Двете изградени дваесеткатници на Лимак, во центарот на Скопје, се полнат со новите станари. Уште две од вкупно четирите предвидени згради се градат на потегот од „Нова Македонија“ до катната гаража „Кирил и Методиј“. Високите градби со повеќе од 770 станови ќе бидат дом на илјадници нови жители.
А во нивна близина ќе никне уште една зграда на државно земјиште. Инвеститор е државна фирма, Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор АДСДП. Тоа ќе значи и уште нови жители во срцето на главниот град, каде што до пред само една деценија имаше привремени бараки, во кои имаше институции, фирми и по некое семејство. Тогаш таму живееја или транзитираа стотици луѓе.
Сега сликата е сосема поинаква. Во објектите обиколени со улиците – Кирил и Методиј, Јужен булевар, Јордан Мијалков и Мајка Тереза, не само што живеат илјадници луѓе и уште толку ќе се населат, туку секојдневно доаѓаат голем број посетители на деловните објекти.
На овој простор, во последниве 15-тина години се изградија банка, два трговски центри, од кои едниот отворен пред два месеца, луксузен хотел, два хипермаркети…
Сета таа река луѓе сега се слева низ две еднонасочни улици – Кирил и Методиј и Јордан Мијалков. Долгите колони возила во сообраќајните шпицови покажуваат дека тие се тесно грло во градот. Но, така ќе остане уште долго време. Затоа што новоизградениот подземен булевар под зградите на Лимак не е никако поврзан со останатата инфраструктура. Не е ниту почната изградбата на трите кружни текови што треба да овозможат тој да профункционира. Нема најава, нема распишано тендер за изградба на клучките.
А булеварот што треба да ги реши сообраќајните проблеми стои нацртан во Генералниот урбанистички план повеќе од 30 години. Наместо тој инфраструктурен проект, кој во плановите поминал разни фази од надземен до подземен, никнуваат згради, чии жители постојните улици не може да ги апсорбираат.
Но, сообраќајниот хаос што веќе владее таму и решението што останува само на хартија, не е пречка за државното акционерско друштво да ја гради новата зграда. Спроти последната кула на Лимак, која уште е во градба, на Јужен булевар, до скопското основно училиште „Димитар Миладинов“, старите руинирани жолти магацини ќе ги снема. Ќе никне седумкатница.
Проектот бил планирал одамна и за него општина Центар веќе има издадено градежна дозвола. Тие нема да бидат социјални станови, какви што најчесто гради државното акционерско друштво. Објектот ќе биде комерцијален. На 14 ноември, државното претпријатие склучило договор вреден осум милиони евра, со конзорциум предводен од градежната фирма „Ак Инвест“, заедно со „Еуровиа“ и „Рапид Билд“.
Зградата, според проектот, ќе биде долга околу сто метри. Објект со толкава должина на седум ката, според познавачите, би имал од 100 до 120 станови. Според проектната документација, половина од становите се планира да бидат од 40 до 60 квадратни метри, 40 отсто 65 квадратни метри, а најмалку десет отсто еднособни. Ако се остане на тоа што е предвидено, 40 отсто од објектот би требало да бидат продавници и други деловни објекти.
„Ак Инвест“ и компаниите што го добија тендерот имаат рок од три години за изградба на објектот. Тоа значи дека по три години тука ќе се вселат уште околу 300 нови жители, кои ќе донесат уште стотина возила на истиот потег.
На прашањето зошто се гради зграда таму кога сообраќајно решение нема, од државното акционерско друштво се држат до нивната годишна програма и велат дека „локација не е ниту поврзана , ниту пак детерминирана од изведувањето на другите, соседни објекти со нашиот“.
Инаку маркичката за зградата е ставена одамна, во време кога на просторот околу Старата железничка станица не беа изградени висококатниците на Лимак. Така, во еден од најзагадените градови во светот, во неговиот најгусто изграден дел, државна фирма стана инвеститор на уште една зграда.
