Репортажи

Со законска гимнастика куќите стануваат згради

На просторот порано имало една куќа, а сега ќе се градат 16 стана | Фото: БИРН

Жителите на една слепа улица во населбата Пржино се загрижени. На крајот од нивниот сокак, каде што до неодамна живеело едно семејство, наскоро ќе се изгради зграда со 16 стана. Тоа всушност нема да биде зграда, туку четири споени куќи на еден сопственик, секоја на четири ката со по еден стан, кои би имале заеднички паркинг и заеднички решенија за други потреби својствени за колективното домување.

Веќе неколку месеци граѓаните се организираат, потпишуваат петиции и бараат од локалната власт да ја спречи изградбата на зградата. На улицата има 17 куќи, па со 16-те станови во зградата што не е зграда, бројот на домаќинства би се удвоил. Сите тие би го користеле истиот пристапен пат широк три метри, истата комунална инфраструктура и истата водоводна и канализациска мрежа. Тој дел од градот е веќе познат по честите проблеми со излевањето на канализацијата, особено во врнежливи денови кога многу вода надоаѓа од падините на Водно. Се обратиле до општината, до  Државниот градежен инспекторат и бараат помош и од други институции, но засега без успех. Тие за БИРН изјавија дека се загрижени, затоа што тешка механизација ќе ја користи нивната улица додека се гради зградата, и дека откако таа ќе се направи, би се создавал сообраќаен хаос кога 16 возила секое утро би тргнувале од неа.

Повторно врзани раце

Бројот на домаќинства на кракот на улицата Пржино ќе се удвои | Фото: БИРН

Општината тешко може да им помогне, со оглед на тоа дека сопственикот веќе поднел документи за да добие градежна дозвола, според условите што му ги овозможува деталниот урбанистички план од 2016 година. Градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски, исто како и другите градоначалници од СДСМ, ветуваа дека ќе ги ревидираат урбанистичките планови донесени во времето на нивните претходници, во случајов Билјана Беличанец – Алексиќ. Но повеќето од нив по изборите објаснуваа колку им биле врзани рацете, особено за постапки што се во тек, како оваа.

За БИРН од општината објаснија дека за планот била водена комплетна постапка согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, што вклучувала и јавна анкета од 12 дена и добивање позитивни мислења од други релевантни институции. Сопственикот на парцелата 2074/2 во Пржино, додаваат оттаму, побарал да му се впише станбена зграда, но комисијата му го одбила тоа барање, и потоа му се впишале куќи во низа. Објаснувањето оттаму е дека ако некој простор е предвиден за домување во станбени куќи, тоа ги опфаќа сите видови куќи со дворови – самостојни, двокуќи, куќи во низа, атриумски куќи и други, со максимум четири стана. Општинарите дополнуваат дека во рамките на парцелите ќе треба да се обезбедат доволен број паркинг места, за да може на инвеститорот да му се дозволи да гради до максималната висина.

„За предметните локации има доставено барања за одобренија за градење. Проектната документација поднесена од инвеститорот сè уште подлежи на контрола дали ги исполнува условите за издавање одобрение за градење“, вели портпаролот на Кисела Вода, Јанко Бацарија, во писмениот одговор.

Градел за да го смести големото семејство

На крајот од улицата е влезот во новото градилиште | Фото: БИРН

Сопственикот на парцелата во Пржино, за БИРН потврди дека намерата му е да изгради објект со 16 стана и вели дека не прекршува ниту еден закон или правило со тоа. Поделбата на парцелите била дел од семејниот договор за да се подели имотот.

„Тоа е имот на моето семејство и ние се иселивме оттаму. Ќе се гради зграда со 16 станбени единици, но ние сме големо семејство, јас имам две сестри, имам и родители, сите имаме деца, и тоа ни е потребно за да се сместиме“, вели за БИРН сопственикот на парцелата.

