог, специјализирана за сексуалното насилство и траума, во 1999 година, беше задолжена од Фондот за население на Обединетите нации, УНФПА, да изврши проценка на жртвите на сексуално насилство од Косово, кои привремено живееат во бегалските кампови и породилиштата во Албанија и во Македонија, како бегалци од конфликтот.
Во својот извештај од мај 1999 година, Серано-Фитамант пишува дека многу семејствата на косовски Албанци изјавиле дека не можат да го задржат бебето, родено како резултат на силување.
„Тогаш можеме да очекуваме дека во наредните месеци, ќе имаме голем број на напуштени бебиња”, пишува таа во извештајот. „Се претпоставува дека многу жени кои се бремени, како резултат на сексуалното насилство, ќе се обидат да ја прекинат бременоста”, додава таа.
Две децении подоцна, косовското Министерство за труд и социјална политика, објави дека не може да обезбеди никаква статистика за децата што се посвоени, а кои се родени како резултат на силување.
„Да се испрати бебето во странство на посвојување”
Во ноќта на 9 февруари 2000 година, во болницата во Призрен, родено е девојче, чија мајка решила да ја напушти неколку часа по раѓањето.
Таткото на родилката на лекарите им рекол оти неговата ќерка не може да го задржи бебето, оти имала само 16 години кога била силувана за време на војната и дека таткото на бебето е српски паравојник.
Во мај 2000 година, лекарите апелираа да се посвои детето родено како резултат на силување. Лекарката, Фланза Ѓерѓизи, го држела во раце бебето кое го нарекле Арта, додека на медиумите им велела дека бебето треба да бидат испратено во странство на посвојување, сугерирајќи дека „никој во Косово не сака да посвои дете, родено како резултат на силување”.
Ѓерѓизи и нејзините колеги, од кои многумина денес се пензионирани, дури и по дваесет години не зборуваат за деталите на овој случај. Кога ја контактиравме, таа ни кажа дека не сака „повеќе да се спомнува овој случај” и одби да ни даде повеќе информации.
„Освен она што реков тогаш, немам што да додадам. Не можам да ви дадам повеќе информации“, ни рече таа.
Директорот на болницата, Африм Авдај, ни изјави оти е тешко да се најдат дополнителни информации за овие случаи, бидејќи не постои архива.
„Ние не можеме да обезбедиме информации за напуштените деца во периодот од 1999 до 2000 година, бидејќи немаме докази од книгите за евиденција, бидејќи тие, наводно, случајно се уништени”, нагласи Авдај.
БИРН доби пристап до документацијата за напуштено дете во Центарот за социјална работа. Детето било посвоено во согласност со процедурите, а на новите родители не им било кажано, што рекла мајката во болницата, стои во досието.
Осум години подоцна, социјалните работници разбрале дека посвоеното дете загинало во несреќа во Италија.
Но, машкото дете родено во Приштина, два дена пред девојчето во Призрен, имало полоша судбина.
Саније Мифтари, медицинска сестра на гинеколошката клиника во Државната болница во Приштина, се сеќава на ладното утро во февруари 2000 година, кога ја завршила својата рутинска контрола на бебињата и родилките.
Неколку моменти подоцна, готвачката која делела храна, им рекла на медицинските сестри, оти жената што лежи во креветот до прозорецот во соба 363, му правела нешто на своето бебе.
Мифтари се сеќава на ужаснатото лице на една млада мајка, додека ѝ говорела оти бебето не е добро.
Медицинските сестри забележале модринки од прсти околу вратот на бебето и ги повикале шефот на одделот и полицијата.
„Беше очигледно дека мајката се обидела да го задави бебето, но бебето беше сѐ уште живо”, вели Мифтари за БИРН.
Во болницата е евидентирано дека породувањето било сосема нормално, дека бебето било родено со тежина од 2,9 килограми и било високо 51 сантиметар. Во досието, исто така, стои дека истиот ден, во 12.35 часот, бебето починало. Извештајот од аутопсијата од 8 февруари 2000 година, вели дека смртта била предизвикана со давење.
Мајката изјавила оти е мажена, дека го носи презимето на нејзиниот сопруг и дека тоа е нејзино прво дете. Подоцна открила дека српските сили ја силувале една недела, во близина на нејзиното село крај Подуево. Таа нагласила оти се обидела да абортира, но дека докторите не ѝ го дозволиле тоа, бидејќи било предоцна.
Сепак, таа никому не кажала за силувањето или бременоста, поради страв дека нејзиниот сопруг ќе ја остави. Кога заминала да се породи, на сопругот му рекла дека бебето е родено предвреме.
Но, нејзиниот план тргнал наопаку, кога нејзиниот сопруг прашал медицинско лице кое присуствувало на породувањето, како е детето, на што му било кажано дека сè поминало нормално и дека детето е родено во деветтиот месец од бременоста.
Оваа жена, кој лежела во затвор поради убиство на своето бебе, за БИРН изјави дека не сака да дава никакви изјави за тоа, но го потврди она што се случило, велејќи ни: „Знаете кога сте уништени и кога ништо нема да биде повеќе нормално“.
Нагласи оти доколку биде откриено нејзиното име, таа ќе изврши самоубиство.
Сејдулах Хоџа, гинеколог и директор на Клиниката за гинекологија во Приштина од 1999 до 2003 година, ја потврди приказната на сестра Мифтари.
„Во февруари 2000 година, имавме случај на мајка која го уби своето бебе. Во моментот кога таа беше уапсена, ја сфативме задината, дека таа била силувана и оти тоа била причината, зошто го убила своето бебе неколку часа по породот“, вели Хоџа за БИРН.
Во април 2000 година, тој негираше дека бројот на бебиња родени како резултат на силување е многу голем, како што тогаш се објавуваше, велејќи дека „не е вистина дека се родени многу бебиња на српски силувачи”.
Две децении подоцна, Хоџа објаснува дека имало „случаи на бременост и на абортус, но оти било многу тешко да се заклучи дали се работело за насилни бремености”.
Абортуси во Тирана
Во 2018 година, косовската влада започна процедура за верификација, која им овозможува на жените и на мажите кои преживеале сексуално насилство за време на војната, да добијат статус на жртва и да побараат месечна пензија од 230 евра.
Законот не дава дополнителни бенефиции и не им дава статус на жртва на оние кои починале како резултат на силување или последователно извршиле самоубиство, а не се спомнуваат ниту децата родени како резултат на силувањето.
Минире Бегај, претседателка на Комисијата за признавање и проверка на статусот на жртвите на сексуално насилство за време на конфликтот во Косово, вели дека процесот на верификација е тежок, поради чувствителната природа на работата, должината на постапките и стигмата поврзана со жртвите.
„Ова понекогаш е долгорочен процес, поради чувствителната природа на оваа работа”, објаснува Бегај.
Таа додава дека комисијата добила повеќе од 1.000 барања и дека биле разгледани повеќе од половината, но дека жртвите досега не пријавиле случај оти родиле дете како резултат на силување. „Може и да има таков случај, но нам никој не ни го кажал тоа”, вели таа.
„Имаме случаи кои докажуваат дека е извршен абортус како резултат на силување. Но, верувам дека бројот на абортуси е поголем“, додава таа.
Хан Баја, е гинеколог кој работи во локалната болница во Кукс, северна Албанија, град кој беше прва дестинација за повеќе од 500.000 косовски Албанци, кои беа протерани од нивните домови во пролетта 1999 година.
Баја за БИРН вели дека повеќе од три месеци, за време на егзодусот на косовските Албанци, лекарите континуирано работеле со бегалците, меѓу кои имало и жртви на сексуално насилство.
„Помеѓу април и јуни 1999 година, жените од Косово извршија 71 абортус”, информира тој.
На клиниката за гинекологија, во главната државна болница во Тирана, персоналот потврдува дека од април до јуни 1999 година, биле извршени 40 абортуси кај жени, бегалци од Косово.
Рубена Мојсиу, гинеколог на клиниката, за БИРН вели дека таа и нејзините колеги, за време на војната во Косово, лекувале стотици жртви на сексуално насилство.
„Од случаите што ги третиравме, видовме колку сериозно беа повредени. Некои од нив имаа симптоми на сексуален напад извршен кога едно лице сексуално се користи од повеќе луѓе, за многу краток временски период“, потенцира Мојсиу.
„Потврдувавме бремености, и покрај фактот што малкумина зборуваа за тоа”, додава таа.
Мојсиу нагласува дека била изненадена кога ги видела статистиките за бројот на абортуси што биле извршени во клиниката. „Бев сигурна дека бројот е многу поголем”, истакна таа.
Анонимни и безгласни
Наиме Шерифи, поранешен активист на косовскиот Совет за одбрана на човековите права и слободи (СОЧПС), која има собрано докази за кршењето на човековите права за време и по војната, вели дека имало потешкотии во документирањето на случаите на силување, бидејќи повеќето жртви, не прифаќале оти се силувани.
„СОЧПС има докази, кои дури му беа предадени и на Хашкиот трибунал, за силување на жени кои останале бремени, како и докази за последиците од абортусите, особено оние кои се направени по четвртиот месец од бременоста”, додаде таа.
Во некои од овие случаи, според нејзините зборови, имало сериозни последици за здравјето на жртвите. „Постојат докази за жртви кои починале за време или веднаш по силувањето, додека некои од нив извршиле самоубиство”, вели таа.
Валона Нуши, шеф на Канцеларијата на ООН жени во Косово, потенцира дека во земјата сѐ уште има проблеми кога станува збор за децата кои се родени како резултат на силување, делумно и поради тоа што тие и понатаму остануваат анонимни.
„Моравме да чекаме 20 години за да се признаат жртвите на сексуално насилство (од страна на власта). Во процесот на давање (официјален) статус, жртвите имаат глас. Но, како и секаде на друго место, тешко е да се реши проблемот со децата родени како резултат на силување, бидејќи тие се безгласни“, заклучува таа.
Ф.К. вели дека повеќе не сака да зборува за тоа како се родила нејзината ќерка.
„Никогаш повеќе не сакам да зборувам за тоа”, истакна таа.
„Кажав што можев. Нема повеќе“.
Некои имиња во овој текст се сменети или скратени за да ја заштитат анонимноста на соговорникот.
Овој извештај го овозможија „Reporters in the Field”, програма на Фондацијата Роберт Бош за развој на медиумската мрежа.