Репортажи

„Криминалите на Заев“ доминираа на митингот на ВМРО-ДПМНЕ

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Присутните ѝ порачаа на сегашната Влада дека мора да си оди | Фото: БИРН

По долго време и промена на лидер доскорешната владејачка партија  ВМРО ДПМНЕ ги повика луѓето на улица, овојпат не за да покажат надмоќ, туку пркос. „Многу сме“, извикуваа тие заедно со партискиот лидер Христијан Мицкоски пред зградата на Владата.

За Мицкоски, народниот собир доаѓа во клучно време од повеќе причини. Само неколку дена претходно излегоа анкетите според кои тој има само 2,8 отсто поддршка од гласачите.Осумпати помалку од неговиот противник, премиерот Зоран Заев. Како партиски лидер се соочува со критики дека нема целосна контрола врз својата организација и дека е за еднократна употреба. По оградувањето од протестите за одбрана на името на Македонија во февруари, радикалната десница, која се смета за еден од клучните столбови на партијата, почна да се оддалечува од него.

 Сепак, по пет ипол месеци на чело на партијата, Мицкоски беше соочен со предизвикот на јавноста да и покаже кое е неговото ВМРО. Сите знаат кои се неговите луѓе, но прашањето на кое се чекаше одговор беше кој е сегашниот идентитет на партијата. Колку тој се надоврзува на Љубчовото и на Грујовото ВМРО и колку додава нешто свое. Низ изборот на говорниците, настапот на Мицкоски и однесувањето на публиката можеше да се насети врз која комбинација на стари и нови темели се гради ВМРО на Мицковски.

На сите предизвици тој одговори со енергичен настап и со возвратен предизвик – да се одржат предвремени парламентарни избори заедно со претседателските напролет во 2019 година.

„Ајде да покажеме колку ни е силата! Ајде да покажеме колку ја сакаме Македонија“, извика лидерот.

Ова не беше воздржаниот и одмерен Христијан Мицкоски од видео-обраќањата или од лидерскиот дуел. Овој Мицкоски имаше јасна цел да покаже дека е лидер на голема партија, која стои зад него.

„Некој ќе ме нарече непоправлив оптимист. Не знам дали сум тоа. Но знам дека сум борец, мотивиран борец, затоа што мојата земја и мојот народ се во прашање. Јас сум верник и никогаш нема да ја изгубам надежта, затоа што верувам. Верувам во својот народ, верувам во мојата земја“, порача тој.

Во говорот на моменти му пружаше рака на радикализмот и се доближи до линијата на десниот популизам, но внимаваше да не ја премине. Во други моменти, пак, се обидуваше да се претстави како современ европски конзервативец, цврст но непосреден и со широки погледи.

Патриотска, но и социјална партија

Додека се вееја знамињата со 16-кракото сонце, партијата порача дека се грижи за сите граѓани | Фото: БИРН

Дека и реформираното ВМРО-ДПМНЕ ќе влече стари карти, како таа за освојување на чувствата на граѓаните за националните прашања, се насети уште од говорот на водителот Тони Михајловски, кој овојпат како член на партискиот Извршен одбор , порача дека секој што се обидел да го изгаси пламенот на љубовта кон Македонија, се изгорел од него.

„Доаѓаат така времиња, доаѓаат времиња кога ти е тешко да проговориш. Кога ти е најлесно и најприродно да крикнеш за да му ги продупчиш ушите на оној што не сака да те слушне. И тој крик сега има име – Македонија“, извика актерот Михајловски, бурно поздравен.

Следуваше уште една веќе видена карта, претставувањето на социјалната страна на ВМРО-ДПМНЕ како партија што се грижи за „сите категории граѓани“, за пензионерите, студентите, вработените, невработените, административците, како и за земјоделците. Манифестацијата на оваа грижа, што се финансираше со големи пари од буџетот додека партијата беше на власт, критичарите ја нарекуваа корумпирање на гласачкото тело. Но тоа беа политики што носеа голем број гласови, па партијата, преку говори на „претставници на обичниот народ“ навести дека ќе ги продолжи.