Од идеја до реализација
Додека светот живее во пандемија, во АДСДП ги поставуваат основите на седумкатницата во центарот на Скопје. Од огласот за идејно решение објавен на крајот на 2020 година, па сè до потпишувањето договор за градба, минуваат три години.
Процесот се одолжува бидејќи првиот тендер за изведувач пропаѓа. Има тројца понудувачи, а победува исто како и сега, „АК Инвест“, но во конзорциум со три други фирми. Останатите двајца понудувачи се жалат на нерегуларности, Комисијата ги отфрла нивните жалби, но, сепак, наместо склучување договор за градба, од АДСДП се повлекуваат од проектот поради „непредвидени промени во буџетот“.
Годинава распишуваат нов тендер, со безмалку исти услови. Сега работите течат побргу. Се јавува само еден понудувач и ја добива работата. „Ак Инвест“, во конзорциум со „Рапид Билд“ и „Еуровиа“, склучува договор за изградба на зградата за 8 милиони евра.
Кои се фирмите зад тендерот?
„Ак Инвест“, заедно со „Еуровиа“ се градежни ѕвезди во подем, барем кога се работи за добивањето државни тендери. И двете можат да се поврзат со бизнис-елитата што орбитира околу владејачката ДУИ.
Сопственик на „Ак Инвест“ е Азби Ибрахими, чиј син Фитим беше основач на фирма за електрична енергија, заедно со синот на поранешниот функционер Муса Џафери. Подоцна Ибрахими помладиот се повлече од фирмата. „Ак Инвест“ беше сопственик и на зграда во Тетово, која подоцна стана партиски имот на ДУИ.
Формирана во 2006 година, првиот милионски државен тендер, компанијата го добива во 2011 година од Министерството за здравство, кога на негово чело е Бујар Османи од ДУИ. Истата година добива уште еден голем тендер за изградба на комплексот Македонско село по што продолжува освојувањето државни тендери. Договорот за изградба на седумкатницата во Центар е меѓу двата најголеми државни тендери што ги има добиено „АК Инвест“.
Дека оваа година беше добра за компанијата, кога се работи за проектите платени од државата, говори и тоа што „Ак Инвест“, заедно со „Еуровиа“ и „Стентон Градба“, почнаа да работат како подизведувачи на автопатиштата што ги гради „Бехтел и Енка“, за 1,3 милјарда евра.
„Еуровиа“, пак, е формирана во 2010 година. Првите државни тендери ги добива во 2017 година за реновирање училишта од Министерството за образование и наука. Тогаш министер е Пиштар Љутвиу од ДУИ, кој во 2016 година, оваа фотелја ја наследува од својот сопартиец Абдулаќим Адеми, чиј внук е Ељмедин Адеми, сопственикот на „Еуровиа“.
Компанијата веќе следната година добива тендер од над 2 милиони евра за изградба на канализација во Гостивар. Профитот од година во година им расте, а 2023 година им е рекордна кога се работи за добивањето државни тендери.
Сопственикот на „Еуровиа“ и самата фирма се едни од најголемите донатори на ДУИ во 2022 година поради што Антикорупциската комисија летово отвори и предмет, бидејќи, според законот за финансирање политички партии, тие не можат да се финансираат од „приватни претпријатија, кои во моментот на давање прилог за политичката партија вршат јавни услуги за државни органи или за јавни установи, претпријатија и фондови по пат на договор“.
Кумановската „Рапид Билд“ на Тони Каранфиловски, пак, третата компанија од конзорциумот, е најпозната по изградбата на гасоводот по сртот на Водно, преку кој гасот ќе се носи до Гостивар и Тетово, за 30-тина милиони евра. Изградбата на зградата во центарот на Скопје не е нивна прва соработка со „Ак Инвест“. Од 2018 година, тие, на заедничка потсметка, добиваат средства од Министерството за земјоделие, за изградба на капацитети за водоснабдување, но и субвеници од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
Сега трите фирми заедно ќе градат зграда во строгиот центар на Скопје, на државно земјиште.