Репортажи

Фолк-рапер, народен сенатор и писател-хирург повикуваат на бојкот

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Мотото на протестот беше „Бојкотирам значи не гласам“ | Фото: БИРН

Напорна работа и верба во Бог, одгледување марихуана и афион, Нирнбершки процес за Владата и права за Албанците без попис. Поддржувачи на бојкотот ги изнесуваат своите визии и планови за Македонија  по пропаѓањето на референдумот за договорот со Грција закажан за 30 септември, во обид да ги побијат владините тези дека успехот на референдумот е клучен за напредокот на државата.

Со собир што почна во Градскиот парк во Скопје, а заврши пред Собранието, противниците на референдумот го прославија 8 Септември, денот на независноста, со порака ова да не биде последната година кога празникот ќе се одбележи под името Република Македонија.
 
Неколку стотини излегоа да ја слушнат „Ја излези Ѓурѓо“, со која веќе традиционално се тестира разгласот на митинзите за бојкот. Празничниот протест, сепак, беше различен, комбинирајќи умерени и радикални говори, песни и ора, драматична патриотска поезија и фолк-рап со многу вулгарности и навреди.

Бојкотот е единствениот избор, порачаа присутните | Фото: БИРН

Актерката Арна Шијак ја доби улогата на водител, како ветеран на протестите од 17 јуни, кога беше повредена со шок-бомба (овој датум бојкотирачите го сметаат за свој пандан на 5 мај на шарената револуција).

„Референдумот е незаконски и неуставен затоа што се темели на закон што и по повторното гласање не го потпиша претседателот Ѓорге Иванов“, порача Шијак, додека присутните извикуваа „Иванов, Иванов“. Веднаш потоа го најави писателот Ефтим Клетников, еден од најредовните говорници на бојкотирачките собири.

Меѓу стандардните фрази како таа дека Македонија е лулка на европската цивилизација бидејќи оттука се проширило христијанството низ континентот што дотогаш бил див и пагански, Клетников уфрли и неколку нови пораки, како таа дека Владата ја чека Нирнбершки процес откако сето ова ќе заврши. И не само Владата.

„Време е да се исчисти здравото македонско ткиво од предавниците“, порача тој пред масата што скандираше.

Тодор Петров, претседателот на Светскиот македонски конгрес, беше нешто помек во пораките кон членовите на Владата и кон пратениците што го поддржуваат договорот со Грција. Рече само дека ќе завршат во доживотен затвор и дека ќе се конфискува целиот имот на нивните семејства.

Џејсон Мико беше прогласен за македонски сенатор во САД | Фото: БИРН

Пред публика што главно мирно и трпеливо слушаше, тој им порача на Албанците во Македонија исто така да го бојкотираат референдумот. За возврат им понуди да ги задржат сите досега стекнати права дури и ако на попис се покаже дека нивниот број се намалил под 20 отсто.

Посебен гостин на вечерта беше Американецот Џејсон Мико, поранешниот советник во Владата на ВМРО-ДПМНЕ и почесен конзул, овојпат претставен како македонски сенатор во Америка. Тоа е титула што му ја додели Тодор Петров, како „највисоко признание од Македонците во целиот свет“.

Пораките на Мико беа дека треба да се отфрлат тезите според кои ако Македонија влезе во ЕУ и во НАТО ќе врнат пари и сите ќе се збогатат.

Раперот Пука Козметика со навреди и вулгарности ги искажа своите политички ставови | Фото: БИРН

„За напредок треба напорна работа, слободна пазарна економија, почитување на приватната сопственост, силни традиционални семејства, верба во Бог и молитва. Сето тоа можете да го направите и сами“, рече тој.

Културно-забавната програма на протестот почна со „Тешкото“ и „Копачка“ во изведба на КУД „Никола Јонков Вапцаров“, продолжи со рецитирање на песната „Ој Македонијо“ и заврши со настап на раперот Пука Козметика, кој облечен како комита ја искористи сцената за да упати бројни вулгарни и националистички пораки.

Само неколкумина во масата, збунета од неговиот вулгарен речник полн со пцости и навреди, почнаа да играат на неговата музика, додека тој рецитираше навредливи стихови за Грците, Бугарите, за македонските предавници, марионетите и другите, порачувајќи дека „луѓето не ни се непријатели, туку политичарите“. Ја навредуваше и германската канцеларка Ангела Меркел. Ги повика луѓето да ги опцујат Заев и Груевски, но му возвратија само за Заев.



„Што е бе? Сите се исти! Ние неутралните, вечната опозиција, ние ќе ве спасиме“, рече тој.

Ја изнесе и својата визија за тоа како земјата да се спаси од сиромаштија, која е поамбициозна и од планот на премиерот Заев за просечна плата од 500 евра.

„Ќе садиме ганџа, ќе садиме мак, афион, и сите ќе имаме по 800 евра во џебот, од бебе до пензионер“.

Само неколкумина влегоа во празниот простор пред бината, обезбедуван од четворица редари, за да играат на „Станете за своите права“ од Боб Марли.  По два часа веќе бројот на присутните се намали на неколку десетини.

По два часа, бројот на присутните значително се намали | Фото: БИРН