Министерството за образование и наука ги стокми измените на Законот за основното образование, кои се во фаза на јавна дебата и наскоро би требало да се најдат во Собрание. Тимот на актуелната министерка Весна Јаневска предлага измени на некои реформи што беа клучни во Законот за образование, во 2020 година, на претходната министерка Мила Царовска.
Една од тие измени е поврзана со инклузијата во образовниот процес за децата со атипичен развој. Со претходниот закон се предвидуваше тие да учат во основните редовни училишта, а по учебната 2022/2023 година да не запишуваат ученици ресурсните центри, како што се, на пример, Иднина и Златен Сремац во Скопје. Такви, пак, има малку, вкупно пет во целата држава. Во меѓувреме, додека да се затворат за нови ученици, се предвидуваше тие да им понудат искуство, материјали, знаење и обуки за школите при инклузијата.
Со сегашните измени се укинува членот што предвидуваше тие дa не запишуваат ученици од 2023 година, со што се остава можност родителите да одлучат дали ќе го запишат своето дете во основно училиште или во ресурсен центар.
Токму тоа отвора сомнеж кај родителите на деца со атипичен развој, за тоа како ќе се одвиваат работите во иднина. Еден од нив е Бојан Шашевски, кој објаснува дека идејата на досегашните реформи беше основните школи да се развиваат за сите деца подеднакво и тие да се едуцираат и социјализираат блиску до местото до кое живеат.
„Стравувам дека ова ќе го користат основните школи за да „аргументираат“ дека „немаат кадар и можности“ да го примат детето со атипичен развој, па по линија на помал отпор од родителите – тоа дете ќе го праќаат во ресурсен центар за да се ослободат од инклузивни одговорности“, вели Шашевски.
Тој на ова гледа како на враќање чекор наназад, бидејќи, како што вели, неодговорноста и дискриминацијата што владееше во школите „ја враќаме законски под превезот ‘можност за родителите да одбираат.’“
Министерството предлага и во основните училишта да нема лични асистенти, туку само образовни. Ако, пак, вработен наставник во училиште остане без работа, може да биде испратен да работи во ресурсен центар во општината.
Се укинува сексуалното образование
Министерството одлучило и дека основците нема потреба да имаат сексуално образование, па со новите измени се предлага тие да учат само за репродуктивното здравје.
Директорската плата ќе зависи од бројот на ученици
Платата на директорите ќе зависи од бројот на паралелки во училиштето, степенот на образование и работниот стаж на директорот. Најмногу ќе им се зголеми платата на директорите на училиштата што имаат над 36 паралелки, односно ќе земаат повисока плата за 35 отсто.
Сексуалното образование беше предвидено во претходниот закон како изборен предмет во деветто одделение. Аргументите тогаш беа дека учениците немаат дискусија за овие теми дома поради неукост на родителите или поради социјалните стеги.
Но, предметот, всушност, и никогаш не заживеа во образованиот процес и се спроведе само како пилот-проект во четири училишта. Во него се предвидуваше учениците да учат и за теми, како род и еднаквост, насилство, слика за телото и граѓански концепти, на што имаше голем отпор од антиродовите движења.
Министерката Јаневска периодов, пак, се повикува токму на „бурната реакција на јавноста“. Непосредно откако стапи на функцијата, најави дека владата се залага за „сексуално образование во однос на репродуктивно образование, заштита од несакана бременост, од полови заболувања, заштита од сексуална агресија и сето она што би можеле децата да го восприемат во соодветната возраст.“
Учење само во најблиското училиште
Измени во Законот за основното образование има и во делот за тоа каде може да се запишат учениците. Ако досега се предвидуваше дека тие треба да учат онаму каде што живеат, но дека може да се прават исклучоци со претходна согласност од директорот, сега нема да имаат таква можност.
Секој ќе треба да учи во најблиското училиште, освен ако таму нема можност да следи настава на мајчиниот јазик. Се забранува и физичко одделување на учениците Роми, освен во општините со мнозинско ромско население.
Продолжената настава, пак, досега не беше регулирана до кога треба да се одвива и вообичаено се прекинуваше по трето одделение. Сега законски се регулира дека таа мора да трае до петто одделение.