Репортажи

Ноќта кога цензусот го победи референдумот

Во штабот на кампот „ЗА“, никој не се надевал на цензусот, ама неофицијално очекувале повеќе од 700.000 гласа

„Јас сум среќен и релаксиран“, со овие зборови премиерот Зоран Заев вчера ја затвори прес-конференцијата по референдумот, по што следеше прецизно тајмиран партиски аплауз, кој требаше да нѐ убеди во тоа.

Ако ја говореше вистината, тогаш Заев беше еден од ретките во големата сала во скопскиот хотел „Александар палас“ што се чувствуваше така. Останатите од Кампот „За“, далеку од камерите не се трудеа премногу да го скријат незадоволството што излезноста, сепак, беше за речиси третина покуса од цензусот.

Еуфорија немаше ни за лек, а најоптимистичката анализа што можеше да се чуе од купчето функционери дојдени како поддршка на Заев беше:

„Убав денов денеска.“

Еуфорија немаше ни за лек | Фото: БИРН

Никој не очекувал да се постигне цензусот, меѓутоа верувале дека може да се премине преку границата од 700.000 гласа.

Околу 17 часот, кога гласањето сѐ уште не ветуваше резултат што може да се пласира како „јасно изразена волја на народот“, можеа да се слушнат разочараните потшепнувања дека не ни останува ништо друго, освен да вадиме бугарски пасош.

До 19 часот, во салата немаше никој од Владата и од носителите на кампањата „За“, освен по некој од помладите пратеници со загрижено лице.

Нивните анализи не префрлаа повеќе од резултатот што навистина го соопшти ДИК на крајот од денот, оние нешто преку 600.000 поддршка и тие не можеа до крај да протолкуваат зошто излезноста е поголема од очекуваното во третата изборна единица, а нешто сосема спротивно се случува во шестата.

Албанците ги нема, веројатно многумина се отселени и не се вратиле за референдумот, гласеше анaлизата „од нога“ на кафе-паузата пред „Александар палас“.

Како што одминуваше времето и полека се зголемуваа бројките, сѐ повеќе соговорници ја отвораа темата дека во Македонија нема повеќе од милион и петстотини жители и оти со сегашниот избирачки список, цензусот е невозможна мисија.

„Додајте ги децата и ќе сфатите дека цензусот е мислена именка“, вака завршуваа елаборациите.

„Од 2001 немало толку камери“, проценија искусните фоторепортери | Фото: БИРН

Кон крајот на гласањето, на сцена стапија пооптимистичките толкувања дека ниту една владејачка коалиција немала толкава поддршка на избори и оти можеби само Киро Глигоров имал подобар резултат на претседателските избори во 1994 година.

Строгите партиски аналитичари на СДСМ, пак, пресметаа дека отприлика ги репризирале бројките од ланските локални избори, што веројатно требаше да се протолкува како успех.

Пред 19 часот, политичари речиси и да немаше во штабот на кампањата „За“ во „Александар палас“, меѓутоа халата беше преполна со репортери. Скопје на едно место не го видело тој број на странски новинари со децении.

„Од 2001 немало толку камери“, проценија искусните фоторепортери.

Ги имаше најмногу од Балканот, од секоја соседна земја, но грчките новинари беа најзабележливи. Постојано се брифираа со македонските колеги и одвреме-навреме уфрлаа по некоја кратка анализа како ниската излезност ќе се одрази врз расположението во Грција.

Не е на арно, не е на арно, гласеше заклучокот.

„Можно е многу посети на европските лидери да дадоа контраефект, на булдожер-демократијата исто реагираа и Грците за време на преговорите со финансиската тројка“, коментираше еден од грчките новинари, кој, меѓу другото, се интересираше каква е излезноста во местата каде што Албанците се мнозинство.

Будно се следеа пресконференциите на ДИК | Фото: БИРН

Додека го чекавме првото излагање на премиерот Заев и го пиевме третото капучино од кафемат, од уста на уста се пренесуваа саркастичните твитови за нашиот референдум од соседните земји.

„Повеќе Македонци гласаа на Ѕвезде гранда, отколку на референдумот“, беше најпопуларната српска досетка.

Премиерот на вториот прес најави дека доколку ВМРО-ДПМНЕ за десетина дена не го поддржи договорот во Собранието, следуваат нови избори најдоцна на 25 ноември, на кои ќе се атакува на толку потребното двотретинско мнозинство.

Доволни беа неколку „оф д рекорд“ брифинзи со дел од министрите и со високите функционери од редовите на СДСМ, да се добие впечатокот дека Заев не го фрлил датумот од рака и оти оваа опција е сериозно разгледувана внатре во партијата.

Доцна во ноќта, кога резултатите од референдумот беа апсолвирани, и министрите беа расположени за поискрени анализи.

Партиските анкети предвидувале двотретинско мнозинство на можните избори | Фото: БИРН

Во хотелското фоаје можеа да се слушнат лични мислења дека не треба да се „губи време со вмровците“ и да се оди на избори зашто необјавените партиски анкети покажувале разлика меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ од дури седум процентни поени, што заедно со албанските партии може на власта да ѝ донесат 85 пратеници.

Присутна беше речиси целата Влада, иако на првиот прес беше забележливо отсуството на министерот за надворешни работи, Никола Димитров. Тој дојде подоцна, а меѓу двата преса во „Александар палас“ се придружи и вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Таму беа и Дамјан Манчевски, Мила Царовска, Венко Филипче, Оливер Спасовски, пратеникот Мухамед Зекири, градоначалниците Стефан Богоев и Петре Шилегов, додека вечерта не помина ниту без десното владино крило составено од тандемот Љубе Бошкоски и Стојанче Ангелов, засилено со Љупчо Балковски.

Заев вчера од говорницата стигна и да се пошегува со поддржувачите на движењето „Бојкотирам“, кога иронично рече дека ја видел „гужвата пред Собрание“.

„Никој не освоил толку гласови“, вечерта беше финалната анализа | Фото: БИРН

Тоа ги насмеа сопартијците, меѓутоа ситуацијата беше далеку посериозна, а тоа го покажува и речникот на премиерот, кој покрај тоа што неколкупати повтори дека е „демократа“, дури четирипати рече дека „не треба да си играме играчки“, мислејќи на тоа дека нема друга опција освен да помине Преспанскиот договор.

Дали со нови избори или со пратеничка поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, тоа како што вели еден висок функционер на СДСМ, во моментов не знае ниту Христијан Мицкоски, иако многу работи зависат од пратениците на неговата партија.