Извештај

Унгарските кредити двојно ја зголемиле вредноста на локалните набавки

Десет градежни фирми поделиле четвртина од општинските тендери во 2025

Македонските општини во 2025 година потрошиле рекордни 356 милиони евра за јавни набавки, што е повеќе од претходните две години заедно, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации. Станува збор за тендерите што ги распишале и за договорите што ги склучиле сите 80 општини и Град Скопје.

ЦГК ги следи набавките во локалната самоуправа повеќе години наназад, и според нивните податоци од 2018 година досега, 2025 година, не само што е рекордна според вкупната потрошена сума, туку има и најголем скок во вредноста споредено со претходната година, од 190 на 356 милиони евра, или речиси двојно.

Во просек, речиси половина од парите со кои располагале општините биле потрошени на набавки.

Според организацијата, зголемената вредност на набавките, како и растот на уделот за јавни набавки во општинските буџети, најмногу се должи на парите што локалните самоуправи ги добија од владата за инфраструктурни проекти преку т.н. унгарски кредити.

Договори биле склучени со 1.185 фирми. Над една четвртина од вкупната сума, или 97,8 милиони евра, поделиле десет градежни компании. За разлика од претходната година, кога меѓу десетте фирми со најголема вредност на јавните набавки имаше и набавувачи на електрична енергија, овојпат сите десет фирми се од градежниот сектор.

Прва според вредноста на договорите е струмичката компанија „Жикол“, која има склучено 16 договори со девет општини, со вредност од околу 16,4 милиони евра. На второто место е „Ленди Груп“ од Скопје, со 14 милиони евра од 49 договори. Битолската „Стентон Градба“ е трета, склучила 27 договори со вкупна вредност од 11,7 милиони евра. Листата ја дополнуваат „Пелагонија Гостивар“, „Кооп Инженеринг“, „Битем“, „Градба Промет Кавадарци“, „Ју Бај 2“, „Сандра Инженеринг“ и „Вардарградба“. Пет од овие фирми биле во првата десетка и во 2024 година.

Ако се погледнат поединечните договори, највреден е тој меѓу Општина Аеродром и „Жикол“ – 4,1 милиони евра за доградба на основното училиште „Блаже Конески.“ Договорот меѓу Сарај и компанијата „Ју Бај 2“ за реконструкција на улици и атмосферска канализација во Ласкарци е втор по вредност, со четири милиони евра, а трет е тој меѓу Општина Куманово и „Кооп Инженеринг“, за изградба на инфраструктура во индустриската зона во Речица, од 3,4 милиони евра.

Истражувањето открива и концентрација на набавките кај некои општини во поединечни фирми. Сарај, на пример, потрошила 84 отсто од парите за јавни набавки во 2025 година на договори со една фирма. Висока концентрација има и во Теарце – 77 отсто, како и во Росоман, Центар Жупа и Радовиш – по 67 проценти. Кај дури 21 општина е забележано дека една фирма има удел во набавките поголем од 50 отсто. Од ЦГК нагласуваат дека целта поради која ја мерат концентрацијата на набавките е да ги алармираат локалните власти дека треба да ја стимулираат конкуренцијата и по можност да ги делат тендерите наместо да ги окрупнуваат.

Во 2025 година, Тетово била општината со најголема вредност на јавните набавки, односно 22,5 милиони евра. Тоа е за дури 20 милиони евра повеќе од претходната година. Веднаш зад Тетово е Гази Баба со 16,6 милиони, па Штип и Аеродром со по 14,2 милиони, а по нив следува Куманово со 13,3 милиони. Првата десетка ја заокружуваат Карпош, Гостивар, Велес, Битола и Ѓорче Петров.

Градот Скопје, како единица на локалната самоуправа со најголем буџет, е на 14-то место, со осум милиони евра потрошени за јавни набавки. Ова е втора година по ред како главниот град не е на чело на табелата, откако во 2024 беше шести.

Општините со најмала вредност на јавните набавки во 2025 година се Крушево, Кривогаштани, Вевчани, Зрновци, Старо Нагоричане и други – меѓу 450 и 750 илјади евра.