Анализи

Нова шанса за лицата без идентитет по три загубени години

„Фантомски“ приказни на секој чекор во Шуто Оризари

Во 2021 година, скопскиот кривичен суд го осудил Судахан Сулејман на четири и пол години затвор за шверцување мигранти. Апелацискиот суд ја потврдил пресудата и тој сега ја отслужува казната во Идризово. Сулејман е лице без лични документи, матичен број и идентитет, едно од околу 700 во земјава. Во правниот поредок на државата, тој не постои.

„Кого осудил судот? Како знаел кое лице го суди, кога тоа нема документи“, прашува пратеничката од Собранието, Љатифе Шиковска.

Пред да ѝ почне мандатот во парламентот, Шиковска многу години се занимаваше со ромски прашања, од кои бездржавноста е меѓу главните. Таа беше една од иницијаторите на измените на Законот за матична евиденција, кои беа донесени на 14 јуни. Со нив се очекува конечно да се реши проблемот со овие лица и тие конечно да добијат регуларни документи и да ги уживаат истите права со другите граѓани.

За во затвор има идентитет, за посети – нема

Семејството Сулејмановски од Шуто Оризари | Фото: БИРН

Освен Судахан, и неговиот брат Фаредин Сулејмановски чека решение на својот статус со овој закон. Го сретнавме во Шуто Оризари, во близина на улицата Брсјачка буна, каде што живее најсиромашното население, чиј мал простор сѐ повеќе се стеснува поради градежната експанзија од комплекси со луксузни куќи, оградени како тврдини. Два света на два метри растојание. Луѓето што правно не постојат, се потиснуваат и физички од оние што имаат речиси сѐ.

„Ќе биде ли конечно“, прашува Фаредин, додека ги слуша инструкциите од пратеничката Шиковска за тоа што треба да направи и каде да се обрати за да ја заврши процедурата. Татко на три деца, на 26 години, се снаоѓа со секаква работа за да ги прехрани. Тие барем имаат документи, или право да добијат, бидејќи мајката е регуларна македонска државјанка.

Никој во семејството не го видел братот Судахан откако почнал да ја издржува казната. Немањето лични документи не било пречка да биде затворен, но е причина поради која не му е дозволено да прима посети.

„Не можеме да го видиме зашто нема како да докажеме дека сме од исто семејство. Може само да му оставиме нешто на пријавницата и стражарите да му го однесат“, вели Фаредин.

По законот, следува мобилизација

Активистите излегуваат на терен за да ги евидентираат лицата | Фото: БИРН

Тешко може да се направат неколку чекори во Шуто Оризари без да се наиде на нов случај на лица без документи. Десетгодишниот син на Сафет Јусуфовски има проблеми со срцето, но не може да се лекува поради немање документи. Мајката е почината, па не може преку неа да се докаже мајчинството и да стекне право да добие матичен број.

Во неговиот случај, прво направиле днк-анализи со примероци од детето и од неговата сестра, која има матичен број и државјанство. Така докажале дека двајцата се од иста мајка и на тој начин тоа добило право да влезе во процедура за документи. Но, претходно треба Центарот за социјални работи да определи старател.

„Сложени се овие случаи и бараат многу работа, многу залагање. Многу од луѓето не би можеле да ги завршат ако немаат помош од невладини организации и од други лица“, вели Шиковска.

Таа деновиве ги мобилизира поранешните колеги од граѓанските здруженија да се организираат подобро, да одат на терен, да ги најдат детектираните лица без документи, да откријат дали има и нови случаи и да ги подучат како да ја завршат постапката. Законот е донесен, но има уште долг пат до конечното решавање на проблемот.

„Ако сега не завршиме, никогаш нема“, вели пратеничката за проблемот што постои уште од основањето на државата, а што станува актуелен најчесто поради трагични случаи, како неодамнешната смрт на колпортерот на магазинот „Лице в лице“, Мемет Камбер, или речиси идентичниот случај на Тони Сали од пред две години. И двајцата починаа на свои 19 години, а поради немањето документи, не можеле да прават здравствени прегледи.

Години загубени со „посебна евиденција“

Досега лицата без идентитет беа запишувани во посебна книга

Законот доаѓа предоцна за нив двајца и нивните приказни останаа само како сведоштва колку сериозен проблем е немањето документи за една личност.

Олеснителна околност овојпат е што веќе постои база на податоци на лица без документи. Нејзиното постоење се должи на претходното законско решение, со кое, за жал, се одложи решавањето на проблемите на овие лица за три години. Базата се направи пред три години, кога Собранието го донесе Законот за неевидентирани лица во Матичната книга на родените. Со тој закон, лицата се евидентираа во т.н. посебна матична книга, добија 13-цифрен посебен матичен број како привремено решение, но со тоа не успеаја да остварат никакви права.

„Сѐ се сведе на софтверски проблем. Со посебниот матичен број, лицата требаше да имаат право на социјалниот пакет, но не можеа да добијат никакви услуги. Системите на Фондот за здравствено осигурување, Министерството за здравство, банките и другите институции не можеа да го препознаат посебниот матичен број. И тоа одзеде три години, во кои, ако одевме со редовна постапка, досега ќе имавме многу помалку случаи“, објаснува пратеничката Шиковска.

Луѓето без документи бргу научиле дека запишувањето во посебната матична книга е залудно, па дел од нив не го сториле ниту тоа.

Тешко ќе оди без помош

Многу лица се соочуваат со потешкотии во остварувањето на правата | Фото: БИРН

Со сегашното законско решение сите треба да добијат државјанство и матичен број до крајот на 2023 година. Затоа, како што објаснија иницијаторите, сега се отиде на измени и дополнувања во системскиот закон за матична евиденција, наместо да се носи уште еден посебен закон. Со тоа, сите што се запишани во посебната книга треба да добијат редовни матични броеви најдоцна за 90 дена. Исто така, секое дете родено во земјава добива право да биде евидентирано во матичната книга без разлика од каде му се родителите или каков статус имаат.

И запишувањето на лицата без документи што досега не се евидентирале треба да оди полесно. Ќе се бараат помалку докази за нивниот идентитет, тој ќе може да се потврди и со изјава за морална и материјална одговорност, а институциите ќе може по службена должност да разменуваат податоци меѓу себе за да ја утврдат фактичката состојба за секое конкретно лице.

Се очекува тоа да биде големо олеснување за лицата што бараат документи, бидејќи досега се случувало да се откажат зашто не можеле да разберат што се бара од нив. Еден жител на Шуто Оризари, на пример, разбрал дека со адвокат треба да го запише тригодишното дете во Матичната книга на родените, па не ја продолжил постапката бидејќи ниту можел да најде адвокат, ниту да си го дозволи. Сега една локална организација му помага да разбере што поточно треба да направи и каде да се обрати.

Директорот на Управата за водење матични книги, Емир Сулејмани вели дека тие се подготвени да го спроведат законот.

„Уште од порано знаевме дека тој ќе се донесе и направивме подготовки за сѐ да оди според планот. Верувам дека ќе ја завршиме работата во рокот, односно до крајот на годината“, додава Сулејмани.

Во врска со забелешките дека лицата секогаш не добивале јасни насоки на шалтерите на управата и им е неопходно да се потпрат на помошта на невладините организации што работат во оваа област, Сулејмани одговара дека се трудат да ја завршат работата најдобро што можат, имаат добра соработка со организациите, а ако некој наиде на опструкции, може да ги пријави.