Клаудиа Чобану | Букурешт, Варшава, Брисел, Загреб
Во новата црква „Свети Спиридон“, најголемата православна црква во Букурешт, свештеникот имаше важна порака за своите следбеници.
„Ова е еден од оние моменти во историјата кога вистинските христијани се двојат од плевелот”, им рече тој на верниците за време на двочасовната литургија, додека децата си играа на подот пред олтарот. „Оние кои се сметаат себеси за христијани мора да го кренат својот глас денес”.
Беше недела, последниот ден за гласање на референдумот кој се одржуваше токму тој викенд во октомври, со цел да се промени дефиницијата во Уставот на Романија за бракот како институција која ќе биде достапна само за хетеросексуалните двојки. Одѕивот беше низок, па свештениците низ целата земја ги собираа верниците.
На едно од гласачките места во центарот на Букурешт, неколкумина го послушаа повикот.
„Сигурен сум дека ќе успееме”, вели Дамјан Јоита, 20-годишен студент по право, по гласањето за промената. „Никогаш не сум бил повеќе горд што сум Романец од денес”.
Мадалин Костаче, 24-годишен татко на две деца, вели дека гласал за да ги заштити своите деца.
„Ако на хомосексуалците им е дозволено посвојување, тогаш нивните деца ќе пораснат и ќе мислат оти да се биде геј е нормално. Но, тоа не е вистина. Господ не мислеше така”.
На крајот, одѕивот беше далеку под законски потребниот праг од 30 отсто, а референдумот од 6 и 7 октомври беше за џабе. Уставната родово неутрална дефиниција за бракот како институција „помеѓу брачните другари” остана непроменета.
Но, со референдумската кампањата на површина излегоа низата погрешни перцепции кои од 2016 година тивко почнаа да навлегуваат во романското општество, кога малку познатата група наречена „Коалиција за семејство“, собра три милиони потписи за да го активираат референдумот.
Иако граѓанското право во Романија забранува хомосексуални бракови, коалицијата успеа да убеди многумина дека наскоро тие ќе бидат легализирани. Откако на геј двојките ќе им биде дозволено да бидат законски венчани, тврдеа тие, што ќе ги спречи да посвојат деца и да ги „претворат” во хомосексуалци?
Сочинета од над 40 локални здруженија, коалицијата се претстави како заштитник на романските традиционални вредности. Во пропагандните материјали биле користеле народни носии, како и сината, жолтата и црвената боја од романското знаме.
Но, далеку од тоа дека е локална иницијатива, коалицијата е дел од глобалното ултра-конзервативно движење посветено на многу повеќе од спречување на геј браковите, велат групите за заштита на човековите права и академиците.
Од граѓански партнерства и абортус до потпомогната репродукција и сексуално образование во училиштата, движењето врши притисок да се променат законите и политиките за кои сметаат дека го поткопуваат она што тие го нарекуваат „природно семејство”.
Движењето станува сѐ поорганизирано. Истражувањето на Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН) откри дека растечката мрежа на ултра-конзервативните активисти, адвокати и консултанти ја шират стратегијата и ресурсите преку границите.
Движењето црпи инспирација и експертиза од извори што се далеку од гласачките места и црковните огласни табли на Балканот. Тука се вклучени американските евангелистички групи блиски до Белата куќа на Трамп и руски олигарси со врски во Кремљ, се вели во инсајдерски документи и извештаи на медиумите.
Во меѓувреме, европските популистички лидери кои сѐ помалку имаат либерални ставови се обидуваат да му се приклучат на движењето. Со зајакнување на нивната реторика со апели за т.н. природно семејство и изработка на политики кои се чини дека го поддржуваат, тие заработуваат гласови и ја зацементираат својата моќ.
Резултатот е ерозија на политичките и граѓанските слободи во демократиите кои се движат кон авторитаризам, велат политичките аналитичари.
Андреа Пето, историчар на Централно-европскиот универзитет во Будимпешта, го опиша подемот на групите како „Коалицијата за семејство“ како „националистички неоконзервативен одговор на кризата на глобалниот неолиберален светски поредок”.
