Во периметарот на Трамп

Не ме изненади веста дека Федералното истражно биро на САД (FBI) идентификувало и процесуирало двајца македонски државјани како (со)учесници во големата интернетска измама со таканаречените „Трамп долари“ (Trump Bucks), односно за интернет-продажба на цел дијапазон лажни финансиски инструменти што им ги продавале на главно повозрасните американски љубители на ликот и делото на американскиот претседател.

Не ме изненади ни фактот дека извесните Горан Спиридонов и Кристина Јанева се од Велес. Инаку, да нема забуна, ги споменувам имињата на осомничените затоа што американското Министерство за правда веќе ги објави на својата официјална веб-страница, а овдешните медиуми ги презедоа без никаква задршка.

Стратешка гордост

Не сум изненаден, велам, иако сум малку разочаран. Само двајца? Очигледно, ни ФБИ не е она што беше. Но, од друга страна сум горд. Прво, сигурен сум дека станува збор за многу повеќе велешани, да не кажам десетици, а горд сум што барем засега американските истражни органи не им влегле во трагата.

И уште погорд сум што и ние имаме генијални криминални мангупи што се способни да им доакаат на Американците, и тоа на дистанца поголема од осум илјади километри. И тоа со измама, која има врска токму со Доналд Трамп. И тоа по вторпат. (Сите се сеќаваме на измамите со бројните лажни страници по социјалните мрежи и по интернетското беспаќе со кои велешани практично му помогнаа на Трамп да го „заработи“ својот прв претседателски мандат. Се надевам дека оваа афера нема да му биде од голема помош на следните таканаречени „мидтерм“ избори што треба да се одржат во ноември годинава. Напротив).

Се разбира дека овие редови се мотивирани од мојот личен анимозитет кон политиките на американскиот претседател и од моето длабоко убедување дека тие се штетни на глобално ниво, а со самото тоа и за Македонија. Но, ни тоа не ме спречува да бидам најгорд токму поради фактот што се исполни исконскиот копнеж на нашиот премиер Христијан Мицкоски и воопшто на целата македонска влада конечно да влеземе во толку посакуваниот периметар на Трамп.

Само, со оглед на непредвидливите одлуки на американскиот претседател, се надевам дека нема да нѐ казни со некоја од оние негови фамозни уредби за воведување на нереално волшебно високите царини. Или, не дај Боже, со некоја „воспитна заушка“ во форма на докажување дека „американската војска е најмоќна на светот.“

Ако веќе би требало да избирам, тогаш нека бидат царините. И онака со нашиот стратешки партнер имаме релативно мала трговска размена со прилично голем, да не кажам огромен дефицит. За разлика од Европската Унија, која е наш главен трговски партнер.

И друг пример, според последните податоци до кои стасав (2024), во САД живеат околу 60.000 Македонци или со потекло од Македонија. Според проценките, во државите на ЕУ живеат меѓу 200 и 250 илјади Македонци.

За споредба: САД има околу 340 милиони жители, а сите држави на ЕУ околу 450 милиони, односно за сто милиони повеќе. Зошто тогаш со крајни напори се обидуваме да влеземе во тој периметар преку океанот, а не во оној што ни е во опкружувањето? Искрено, не го знам одговорот на ова прашање, а мислам дека никој што себеси се смета за рационален, не знае да го одговори.

Мислам дека некаков разбирлив одговор на ова прашање не можат да дадат ниту креаторите на ваквата надворешна политика. Впрочем, да можеа досега ќе го дадеа.

Велешкиот центар на светот

Аферата со „Трамп бакс“, се разбира, не е нова. Таа датира од времето на предизборната кампања пред Доналд Трамп по вторпат да биде избран за американски претседател. По повеќемесечно истражување, новинарите на Радио Слободна Европа, инфилтрирајќи се во затворените групи на социјалната мрежа „Телеграм“, во текстот објавен во февруари 2024 година, идентификуваа 69 индивидуи што учествувале во оваа измама.

Од нив, дури 45 се од Велес. Со оглед на фактот дека Велес нема ни 45 илјади жители, излегува дека барем по еден велешанец на помалку од илјада жители учествувал во измамата.

На некој начин, оваа масовност на интернет-измамници може да се потврди и преку податоците од Управата за јавни приходи што се наведени во овој текст. Таму, имено, се вели дека во последните две години (најверојатно 2022 и 2023 година), 98 лица на возраст до 35 години пријавиле приход од САД во вкупна вредност од над 11 милиони долари.

Како извор на овие приходи, најчесто е наведено „маркетинг и интернет услуги.“ Тешко е, се разбира, да се тврди дека сите овие лица се вмешани во измамата, ама лесно е да се претпостави дека дел од нив бездруго учествувале во нечесните „маркетинг и интернет-услуги“.

Политичко, а особено социолошко е прашањето зошто токму Велес стана центар на интернет-измами на лесноверните и наивни Американци. Веројатно, голема улога има егзистенцијалната и социјалната положба, особено на младите луѓе, потоа степенот на образование, бројот на компјутери по семејство, но, секако, и некои други фактори за кои сум најмалку стручен да ги проценувам.

Велес е шести град по големина во Македонија, што ќе рече дека е баш мала паланка во некакви светски рамки. Едно маало во Менхетн, кој има жители колку цела Македонија. Сакам да кажам дека во една таква средина, речиси е неможно да се сокријат тајни од овој тип, односно да не се знае од каде му одеднаш на соседот илјадници и илјадници долари.

Но, тоа е веќе прашање на нашиот систем и на неговите институции, под услов и самите да не учествуваат во овие лесни заработки на пари.

Но, во целата приказна, мене ме импресионираат некои други аспекти. Првиот е моќта на технологијата. Односно, можноста на преку осум илјади километри оддалеченост да влијаеш врз животите на луѓето што не ги ни познаваш. Не само да ги крадеш, туку и да влијаеш врз нивното мислење (првата велешка афера со лажните политички сајтови).

И притоа да не си ни влада, ниту каква било власт, ниту, пак, да имаш некакви инструменти на моќ. Синтагмата за светот како глобално село на Маршал Меклуан тука се распостелува пред нашите очи во нејзината најбуквална смисла.

Вториот аспект што ме интересира е зошто за цел се одбрани токму симпатизерите на Доналд Трамп? Зошто немало вакви обиди со симпатизерите на Џозеф Бајден, на Џорџ Буш помладиот или на Барак Обама, на пример?

Мислам дека велешките мангупи, со нечија помош или без неа, правилно процениле дека токму популацијата што гласа за ликови како Доналд Трамп е наивна (да не кажам некој потежок збор) и лесно поводлива. Со еден збор, тоа е згодна мета, подложна на секакви манипулации. И на политички, ама и на „велешки“ манипулации.

Погоре споменатите Спиридонов и Јанева, несреќниците што ги дофати американското Федерално биро, се соочуваат со повеќедецениски затворски казни. Ќе има тука дипломатски преписки, извинувања, можни екстрадиции и други правни еквилибристики. Мојата интуиција ми вели дека допрва вистински ќе влеземе во периметарот на Трамп.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија