Проколнатиот брод „Македонија“

Сочувствувам со патниците на крузерот „МВ Хондиус.“ Toa е оној несреќен крузер што како проколнат скита повеќе од еден месец, што би се рекло од немило до недраго, по меѓународните води, барајќи пристаниште со добра волја да го прими пловилото осомничено дека го шири за нас (сѐ уште) егзотичниот хантавирус.

Бродски карантин

Бродот со 170 патници и 70 членови на екипажот (вклучувајќи тука и 13 туристички водичи) испловил на 1 април од Ушуаја, Аргентина, упатувајќи се кон Зеленортските Острови. Првиот патник, заразен од хантавирус, починува на 11 април. На 13 април крузерот впловува во Тристан да Куња, според многумина „најдалечниот остров на светот“ и таму останува два дена. Ова островце, според последниот попис, има 245 жители (133 жени и 112 мажи) и, се разбира, не може да им помогне на патниците и екипажот.

Телото на починатиот, во придружба на неговата сопруга, заедно со уште 30 евакуирани патници од бродот, е истоварено на 24 април, на островот Света Елена (истиот оној на кој своевремено е протеран Наполеон). Неговата сопруга починува два дена подоцна. Третиот патник умира на бродот и неговото тело е уште таму. Еден патник е префрлен во Јоханесбург во тешка, но стабилна состојба.

Според извештаите, на крузерот има уште шест потврдени случаи и два сомнителни. И нема ниту едно пристаниште во светот подготвено да ги прими патниците. И оние здравите, а камоли сомнителните случаи.

Крузерот пристигнува на својата цел, пристаништето Праија на Зеленортските Острови. Таму е вкотвен три дена, но властите одбиваат да ги евакуираат патниците, правдајќи се со тоа дека не се способни или оспособени да извршат таков вид евакуација.

Светската здравствена организација ги смирува духовите, тврдејќи дека оваа варијанта на хантавирусот не претставува опасност за предизвикување општа епидемија, дека многу ретко се шири од човек на човек, односно само со долготрајни и блиски контакти, дека денешната медицина е подготвена да ја намали смртноста на најмала мерка, ако на патниците им се дозволи соодветен третман…

Бадијала. Како никој да не им верува. Слично како во времето со пандемијата на корона-вирусот, само со обратен предзнак. Тогаш СЗО предупредуваше на смртоносната опасност што се шири од новиот вирус, тврдеше дека медицината нема соодветен одговор на новата болест, препорачуваше максимална претпазливост и карантини…

Голем дел од човештвото во овие препораки и предупредувања виде нов светски заговор, начин да се дисциплинира човештвото и да се направат поданици на новиот светски поредок. Денес, во продолжението на оваа сага, преку хантавирусот, истиот тој дел од човештвото гледа светски заговор луѓето да се заразат и така се десеткува бројот на населението на пренаселената планета.

Конечно, на 6 мај, шпанската министерка за здравство, Моника Гарсија објавува дека Шпанија е подготвена да го евакуира бродот во Тенерифе, на Канарските Острови. Истиот ден, бродот тргнува кон Тенерифе, при што со друг брод се евакуирани тројца холандски патници (крузерот плови под холандско знаме). На бродот, заедно со екипажот, остануваат уште 147 патници, кои треба да се евакуираат во 22 матични држави.

Крузерот стаса на Тенерифе на 8 мај, но локалната заедница одби да ги прими патниците на нивното копно. Набрзина е направен план, патниците да бидат префрлани од бродот со мали бротчиња на едра до индустриското пристаниште Грандилја, каде што веднаш, под строги протоколи, со авиони ќе бидат депортирани во своите земји.

Но, тука не завршува нивното патешествие. Секој од нив, наспроти препораките на СЗО и без оглед дали има симптоми или нема, или дали испитувањето ќе покаже дали е носител на вирусот или не е, ќе остане во заштитен карантин 42 дена.

Евакуацијата почна на денот кога е пишуван овој текст (10 мај), а треба да заврши на денот кога го читате (11 мај), па ќе се види како целата работа ќе се заврши.

Ментален карантин

Целиот овој погоре изнесен контекст за несреќниците од „Хондиус“ ми беше потребен за да го објаснам моето сочувство со нив. Јас, не само што сочувствувам со нив, туку и се соживувам со нивната положба. Ја живеам нивната судбина. И јас, како и тие, сум на проколнатиот брод „Хондиус“, само што мојот се вика „Македонија.“

И исто сум изолиран како несреќните туристи, само што мојата изолација трае и, се чини, дека ќе трае многу, многу подолго од нивното патешествие.