„Тоа е фундаментално нов феномен кој започна со цел да се воспостави нов светски поредок, па затоа секој кој се грижи за демократијата и човековите права треба да биде заинтересиран”, вели Пето.
Влад Виски, претседател на романската група за човекови права „МозаиК“, уште поотворено вели:
„Хомосексуалното тело сега е бојно поле”.
„Родова идеологија“
Во интервју дадено пред референдумот, Михај Георгиу, водачот на „Коалицијата за семејство“, ги бранеше целите на неговата организација.
„Имаме право да ги браниме нашите вредности и начин на живот”, изјави тој за БИРН. „Природното семејство се базира на бракот помеѓу маж и жена, а тоа е антрополошката суштина на тоа кои сме и основата за постоењето на деца”.
Георгиу, 51-годишен филолог, седеше во кафетеријата на Музејот на романскиот селанец во Букурешт, каде што е заменик-директор. Додека се загреваше за неговата тема, во близина група млади Романци релаксирано седеа на традиционално изрезбани дрвени столици.
„Знаевме дека културната и сексуалната револуција што се случува на Запад на крајот ќе стигне до Романија и моравме да бидеме подготвени”, вели тој.
„Хомосексуалното тело сега е бојно поле” Влад Виски, претседател на „МозаиК“
Георгиу има име за декаденцијата со која се бори – „родова идеологија”.
Овој термин не треба да се меша со родовите студии или било која друга меинстрим академска дисциплина, терминот е измислен од страна на ултра-конзервативците за да ја објаснат перспективата која е спротивна на фундаменталистичките концепции на природното семејство.
Според ова размислување, „родовите” се вкорениле меѓу елитните западни интелектуалци во 1960-тите, пред да ги инфицираат универзитетите, судниците, парламентите и меѓународните институции со она што конзервативците го гледаат како опасен морален релативизам.
Оние кои се залагаат „против родовото движење” сметаат дека унапредувањето на геј правата и политиките со кои се дава право на избор, се симптоми на еден вид неоколонијално преземање на општествените норми дадени од Бога.
„Романците веќе го проживеа комунизмот, време во кое едно малцинство сметало дека ја знае апсолутната вистина и ја наметнувало на другите”, вели Георгиу.
„Не можеме да си дозволиме тоа повторно да се случи”.
„Коалицијата за семејство“ не е единствената која упатува на перспективата за родовите.
Помеѓу 2012 и 2015 година, активистите иницираа референдуми во Хрватска, Словенија и Словачка за да се обидат уставно да го дефинираат бракот како исклучиво помеѓу маж и жена.
Тие беа успешни во Хрватска. Словенците го отфрлија геј бракот според бројот на гласови во гласачките кутии пред политичарите подоцна да го легализираат. И во Словачка, одѕивот не ги достигнал потребните 50 отсто.
Во Полска, петицијата за затегнување на веќе строгиот закон за абортус во земјата го принуди парламентот да го реши проблемот во 2016 година, сѐ додека големите протести не предизвикаа негово отфрлање.
Оваа година Бугарија одби да го ратификува договорот на Советот на Европа за справување со семејното насилство по вревата што се дигна во јавноста, затоа што конзервативците велеа дека неговата дефиниција за родот ги релативизира границите меѓу половите.
Но, овој феномен не е карактеристичен само за Источна Европа.
Од 2012 година, француската група наречена „Ла манифест” („Протест за сите”) ги собра поддржувачите против хомосексуалните бракови и потпомогната репродукција, инспирирајќи слични движења во Италија, Германија и Финска.
Во Шпанија, „HazteOir“ (Биди слушнат) се бори против абортусот, геј браковите и сексуалното образование во училиштата од 2013 година.
„Агенда Европа”
Експертите велат дека не е случајно што ваквите иницијативи се појавуваат во исто време.
Мало навраќање на јануари 2013 година, кога околу 20 водечки активисти за борба против абортусот и стратешки консултанти од цела Европа и САД се собраа во лондонската елитна населба Белгравија, на дводневен состанок, кој бил најавен како форум за „развивање стратегии за движењето што се залага за живот” во Европа, се вели во примерокот од агендата на настанот добиен од БИРН.
Учесниците, исто така, присуствувале на сесии за „духовно размислување”, миса во Вестминстерската катедрала и вечера во ексклузивниот Кралски автомобилски клуб.
Во агендата на трите последователни состаноци, означени со „строго доверливи”, до кои исто така дојде БИРН, пишува дека состанокот во Лондон се претворил во годишен самит познат како „Агенда Европа“. Самитот се одржал во Минхен во 2014 година, Даблин во 2015 година и Варшава во 2016 година.
„Од своето основање, [Агенда Европа] постојано се зголемува за да ги вклучи клучните про-живот и про-семејни лидери од секоја европска земја”, напишале организаторите во белешките приложени заедно со агендата за 2015 година.
Добро познатите американски активисти против абортусот биле наведени како ѕвезди на самитите.
Ниту еден од присутните контактирани од БИРН не одговорија на барањата за интервју.
‘Американските активисти носат знаење и вештини’
– Нил Дата, секретар на Европскиот парламентарен форум за население и развој
„Американските активисти носат знаење и вештини“, вели Нил Дата, секретар на Европскиот парламентарен форум за население и развој (ЕПФ), мрежа на европски пратеници кои се залагаат за унапредување на репродуктивните права.
„Американското движење има 30 години повеќе искуство. Тие ги тестираа сите овие работи. Тие имаат политички норми кои можат да се прилагодат на локалниот контекст и ги надминаа европејците во стратешките судски процеси “.
Рака што помага
Политикологот Клифорд Боб од Универзитетот Дукин, Питсбург, во својата книга „Глобалното десно крило и судир на светската политика” опишува како во 2006 година евангелистичките пастори во Романија побарале помош од активистите за борба против абортусот во САД да се заложат за „природен брак” .
Кога романските пастори создале организација за одбрана на традиционалниот брак во 2007 година, Алијансата за одбрана на слободата, АДФ им помогнала.
„Јасно беше дека постои потреба и желба”, Боб го цитира главниот адвокат на АДФ, Бенџамин Бул кој рекол: „Ние едноставно помогнавме да ја обликуваме и дефинираме организацијата”.
АДФ повторно се појави во текот на кампањата за референдум предводена од „Коалицијата за семејство“ во 2016 година, поднесувајќи советодавен документ до Уставниот суд, кој оценувал дали референдумот е уставен.
Другите американски групи специјализирани за судски постапки во корист на евангелските вредности, вклучувајќи го и Советот за слобода, исто така, поднесоа барање за поддршка.
Запрашана каква поддршка АДФ и понудила на „Коалицијата за семејство“, Адина Портару, романски адвокат во бриселската канцеларија на АДФ Интернешнл, одговори во писмена изјава: „Како романски адвокат го претставував АДФ Интернешнл пред Уставниот суд со цел да потврдам дека на оваа граѓанска иницијатива треба да и се дозволи да продолжи да работи”.
Во друга изјава испратена по е-пошта, таа рече: „Романската коалиција за семејство и АДФ Интернешнл се независни организации. Ние заеднички ја организиравме конференцијата „Референдумот за семејството: анализи и импликации“ во романскиот парламент во Букурешт во 2017 година и втората конференција во 2018 година [во парламентот] за прашањето на националните и меѓународните перспективи на бракот. Конференцијата во 2018 година имаше шест ко-организатори, од кои едната беше АДФ Интернешнл”.
Говорниците на конференцијата во романскиот парламент оваа година се залагаа за итноста од организирање референдум. Во нив беа вклучени хрватскиот активист за абортус Жељка Маркиќ, основачот на Во името на семејството и Лудовин де ла Рохере, лидер на француската ултра-конзервативна организација „La Manif pour tous“.
Во Брисел, АДФ Интернешнл ја има истата канцеларија, изнајмен стан, што го дели со „European Dignity Watch“ (ЕДВ).
Иако ЕДВ е постара група – основана во 2010 година, пет години пред АДФ Интернешнл – се чини дека работи во симбиоза со АДФ Интернешнл. Софија Куби, поранешен извршен директор на ЕДВ, стана директор за застапување во ЕУ на АДФ Интернешнл во 2015 година, кога таа започна со работа.
ЕДВ организира обука за комуникација и застапување за активистите. Жељка Маркиќ е тренер за ЕДВ. Според фотографиите од веб-страницата на ЕДВ, адвокатот што ја претставува романската Коалиција за семејство, Ана Корина Сакриеру, присуствувала на обуките на ЕДВ.
Според годишната финансиска евиденција на ЕДВ поднесена во Стопанскиот суд во Брисел, ЕДВ исплатила 1,324 евра на Жељка Маркиќ во 2015 година.
ЕДВ не одговори на прашања во врска со исплатата, а директорот ги одби барањата за интервју. Маркиќ не одговори на писмени прашања или барања за интервју.
Во текот на раните 1990-ти, неколку големи американски конзервативни христијански групи, многу основани од евангелистите, дошле до израз додека се бореле да го вратат она што го сметале за непосакувана извојувана победа на организациите за граѓански слободи, особено за правата на жените и ЛГБТ.
„За време на администрацијата на [американскиот претседател Барак] Обама, десничарските американски христијани сметале дека ја губат битката дома и ја прошириле својата посветеност на „културните војни” во странство”, вели Питер Монтгомери, соработник на „Рајт винг воч”, која го следи американското верско право.
„Американските судови понекогаш позајмуваат аргументи од Европа. Конзервативците се вознемируваа од употребата на прогресивни меѓународни преседани, но сега тие гледаат на победата на конзервативните одлуки на меѓународно ниво како на можност”.
Една од најголемите конзервативни христијански групи во САД, Алијансата за одбрана на слободата (АДФ) ја прошири својата мрежа на христијански правници во Европа во 2010 година. Во изминативе три години, според ревидираните финансиски извештаи и даночните пријави годишните приходи изнесувале над 48 милиони американски долари.
Годишните даночни пријави поднесени до американските даночни власти и оние достапни на интернет покажуваат дека организацијата ги зголемила своите финансии во Европа од околу 800.000 долари во 2013 година на 2,5 милиони долари во 2016 година. Во тоа време, АДФ ја создала АДФ Интернешнл со канцеларии во Белгија, Австрија, Франција, Велика Британија и Швајцарија .
Успесите на АДФ оттогаш се зголемија и на домашен фронт. Во истражувањето на списанието „Нејшн” во 2017 година, новинарката Сара Поснер покажа колку групата е блиска до претседателот Доналд Трамп.
Американскиот генерален адвокат Ноел Франциско, назначен од Белата куќа, бил адвокат поврзан со АДФ, открила таа.
Поранешниот јавен обвинител Џеф Сешнс, сојузник на Трамп, се консултирал со АДФ кога го подготвувал упатството за верската слобода на Министерството за правда. И Трамп назначил четири федерални судии поврзани со групацијата.
Во меѓувреме, заменик-претседателот на САД, Мајк Пенс, евангелски христијанин, се смета за голем сојузник на групите кои се обидуваат да ги ограничат ЛГБТ и женските права.
„Мајк е цврст верник и ги разбира овие прашања”, изјавил шефот на АДФ, Мајкл Фарис, за Католичката новинска агенција минатата година. „Мислам дека ќе не послушаат во Министерството за правда.”
Еден од ретките јавно познати финансиери на АДФ е семејството на Министерката за образование Бетси ДеВос, кое е исто така главен донатор на Републиканската партија. Повеќето од останатите индивидуални и добротворни донации кои ги сочинуваат приходите на АДФ се тајни.
„Американските актери можеби даваат пари”, изјави Дата од ЕПФ. „Тоа само по себе не е лошо. Но, конзервативците (десничарските групи во Европа) се дефинитивно дискретни за тоа од каде ги добиваат парите. Додека прогресивците ги наведуваат своите финансиери, конзервативците не го прават тоа. Тие ги затајуваат нивните извори”.
Запрашан за целта на проширувањето на АДФ во Европа, Адина Портару, романска адвокатка на бриселската канцеларија на АДФ Интернешнл, за БИРН изјави: „АДФ Интернешнл ги штити верските малцинства од прогон и ги промовира човековите права преку нивната мрежа на здружени правници ширум светот”.
Таа додаде дека АДФ Интернешнл, заедно со Коалицијата за семејство и други групации, организирала две конференции за семејството во романскиот парламент, во 2017 и 2018 година.
Друга голема американска група која се шири во Европа е Американскиот центар за право и правда (АСЛЈ) основана од евангелскиот свештеник Пат Робертсон, која има годишен приход од речиси 20 милиони долари.
ACLJ го основала Европскиот центар за право и правда (ЕСЛЈ) во Стразбур во 1998 година и истовремено Словенскиот центар за право и правда во Москва.
Според јавно достапните формулари на АСЛЈ поднесени до американските даночни власти, организацијата трошела над еден милион долари во Европа секоја година од 2009 година.
Џеј Секулов, главен советник за ACЛJ, е дел од правниот советодавен тим на Трамп и ја води истрагата против специјалниот советник Роберт Милер во врска со наводната вмешаност на Русија во изборите во САД во 2016 година.
Претставниците и на двете АДФ Интернешнл и ECЛJ редовно биле канети на самитите на „Агенда Европа“.
Анти-родов „манифест”
Истакнати активисти од Балканот и од Источна Европа, исто така, се редовно меѓу поканетите на самитите организирани од „Агенда Европа“.
Ефектот на Жељка Маркиќ
Хрватската бизнисменка, поранешна новинарка и ќерка на активистите против абортус, Жељка Маркиќ ја предводи најверојатно најуспешната ултраконзервативна коалиција во Источна Европа.
Во 2013 година, „Во името на семејството“ собра 750.000 потписи за да иницира референдум во Хрватска, што доведе до уставни промени за дефинирање на бракот како институција строго помеѓу маж и жена.
По референдумот, ултраконзервативното движење на Маркиќ стана сила во хрватската политика, според активистот за човекови права, Гордан Босанац. Иако обидот на Маркиќ да формира политичка партија не и донесе успех на изборите, нејзините сојузници зазедоа позиции во централно десничарските влади предводени од Хрватската демократска заедница.
„Преку нивните претставници во владата, тие беа насочени кон културата, граѓанското општество и женските права”, вели Босанац.
Антонија Петричушиќ, социолог на Универзитетот во Загреб, вели дека активностите на „Во името на семејството“ и нивните сојузници придонеле за „сè поочигледна десекуларизација на општеството”.
Оваа година, „Во името на семејството“ доби тригодишна грант од парите на даночните обврзници преку Националната фондација за развој на граѓанското општество за да ги развие своите програми.
Маркиќ одби да коментира.
Богдан Станчиу, раководител на здружението „Про Вита Букурешт”, влијателен член на Коалицијата за семејство, е наведен како говорник. Исто така, Жељка Маркиќ, основач на „Во името на семејството“, организација што го поттикна референдумот за уставно редефинирање на бракот во Хрватска.
На самитот во Варшава во 2016 година, Маркиќ била поканета да претседава со сесијата на тема „актуелните проактивни брачни иницијативи”.
Ниту Станчиу ниту Маркиќ не одговорија на прашањата или барањата за интервју.
Полскиот министер за прашања со ЕУ, Конрад Шимански, од владејачката Партија за право и правда (ПиС), исто така, требало да зборува на настанот истата година.
Многу од идеите кои ги застапуваат конзервативните активисти се одраз на концептите кои се наоѓаат во еден манифест напишан на повеќе од 100 страници под наслов „Враќање на природниот поредок. Агенда за Европа“.