За обвинувањата од соседите дека ќе им го наруши квалитетот на животот, тој вели дека нивниот главен проблем бил канализацијата, но тоа не било негова обврска да го реши, туку на локалните власти. Во врска со сообраќајниот пристап, тој смета дека зградата која ќе биде на крајот од улицата, нема да создава проблеми.

„На сообраќајот не може да пречи тој што е последен на улицата, туку тој што е понапред. Ние имаме предвидено паркирање во самата парцела и плус паркинг за гости, така што нашите возила воопшто нема да пречат. На таа уличка постојано се паркираат возила, еднаш брзата помош не можеше да дојде до мојата куќа таму, моравме да ги викаме соседите да ги тргнат возилата“, додава тој.

Неговиот стар објект е урнат и плацот сега стои празен, подготвен за градба откако ќе ја добие дозволата.

Го барал максимумот и го добил

Сопственикот во 2016 година добил четири градежни парцели на својот имот | Фото: БИРН

Дури и ако на еден имот има само една градежна маркичка за индивидуална куќа, законски дозволената висина за таквите објекти е 11,2 метри, односно четири ката. Врз секоја барака во Пржино, Црниче, Водно, Тафталиџе и многу други населби можат да се направат мини згради со по четири стана. Ако се поврзат двајца соседи, може да најдат инвеститор што ќе им направи зграда со осум стана. Тие би морале да имаат посебни влезови, бидејќи формално се сепак посебни куќи.

Тоа е минимумот. Кога се прави урбанистички план, секој сопственик има право да побара неговиот имот да се подели на повеќе градежни парцели,  секоја со посебна градежна маркичка, и сето тоа да биде споено во низа. Може да се добијат до четири парцели, ако за тоа има просторни услови, односно ако ги имаат минималните димензии предвидени со правилник. Токму тоа го направил сопственикот на куќата во Пржино. Кога локалните жители добиле известување дека се подготвува нов детален план, тој поднел барање да добие најмногу што може од него.

Претходно имал куќа со основа од 160 квадратни метри, а со новиот план, усвоен на 31 мај 2016 од советот на Кисела Вода, добил четири маркички за куќи во низа, со основи од 78 и 79 квадрати и со максимална висина од четири ката. На овој начин добил основа од 313 квадрати и можност да направи објект од над 1.200 квадрати вкупна површина, на сите катови.

Две од четирите парцели на неговиот имот не излегуваат директно на улицата, што е спротивно на Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичкото планирање, но бидејќи станува збор за единствен сопственик, тој може самиот на себе да си одобри пристап преку едната парцела до другите.

Индивидуалното домување станува исклучок

Соседите, во борбата против зградата, побарале помош и од општинските советници, но и тие велат дека во оваа фаза е тешко нешто да се промени.

„Освен што е потребна ревизија на ДУП-овите, нивното носење треба да биде потранспарентно, за навремено да се откриваат вакви случаи“, вели Христина Оџаклиевска, советничка од ДОМ.

Ова не е единствениот случај од ваков тип. Погоре во населбата градежна фирма прави зграда што на својата интернет-страница ја рекламира како единствен станбен објект, иако според урбанистичкиот план тоа се три споени куќи на една катастарска парцела, со заеднички сопственици. Слични примери може да се најдат и во повеќе други населби.

Изминативе години Дебар маало, Стар Аеродром и Маџир маало станаа симболи на урбаната трансформација на Скопје, бидејќи од населби со куќи и со мали објекти се претворија во зони со густо изградени висококатници, со недоволна комунална инфраструктура и изложеност на сончева светлина. Но, ниту населбите што беше предвидено да останат со куќи не поминуваат многу подобро. Таму исто така се градат згради, со заобиколување на планската идеја и со искористување на дупките во законите.

Новиот објект во Пржино, сопственикот ќе го гради со фирма – партнер, па освен што ќе си го обезбеди семејството, можно е да остане и некој стан за продажба, но тоа, вели,  сѐ уште не го допрецизирале. Неговата зграда не е прва во Пржино, а нема да биде ниту последна, а индивидуалното домување во оваа населба полека се претвора во исклучок.