Седумдесетгодишниот пензионер Киро Стефановски доби и понекој свиреж кога раскажуваше што неговата генерација изградила во социјалистичкото минато – фабрики, земјоделски комбинати, училишта и факултети.  Невообичаен говор пред партија меѓу чии членови често може да се слушнат сведоштва за претрпени штети, притисоци и мачења при колективизацијата по Втората светска војна.

Но, Стефановски продолжи со исполнувањето на задачата како обичен човек од народот да ја претстави актуелната власт како наследник на корумпираниот социјалистички режим што профитирал и во своето време, а по распадот се збогатил преку криминална приватизација.

„Сегашнава гарнитура, нивните дедовци дојдоа, ги растурија комбинатите. Го растурија селото, пустош направија. По нивните дедовци, дојдоа нивните татковци. Ја растурија индустријата. Сите фабрики ги уништија, една трафика не оставија. За оваа криминална приватизација што ѝ се случи на Македонија, и Ал Капоне да беше жив, ќе учеше од македонските криминалци.

По него излезе земјоделецот Драгољуб Гаврилов, кому главната тема му беше разочараноста од лажните ветувања и од лошите земјоделски политики.

„Уште стојат плакатите на кои пишува дека оризот ќе го откупуваат за 25 денари. Сега оризот е од  12 до 15 денари. Не се ништо подобри и нашите пријатели кои увезуваат пченица. Поради бизнис-групи на Владата, увоз на српско брашно, мелничарите најавија дека оваа година ќе ги затворат млиновите и нема да откупуваат пченица“, рече тој.

Поздрав од Орбан

Десетици илјади луѓе внимателно ги слушаа обраќањата | Фото: БИРН

Но дојде времето за сериозна политика. Прво, со изненадување за присутните, со видео порака од премиерот на Унгарија Виктор Орбан, еден од најблиските меѓународни партнери на поранешниот лидер Никола Груевски и еден од најкритикуваните политичари во Европа за деградација на демократијата во својата земја.

„Лидерите на ВМРО имаа храброст да ги заштитат Македонците, Унгарците, а со тоа и Европејците. Ние застануваме на ваша страна, го поддржуваме ВМРО и го поддржуваме вашиот претседател“, порача  Орбан во снименото видео.

Дојде време за лидерот, кој, најавен со неговото „како надојден Вардар“, зачекори на бината со звуците од второто интонирање на партиската химна.

„Од сите страни на нашата Република Македонија, од сите населени места, пораката е една и единствена – доста е! Доста е“, велеше тој.

Мицкоски ги ширеше рацете, удираше со тупаница на говорницата, зборуваше гласно барајќи да го разбуди бесот кај своите поддржувачи против сегашната власт.

„Откога рече „но дискасити фор идентити“, дознавме дека тој не само што разговарал за идентитетот, туку одлучувал во свое име што ќе прави со нешто што не го поседува. Ние сме, браќа и сестри, пред сериозен тест на историјата. На народот, но и пред духот и делото на старите и на идните генерации и поколенија“

Разумни компромиси

Мицкоски ги ширеше рацете и ги стегаше тупаниците, а потоа почна непосреден говор | Фото: БИРН

Но низ сета таа жестина се наѕираше и едно ВМРО-ДПМНЕ на разумни компромиси, што е новината што тој ја понуди како свој влог во партискиот идентитет.

Вешто избегна да се доведе во директна конфронтација со меѓународната заедница, политика што неговиот претходник отворено ја практикуваше во своите последни месеци како партиски лидер. Свирежи се слушаа секогаш кога Мицкоски ќе го споменеше НАТО, но тој само порача дека НАТО, иако е значајна организација, нема да направи камионите на Заеви помалку да вртат, а Европската унија нема да ги намали хектарите засадени со марихуана на Заеви, туку тоа се домашни задачи.