Во англиската копија од манифестот, до која дојде БИРН, непознатиот автор го опишува „цивилизацискиот пад на западниот свет” предизвикан од моралниот релативизам на сексуалната револуција од 1960-тите. Се вели дека родовата идеологија е главниот виновник.
„Така, на пример, совршено легитимно е да се стреми кон законодавство кое го криминализира абортусот, евтаназијата или содомијата, или кое го исклучува правното признавање на ‘браковите на лица од ист пол’, дури и ако има граѓани кои веруваат дека абортусот, евтаназијата или содомијата се морално прифатливи”, се вели во него.
Документот ги наведува конкретните цели на политиката, вклучувајќи го и укинувањето на сите закони што дозволуваат развод, граѓанско партнерство или посвојување од страна на геј двојки; воведување на закони против „содомија”; и отстранување на „ЛГБТ лобито”.
Стратегиите што ги претставува вклучуваат поднесување на петиција на ниво на ЕУ и на национално ниво, охрабрувајќи ги активистите „да го изложат хомосексуалниот брак на исмејување” и да ги информираат луѓето „за ризиците поврзани со содомијата”.
‘Изложете го хомосексуалниот брак на исмејување’ – Предлог во Стратегијата „Враќање на природниот поредок. Агенда за Европа“
„Кога зборуваме за содомија, постојано употребувајте го тој термин”, се вели во манифестот.
„Агенда Европа“ нема официјални портпароли или одговорни лица, но на веб-страницата agendaeurope.org, регистрирана на директорката за односи со алијансата на АДФ Интернешнл, Софија Куби, има изјава во која се одрекува манифестот.
Запрашана за манифестот, Куби повтори дека нема никаква врска со „Агенда Европа“ и рече дека документот излегол на виделина преку „нелегално хакирање” на шпанската организација „HazteOir“. „Во тек е кривична постапка”, додаде таа.
Во меѓувреме, здружението „Про Вита Букурешт“ објавило во 2016 година романски превод на манифестот, се поинаков наслов „Агенда за Романија“. Во придружниот текст, се вели дека „симболично ја презеле сопственоста” на текстот.
Во 2016 година, здружението “Про Вита Букурешт” собирало донации во име на Коалицијата за семејство. Оттогаш е отстранета од листата на членови на веб-страницата на коалицијата.
„Широки сојузи”
Кој и да го напишал манифестот, експертите велат дека перспективата што ја дава е веќе поодамна вкоренета во Европа уште пред да стапи на сила „Агенда Европа“, со помош на растечкиот повик за осуда на родовата идеологија од страна на Ватикан.
„Во Европа, Америка, Латинска Америка, Африка и во некои земји од Азија постојат вистински форми на идеолошка колонизација”, рекол папата Францис во говорот пред полските епископи во 2016 година.
„И една од нив, јас ќе ја наречам јасно со нејзиното име, е [идеологијата за] ‘полот’. Денес децата – замислете децата! – ги учат во училиште дека секој може да го избере својот пол”.
Во католичките земји, како што се Полска или Хрватска, новинарите и академиците ја документираа вмешаноста на црквата во кампањите против родова еднаквост. И според Дата од ЕПФ интелектуалците блиски до Ватикан биле клучни во поставување на „Агенда Европа“.
‘Денес децата – замислете децата! – ги учат во училиште дека секој може да го избере својот пол – Папата Францис
Сепак, аналитичарите велат дека анти-родовото движење не е ниту исклучиво католичко, ниту дури исклучиво верско. Во земјите кои се повеќе секуларни или каде репутацијата на црквата е нарушена со скандали, активистите често ги минимизираат нивните врски со организираната религија.
Според Пето од Централно-европскиот универзитет, родовата идеологија е „симболичен лепак” што „помогна да се создадат широки сојузи и обединети актери кои не соработувале во минатото”, вклучувајќи ги и различните христијански цркви, мејнстрим конзервативци, екстремно десничарски партии и фундаменталистичките групи.
Клучниот настан во календарот за анти-родови активисти од целиот свет е годишниот Светски конгрес на семејства (СКС).
Оваа година, СКС се одржал во средината на септември во Кишињев, а домаќин бил молдавскиот претседател Игор Додон, кој победи на изборите во 2016 година со про-руската и про-семејство агенда.
Настанот започнал во Републиканската палата Молдавија, исполнета со црвен мермер и кристални лустери. Во поголемиот дел од церемонијата на отворање, што се емитувала онлајн, танчерите облечени во молдавските народни носии, или едноставно бело, носеле извонредно мирно бебе околу сцената.
Додон потоа започнал со говорот за „ерозијата и уништувањето” на семејството во услови на „анти-семејна идеологија, која им ги одзема на мајките и татковците нивните природни улоги во семејството”.
Нарекувајќи ја 2019, година на семејството во Молдавија, тој рекол дека ќе изврши притисок за усвојување про-семејни мерки, вклучувајќи зголемување на породилното отсуство. Тој додал дека про-геј „пропагандата” треба да биде „строго осудена, па дури и забранета”.
Претседателот на СКС, Брајан Браун, продолжил со читање пораки од Матео Салвини, десничарскиот министер за внатрешни работи на Италија.
„Во време кога сме сведоци на деструктивни и ирационални напади врз основните вредности на нашите култури, напорите што ги преземате за заштита на природното семејство, како витален елемент за опстанок и развој на човечкиот род, се исклучително неопходни и достојни за благодарност”, се вели во соопштението.
Руската врска
СКС бил формиран во 1997 година од страна на американскиот активист против абортусот Алан Карлсон и двајца руски академици од Московскиот државен универзитет, Анатолиј Антонов и Виктор Медков.
Аналитичарите велат дека руската врска има смисла бидејќи традиционалните вредности се во согласност со „евроазијството”, идеологија што ја отсликува Русија како средина меѓу Европа и Азија и имплицира дека поранешните советски територии на крајот ќе се вратат кон матичната земја. За Кремљ, родовата идеологија е карактеристика на декадентниот Запад.
„Ова е многу интересна геополитичка понуда”, вели Дата. „Сега Русија може да оди кај владите во соседните земји што го критикуваат Западот врз основа на човековите права и може да им каже: „Не грижете се, вие сте поинакви”.
Во 2014 година во истражувањето за американското списание „Мајка Џонс”, Хана Левинтова, открила дека американските евангелисти, особено актерите од СКС, помогнале да се развие јазик против геј правата и аргументи за руските активисти и законодавци, што резултирало со усвојување на федералниот закон од 2013 година за забрана на „геј пропаганда”.
На Самитот на „Агенда Европа“ во Минхен во 2014 година, Алексеј Комов, претставникот на СКС во Русија, бил поканет да ги сподели лекциите од „успехот” на законодавството, пишува во агендата.
Таа година, СКС требало да се одржи во Москва, со финансиска поддршка од двајца луѓе кои се сметаат за блиски до претседателот Владимир Путин, се вели во истражувањето на списанието „Мајка Џонс“: Владимир Јакунин, поранешен претседател на руските железници, и Константин Малофеев, инвестициски банкар и православен филантроп.
Малофеев е, исто така, претседател на одборот на директори на медиумската група „Царгард“, платформа за евроазиски идеи, усвоена од влијателниот екстремно десничарски филозоф по име Александар Дугин.
‘Мораме да се молиме [за] либералниот чад да излезе од Европа и Америка’ – Константин Малофеев, руски православен филантроп
Московскиот Светски конгрес за семејство на крајот не се одржал, бидејќи финансиите на олигарсите биле ставени на листите за санкции на ЕУ и САД, откако Русија го присвоила Крим истата година.
„Во Русија, нашиот тренд е враќање кон Православието, традицијата и христијанството”, вели Малофеев во документарен филм од 2018 година на француско-германскиот телевизискиот канал АРТЕ под наслов Абортус: реакцијата во Европа.
„Европа умира. Запад, во [времето на американскиот претседател Роналд] Реган] … помогна овој комунистички чад да излезе од Русија. Сега нас ни е редот. Мораме да се молиме [за] либералниот чад да излезе од Европа и Америка”.
„Иднината на Европа“
И надвор од Русија, нелибералните европски лидери го прифатиле движењето против родовите.
Минатата година, унгарскиот премиер Виктор Орбан бил домаќин на СКС во Будимпешта и ги поздравил учесниците со говор за „Европа, нашата заедничка татковина, што губи во популациската конкуренција меѓу големите цивилизации”.
„Во борбата за иднината на Европа, запирањето на илегалната миграција е императив”, рекол тој. „Оваа борба … е вредна само ако сме во можност да ја комбинираме со семејна политика што ја враќа природната репродукција на континентот”.
Во октомври, во еден потег кој е збунувачки за многумина, Унгарија ги забранила родовите студии, нарекувајќи ја дисциплината „идеологија, а не наука”. Администрацијата на Трамп, исто така, се обидува да го тргне „родот“ од документите на ООН за човекови права.
Италијанецот Салвини предлага слична комбинација од националистички, анти-имиграциски и про-семејни политики.
„Ние ќе го браниме природното семејство базирано на сојузот помеѓу еден маж и една жена. Ќе ја употребам сета моја моќ”, изјавил Салвини за италијанските медиуми во август.
Германската екстремно десничарска „Алтернатива за Германија“ влегла во парламентот во 2017 година со манифест кој ветува „посветеност на традиционалното семејство”, спротивставувајќи се на „вклучување на родовите аспекти во главните политики” и ветувајќи дека ќе спречи намалување на популацијата со „големи семејства наместо масовна имиграција”.
Во Полска, ПиС дошла на власт со моќна мешавина од националистички и про-семејни мерки. Нивната карактеристична политика е позната како „500+”, исплата на повеќе од 100 евра по дете на семејства со повеќе од едно дете.
„Анти-родовите групи активни во Полска беа инструментални за десничарските популисти да победат на изборите”, изјави за БИРН Елзбиета Королчук, социолог на Варшавскиот универзитет. „Тие ги мобилизираа луѓето на теренот, во парохиите. Тие помогнаа да се прикаже либералната партија [главните ривали на граѓанската платформа] како елитистичка и нечувствителна на потребите на луѓето “.
Королчук додаде: „Новите нелиберални сили ги поврзуваат либералните културни и економски елити, така што постои чувство дека не само што либералните елити сакаат да ви го одземат животот во економска смисла, туку исто така сакаат да го променат вашиот приватен живот и да го претворат вашето момче во девојче“.
‘Новите нелиберални сили ги поврзуваат либералните културни и економски елити’ – Социологот Елзбиета Королчук
„Ова чувство на жртва, на праведен гнев, е многу моќен мобилизирачки афект”.
Во 2018 година, поранешниот политички стратег на Трамп, Стив Банон го започнал „Движењето” за да им помогне на екстремно десничарските и популистичките сили на изборите за Европскиот парламент следната година. Салвини ветил поддршка за Движењето, а Банон остварил разговори со унгарскиот премиер Орбан.
Експертите велат дека учесниците на Движењето можат да бидат дефинирани според тоа против што се залагаат. Тие се анти-имиграциски, анти-ЕУ, анти-глобалистички, анти-елитистички и анти-родови.
Назад во Романија, критичарите велат дека фактот што владата предводена од Социјалдемократската партија (ПСД) воопшто ја презеде референдумската кауза е знак за нејзиниот растечки тренд кон нелиберализам.
ПСД, исто така, воведе ретки реформи во правосудниот систем, за кои противниците велат дека ја повредуваат независноста на судството и го отежнуваат спречувањето на корупцијата на високо ниво.
„Романците одбиле да го легитимизираат дискурсот за дискриминација против ЛГБТ заедницата и прашањето за основните човекови права”, вели Виски од МозаиК. „За момент, успеавме да ја спречиме конзервативната плима.”
Клаудиа Чобану е романска новинарка, која работи во Варшава. Оваа статија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од Фондацијата ЕРСТЕ и Фондациите Отворено општество, во соработка со Балканската мрежа за истражувачко новинарство.