Репортажи

За името се работи ако повика партијата

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

И кога се разочарани од посетеноста, учесниците се гордеат дека дошле без никој да ги натера | Фото: БИРН

Без оглед кој на која страна е во врска со договорот за надминување на спорот за името помеѓу Македонија и Грција, во јавноста се чести коментарите дека протестите за одбрана на уставното име на Македонија се разочарувачки малубројни.

Не само што не се повторија насилните инциденти од 17 јуни, денот на потпишувањето, туку само три дена подоцна, вечерта по ратификацијата на спогодбата во Собранието, собирот толку се раситни што наликуваше на група граѓани што блокирале локален пат поради нерешен комунален проблем.

Енергијата до толку се намали, што дел од организаторите отидоа да побараат од ВМРО-ДПМНЕ да го напушти институционалниот отпор кон договорот и да им се придружи на улицата, но лидерот Христијан Мицкоски им одговорил дека партијата ќе продолжи по својот план. „Со ВМРО-ДПМНЕ би биле посилни“ е пораката што ја упатуваат и дел од водачите и учесниците на протестите. Навистина, партијата на Мицкоски во овој клучен месец одржа два протеста со мошне голема посетеност, на кои, иако лидерот најмногу сакаше да зборува за криминали на Зоран Заев, најголемиот дел од учесниците анкетирани од медиумите и во Скопје и во Битола изјавуваа дека дошле за да упатат порака да не се менува името.

Како дојде до оваа ситуација во која реакцијата за најчувствителното прашање изминатите 25 години, кое луѓето ги засегало толку лично што велеле дека душата ги боли, зависи од тоа дали политичката партија што се очекувало да го предводи отпорот ги исполнила своите очекувања или не?

Како се намалуваше протестот

Најгласните први редови никогаш не го загубија ентузијазмот | Фото: БИРН

Дванаесет илјади беше редниот број на големиот список што ни го покажа еден од дежурните во шаторите во паркот „Жена борец“, поставени од повеќе организации што се борат за зачувување на името. Толку луѓе ја потпишале жалбата до Советот за човекови права на Обединетите нации со која се бара да се спречи преименувањето на државата. Над 50 илјади потписи биле предадени во Собранието, тврди тој. Но имаше само десетина луѓе околу шаторите, а во истиот момент преку улицата пратениците на мнозинството држеа говори  зошто треба да се поддржи договорот од Преспа и се подготвуваа за ратификацијата. Немаше протест, не беше затворена ниту улицата, на која, како и секој друг ден, поминуваа возила, меѓу другите и автобусот број 50 што градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, го брендираше со ликот на архитектот Живко Поповски и со пораката „чувајте го ГТЦ“.

Сите се свесни за малата посетеност. Се сомневаат дека насилствата од првиот ден предизвикани од, како што велат, „уфрлени провокатори“ и проследени со, според нив, „несразмерен одговор од полицијата“ ги обесхрабриле луѓето. Но, вториот ден не изгледаше безнадежно. Околу две-три илјади луѓе слушаа десетина говорници на мирен протест без никаков инцидент. Најгласните (и претежно највозрасните) пееја патриотски песни во првите редови пред полицискиот кордон, додека од задниот ред внимателно набљудуваа организаторите и идеолозите како отецот Ивица Тодоров, писателот Алек Русјаков, водителот Миленко Неделковски и други. Меѓу разноликата маса во средината обоена во црвено и жолто повторно се забележуваа лица со качулки и со маски. Купчиња од по три-четворица на неколку места, разговараа меѓу себе, зборуваа на телефон, отпоздравуваа со високо кренати раце, но не направија никаков проблем.

„Сликаш за пријателите од другата страна, а? Ти се познава по очите“, ѝ дофрлуваа на нашата екипа, обвинувајќи ја дека работи за полицијата. Ситна провокација во споредба со нападите врз медиумски екипи претходниот ден.

Но, ништо од тоа што се случи втората вечер не го навести големиот пад по 24 часа, кога дојдоа помалку од илјада луѓе. Качулките веќе не се појавија, но снема и добар дел од познатите лица. Следниот ден, откако 69 пратеници го притиснаа копчето „за“ ратификување на спогодбата, останаа главно оние неколку стотини од првите редови.

Кој сѐ го брани името

Отецот Ивица Тодоров во „цивилка“ го брани името | Фото: БИРН

Отпорот против промената на уставното име се организира од различни места. Неколку здруженија како „Преродба“ на Ана Бобинкова Мијаковска со месеци седат во шатори спроти Собранието. Точно во 20 часот тие ја прескокнуват малата цветна леа и излегуваат на улицата, дури и ако сообраќајот не е целосно расчистен. Кон нивната иницијатива се приклучуваат повеќе политичари како Јанко Бачев, Филип Петровски, Солза Грчева, Љупчо Палевски и други. Во мотивирањето на демонстрантите и во осудите на власта за договорот е особено активна професорката Билјана Ванковска, која на моменти го напушташе академскиот речник на социјалните мрежи. Професорите Тања Каракамишева и Димитар Апасиев прават планови како правно да го урнат договорот, актерката Арна Шијак беше повредена на првиот ден од протестот, а повици до Македонците да си го одбранат името упатува и нејзината колешка Јелена Жугиќ.

Постои и иницијативата „Млади за Македонија“, за чија поддршка се собираат илјадници долари од дијаспората во Австралија и во други земји, но таа, според објавите на нејзината Фејсбук-страница, собира одвај неколку стотини луѓе на протестите што ги одржа во повеќе градови. Шансата да го поправат впечатокот им е протестот што го најавуваат за оваа сабота во Скопје, кој се подготвува подолго време.

Секако, тука е и ВМРО-ДПМНЕ, која собра околу 40 илјади луѓе пред Владата во Скопје и илјадници во Битола.

Страшко Олумчев, кој бил дел од основачките структури на ВМРО-ДПМНЕ во 1990 година, а денес е претседател на организацијата „Семакедонски совет Македониум“, е еден од оние што во вторникот попладне прво јавно го повикаа Христијан Мицкоски да ја повлече партијата од институциите и да им се придружи на улиците, а потоа се сретнаа со него во Белата палата.

„Тие треба да го направат тој чекор за да се омасоват протестите. Со седењето внатре сметаме дека ги легитимираат нелегитимните институции. Но, им рековме дека ако останат во Собранието кога ќе се одлучува за некаков си референдум, тогаш ќе се најдеме на спротивната страна. Нашиот идентитет не е добиен на референдум, туку е вековен, од дедовци и прадедовци“, вели Олумчев за БИРН.

Тој смета дека неговата организација, заедно со „Македонски обединети сили“, „Христијанско братство“, помалите политички партии и други организатори, можат да соберат народ на улиците и без ВМРО-ДПМНЕ. Тоа навистина се случи на 27 февруари годинава, кога низ снежна виулица се пробиваа десетина илјади луѓе на протест од кој партијата на Мицкоски јавно се огради. Многу повеќе од оние што излегоа во раните летни вечери деновиве откако ќе завршеше попладневниот дожд. Тогаш упатуваа свирежи кон партискиот штаб во центарот, сега побараа помош од партијата. Но, Олумчев смета дека не е целта да се покаже кој има поголема способност за мобилизирање, туку да се обединат сите за да се постигне максималниот ефект.

„Ако тие излезат, парламентот ќе падне под 80 пратеници, ќе има политичка криза и никој нема да има мандат да донесува големи одлуки“, додава претседателот на „СНС Македониум“.

Не го добиле одговорот што го очекувале од Мицкоски. Во соопштението по средбата партијата вели дека „ќе ги користи сите демократски мерки и принципи кои се во насока на јасно изразените ставови на партијата во однос на ова прашање“.

Претседателот како мотиватор

По три дена протести, одвај се затвори улицата | Фото: БИРН

Ана Бобинкова Мијаковска, која со месеци учествува на разни настани поврзани со одбрана на уставното име, и која вечерта пред потпишувањето на спогодбата преспа на клупа пред Собранието со својот четиригодишен син, во средата вечерта се подготвуваше да тргне кон канцеларијата на претседателот Ѓорге Иванов со малубројните учесници на протестот. Таа верува дека претседателот е клучот за омасовување на протестите, бидејќи, како што вели, бил единствен легитимен претставник на власта во Македонија.

„Ќе му порачаме дека треба да ги преземе сите мерки за да се спречи тоа што се подготвува, а ние како здруженија ќе му дадеме целосна поддршка“, вели Бобинкова за БИРН.

Таа не била на средба во Белата палата, но се согласува дека опозицијата треба да застане зад протестите, бидејќи активностите што опозициската партија ги планирала за заштита на уставното име барале многу време, а времето веќе истекувало. Сепак додава дека не е исправно ако некој што верува дека треба да се зачува името, чека партиски повик за да излезе на протест.

„Граѓанинот е суверен и е носител на власта, и затоа тој самиот треба да го заштити и потоа да го брани својот суверенитет и од власта“, додава Бобинкова.

Партиски прсти за континуитет

Качулките ѕиркаа и вториот ден, а следните денови ги снема | Фото: БИРН

Иако вели дека поддршката од ВМРО-ДПМНЕ е важна за омасовувањето на протестите, Олумчев смета дека отсуството на партијата не е единствената причина за сегашната слаба посетеност.

„Тоа е резултат на полициската интервенција што го исплаши народот. Се покажа дека беа уфрлени провокатори. На Зоран Заев му одговараат провокатори за да забрани јавни протести. Но ние имаме македонска револуција“, додава Олумчев.

Тешко е да се процени колку е издржан тој аргумент. И другпат имало протести што во првиот ден биле насилни, па ентузијазмот на демонстрантите не опаѓал толку нагло.

Протестите на „Заедничка Македонија“ траеја два месеца и беа посетени, но иако тогаш ВМРО-ДПМНЕ формално даваше само надворешна поддршка на „најголемите протести во историјата на Македонија“, како што ги нарекуваше, сепак истрагата за насилствата од 27 април покажа дека е можно да била вмешана малку повеќе партиска логистика. Освен тоа, имаше и медиумски извештаи дека се воделе списоци за присуство, а дел од предводниците на иницијативата, како Богдан Илиевски, станаа дел од највисоките органи на партијата.

Овојпат ВМРО-ДПМНЕ целосно е дистанцирано од протестите, а зад нив нема ниту една поголема политичка партија со развиена партиска инфраструтура што се користи за поголема мобилизација.