Претставите на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ се „возат“ на нафта. Во зима, додека има нафта за затоплување, има и услови за работа. Но, поради слабата изолација на објектот, таа бргу се троши, па пробите и другите активности мора да се вршат без греење.
Единствената театарска сала во Прилеп, со 226 седишта за град од 63 илјади жители, е дел од домот на културата „Марко Цепенков“. Овој објект, последен пат е реновиран пред две децении. Освен со студот, има проблеми и со протекувањето на покривот.
Иако пред седум години се најави изградбата на нова, поголема театарска зграда на истото место, а Министерството за култура, три години по ред буџетира по неколку десетици илјади евра за овој проект, работите не се ниту во почетна фаза. Последната најава од Министерството е дека градбата треба да заврши до 2034 година.
Во меѓувреме, на местото предвидено за проширување на театарот се пие кафе наместо да се подготвуваат претстави. Домот на културата издава дел од просторот на кафуле за да може да покрие некои од трошоците. Општина Прилеп, пак, на истото кафуле му ја издава околната јавна површина за летна тераса, токму оној дел каде што треба да бидат темелите на новиот театар.
Со „лудачка љубов“ против студот и провевот
Најнов мебел и најпријатни услови за престој денес има токму во угостителскиот објект, кој, со дозвола од Домот на културата и од Општина Прилеп, го користи државното земјиште на кое е предвидено да се изгради новата театарска зграда. Тука ѕидовите имаат изолација, ја одржуваат топлината, па вработените и посетителите не се изложени на студот и на надворешните влијанија.
Само неколку метри подолу, актерите газат на старите и истрошени штици на сцената. На себе имаат костими и перики што ги зеле од околните шкафови, бидејќи за нив и за другите реквизити нема соодветно место за чување. Ѕидовите тука се тенки, не се отпорни, ниту на студот во зима, ниту на жештината на лето.
Искусната актерка Даниела Иваноска е дел од оваа екипа. Во „Војдан Чернодрински“ е повеќе од деценија и пол, период на речиси континуирано влошување на условите за работа, со мали поправки одвреме-навреме.
„Објектот е стар и дотраен, а тоа во превод значи работа на провев, немање добра изолација, прокиснување на покривот и сите ‘придобивки’ што временските услови ни ги носат. Секогаш кога ќе снемало нафта, не сме можеле да продолжиме со активностите, не поради тоа што не сакаме да работиме, туку бидејќи нема услови. Само нашата лудачка љубов кон театарот нè тера да се бориме со сите пречки и предизвици што ни излегуваат на патот“, вели Иваноска.
Како што додава таа, ако навреме се реагирало и се реновирало дел по дел, театарската зграда немало да биде во толку лоша состојба. Но, веќе е доцна за делумни зафати.
Освен со греењето, проблем има и со хигиената и со истрошениот инвентар.
„Масите се стари колку што е стар самиот театар, впрочем како и целиот мебел и сите други елементи што не се во функција на зачувување и продолжување на векот на материјалните добра како костимите, обувките, реквизитите, периките и текстовите“, вели в.д. директорката на националната установа, Марија Попова-Јованоска.
Многу постапки, нула градба
![](https://prizma.mk/wp-content/uploads/2025/02/Prilepski-teatar-2.jpeg)
Дел од надворешноста на објектот | Фото: Симона Паскоска
Изградбата на нов театар беше навестена во кампањата за локалните избори во 2017 година од кандидатот на тогашната владејачка партија СДСМ, Илија Јованоски. Оттогаш се спроведоа многу постапки и се потрошија илјадници евра буџетски пари, но не почнаа никакви градежни работи.
Неколку месеци по победата на Јованоски на изборите, во 2018 година, Општина Прилеп распиша конкурс за избор на идејно решение за реконструкција, доградба и пренамена на дел од просториите на домот на културата „Марко Цепенков“ за потребите на театарот.
Идејно решение се избра, а потоа беа потребни три години за да почне процесот за обезбедување проектно-техничка документација. Министерството за култура, за таа цел предвиде околу 97 илјади евра во својот буџет, во програмата за изградба на нови објекти и за санација на постојните.
Попова-Јованоска, в.д. директорката на домот на културата, вели дека набргу потоа распишале тендер за документација, на кој победила компанијата „Архиум“ од Скопје, а за ревизискиот надзор била избрана компанијата „Хидро градежен инженеринг“, исто така од Скопје.
Победничката понуда на „Архиум“ изнесувала околу 55 илјади евра, покажуваат податоците од договорот, достапен на електронскиот систем за јавни набавки. Но, директорката објаснува дека три години откога почнала таа процедура, фирмата за изработка на проектот наидувала на институционални пречки.
„Затоа, секоја година, предвидените средства за изработка на документацијата, Министерството за култура ги префрлаше за следната година“, додаде таа.
Во 2022 година, во програмата на Министерството за оваа намена биле предвидени 97 илјади евра, во 2023 имало 267 илјади евра за неколку објекти, вклучувајќи го и домот „Марко Цепенков“ во Прилеп, додека во 2024 година биле буџетирани 49 илјади евра. И покрај обезбедените пари, развојот на проектот одел бавно.
Кон крајот на 2024 година, проектно-техничката документација била завршена и биле изработени два проекта. Едниот е основен проект за реконструкција на домот на културата, а другиот предвидува доградба и надградба, за да може да се направи нова театарска сала. Таа би ја опфатила и галеријата и просторот што му се издава на кафулето.
Попова-Јованоска вели дека за двата проекта побарале Министерството за култура и туризам да ги внесе во годишната програма за 2025. Просторот предвиден за проширување ќе продолжи да се користи како кафуле до март, кога истекува договорот, а дали угостителот ќе го врати или ќе продолжи да го користи, ќе зависи од тоа дали ќе се обезбедат пари за градба.
„Ако не ни обезбедат средства, тогаш ние може повторно да направиме договор и целата постапка да се тера законски. Нас ни е во корист да го издаваме просторот, затоа што имаме финансиски приход“, додаде в.д. директорката.
Одговорот што го добивме од Министерството за култура и туризам, пак, укажува дека уште долго време ќе се послужува кафе наместо театарски содржини.
„Реализацијата на овој проект е предвидена во Програмата за работа на владата во делот „Инфраструктурна изградба во културата 2025-2034“. Овој проект, како и другите, се проекти за кои е потребен подолг временски период од планирање, проектирање, обезбедување финансиски средства и реализација. Од тие причини, предвидениот рок за изградба е до 2034 година“, се вели во одговорот.
Општина Прилеп ја издава јавната површина каде што е предвидено проширувањето со годишни договори за закуп. Последниот беше до крајот на 2024 година. Оттаму не добивме одговор до кога ќе продолжи издавањето, само објаснување дека за целиот процес околу изградбата на театарот е надлежно Министерството за култура.
Овој текст е изработен како дел од „Едногодишната БИРН обука за истражувачкo новинарство” наменета за млади новинари и за студенти, 2023-24 година