Навести напуштање на целосната поделба на „наши и ваши“, „патриоти и предавници“ и на другите строги дихотомии карактеристични за партиското раководство пред него. Злото на државата се вика Зоран Заев, но и во СДСМ има добри и чесни луѓе што можат да придонесат за доброто на Македонија.

Поранешниот лидер на партијата Никола Груевски не беше меѓу присутните на митингот пред Владата, но го поздрави собирот што го оцени како одличен и моќен.

„Пораката е испратена. Пораката на народот на Македонија. Почнува паѓањето на СДСМ. Народот се буди. Не можат вечно да го лажат и плашат народот. Ова е негова земја“, напиша Груевски.

Публиката спонтано ја запеа „Едно име имаме“, но од лидерот не доби порака не прифаќаат никакви промени, туку само внимателно срочениот партиски став дека не прифаќаат промени на уставот за да се смени уставното име.

Рече дека постојат работи за критика од времето на ВМРО-ДПМНЕ, но јасно порача дека не се откажал од претходното раководство.

Дури вети  и своја верзија на заевото „едно општество за сите“ со тоа дека сакаат сите да видат во нив реална алтернатива за разочараните од СДСМ, но и на Албанците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците и другите што немаат подобар живот и подобро секојдневие.

„На Албанците, исто како и на Македонците, им требаат нови работни места, а не противуставни закони за јазици“, извика Мицкоски.

„Не викам дека и порано немало исти и слични работи, и дека не постојат работи за критика од времето на ВМРО-ДПМНЕ, но викам дека тоа мора да престане, мора вредностите да владеат, а не човекот да ги креира тие вредности како што му одговара во моментот“, продолжи тој, нагласувајќи дека на Македонија ѝ треба нова генерација на политичари, кои ќе размислуват поинаку, ќе гледаат подалеку“.

Различни реакции од присутните и отсутните

Главната цел на Мицкоски беше да покаже дека е лидер и дека партијата е силна | Фото: БИРН

Среде говорот, жестокиот Мицкоски застана, го зеде микрофонот в рака и почна да „говори од срце“. Од моќен оратор за момент се претвори во непосреден говорник кој е заедно со публиката.

„Некој има повеќе доверба во мене, некој помалку. Но јас не барам да ми верувате мене. Барам да си верувате на самите себе. Вие сте народот на Македонија“

Движејќи се по платформата што водеше од бината кон публиката, и читајќи од потсетникот, најави неколку мерки од новата програма што ја подготвува ВМРО-ДПМНЕ, како ДДВ од два отсто за сите производи што им се најпотребни на граѓаните. Најави и укинување на акцизата за дизел-горивата.

„Браво“ и „така е“ беа најчестите извици од публиката, која внимателно го слушаше неговиот говор. Беа многубројни. Пристигнуваа од сите страни. Дел од нив со свечена облека ѝ покажуваа на партијата колку ја почтитуваат. Други ги носеа нејзините бои или се покриваа со знамето со 16-кракото сонце. Пред Владата, главно мирно ги слушаа сите говорници и ракоплескаа на сѐ што ќе им се допаднеше.

Еуфоријата очигледно беше посилна на сцената отколку на асфалтот каде што стоеја илјадниците поддржувачи на партијата. Сепак, се познаваше дека сакаат да бидат овде. Партијата веќе не е на власт, и никој не може да ги обвинува како порано, дека доаѓале по списоци и поради притисок.

Присутните го добија тоа за што дојдоа. Оние што не присуствуваа, пак, и што му забележуваат на сегашното ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски дека не е доволно радикално во одбраната на националните интереси, го искажуваа своето разочарување на социјалните мрежи. Пишуваа дека наместо говор во кој би доминирала темата за името на нашата држава, одржа говор во кој главна тема беа криминалите на Зоран Заев.