Лично, имам анксиозност кон сите видови пловила, од најмалите до најлуксузните. Секогаш е тоа затворен простор, опкружен со непријателска и непозната површина. Колку и да биде крузерот луксузен, секогаш се сведува на исти содржини. Едноставно, немаш избор и не можеш да одиш онаму каде што сакаш или каде што мислиш дека треба да бидеш.

Или барем не можеш да бидеш таму каде што треба или сакаш да бидеш без сериозна логистика, додатни средства и, секако, проверување на твојата здравствена и идентитетска кондиција. А, изборот во рамките на околностите зададени од природата и од моралните (не политичките) скрупули е основно човеково право.

Затоа и ќе разберете зошто имам анксиозност и кон бродот „Македонија.“ Затоа што не можам да бидам онаму каде што сакам или треба да бидам, а притоа да не се почувствувам како граѓанин од втор, да не кажам најдолен вид. Затоа што треба да ми ги проверуваат отпечатоците од прстите, зениците во очите и големината на носот.

И ако веќе се пробијам некаде надвор, тогаш ќе морам да останам таму (само) толку колку што процениле домаќините дека смеам да бидам. Ако останам малку подолго, веднаш сум персона нон грата. Човек што ќе биде изолиран во некаков карантински затвор или протеран без право на враќање одреден период.

Затоа и велам дека го живеам животот на крузерот „Хондиус.“ Го замислувам нивниот капетан во ликот и делото на мојот „шпицен играч“ Христијан Мицкоски. Замислувам како им вели на несреќните патници дека немаат никаква потреба да излегуваат на копно. Има на крузерот доволно содржини, кина, ресторани, базени…, нека одат таму. Им вели, ете, дека тој е подготвен да чека и повеќе децении, останатиот свет да разбере дека е во право и да попушти (светот, не капетанот).

Вели дека тој по никоја цена нема да моли и коленичи и дека нема да прави пазар со неговото достоинство и достоинството на патниците, како што се случувало во поновата историја… А патниците, горди и задоволни, се брчкаат во заматениот бродски базен, среќни дека ако треба ќе јадат корења, ама заболениот идентитет нема да им биде загрозен.

Сличностите, барем за мене, меѓу бродот „Хондиус“ и бродот „Македонија“ се евидентни. Двата брода се во карантин поради размерно мал број заболени души. И разликата е исто толку евидентна. „Хондиус“ се наоѓа во санитарен карантин, а ние во ментален.

И само како пост скриптум, кој навидум нема врска со погоре напишаното. Сето ова се случува околу 9 мај, Денот на Европа. За неупатените, Денот на победата над фашизмот е 8 мај. Тогаш, имено, германскиот фелдмаршал Алфред Јодл со соработниците во 23.01 часот, во Берлин ја потпиша безусловната капитулација на Третиот рајх.

Оваа вест, поради часовните зони, стасува до Москва во раните утрински часови на 9 мај. Советскиот Сојуз и сите социјалистички земји го земаат овој датум како Ден на победата над фашизмот, а сите други го обележуваат претходниот ден. На 9 мај 1950 година, францускиот министер за надворешни работи, Робер Шуман ја објавува таканаречената „Шуманова декларација“ за формирање заедничка француско-германска институција што ќе управува со производството на јаглен и челик.

Со тоа е ставен крај на вековните непријателства и војни меѓу Франција и Германија. Воедно е и почеток на забрзаното европско обединување.

Франција и Германија имаат многу пострашна и покрвава меѓусебна историја отколку што тоа го имале југословенските народи, на пример. Или што тоа сме го имале ние и Бугарија. Шумановата декларација е објавена само пет години по Втората светска војна. Ние не можеме да си подадеме рака ниту век и половина откога е формирана бугарската држава.

И уште нешто треба да се знае. Во сите големи војни, во целата светска историја учествувале европските сили. Барем од крстоносните, па наваму. Овие 76 години од Шуман до денес се најдолгиот период без војна меѓу државите што се сега членки на Унијата. Денес, верувам, ниту еден здраворазумски човек, ниту во најцрниот кошмар, не може да замисли дека членките на ЕУ можат да завојуваат меѓу себе.

А ние? Ние сме подготвени да чекаме и децении во нашиот ментален карантин за да го доживееме овој сон.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија